Проф. д-р Ванчо Чифлиганец: ЛИДЕР НА УСПЕШНИОТ БИЗНИС, МЕНАЏЕР, ПОРАНЕШЕН ПОЛИТИЧАР, СПОРТИСТ И ХУМАНИСТ – ВО СИТЕ ВРЕМИЊА
Објавено на од во Компании

 

Foto 1-KПроф. д-р Ванчо Чифлиганец
сопственик и генерален менаџер на Адора инженеринг

После 16 години водење на сопствената градежна компанија Адора инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец реши да се проба и во други бизнис води: со неколку блок трансакции на Берзата, неговата компанија стана најголем поединечен акционер во Комерцијална банка, со без малку 7,4 % удел во капиталот. Разговаравме со г-дин Чифлиганец околу причините за овој негов влез во финансискиот сектор, за тоа што планира понатаму во бизнисот, зошто не е целосно задоволен од тоа што направи државата и економијата изминативе речиси три децении самостоен развој и што смета дека треба да се направи за побогато и посреќно општество.

 Редакција Капитал

 

Г-не Чифлиганец, одеднаш влеговте во банкарскиот сектор од позиција на водечка компанија во високоградбата. Зошто таква одлука? 

Оваа одлука е резултат на потребата од постојана потрага по нови деловни предизвици и унапредување на бизнисот на повеќе полиња. По успешно поминатите четири децении во рударството и градежништвото, како едни од најтешките стопански дејности со свои бројни предизвици, сакав моето знаење и искуство да ги насочам кон нови предизвици, конкретно во банкарскиот сектор. Основниот мотив е тој, иако сум свесен дека има и други области каде може да се даде придонес за развој на сопствените бизниси, но и на нашата национална економија, па дури и да се заработува и повеќе и побрзо отколку во банкарскиот сектор. Треба да сфатиме и дека за идниот наш развој банките треба да се едни од клучните организации што ќе го кредитираат развојот на економијата, а истовремено ќе остваруваат и добивка за да можат и во иднина да го помагаат развојот. Овој чекор го направив и со една здрава долгорочна економска логика, иако сум свесен дека можеби во оваа област ќе изостане поголемиот економски ефект од капиталот што би можел да го инвестирам во други бизниси. Мора да ви признам дека во минатото никогаш не сум претпоставувал дека во еден период ќе бидам најголем поединечен акционер во некоја банка, особено не во една од поголемите банки, каква што сега е Комерцијална банка. Но, оваа одлука е длабоко промислена, очекувана и логична, после растежот на „Адора инженеринг“. Оваа одлука е резултат на реалната бизнис логика.

Зошто влеговте како најголем поединечен акционер токму во Комерцијална банка ?

Еден од мотивите за тоа е и тоа што Комерцијална банка е единствената голема банка во Македонија со речиси целосно македонски капитал. Знаеме дека најголем број од другите банки се со доминантен странски капитал. Се работи за реномирана и стабилна македонска банкарска институција, а мојот предизвик речиси целосно се совпаѓа со предизвикот на врвниот менаџмент на Комерцијална банка и на дел од другите поголеми и помалиакционери, а тоа е банката да е доходовна и да работи успешно, да е во функција и на штедачите и на компаниите, биде стабилна во овие турбулентни времиња и со тоа уште повеќе да ја помага и поттикнува целокупната македонска економија пред која сè уште има големи економски предизвици.

Самиот факт дека еден голем дел од тоа што го заработив работејќи во градежништвото со Адора инженеринг, го инвестирав токму во Комерцијална банка АД Скопје, значи дека верувам во банката и во институциите на мојата држава и сакам да дадам дополнителен скромен придонес за нејзин иден стабилен развој.

Инаку, Адора инженеринг нема никакви кредитни обврски кон Комерцијална банка, ниту кон било која друга деловна банка. Средствата за овие инвестиции се обезбедени исклучиво од сопствени извори, односно акциите се купени со сопствената акумулација на фирмата.

cifliganec-2Кога веќе зборуваме за акционерството, дали сте размислувале вашата компанија да прибере свеж капитал со тоа што би емитувала акции на берза и би станала акционерско друштво?

