Ексклузивно – целото интервју со Зоран Заев: Имаме поддршка од ВМРО–ДПМНЕ за спорот за името!
Објавено на од во Интервју

DSC_3340

Зоран Заев, премиер на Македонија

Премиерот Зоран Заев во ексклузивно интервју за магазинот„Капитал“ открива дека проблемот за името планираат да го решаваат заедно со опозицијата, од каде што очекуваат поддршка за овој спор да се настапи конструктивно, а не да се одолговлекува и намерно да се кочи. На прашањето – како можат да очекуваат поддршка од ВМРО – ДПМНЕ кога нивната реторика е полна со обвинувања за државни предавници, Заев вели: „Од она што јас го знам, преку разговори со високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ во Парламентот, сосема сум задоволен од нивниот однос кон ова прашање“.
Премиерот, сепак, потенцира дека нема никакви информации што може да ги сподели со јавноста во моментот во однос на некакво конкретно решение или, пак, некоја временска рамка: „Во процесот на разговори влегуваме за да најдеме, а не за да избегаме од решение, но, се разбира со став да ја зачуваме гордоста“, вели тој. Се очекува декември и средбата на медијаторот, Метју Нимиц со преговарачите, но Заев јасно потенцира дека оптимизмот го темели на енергијата што доаѓа од Атина, за којашто вели дека не била никогаш поповолна, и секако, на отвореноста на македонската Влада кон соседите и градењето на една нова, модерна, пријателска релација каде што има простор само за развој и перспективи.

Со премиерот Зоран Заев се сретнавме на Самитот „16+1“, за соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Кина, што оваа година се одржа во Будимпешта. Седумнаесет владини делегации, премиери, министри, државни функционери од европските влади ги разгледуваа опциите за зајакнување на односите со колегите од Кина, преку дводневни интензивни конференции и меѓусебни средби.

Среде оваа набиена aгенда Заев се согласи отворено да зборуваме не само за случувањата во Будимпешта, туку и за сите теми што не’ интересираат, потенцирајќи дека сака непосреден однос со медиумите, без однапред познати прашања или интервјуа што мора да се закажуваат со денови. Тој за „Капитал“ зборува за економската визија на неговата Влада, очекувањата, новите проекти, балансирањето помеѓу потребите на приватниот и на јавниот сектор, односот со бизнис заедницата, но, и за актуелни политички случувања…

Во рамки на Самитот 16 + 1 за соработка на 16 земји од Централна и Источна Европа и Кина,  што се одржува тука во Будимпешта, имавте средба со високи претставници на неколку големи кинески компании, но и билатерлна средба со кинескиот колега, Ли Кечијанг. Какви заклучоци носите од овие средби и што може Македонија да очекува од односите со НР Кина во следниот период?

Да, се работи за многу важни програми, бидејќи се поврзани со евтини кредитни линии за инфраструктура, којашто толку многу недостасува на Балканот и кај нас. Со нив, преку квалитетни проекти можеме да издејствуваме да се унапредува инфраструктурата како клучна алка во спроведувањето на успешна економска политика, привлекување на повеќе инвестиции и трговија и најважно за унапредување воопшто на стандардот на граѓаните. Тоа се двете програми на Кина,  „16 + 1“ и „Патот на свилата“, преку коишто ние планираме подобрување на патната, железничката, енергетската и телекомуникациската инфраструктура, понатаму технолошкиот развој, но и проекти во културата. Македонија ќе партиципира со свои проекти. Досега само за два автопати користиме кинески кредити, додека земјите од регионот многу повеќе се потпираат на овие кредитни линии. Македонија е меѓу последните на листата на проекти финансирани од кинески фондови, затоа овој пат добро се подготвивме како Влада и пред Кинезите излеговме со неколку проекти. Едниот е железницата од Кичево до Лин, со цел да се излезе на пристаништето во Драч и со што комплетно ќе се поврзе Коридор 8, имајќи предвид дека веќе работиме на железничкото поврзување со Бугарија. Со ова ќе се отворат големи перспективи и за граѓаните, не само за бизнисот, оти ќе се направи поврзување на Јадранското со Црното море. Вториот проект е автопатот Велес -  Прилеп, мошне значаен за централниот дел на земјата. За ова веќе постои готов проект, тој тежи некаде околу 300 милиони долари и со него ќе аплицираме за кредитни линии. На овој Самит исто така Македонија го доби и Центарот за култура, следната година ние ќе бидеме домаќини на самитот за културно поврзување на земјите од овој регион, имаме многу што да понудиме на културен план. Она што е исто интересно, а го отворивме како идеја со премиерот на Кина е концептот на претворање на Македонија во „смарт држава“. Ние сме мала  држава, па по примерот на „смарт градовите“ низ светот, можеме да бидеме убав позитивен пример.

