Колку ќе се задолжи власта во следните три години?!
Објавено на од во Економија

denari-zname-vlada-naslovnaЈавниот долг ќе расте

Јавниот долг на земјава до крајот на годината ќе се зголеми за 485 милиони евра и ќе достигне 52,4% од БДП, покажува Фискалната стратегија на Министерството за финансии. Поголем дел од ова нето задолжување предвидено за годинава, ќе се реализира преку заеми од странство и тоа 397 милиони евра, додека пак на домашниот пазар, разликата меѓу задолжувањето и раздолжувањето ќе биде околу 88 милиони евра.

 

Јавниот долг на земјава до крајот на годината ќе се зголеми за 485 милиони евра и ќе достигне 52,4% од БДП, покажува Фискалната стратегија на Министерството за финансии. Поголем дел од ова нето задолжување предвидено за годинава, ќе се реализира преку заеми од странство и тоа 397 милиони евра, додека пак на домашниот пазар, разликата меѓу задолжувањето и раздолжувањето ќе биде околу 88 милиони евра.

Меѓутоа, операциите за задолжувања опфаќаат многу поголеми заеми годинава бидејќи е предвидено да се отплатуваат кредити и обврзници што доспеваат. Така, вкупните задолжувања во 2018 година според Фискалната стратегија, се предвидени да изнесуваат 854 милиони евра. Од нив, 566 милиони евра од странски извори, но Министерството за финансии веќе издаде еврообврзница на почетокот на годинава со што позајми половина милијарда евра со камата од 2,75% и рок на доспевање од седум години. Останатите 288 милиони евра ќе се позајмат од домашниот пазар со издавање на државни записи и обврзници.

За што се позајмуваат толку пари?! Околу 300 милиони евра се предвидени за финансирање на буџетскиот дефицит што значи дека ќе се трошат за се што е предвидено во Буџетот за годинава, 368 милиони евра се за враќање на долгови што доспеваат, а останатите 190 милиони евра ќе се чуваат на сметка на државата и е предвидено да се користат по три години, кога доспева поголема сума за отплата на претходно издадена еврообврзница.

Во следните три години, Фискалната стратегија предвидува државата да се задолжи за над 2,1 милијарди евра. Од овие пари, најголем дел или 1,38 милијарди евра е планирано да се позајмат од странство, додека пак задолжувањето на домашниот пазар со издавање записи и обврзници е планирано да изнесува 753,4 милиони евра.

Повеќе од половина од парите што ќе ги позајми државата, треба да ги искористи за враќање на стари долгови што доспеваат, или вкупно 1,2 милијарди евра до 2020 година. Од нив, 800 милиони евра кон странски кредитори и околу 400 милиони евра кон домашните.

За покривање на буџетскиот дефицит за следните три години е планирана сума од 862,4 милиони евра и евидентно е дека секоја година планираниот дефицит ќе се намалува.

Во 2018 и 2019 година, дел од задолжувањата, односно околу 352 милиони евра властите планираат да ги акумулираат на депозитната сметка на државата, но веќе следната 2020 година, од неа да повлечат над 280 милиони евра бидејќи тогаш сумата за враќање кон странските кредитори нагло се зголемува поради тоа што доспева за враќање една еврообврзница.

Кога се ќе се собере и одземе, произлегува дека нето задолжувањето до 2020 година ќе изнесува 930 милиони евра.

Со тоа, јавниот долг на земјата, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг на јавните претпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата или на општините, се планира да достигне 55,9% во 2019 година и потоа благо да се намали на 53,5% од БДП во 2020 година, што би било еднакво на околу 6,5 милијарди евра.

 

Фискална консолидација

Како што најави и министерот за финансии, Драган Тевдовски, Фискалната стратегија за следните три години предвидува постепено намалување на буџетскиот дефицит за 0,2 процентни поени годишно, односно консолидација на јавните финансии.

„Во наредниот среднорочен период ќе биде акцентирана определбата за етапна консолидација на јавните финансии, со цел задржување на макроекономската стабилност и контрола на нивото на задолженост“, пишува во Фискалната стратегија.

Па така годинава, дефицитот во буџетот, односно разликата помеѓу вкупните јавни расходи и приходи, е планирано да изнесува 2,7% од БДП, во 2019 година 2,5% и во 2020 година да се намали на 2,3% од БДП.

Примарниот буџетски дефицит (вкупниот буџетски дефицит без расходите за камати по претходни долгови) исто така се предвидува да се намали од 1,4% од БДП во 2018 година, на 1% и 0,5% соодветно во 2019 и 2020 година. „Примарното буџетско салдо на крајот на среднорочниот период ќе биде речиси балансирано“, пишува во Стратегијата.

 

Буџетот за три години до 4 милијарди евра

Фискалната политика во наредниот среднорочен период ќе биде во функција на фискална одржливост и етапна фискална консолидација, задржување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста на економијата и зголемување на вработеноста, пишува во Фискалната стратегија.

Властите во овој документ велат дека фокусот ќе биде насочен кон создавање на поволна деловна клима, поддршка на домашните претпријатија, пред се на малите и средни претпријатија, како и поддршка на економијата со значителни инвестиции во инфраструктурни проекти.

Проектираните приходи на буџетот во наредниот три годишен период бележат релативно намалување како учество во БДП, и тоа од 31,1% од БДП следната година на 30,5% во 2020 година.