Јас не ја отфрлам априори можноста за прибирање свеж капитал преку берза со емитување акции, односно Адора инженеринг да направи иницијална јавна понуда. Но, во моментов, јас не гледам некои интересни проекти каде би ги пласирал тие пари. Во високата градба ние станавме лидери во Македонија, и после 16 години работа инвестициите можеме да си ги финансираме сами. За да го оплодиме тој дополнителен свеж капитал од неколку милиони евра во најмала рака што би го прибрале преку емитувањето акции, и да создадеме профит, односно дивиденда за акционерите, треба да има проекти, што јас сега за жал не ги гледам.

Успехот на бизнисот во Македонија многу често се поврзува со блискоста со политичките гарнитури на власт. Вие едно време бевте и политичар, пратеник во парламентот додека бевте прв човек на “Бучим“, потоа почнавте и свој бизнис. Дали вашиот успех ѝ должи нешто на политиката?

Мојот пример е едноставен и транспарентен. Со вклучувањето во политиката во времето на почетокот на изградбата на нашата државна независност и новиот систем сакав да дадам несебичен придонес за подобрата иднина на нашата земја и народ. Потоа со политичката активност и партискиот ангажман завршив пред скоро 16 години, во 2002 година. Оттогаш за мојата земја придонесувам на друг начин – со развивање на нови бизниси, ново знаење, пожртвуваната работа, посветеност на економските предизвици, грижа за вработените во компанијата, почитувајќи ги законските прописи, плаќајќи ги сите даноци и несебично донирајќи секогаш кога тоа е можно. Никогаш не сум бил бизнисмен со добиени владини тендери, напротив сум се докажал и сум успеал во услови на силна пазарна конкуренција. Сум имал принципиелна деловна соработка со функционери и со институциите на државата, што секако е нормално и очекувано во бизнисот, но никогаш не сум градел непринципиелна блискост до оваа или онаа политичка или владина гарнитура.
Во животот и работата јас луѓето не ги делам по партиска припадност, туку врз основа на критериумот дали се вредни, помалку или повеќе вредни луѓе, на иновативни и неиновативни, на добронамерни кои го поддржуваат успехот и на еден мал дел „критизери“, кои сѐ што ќе направиш, сакаат тенденциозно да го девалвираат, поврзувајќи го со измислени мотиви, кои им се познати исклучиво ним.

Мојата партија се знаењето, пожртвуваната работа и бизнисот, а членови на таа партија се моите вработени. Амблемот на мојата партија е шлемот, кој го носам 40 години како заштита на главата. Јас сум работник, градител и творец. Создавав во времето на сите осум премиери на Република Македонија, и со ниту еден поединец, ниту со институциите на државата никогаш не сум имал никаков проблем. Секогаш сум се вклопувал во бизнис климата што ја креирале и трасирале институциите на државата. Јас не сум деловен човек кој се „шлепува“ на политичарите во разните владини состави и во сите услови настојувам да се вклопам со своите економски активности, да ја унапредам работата и животните услови на вработените и да си најдам свое место за натамошна успешна работа во корист на заедницата.

Од секогаш сум сметал дека ние од бизнис заедницата треба најмногу да се занимаваме со својот бизнис на домашниот и странските пазари, а не да чекаме некакви посебни привилегии од државата. Во таков случај не би можеле да зборуваме за пазарно и праведно општество. Оттука, многу ги почитувам оние деловни луѓе во приватниот и јавниот сектор кои добро го управуваат и оплодуваат капиталот – државниот или приватниот сè едно. Место за привилегии и неправди не треба да има!

Јас, на пример, како менаџер со државен капитал во период од повеќе од 10 години, никогаш не ја задолжив компанијата (Бучим) која ја раководев, а континуирано го оплодував капиталот, при што дававме солидни плати на вработените, плаќајќи им ги придонесите и поддржувајќи ги секогаш кога тоа беше потребно вработените.

