Меѓународната кризна група со план за излез од политичката криза во Македонија
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

„Македонија: Деактивирање на Бомбите“, е насловот на новиот извештај на Меѓународната кризна група (независна, непрофитна, невладина организација, посветена на превенција и решавање на сериозни конфликти), посветен на актуелната политичка, но и безбедносна криза (поврзана со кумановските настани) во земјата.

Во извештајот се вели дека „државниот апарат е заробен и корумпиран од водечката политичка партија“, a за инцидентот во Куманово се потенцира дека причинил најмасовно загуба на животи во регионот во последнава деценија.

„Ако ургентно не се решава двојната криза (легитимитет на Владата/регионалната безбедност), постои ризик истата да се прошири во насилни судири – во најлош случај да добие елементи на конфликтот од 2001 година“, пишува МКГ.

Во извештајот се оценува дека „дискредитираните национални институции не можат сами да се справат со кризата“, а оти преговорите што би довеле до реформи и предвремени избори се во ќор-сокак.

Европската унија, сметаат во МКГ, мора да изврши притисок за сеопфатен договор што ќе понуди решенија за ослободување на заробената држава и за наводната корупција, а Македонија и Косово, исто така, со меѓународна помош, треба заеднички да го испитаат инцидентот во Куманово.

Говорејќи за она што го откриваат „бомбите“ што ги објавува опозицијата, МКГ вели дека „многу од луѓето кои треба да бидат одговорни за справување со очигледните незаконитости и самите се вмешани“.

И оти „снимките од прислушуваните разговори покажуваат дека владејачките партии ги изградиле својата моќ и привилегии преку корупција и криминал, а исто така и оти драматично е компромитиран албанскиот партнер во владејачката коалиција“.

МКГ смета дека премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, играат високо ризичен покер во разговорите спонзорирани од ЕУ.

Европската унија, се вели во извештајот, треба да ги удвои напорите за да ги убеди македонските лидери да ја вратат довербата во владата со постигнување меѓупартиски договор.

Тој договор би подразбирал привремена влада од сите главни партии, чија примарна задача би била имплементацијата на реформите за кредибилни избори во април 2016 – особено во делот на избирачкиот список, на рамноправниот пристап до медиумите и на злоупотребата на државните институции за партиски цели.

Потоа, воспоставување две независни комисии во Собранието со овластување да бараат и да добијат активна стручна помош од ЕУ и САД. Мандатот на првата комисија би бил за следење на подготовките за избори што би ги спроведувала новата влада, а на втората (комисија) за справување со прислушувањето, вклучувајќи истрага за криминал и корупција.

Услов за да се одржат избори би било зелено светло од првата комисија за тоа дека привремената влада создала доволно за изборен процес што ќе ужива општа доверба. Преодната влада, според МКГ, би требало да работи и на подобрување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор преку обезбедување на правична застапеност на етничките Албанци на сите нивоа на јавни функции, потоа, добар дел од владините инвестиции да одат во етнички албанските области, и да се почитува јазичната еднаквост.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×