За ова зборувавте и со менаџментот на Хуавеи?

И со Хуавеи, но и со претставниците на ЗТЕ, две навистина напредни компании и преку тоа што тие го нудат за општествата, градовите, државите ние можеме да реализираме квалитетни проекти за модернизација во многу сфери, од целокупното улично осветлување, безбедноста на сообраќајот, па до регулација  на железничкиот систем. Всушност, токму рехабилитација на нашата железница е нешто што е клучно во овие проекти. Десет кинески компании се максимално заинтересирани да ја спојат Западна Европа со грчкото пристаниште, за полесен транспорт на нивните стоки и ние сакаме таа заинтересираност да ја искористиме. Таа пруга да ја модернизираме, да може да се сообраќа по неа со барем 120 км на час,  оти во моментот брзината не е поголема од 80 км.

Токму минатата недела излезе веста за пад на железничкиот сообраќај за 23, 6 % во третиот квартал од годината што е историски негативен рекорд. Вие зборувате за рехабилитација, реставрација, изградба… Но, проблемите во македонските железници не се само инфраструктурни. Што е со либерализацијата? Или државата планира и понатаму вештачки да одржува во живот претпријатие што тоне во неефикасност, лоша структуираност, превработеност, загуби…?

Се согласувам, тоа не може да продолжи така. Либерализација мора да има. Јас сум економист, јасно ми е дека тоа е солидно решение, немам предрасуди кон либерализација, оти верувам дека така најдобро ќе се модернизира железницата. Е сега, го бараме најуспешниот модел, дали токму приватизација или можеби моделот на јавно – приватно партнерство. Во секој случај, планираме да отвориме една широка дебата, да се вклучат експерти, да чуеме сечие мислење. Ова прашање е од силен приоритет, оти модерна железница ни е неопходна. Железничкиот сообраќај е најпогоден за економијата, се друго ја крева цената на производите и ние немаме друга опција, туку да се вклучиме во овој тренд што сега е актуелен низ регионот за унапредување на железниците. Тоа се можности за таканаречени „суви пристаништа“ каде што се претовараат стоките за преку морски пат да се поврзат со железнички пруги. Македонија има потреба од реформа и либерализација во железничкиот транспорт, ако сакаме евтина цена на производите. Сметам дека активацијата што е планирана за ТЕЦ Неготино, РЕК Битола, Осломеј исто така ќе ја поттикнат железницата поради транспортот на јаглен. Се’ на се’, следува период на силни инвестиции во оваа област. Требаат само храбри одлуки, а јас сум подготвен на тоа.

Невработеноста е превисока за да размислуваме за отпуштања од јавната администрација

Никој не очекуваше дека новиот Буџет во овие економски услови може да биде специјално развоен, но играњето на социјалната карта сепак донесе разочарување од аспект на реалните економски потреби. Нема ниту најава за кратење на јавната администрација, каде што се одлеваат многу непродуктивни трошоци.

Немаме намера да кратиме расходен дел на Буџетот во однос на јавната администрација.  Разберете дека во Македонија има голем процент на невработеност.

Значи вака одржувате социјален мир?

Па, се’ што можевме да направиме е да го сопреме зголемувањето на платите во администрацијата,  тука не зборувам за здравството и образованието. Во вакви услови, во вакви социјални услови кон реформата на администрацијата пристапуваме со една обратна идеја. Наместо отпуштања, да поттикнеме еден природен прилив на вработени од јавниот кон приватниот сектор преку раст на платите во приватниот сектор. Мора да имате предвид дека ние сме практично само еден месец и половина функционални ако се земат предвид распишаните избори, неможноста за работа… Имаме 19 нови инвеститори, од коишто дури 13 се домашни, а тоа е она што е битно. Домашни инвеститори исправени пред владините програми и тука многу ќе вложуваме. Јас верувам дека политиките на Владата кон создавање на пријателска атмосфера со соседите, поттикнувањата од Буџетот, но и самото ослободување на прангите во коишто беа затворени бизнисмените преку политички притисоци, ќе отвори простор за нови проекти, идеи, инвестиции… Фактот што за септември минималната плата е покачена за 4,7% ни дава право да веруваме дека сме на вистинскиот пат и дека на еден квалитетен и внимателен начин без да се наштети никому, ни на капиталот, ни на бизнисот, ги раздвиживме нештата во економијата. Исто така, верувам дека македонската економија има капацитети за поголем раст од оној проектираниот на 3,2%, можеме растот да го кренеме повисоко. Јас сум непоправлив оптимист, веројатно така и политички ќе загинам.