Жалам што денес сеуште кај нас на сите успешни луѓе во бизнисот и животот, им се додава придавка дека такви се бидејќи се блиски до владата и до политичарите, но тоа не е така. Посакувам да има многу успешни компании со правичност и законитост во работата. Ми пречи и нерамноправниот третман кон бизнисот. Треба да се создадат еднакви можности за малите, средните и големите компании, и тие заедно да се натпреваруваат во бизнисот. Потребно е тие да се способни повеќе да се пробиваат и на надворешните пазари, да имаме поголем извоз со што и големиот трговски дефицит во економијата на Македонија ќе се ублажува, силно ориентирајќи го домашното производство кон извоз, а воедно, каде што е потребно и можно и заменувајќи го увозот со домашно производство, за што сметам дека сеуште има простор.

cifliganec-3Сте работеле и во услови на договорна (планска ) економија и во пазарна економија. Кога мислите дека сте биле поуспешен и зошто? Дали во рудникот Бучим во Радовиш или во вашата сопствена градежна компанија?

Има битна разлика меѓу планското и пазарното стопанство, гледајќи низ призма на претпоставки за успех во работата, но успехот е можен и во двата системи ако човек се придржува на најважните економски начела во работењето. Најбитно е да се биде домаќин, да се има знаење, пожртвуваност и посветеност кон тоа што се работи и во секое време да се бара остварување на позитивни резултати. Можеби звучи нескромно, но на тој начин успевав, а за тоа сведочат делата зад мене. Во времето на транзицијата, која како сеуште да трае, исто така работев трудољубиво и посветено, чесно чувајќи го државниот капитал во тие тешки времиња во интерес на вработените и во интерес на Република Македонија и никогаш не се дрзнав непринципиелно да го приватизирам и задолжам.

Во однос на економските активности, судбините на вработените и унапредувањето на капиталот, без разлика дали е тој државен или приватен, секој треба да биде максимално одговорен. Порано таков однос имав кон државниот, а сега кон сопствениот капитал. Зад мене немам ниту една финансиски негативна година. За 26 години успешно раководење, платени се сите даноци и други јавни давачки кон државата, исплаќани им се солидни плати на вработените, инвестирани се огромни средства за ново производство и отворени се многу работни места, но реализирани се и многубројни донации.

Единствената разлика е што во мојата компанија Адора инженеринг некако сум доста подарежлив во донирањето, а со тоа и во плаќањето на даноците. Впрочем пред никого не одговарам за тоа, што не беше случај претходно во државната компанија.

 Дали за изминатите 27 години самостојна Македонија сте задоволен од нејзиниот развој?Кога би биле дел од извршната власт, што би направиледенес?

Без двоумење, мојот одговор е НЕ. Мислам дека тоа е одговорот и на мнозинството наши граѓани. Јас лично верував дека плуралниот, повеќепартиски систем, ќе донесе поголем развој и просперитет на Република Македонија, но тоа досега не се оствари на начин што јас и многу мои пријатели, соработници и колеги го посакувавме. Да не ме разберете погрешно, јас не сум југоносталгичар, само жалам за вредностите што ги имаше во тој систем.

Најмногу жалам што во изминатите речиси три децении живот и работа во самостојна држава, ги заборавивме вистинските човечки и општествени вредности, а вистинскиот квалитет го заменивме со партиска припадност како критериум за вработување, напредување, итн. Тоа што беше добро го запоставивме, а нови вредности недоволно развивме во новиот општествен систем. За илустрација, стратешките и важни компании – гиганти, кои се градеа со децении во минатото, денес се во рацете на странски сопственици, продадени по релативно ниски цени. Сигурно со оваа констатација не кажав ништо непознато, но тоа е ноторен факт кој не боли сите нас, бидејќи поголемиот дел од тие компании ако останеа македонски, пак ќе работеа успешно, а можеби и подобро. Единствената разлика е во тоа што во тој случај, благодетите ќе ги почувствуваа граѓаните на Македонија и нашата држава.

Голем проблем на ова општество, што го кочи и развојот на економијата, е гломазната и неефикасна јавна администрација, а таа е крвотокот на државата. Во Македонија мора да постои национален консензус за тоа дека администрацијата мора да се “проветри“ со квалитетни луѓе, вистински професионалци, а не партиски војници и сл. Што ќе бидат во служба на граѓаните и бизнисот, а не обратно, ние да клечиме пред нив. Затоа што оној што го полни буџетот, оној што ги плаќа даноците и давачките кон државата е вистински господин, а не тој што ги троши!

