Илија Марков: Светските FIDIC стандарди ќе го унапредат македонското градежништво
Објавено на од во Интервју

Markov Ilija WEB 956

Илија Марков - член на Управниот Одбор на АЦЕМА и технички директор на ДГ “Бетон“ АД Скопје

Македонската Асоцијација на инженери – консултанти (АЦЕМА) пред неколку месеци стана членка на FIDIC – Меѓународната федерација на инженери – консултанти, која што ги стандардизира моделите на договори во градежништвото на светско ниво. Околу тоа кои се придобивките од македонското членство во FIDIC и што тоа ќе значи за домашната градежна индустрија, разговаравме со г-дин Илија Марков, член на Управниот одбор на АЦЕМА и технички директор на градежната компанија “Бетон“ АД од Скопје.

Директоре, објаснете ни каква организација е FIDIC?

ФИДИК, т.е. FIDIC (од франц. Federation Internationale Des Ingenieurs – Conseils) е меѓународна федерација на инженери – консултанти во градежништвото, оформена 1913 г. во Женева, со намера да се создадат стандарди за дефинирање на односите меѓу сите чинители во еден проект – инвеститорот, проектантот, надзорниот орган и изведувачот. Значи од самиот почеток, од дефинирање на проектната програма па сè до изведување на проектот, да се дефинираат односите помеѓу сите овие засегнати страни во процесот на градба. Со ова се постигнува намалување на ризиците во проектот, се забрзува градбата, се дефинираат правила. Во Македонија подолго време имаше обид да се формира асоцијација што би станала рамноправна членка на FIDIC, за конечно во 2017 година да се формира АЦЕМА – Македонска асоцијација на инженери – консултанти, која што минатата година во октомври влезе во семејството на FIDIC, каде што основачи се седум градежни фирми од Македонија, меѓу кои и ДГ “Бетон“АД Скопје.,. Претседател на АЦЕМА е г-нот Михајло Михајловски, а јас сум член на Управниот Одбор.

Деновиве од АЦЕМА најавивте и одржување на меѓународна FIDIC конференција во Скопје. Дајте ни повеќе детали за конференцијата.

На 26 февруари АЦЕМА ќе ја одржи својата прва конференција како членка на FIDIC. Во FIDIC, инаку, членуваат стотина земји во светот. Ќе имаме гости од раководството на FIDIC, меѓу кои и г-динот Енрико Винк, извршниот директор на FIDIC, коишто ќе ја претстават оваа организација на македонската јавност, односно ќе објаснат што значат FIDIC стандардите и придобивките од користење на стандардните формати на FIDIC договори. Ќе има и претставници на повеќе национални членки на FIDIC коишто ќе ги споделат нивните искуства од членството во оваа светска асоцијација. Неколку дена претходно, на 23 февруари, Европската федерација на инженери – консултанти, која што пак, е дел од FIDIC, ќе го одржи годишниот состанок на Управниот одбор во Скопје, со што ни укажаа чест нам како на земја и нов член на FIDIC.

За Македонија прифаќањето на FIDIC стандардите е многу важно, затоа што сите светски организации и институции коишто финансираат големи градежни проекти, како Светска банка, ЕБРД, итн., ги користат FIDIC моделите на договор.

Кои се всушност придобивките од влегувањето на Македонија во FIDIC, односно прифаќањето на нивните стандардни формати на договори во градежништвото?

За Македонија прифаќањето на FIDIC стандардите е многу важно, затоа што сите светски организации и институции коишто финансираат големи градежни проекти, како Светска банка, ЕБРД, итн., ги користат FIDIC моделите на договор. Тоа се случува и во Македонија, и ние како компанија досега сме работеле на такви проекти, што значи имаме искуство во примена на овие модели на договори, но нашата цел на ниво на АЦЕМА е да се направи унапредување на законската регулатива, односно донесување на нов Закон за градба којшто ќе ги препознава FIDIC договорите во него. Ова е значајно да се направи на ниво на национална регулатива, затоа што сите наредни градежни проекти што ќе се реализираат во земјава целосно или делумно финансирани од европските претпристапни фондови и други меѓународни извори на средства, ќе бидат според FIDIC моделите.

Markov Ilija WEB 956 01Клучен дел активностите на АЦЕМА ќе бидат насочени кон обука и тренинзи за FIDIC моделите, за што следниот период ќе донесеме сертифицирани инструктори од странство, овластени од FIDIC.