Како резултат на континуитетот во спроведување дисциплинирана буџетска политика и зајакната контрола на јавните трошења, вкупните расходи од буџетот исто така се планира да се намалат и тоа од 33,8% од БДП догодина на 32,8% од БДП во 2020 година. Односно, вкупниот буџет до 2020 година се планира да тежи речиси 4 милијарди евра.

„Расходите од буџетот во наредниот среднорочен период ќе биде во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, интензивирање на инфраструктурните проекти и засилување на дисциплинираната буџетска потрошувачка со нагласен акцент на рестриктивност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци“, предвидува владата во оваа тригодишна стратегија.

Притоа, во делот на расходите за плати и надоместоци, власта вели дека ќе продолжи со стриктната контрола на новите вработувања и етапно зголемување на платите на одделни сектори согласно фискалните можности; потоа, навремена исплата на пензиските примања и социјалните надоместоци, со цел обезбедување подобра материјална состојба на корисниците на овие права.

Во рамки на среднорочните проекции планирано е редовно исплаќање на социјалната помош, обезбедување значителни износи за исплата на субвенции во земјоделството со цел зајакнување и поддршка на овој сектор, поддршка на домашните претпријатија, поддршка на извозот, а во наредниот среднорочен период фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции.

За да се подобри ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка, вклучувајќи ја и фискалната дисциплина, одржливоста на долгот и ефикасното, транспарентното и модерното управување со јавните финансии, Владата во Фискалната стратегија пишува дека донела сеопфатна програма за реформа на управувањето со јавни финансии.

„Ефикасниот систем на управување со јавните финансии обезбедува основа за имплементација на политиката на јавните финансии и за постигнување на стратешките развојни цели преку поддршка на целокупната буџетска дисциплина, стратешка распределба на буџетските средства и ефикасно обезбедување на јавните услуги“.

 

Јавниот долг под 60% од БДП

И покрај тоа што нето задолжувањата на државата ќе го зголемат јавниот долг и до 55,9% од БДП во 2019 година, сепак Македонија останува умерено задолжена земја.

Меѓутоа, ова ниво е над препораките од меѓународните финансиски институции како ММФ, кој препорача дека оптимално ниво за земја како Македонија е да има јавен долг не поголем од 50% од БДП.

Во Фискалната стратегија пишува дека нивото на јавниот долг се смета дека е одржливо доколку овозможува навремено сервисирање на обврските што доспеваат по основ на долг на подолг период и тоа зависи од многу фактори како што се: степенот на развој на домашниот финансиски пазар, ликвидноста на меѓународниот пазар на капитал, стапката на раст на економијата, стапката на инфлација, стапката на буџетски дефицит/суфицит.

„Врз основа на среднорочната буџетска рамка преку која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, како и имплементацијата на проектите кои се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст. но сепак ќе се движи во адекватни рамки, односно нема да ја загрози одржливоста на долгот“, пишува во Стратегијата.

Главно алиби за зголемување на долгот во следните години, според владината стратегија е инвестициската активност на државата во изградба на јавната инфраструктура.

„Во периодот до 2020 година се очекува продолжување на имплементацијата на инвестициите започнати во претходниот период од областа на инфраструктурата, водовод и канализација, спортски објекти, инвестиции во областа на образованието, здравството, енергетиката, изградбата на Националниот гасоводен систем како и останати проекти кои се во согласност со програмата на Владата. Проектите ќе бидат имплементирани од страна на органите на државната управа кофинансирани со странски заеми, но со цврста определба да не се загрози долгорочната одржливост на нивото на задолженост на земјата“, пишува во Фискалната стратегија и се предвидува нивото на јавен долг да не надмине 60% од БДП, колку што е дефинирано и во Уставот.

Главна цел на управувањето со јавниот долг е да овозможи потребите и финансиските обврски на државното финансирање да се извршат со најниски трошоци на среден и долг рок со прифатливо ниво на ризик.

„Од аспект на ризиците со кои се соочува должничкото портфолио на Македонија, може да се согледа одредено подобрување на индикаторите за мерење на ризикот од рефинансирање на долгот и ризикот од промена на каматните стапки. Имено, како резултат на заложбата на Министерството за финансии за развој на домашниот пазар на државни хартии од вредност, од 2012 година започна процес на преструктуирање на портфолиото на државни хартии од вредност каде што новите емисии на хартии од вредност имаа подолги рочности, а краткорочните инструменти постепено се намалуваа. Ваквата стратегија резултираше со значително подобрување во поглед на ризикот за рефинансирање и ризикот од промена на каматни стапки на домашното портфолио. Во однос на останатите ризици, управувањето со долгот на среден рок ќе се фокусира кон остварување најнизок трошок при одржливо ниво на ризик“, пишува во Стратегијата.

Од аспект на одделните ризици со коишто се соочува државниот долг, во периодот до 2020 се очекува благо намалување на просечното време на доспевање на долгот на централна влада, така што од 4,4 години колку што е проекцијата за крајот на 2018 година, во 2020 година ќе се сведе на ниво близу до 4 години.

Особен предизвик за ефикасно управување со ризикот од рефинансирање се очекува во 2020 и 2021 година, кога редовно ќе достасаат еврообврзниците издадени во 2014 и 2015 година на вкупен износ од 770 милиони евра) како и втората рата по основ на заемот обезбеден со гаранција заснована на политики од Светска банка (PBG – Policy based guarantee) во износ од 155 милиони евра.

Симулациите на Министерството за финансии кои предвидуваат сценарија со зголемување на каматите на долгот за еден и два процентни поени, покажува дека каматните трошоци би пораснале најмногу до 13,2% во 2019 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×