Сметам дека можевме да создадеме, да изградиме многу поразвиена и посовремена држава на Балканот. Без скромност, можевме сега да живееме во многу поразвиена и подобра држава, бидејќи го имаме, или можеби поточно, го имавме најважното, а тоа се вредните луѓе. Ако сме добри секаде до каде што н$ има во Европа и низ светот, зошто да не сме исто толку добри, па и подобри, без разлика дали како менаџери, интелектуалци или работници и дома, во нашата Македонија? Тешко ми паѓа кога вредните луѓе и напредните умови си одат, бегаат од Македонија. А без вредните луѓе и напредните идеи на младите, Македонија не може да се развива и да оди напред! Искрено, понекогаш се плашам да не продолжиме да тонеме уште повеќе во иднина, но оптимизмот ме тера да се надевам и дека можеме да успееме.

Па, како да се запре тој тренд на иселување? Што би им порачале на младите што ја напуштаат земјава? И, според вас, кој е патот за нивниот успех?

Секој си бара свое место под сонцето за подобар живот. Државата пак преку власта, сите одговорни институции и политичарите на нивно чело, па и ние како бизнис заедница, треба најитно да сториме сѐ, за конечно да се стопира процесот на масовното иселување од Македонија. За тоа се неопходни конкретни мерки за земјата да ни биде побогата, посигурна, постабилна, отпорна на партиски влијанија. Дури тогаш, во таква Македонија, верувам дека нашите луѓе може да се вратат во државата, со своето знаење, а зошто не и со својот стекнат капитал. С$ друго е политикантство коешто нема да даде резултат.

Мора да си признаеме: Одговорноста е до сите нас во Македонија, а не до младите и сите кои си заминуваат од државата, тие не се виновни, туку сите ние.

Дали вие некогаш сте помислиле да ја напуштите Македонија?

Во одредени ретки мигови кога мал број поединци ме доживувале како непријател и кога сум добивал незаслужени ( ниски ) удари, ДА, ми доаѓало да ја напуштам државата, но тој порив бил инцидентен и траел кратко. Но, јас навистина се уште многу и искрено верувам во својата држава, во институциите и можеби над сѐ, во својот македонски народ и сите наши граѓани, дека сите заедно, во границите на своите можности, можеме да се избориме за подобра иднина. Тоа се совпаѓа со моето животно мото: Како каменот што тежи на своето место, така и човекот тежи со своите дела.

Какви планови имате понатаму во бизнисот?

Би сакал предизвикот во финансиско – банкарскиот сектор да биде една од моите економски активности во иднина. Имам чувство дека го достигнуваме зенитот во областа на градежништвото – високата градба. Во оваа сфера не е лесно да се работи и ние сеуште се соочуваме со низа бирократски и институционални бариери, за кои се потребни многу напори за да се надминат. На нашата економија и земја им се потребни нови преструктуирања во кои клучни ќе бидат нашите умови со новите знаења. Досега мојата психофизичка енергија доста интензивно ја користев во градежниот бизнис, во високата градба, за што се плаќа и висока цена. Сепак нашата компанија и во иднина ќе работи и има уште многу нови идеи и предизвици што сакаме да ги реализираме, но можеби тоа ќе го сториме со малку позабавена динамика и темпо. Јас секаде каде што е потребно и корисно можам да ги пренесам моите знаења и богато искуство од оваа област. Преструктуирањето на бизнисот неминовно се наметнува како потреба во Република Македонија, и тоа е наш предизвик.

cifliganec-4Дали можеби планирате да се вратите во политиката?

Мислам дека во политиката веќе нема да се вратам. По малку ми пречи изразената, некогаш и непринципиелна партиска послушност и поделеност на општеството. Секако, секогаш стојам на располагање, со моето знаење и искуство, волонтерски, да ги понудам на својата земја и на секоја власт моите совети. Доколку има расположение и желба за тоа, јас сум отворен и секогаш достапен.