Тие 4,7 % се растот на номиналната плата, на реалната се 3%, а и сигурно како економист ќе се согласите дека придвижувањата на економијата никако не може да се гледаат преку гола статистика и проценти. Освен тоа, голем дел од вработените се’ уште на рака враќаат пари на газдите откако ќе ја добијат „минималната плата“.

Така е, јас сум економист, и не сакам голи бројки, сакам граѓаните реално да почувствуваат подобрување во секојдневната живеачка, не преку статистичка бројка за покачување на платата или на БДП, но, јас мислам дека ова е сепак еден значаен сигнал. Што се однесува до непочитувањето на законот за минимална плата, не се согласувам дека е голем дел, мислам дека во мал број на фирми е така. Ние сме постојано во комуникација со синдикалните, но уште поважно со неформалните организации во нископлатените индустрии, како чевларската, текстилната и она што го имаме како информација е дека се’ поголем број на компании го почитуваат законот. А оние што не го прават тоа, сигурно ќе се охрабрат во иднина да го прават тоа, ако треба ќе има и засилена контрола. Она што е важно е да се разбере дека нештата не може да се решат преку ноќ, но, дека со силна посветеност и работа решенија ќе има. И да се разбере исто така дека главниот фокус ни е бизнис секторот, сакаме развивање на силни компании, свесни сме дека ако тој сектор профитира, ќе профитира целото општество. Ова е само почеток, ние допрва ќе го надополнуваме тој однос, бизнис секторот е наш партнер, ние сме пријателски ориентирани кон компаниите, постојано сме во комуникација со коморите. Ниту закон, ниту идеја за закон може да излезе без нивна вклученост и отворени сме сосема кон нивните барања. Сакаме бизнис заедницата да биде инклузивна, задоволна, таа е суштина на развојот. Се разбира, заедно со оној дел каде што може да помогне државата преку вбризгување на средства во капитални инвестиции што се ветер во грб за компаниите. Јас сум прв политичар што отворено кажа дека нема да има зголемување на плати во јавната администрација. Како во приватниот сектор, така и во јавниот, мора да се воспостави систем за зголемување на плати само по заслуга, но и систем на санкции, оти санкции досега немало. Ова не се прави преку ноќ, но посветеноста е тука.

DSC_3363Давам втора, но не и трета шанса

Овие санкции ќе важат и за повисоките функционери или само за обичните службеници? Видовме примери на функционери што после некои скандали не само што не се санкционирани, туку и се уште се на позицијата. Директорот на Агенцијата за туризам на пример, ги врати парите за летот до Аргентина во бизнис класа, но, пак, си е директор. Тоа не е и некоја санкција.

Да, тој направи грешка, но тој самиот пријави кај мене за тоа што се случило…

Нормално знаел дека ќе разберете, медиумите полни беа со тие информации…

Не, не уште пред  дваесетина дена се јави. Мислам дека проработи и совеста во овој случај. Видете, тој е експерт во областа, не е наш партиски човек. Јас не би сакал да ја уривам мотивацијата на професионалци, на луѓе надвор од партијата да се вклучат во власта преку недозволување на грешка. Еве ова е поука за него, впрочем секој заслужува втора шанса.

Тие многу брзо знаат да побараат и трета шанса и така може до недоглед…

Не, не, тоа не. Никој  не е вечен тука, сите сме ние менливи и заменливи. Сосема сум свесен дека нашите граѓани се измачени, преживеаја тешки времиња. Се согласувам дека недозволиви се непромислени активности, коишто може се дури и законски, но никако не се етички. Никој како поединец не е сјаен, јас не сум сјаен, Владата не е сјајна, но да бидеме свесни зошто сме сите тука – за да не се повтори никогаш повеќе минатото! Функционерите мора да го имаат тоа на ум, токму ние го водевме процесот „Вистината за Македонија“ и нам мора да ни е јасно дека некои нешта не смеат да се повторуваат. Но, и тоа како сум убеден дека има сериозна разлика меѓу оваа и претходната Влада.

