Груевски во директен дуел со Заев во „четворката“ – ВМРО-ДПМНЕ ги објави кандидатските листи
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на претстојните избори е носител на листа во изборната единица четири, каде директно ќе се соочи со носителот од листата на коалицијата предводена од СДСМ, лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев.

„…како кандидат за премиер, го очекував (Заев, н.з.) во ИЕ1. Не дојде. Во 2014-та го немаше на ниту една листа. Сега ја одбра 4-тата изборна единица. Затоа јас решив да ја предводам изборната единица која тој ја одбра. Освен што цела Македонија ќе треба да се одлучи за премиер помеѓу нас двајцата, граѓаните во 4-ката ќе имаат можност и директно да одберат помеѓу мене и него. Време е, заедно со народот, да го соочам со реалноста и директно да го победам. После сѐ што се случи, да го добие одговорот од народот за тоа што и го направи на Македонија“, напиша на Facebook, Груевски.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вечерва до Државната изборна комисија ги достави листите со кандидати за пратеници, а претходно, кандидатските листи во сите седум изборни единици беа утврдени на седница на Централниот комитет.

Носител во првата изборна единица на коалицијата е Никола Поповски, во втората Никола Тодоров, а во третата Илија Димовски.

Листата на коалицијата во четвртата изборна единица, како што кажавме, ја предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски; Антонио Милошоски е носител во петтата; Влатко Ѓорчев во ИЕ шест, а во седмата изборна единица Рамазан Ифтаровски.

„Листите се составени од лица кои уживаат висока доверба и поддршка во средините каде што живеат и од каде што доаѓаат“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ по поднесувањето на листите истакнувајќи дека со нив коалицијата ќе освои 63 пратеници на изборите.

Димовски рече дека составиле најголема коалиција од 25 партии, што постоела воопшто во политичка плурална историја на Република Македонија и оти се многу задоволни  што листите добиле акламативна поддршка од сите структури на партијата и од сите 25 коалициски партнери.

На новинарско прашање во однос на позиционирањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица, Димовски рече дека граѓаните во таа изборна единица најдиректно  ќе одлучат кој треба да ја раководи Македонија и кој треба да биде премиер на државата, дали господинот Груевски или господинот Заев.

„После сите напади на политиките што ги водевме, после сите лаги и манипулации, цениме дека оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски да ја води изборната единица четворка, е најсоодветна. Досега природно беше во првата изборна единица да се соочуваат лидерите, но господинот Заев е тој кој што избега од соочување, а од денеска мислам нема каде да бега повеќе“, изјави Димовски.

Претходно листи со кандидати за пратеници до ДИК доставија опозициската коалиција, предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, ДУИ, ДПА, ПДП, ЛП, Левица и Беса.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×