Како прв млад менаџер на компанија со државен капитал, во тоа време ме изгласаа сите вработени. Порано, кога во одреден период се определував партиски, бев воден од мотивот за воспоставување на поголеми вредности и од големите предизвици што стоеја пред општеството.

Во двата мандати како народен пратеник, ме избраа граѓаните на мнозинска листа. Никогаш не сум бил избран или назначен за менаџер или патеник во Собранието на Република Македонија, без за мене директно и тајно да се гласа. Мене секогаш ме избирале вработените и народот и затоа и мојот отчет секогаш бил кон институциите на државата, вработените и народот и со тоа сум многу горд.

Фактот што своевремено бев најмлад дипломиран инженер на Белградскиот универзитет, потоа магистер и доктор на науки, покажува дека отсекогаш сум бил упорен, посветен, вредно сум учел и работел, и резултатите доаѓале порано или подоцна.


Адора инженеринг шест години е меѓу 25-те најуспешни компании во Македонија и 13 години меѓу 200 најуспешни компании, според Централниот Регистар на Р. М.


Колку ви беше образованието битно за тоа што постигнувавте подоцна во животот?

Секако, образованието е главен фундамент за успешен развој на една личност, како и за благосостојба на општеството. Бев доста темпераментен млад човек и сакав што побрзо да се стекнам со сите академски звања. Тоа и се случи, и тоа во рекорден рок и во време кога имаше повисоки вредности и повисоки критериуми за добивање на академските титули.Стекнатото образование на највисоките едукативни скалила, проследено со огромно знаење и искуство, се најважниот темел на кој се гради една куќа, односно тоа е корен на кој расте едно дрво. Но, сепак тоа не е доволно, човек мора посветено да работи и постојано да учи, да се надградува континуирано. Само така, на цврстиот темел ќе се изгради стабилна и добра куќа, а на коренот ќе израсне здраво дрво со богата крошна и бујни лисја.

Сепак јас верувам во институциите на државата и дека сите заедно, во рамките на сопствените можности, можеме да изградиме побогата и посреќна Република Македонија.

Oд каде желбатада ја објавите монографијата со симболичен наслов „Шлемот е мојата круна“?

Поминаа цели 40 немирно проспиени години, исткаени од знаење, но и со грижа, работа, работа и само работа. Четири децении ми минаа како еден миг, со многу успеси, но и со многу труд и пот, со многу пожртвуваност, храброст и предизвици. Само за илустрација, во изминатите 40 години, немам искористено 40 дена одмор, споени со празниците и викендите. Постојано бев и сèуште сум посветен на создавањето нови вредности и овозможување на поголема благосостојба на сите со кои заедно соработувавме и соработуваме.

Главен мотив за објавувањето на последната книга за мојот професионален живот е да остане пишан траг со факти, дела и бројки, кои сами зборуваат (раскажуваат) за вистинските предизвици и дострели и тие се потврда дека единствено со напорна работа може да се оствари успех и да се остават добри дела. Во книгата многу отворено ги споделувам моите карактерни особини, со цел тие да бидат скромен пример и поттик за младите, но и за возрасните луѓе.

Во „Шлемот е мојата круна“ без задршка, презентирам мои лични доживувања, патешествија, храбри чекори и предизвици. Едноставно, објаснувам дека ако некогаш не го почувствуваш поразот на своите плеќи, никогаш не можеш во душата да бидеш победник!

Работев и во услови на социјалистичката договорна економија, и во годините на тешката транзиција која требаше да не доведе до нешто поубаво и сега во пазарната економија, и со државна сопственост и со приватниот капитал. Но, тоа што е најголема придобивка од оваа книга, е што мојот пример и 40 годишната плодна и успешна кариера, потврдуваат дека Македонија сеуште е плодна почва за создавање добри дела и за градење успешен бизнис без никакви привилегии. Ова дело потврдува дека вредностите и способностите на индивидуата може да успеат, а такви способности поседуваат многу граѓани, кои сакав преку мојата книга да ги охрабрам. Со оваа книга сакав да дадам и директен придонес за идниот развој на државава.

Дали нешто би промениле во изминатите 40 години кариера?