Има, секако, но не сметате ли дека е лесно да бидете подобри од ВМРО  -ДПМНЕ кога тие границите ги спуштија толку ниско? 

Да, но имајте предвид една работа – тие беа на власт 11 години. Ме знаете мене, јас сум многу искрен и отворен човек – првите две години од владеењето, ВМРО – ДПМНЕ беа успешна Влада, со сериозни поместувања во стопанството и економијата. Јас тоа го признавам, тоа е факт. Мојата Влада е искрена. Јас се залагам за искреност и отворен однос кон граѓаните, тоа мора да биде така. И ние мора да го слушаме народот. Јас немам суета. Комотно можам да се повлечам од идеи, закони, проекти, ако народот се спротивстави. Еве јас сум лично страстен пушач. Но, кога ги видов реакциите за измените на законот за пушење, веднаш реков – во ред, одиме назад. Истото беше и за идејата да се распушти судството, исто и за некои кадровски решенија. Знаеме да се повлечеме, свесни сме дека не сме секаде подеднакво добри и тоа е сосема во ред.

Не се плашам да паднам од власт, ако тоа е цената за земјата да оди напред преку храбри одлуки

Добри сте во надворешната политика. Во регионалните медиуми сте вистинска ѕвезда, гледаме и тука на Самитот како Ве доживуваат вашите колеги. Како ви се додели таа улога на регионален лидер во едни интересни времиња на поместување на балканските процеси?

Никој не може да додели таква улога, во прашање е и карактерот на личностите, но и потребите на државата на ова поле на кое ние силно се посветивме. Македонија беше силно изолирана, скарана со соседите, затворена во ретроградни политики, а сега, да, блескаме во очите на Европа, тоа не се мои или Ваши зборови, тоа го вели регионот. Ние сосема се отворивме кон соседите и нашите пријатели и очекуваме силна поддршка. За полноправно членство во ЕУ јасно е дека треба време, но ние сакаме да ја поттикнеме Унијата, одлуката за почеток на преговори да биде поскоро, со тоа што ќе ја донесеме ЕУ тука. Како? Преку градење на пријателства. За нас тие интеграции се повеќе од важни, тие се можеби и првиот услов за економски развој, ние немаме друга алтернатива.  Ако успееме со брзо темпо да го дигаме стандардот на граѓаните, ЕУ е тука. Кога велиме стандард, обично мислиме на економскиот, но стандардот се гледа и преку состојбите во правосудството, слободата на медиумите, сервисните капацитети на администрацијата… Ваквите политики на подадени раце со државите можат да донесат само добро на Македонија.

Да, на Македонија, но дали и на Вашата Влада? Гледаме дека политичките противници ова ваше отворање кон соседите го користат за напади за национално предавство.

Изгустирана е таа работа. Надмината. Од 2013 година кога станав лидер на опозицијата јас сум главниот предавник во државата, со билборди за предавството на Заев, за свитканата кичма, па тирански платформи, мигранти, закон за јазици, договорот со Бугарија. И што се случи? Граѓаните ги наградија овие политики. Народот размислува храбро, отворено и пријателски, и така јас и ги водам политиките. Во ваква атмосфера само може да имаме придобивки. Граѓаните се свесни, сакаат да бидат граѓани на една модерна земја, интегрирана со демократскиот свет, каде што ќе водиме бизнис, ќе имаме алтернативи за работа, желба да останат да живеат и тука да создаваат. Верувајте дека сосема сум растоварен од дилема дали со ова ќе зајакне опозицијата, дали ќе изгубам мнозинство во Парламентот… Важно е да ги следиме чувствата што не’ водат како лидери,  што ги имаме во градите, визијата за земјата и одговорот на прашањето -  дали ќе направиме нешто добро за народот. Владите доаѓаат и заминуваат, свесен сум за тоа. Но, интеграциите ќе создадат клима и за зајакнување на демократијата, за силно позиционирање на Парламентот. Парламентот мора да е главен, не Владата. И нам нема да ни падне круната од глава, ако пратениците некогаш се спротивстават на некоја наша идеја, напротив, тоа е здраво. Да падне некој закон, дури и буџет да не помине. Тука сме за заедно да работиме. Тоа е вистинска демократија и европските вредности што ги сакаме.

Ние што го следиме спорот за името подолго време знаеме дека вакви бранови на оптимизам се појавувале и претходно…

Баш вакви?