Има ли во земјава доволно експертиза и капацитет за спроведување на FIDIC стандардите?

За реализација на проектите според FIDIC договорите ќе бидат потребни професионалци коишто ќе ги познаваат овие модели, без оглед дали се инженери проектанти, изведувачи, правници инволвирани околу договорите, итн. Токму заради тоа, клучен дел активностите на АЦЕМА ќе бидат насочени кон обука и тренинзи за FIDIC моделите, за што следниот период ќе донесеме сертифицирани инструктори од странство, овластени од FIDIC. АЦЕМА е единствена во Македонија овластена од FIDIC за спроведување на овие обуки, коишто планираме да почнат веќе од месец март.

Колку е корисно и за приватните инвестиции во градежништвото, покрај оние финансирани од меѓународни институции што ги споменавте, да бидат исто така водени според проекти, односно договори по FIDIC моделите?

Секако, токму тоа е и поентата на нашата заложба како Асоцијација на инженери – консултанти, FIDIC моделите да бидат препознаени во националната градежна регулатива. И во приватните инвестиции, коишто инаку на светско ниво заземаат многу поголем удел во економијата во однос на државните, FIDIC ги поставува правилата на фер-плеј на сите засегнати страни во проектот. Тоа е модел на договарање каде што во текот на градбата се препознаени сите евентуални спорни моменти и е јасно објаснето како се постапува во такви ситуации. Тоа е предност, затоа што не ја забавува изведбата на проектот, не се троши време за расчистување на поедини ситуации и сл. Апсолутно е корисно FIDIC да се применува во сите проекти, и државни и приватни, без оглед на големината.

Каква е досега поддршката во надлежните институции околу вашата иницијатива за имплементирање на FIDIC моделите во националната регулатива?

Начелно добиваме поддршка од сите со коишто разговараме периодов. Ние како компанија подолго време работиме според FIDIC моделите, но тоа се претежно тендери со меѓународен карактер. Денес било кој тендер во Европа и пошироко, се работи по FIDIC моделите. Изрегулирани се повеќе материи, до детали од типот, кој на кого му се обраќа во одредена фаза од проектот, со временски рокови, со сè. Тоа е огромен сет на правила на дејствување, формални, но многу битни во случај на евентуални спорови. Многу е полесно кога ќе се знаат правилата, се прави всушност стандардизација. За разлика од договорите што се користат вообичаено при градежните проекти во земјава, составени на неколку страници, и после настанува хаос ако дојде до одредени проблеми во било која фаза од реализацијата.

Колку познавањето на FIDIC стандардите му дава на ДГ “Бетон“ АД и останатите македонски компании поголема конкурентска предност при настапите на странските пазари, што најголемите домашни градежни компании во добар дел ги загубија изминативе години?

ДГ “Бетон“ АД Скопје има 1.100 вработени и со своите целокупни ресурси, човечки и материјални, со сета опрема и механизација, мора да бара пазари надвор од Македонија. Иако во земјава во најава се неколку големи проекти што треба да се реализираат, овој пазар е претесен за потенцијалот на компанијата. Секако дека нашето искуство што веќе го имаме со FIDIC стандардите е добредојдено во нашите идни обиди за добивање работа, и дома и надвор, а особено сега откако ќе се обидеме на уште повисоко ниво да ги имплементираме во државава FIDIC моделите на договори за проекти.

А, за тоа што велите дека најголемите домашни компании загубија добар дел од пазарите надвор, или пак не можат да бидат главни изведувачи на големите проекти во Македонија финансирани од меѓународни кредитори, една од причините е и тоа што во условите на тие тендери, се става и референца, односно претходна изведба на сличен таков проект. На пример, ако тендерот вреди 100 милиони евра, вие треба последните 3 до 5 години да имате три такви проекти во вредност од 100 милиони евра, што за светските гиганти од градежништвото и не е проблем, бидејќи тие работат на многу пазари и имаат вакви проекти во нивната референтна листа. Затоа ние влегуваме како подизведувачи или кооперанти, а не дека не можеме и самостојно да ги реализираме проектите.

Каква очекувате да биде 2018 година за ДГ„Бетон“ АД на деловен план?

Очекувам да биде подобра од 2017-та. Како што реков, компанијата има капацитет за големи проекти, има искуство, традиција од 70 години, најстарата градежна компанија во Македонија е, и сметам дека ќе го повратиме местото што го имавме и на домашниот и на надворешните пазари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×