Во суштина ништо не би променил. Не сакам ниту еден ден од изминатите 40 години да ми се врати. Секој ден уште го живеам со полни гради и сонувам што утре да направам. Сметам дека е доблест што непринципиелните порази успеав да ги претворам во победи во животот.

Имате истакнато во повеќе прилики дека потекнувате од сиромашно, работничко – земјоделско семејство. Колку тешките услови за живот во младоста ви поставија високи цели во животот? Сонувавте ли тогаш за ова што го имате сега?

ДА! Веројатно токму сиромаштијата ме направи вистински борец во животот. Воден бев од желбата од неправдите да направам правда. Можеби доколку не го почувствував горчливиот вкус на сиромаштијата и неправдата од раното детство и понатаму во животот, што не посакувам никој да го почувствува, немаше ни да се реализирам како личност. Инаку ДА, сонував многу, но со знаење, пожртвуваност и истрајност, остварив повеќе од соништата, воден од желбата да ги избегнам сиромаштијата и неправдата. Иако живеев во различни општествени и економски уредувања, јас во суштина сум задоволен и среќен човек што сум имал полигон за натпревар и победи. И натаму останувам со надеж дека таквите соништа може и да им се остварат на многу млади луѓе сега и во иднина. Никогаш, никаде и во ниту едно време во животот, патот не е лесен и мазен. За да се избориш и да стигнеш до целта, мора да изодиш трнлив пат и да се бориш да ја совладаш „калта“, постојано со нови знаења, посветена работа и жртви.

Сонував како дете еден ден да бидам врвен истражувач на минерални суровини на планетата Земја. Но, мојот пат ме однесе на студии во Белград, па во рударството, градежништвото и високата градба, но и во спортот, политиката, а еве сега и во банкарското акционерство … Многупати човек тргнува по едно нешто, убеден дека тоа е највредното, ама по пат наоѓа нешта кои потоа му изгледаат подрагоцени од она по што тргнал. Во тоа е убавината на животот – непредвидлив е. Но, таков е само за оние кои сакаат воопшто да тргнат кон некаква цел. Целта не мора да биде дефинирана на почетокот – таа, за упорниот и работлив човек често се дефинира и станува јасна по патот. И тоа го научив за овие 40 години успешна кариера. Во таа смисла, во смисла на тоа дека сите треба да бидеме професионални на патот кон целта, јас не го делам успешниот ѕидар од успешниот хирург или бизнисмен. Различни цели, иста посветеност!


Институцијата ТЕНДЕР нека постои и натаму, но единствено на конкурентска основа, без простор за привилегии.


Колку ви значи ангажманот на вашите син и ќерка коишто се вклучени во бизнисот на Адора? Имате ли судир помеѓу генерациите во донесувањето одлуки?

Мојот напорен живот и макотрпна работа се мојата гордост, но понекогаш размислувам дека тоа не би сакал да го почувствуваат другите млади луѓе, ниту моите деца. Логично е дека во работата најголема поддршка имам од семејството кое постојано ме следи и во работата и во животот. Децата го продолжуваат бизнисот, но мојот бизнис можат да го наследат и надградат и голем број од вработените во Адора инженеринг, кои се 1,5 деценија во компанијата. Ова посебно важи сега во економски амбиент кога банкарскиот сектор е стабилен и со најповолни каматни стапки ги поддржува добрите и издржани бизнис проекти.

Нема таен рецепт или сигурна формула за успешноста на мојот бизнис. За мене постои само една формула, а тоа е знаење, пожртвуваност, посветена работа и постојани иновации во работата.

Какво значење за вас лично, но и за развојот на компанијата имаат меѓународните, секако и домашните награди што Адора како компанија и вие како менаџер ги имате добиено поприлично досега?