Да, во право сте, тоа всушност Вие треба да ми кажете, детали не знам. Значи ли ова дека сега има нешто конкретно?

Не, нема ништо конкретно. Во декември е состанокот на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите. Ние ќе влеземе во овој процес на разговори да бараме решение, а притоа да ја сочуваме нашата гордост. Знам дека и на Грците не им е лесно и таму има политичка цена којашто треба да се плати, но знам дека атмосферата и енергијата од Атина не била никогаш поповолна и тоа е причина за оптимизам. Не се плашиме дали ќе изгубиме избори, напротив одам со една друга мисла дека граѓаните ќе препознаат и дури ќе наградат ваква политика. Еве со Бугарија тоа ни се случи, го споделувам тоа чувство, договорот успеа… Политичарите се минлива категорија,  важно е што земјите ќе отидат напред, а отворените прашања ќе бидат надминати. Затворање на прашањето со Грција за нас значи само перспектива, членството во НАТО значи сигурност, стабилност, но и економски развој. Свесни сме за сето ова и заедно со опозицијата имаме намера да го решаваме ова прашање, наместо истото да се одложува и блокира.

Како очекувате поддршка од опозицијата кога ќе бидете дочекани на нож за ова прашање? ВМРО – ДПМНЕ не престанува со реториката за предавници…

Врз основа на разговорите низ Парламентот со високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ можам да кажам дека сум задоволен во поглед на нивното позиционирање за конкретното прашање.


Создаваме преговарачки тим за спорот за името

Како тоа сè уште му верувате на Васко Наумовски?

Наумовски има искуство, сакаме тоа да го искористиме и да го зајакнеме. Правиме планови со претседателот Иванов да создадеме еден тим, еден преговарачки тим, на Васко да му се приклучи уште еден или двајца преговарачи. Во секој случај, кога ќе дојде време за конечно решение, главната улога сигурно нема да ја имаат преговарачите, туку министерот за надворешни работи, премиерот, претседателот, државниот врв.


На Дрисла нема радиоактивен отпад

Што му требаше на градоначалникот Петре Шилегов да се истрчува со скандалозни изјави за наводен радиоактивен отпад на Дрисла, изјави што предизвикаа голема паника, а Вие лично ги демантиравте. Кому сега да веруваме? Вам или нему?

Верувам дека Шилегов во желбата да се отвори прашањето, оти има многу сомневања за таа депонија, кажа нешто такво. Знам дека и тој лично не верува во таква работа. Истрага има, јас сакам да се отвори Договорот, да видиме што точно се случува, правни тимови веќе работат на тоа. Радиоактивност се утврдува со инструменти, многу лесно. Се согласувам дека ова се крупни работи и не треба да ги плашиме граѓаните. Ние ветуваме зелено Скопје, екологија и заштита на здравјето на граѓаните.

Зошто тогаш ги намаливте буџетските средства за таа намена?

Не е само буџетот, и преку економските мерки екологијата е опфатена, а и општините се исто така надлежни, така што има и други ресурси, треба само паметно да се користат. Ни требаат нови канализации, депонии и решенија за депониите, филтри на јавните институции, гасификација, но и да сме свесни дека мора да го смениме начинот на живот преку лична одговорност кон околината. Повеќе политики се комплементарни на оваа тема и сите тие треба паралелно да се спроведуваат.

Што е со рудниците на југот? Многу ветувавте, но нема конкретни потези?
За нас нема дилема  – здравјето на граѓаните секогаш е пред каква било економска придобивка. Силно сме посветени на овие случаи.

Ако е така, зошто изградбата на рудниците не се стопира?

За да не платиме како држава над 70 милиони евра отштета. Државата е дел од договорот и пеналите се тука. Тим веќе работи на правно – формалните аспекти и убеден сум дека ќе се најде најпогодното решение, како да се извлечеме од ситуацијата. Македонија сигурно нема да биде единствената земја што има рудник, но тоа мора, значи мора да биде во една еколошка рамка. Тука е многу јасно што е спорно. Прво, еколошките дозволи не се валидни, а второ, преминато е од арсен на цијанид. Поради алчност. Јас ги видов документите. Не се лутам на инвеститорите, тие “бркаат” профит, се лутам на државата, на претходната власт што ги склучила овие штетни договори. Оваа Влада тоа нема да го дозволи, бараме најсоодветно решение и од ова ветување не бегаме – се испитуваат сите правно – формални аспекти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×