Престижните интернационални награди, кои Адора инженеринг и јас како основач ги добивме за градежништво, квалитет, иновативност во домувањето, за најдобра европска компанија и менаџер, од реномирани светски бизнис асоцијации во Виена, Мадрид, Париз, Монте Карло и над 30-те национални признанија, како што се 7-те за изградбата на еко – домовите, петте за вложување во заедницата, повеќе плакети за корпоративна и индивидуална филантропија, двете награди инвеститор на годината и многу други, за мене се потврда дека некој го препознал и вреднувал нашето работење. Освен сатисфакцијата, овие наши признанија кои воедно се и признанија за Република Македонија, што ја претставуваме во светот, ги доживуваме како уште поголема обврска и одговорност за наредниот период. Наградите за мрзливиот човек се исто што и вода за огнот. За работливиот, тоа е долевање масло на огнот. Затоа, наградите во мене ја разгоруваат желбата за нови успеси. Многу сум среќен што и моите вработени, низ годиниве, почнаа така да реагираат. Тоа е психологија на победата на тимот, нешто што ми е познато и од спортот. Една искра пали сè кај вредните луѓе. А такви има многу во Македонија.

Како вие лично ја сфаќате филантропијата, како дел од општествената одговорност ваша лична, но и на компанијата? 

Да признам, лично, до крај не бев убеден што всушност навистина значи филантропијата, која всушност сум ја практикувал со децении. Како што растеше компанијата Адора инженеринг, така растеа и донациите за заедницата и граѓаните и за 16 години достигнаа повеќе од 3,5 милиони евра, и тоа претходно оданочени пари. Јас никогаш не почувствував дека давам од џебот, туку давав од срце и со душа. Сум добивал награди и признанија за индивидуален филантроп, добивала и „Адора инженеринг“ многу пати награди за општествена одговорност, ама за мене филантропијата е нешто што не се учи. Или се раѓаш со неа, или не. Општествената одговорност се учи, но чувството да дадеш од срце без да помислиш на цифра – тоа мора да го имаш во душата.


НАЈНОВ ПРЕДИЗВИК – ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР

“Еден од мотивите за инвестирање во Комерцијална банка е тоа што е единствената голема банка во Македонија со речиси целосно македонски капитал. Знаеме дека најголем број од другите банки се со доминантен странски капитал. Се работи за реномирана и стабилна македонска банкарска институција, а мојот предизвик речиси целосно се совпаѓа со предизвикот на врвниот менаџмент на Комерцијална банка и на дел од другите поголеми и помалиакционери, а тоа е банката да е доходовна и да работи успешно, да е во функција и на штедачите и на компаниите, да биде стабилна во овие турбулентни времиња и со тоа уште повеќе да ја помага и поттикнува целокупната македонска економија пред која сè уште има големи економски предизвици.“


Адора инженеринг е успешна македонска градителска приказна

“Со појавата на Адора инженеринг во градежниот сектор во земјава, значително се подигнаа стандардите за градење станови. Предводници сме во многу сегменти во високоградбата. Само како илустрација, ние пет години пред законското регулирање на енергетската ефикасност кај нас, почнавме со изградба на енергетски ефикасните домови. Постојано го унапредуваме со нови генерации материјали, со современи технологии и со иновативни решенија. Круната на нашето досегашно работење, зградата Адора Flatiron во Скопје, постави нови, повисоки стандарди за градба. Кога им ги даваме клучевите на новите станари во објектот, најголемиот број од луѓето не можат да си веруваат на очите, велат, „дали ние сме купиле стан во зграда, или апартман во хотел?!’“


СЛОБОДАТА, НЕЗАВИСНОСТА И САМОСТОЈНОСТА ИМААТ МНОГУ ПОГОЛЕМА ВРЕДНОСТ ОД МАТЕРИЈАЛНОТО!

“Ако се гледам како индивидуа, сум се реализирал комплетно во работата и во животот, но тоа не ме прави целосно исполнет и среќен. Јас сакам општеството да е здраво, рамноправно и среќно за сите граѓани околу мене. Убеден сум во тоа дека човек не може да биде среќен сè додека среќата не помине, како заразна смеа, и врз другите околу него. Слободата, независноста и самостојноста имаат многу поголема вредност од материјалното, а среќата не е предмет (куќа, автомобил, имот). Среќата е дејство: за мене најблиску до среќата се глаголите ‘правам’, ‘работам’ и ‘споделувам’. А тие глаголи никогаш не се завршени, и тоа е големата тајна на животот – не можеш никогаш да кажеш ‘крај е’, додека правиш дела, додека работиш и додека даваш.“ 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×