РАСТЕ ДОВЕРБАТА КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗА ПЛАЌАЊАТА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ!
Објавено на од во Економија
internet-trgovija-3Зошто интернет трговијата во Македонија расте екстремно? Дали врз порастот на реализираните трансакции на електронски продавници на домашните трговци најголемо влијание имаат глобалните трендови кои доаѓаат и на домашен пазар или пак поголемата понуда на производи и услуги кои можат да се купат електронски?

internet-3Македонците потрошиле 5 милиони евра преку Интернет. Тоа е вредноста на трансакциите, во кои спаѓаат и он-лајн купувањата и он-лајн плаќањата на сметки, реализирани само во првите шест месеци од годината. Во истиот период претходната година во интернет сферата на плаќање биле свртени скромни 510 илјади евра што значи дека порастот во овој шестмесечен период е фантастични 880%! Во изминатите три години, од 2011 до 2013 година, вредноста на Интернет трансакциите во земјава пораснале за цели 177%.

Податоците за платниот промет од Народна банка на Македонија покажуваат дека пресвртна точка во он-лајн трансакциите е ланскиот септември кога имало месечно зголемување на он-лајн трансакциите за 174%. Кои се причините за големиот пораст на трансакции кои граѓаните и компаниите ги прават преку својот компјутер? Зошто расте интересот да се купува или плаќа преку Интернет? Каде има простор да се шири овој бизнис?…

Сублимирано – зголемената понуда за производи и услуги кои можат да се купат он-лајн и зголемената безбедност на трансакциите се главните двигатели на он-лајн бизнисот во земјава. Доста голем удел кон зголемување на бројките кои ги евидентира централната банка од евиденцијата на комерцијалните банки, имаат и ЕВН, Македонски Телеком, Водовод и канализација и други компании со огромен број на корисници на кои им овозможуваат плаќање на сметките преку нивните веб страници и преку други Интернет платформи.

За разлика од порано кога оваа можност беше незамислива, денес таа е реалност за се повеќе луѓе што се гледа и преку зголемениот број на трансакции. Според повеќето луѓе инволвирани во овој бизнис клучната причина за растот лежи во зголеменото користење на паметни телефони и други паметни уреди. Дел од корисниците веќе се толку навикнати на своите уреди и довербата во онлајн купувањата е толку голема што едноставно некои трансакции, како оние за сметки и слично е незамисливо да се подмират на друг начин. Секако, позитивното искуство се шири преку word of mouth и преку социјалните медиуми, а со тоа и бројот на корисници.

Radonajin Biljana path

Биљана Радоњанин-ex.mk

Некои од најстарите он-лајн продавници во земјава чија примарна дејност е токму интернет продажбата го потврдуваат овој тренд. Менаџментот на www.ex.mk, он-лајн продавница која работи шеста година, велат дека секоја година бележат раст, а веќе во јули годинава го надминале обемот на работа остварен во цела 2013 година. Нивните услуги се достапни и за Македонците надвор од земјава и голем процент од купувачите се луѓе од дијаспората кои нарачуваат подароци за своите роднини и пријатели во Македонија. Директорката Биљана Радоњанин вели дека последно време купувачите од други земји барат испорака на производи и во земјите каде што живеат, но трошоците за транспорт се превисоки за да може да им излезат во пресрет. Оваа он-лајн продавница нуди над 5.000 производи, а најмногу се продаваат подароци, цветни аранжмани, бонбониери и детски играчки. Радоњанин вели дека навиките на македонските купувачи се променети, веќе не постои веќе несигурност околу безбедноста на плаќањето и затоа е “време трговците да ги понудат своите производи онлајн“.

“Кај нас порастот на интернет трговијата се должи на повеќе фактори: подготвеност на банкарскиот сектор, вклучувајќи ги операторите како Касис, да го понуди сервисот за on-line трговија, значителна интернет пенетрација, голем број на корисници на мобилна телефонија, промена на навиките на населението и компаниите од аспект на користење на придобивките на технолошките решенија. Очекувам дека бројот на правни лица во Македонија кои нудат on-line трговија ќе се зголеми и бројот на on-line трансакциите ќе расте“, вели Сандра Томановиќ, директор на Касис процесинг центарот чии што услуги ги користат 10 од 14 банки во земјата. Во моментов on-line трговија во Македонија ја нудат 5 банки, од кои 3 го користат сервисот за on-line трговија на Касис. 

Важна алка во раздвижување на интернет сегментот од трговијата се и популарните сајтови за групна продажба. Пример, Grouper, кој се појави во јануари 2011 година, кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн (според анализата на состојбата со електронската трговија во Република Македонија USAID, 2010), веќе во 2012 година имаше пораст од 200% на бројот на продадени купони, а одржлив раст од 20% продолжи и во 2013.

Angelovska Nina - Grouper

Нина Ангеловска-Grouper

“Атрактивноста на понудите и попустите кои се нудеа беа доволен поттик за македонскиот купувач да ја направи својата прва онлајн трансакција. Сметам дека отворањето на сајтови за групни попусти директно влијаеше на раздвижувањето на е-трговијата во земјата“, вели Нина Ангеловска, основач на Grouper во Македонија со статистика дека 40% од вкупниот број трансакции направени онлајн во 2012 и 2013 година биле трансакции направени преку Grouper.

Таа вели дека веб продажбата е основата, но дека мора да се оди и чекор понапред. Летово Grouper воведе и мобилна апликација, која уште повеќе го поедноставува плаќањето. Најголем предизвик, вели Ангеловска, беше да се оптимизира плаќањето преку паметен уред поради предвидувањето дека користењето на мобилни, односно паметни уреди во 2015 година ќе биде далеку поголемо од десктоп уредите.

“Македонија е далеку од овие бројки меѓутоа во постојан пораст е користењето на мобилни уреди, а очекуваме дека порастот ќе почне да се движи со уште поголемо темпо на квартално ниво. Скоро 20% од продажбите во претходните неколку месеци се направени преку мобилни уреди, што е показател дека одржлив раст се постигнува со следење на трендовите, со иновирање и нудење поголема вредност за крајните корисници“, вели Ангеловска.

Во Grouper најпродавани се зделките од категоријата храна и пијалок, а според бројот на посетеност најатрактивни се зделките за патувања. Освен интересот на купувачите, се зголемува и интересот на компаниите да понудат нешто на продажба преку Интернет, макар тоа да е и сајт за групна продажба. Тие ја преземаа “регрутирачката“ улога овозможувајќи им на компаниите да ги имаат своето прво искуство со веб продажба. internet-4Раздвижувањето на он-лајн трансакциите укажува дека с$ повеќе домашните компании ги препознаваат бенефитите од ваквиот начин на трговија, а тоа се- конкурентост, он-лајн присуство, заштеда на време при купување, достава на производите. Ова е оценката на Владимир Вецовски од MarketKonekt.com, компанија која им овозможува на другите компании побрзо да воведат и развијат е-трговија во работењето. Поаѓајќи од сопственото искуство на растечки интерес на компаниите за ваквите услуги, тој очекува порастот на домашната е-трговија и во иднина да продолжи.

Фесјбук-от е првиот контакт на компаниите со он-лајн бизнис

Социјалните медиуми во изминатите неколку година имаа клучна улога во зголемувањето на свесноста за он-лајн каналите за продажба. Тие практично ги донесоа сите бизниси онлајн. Така бизнисите ги почувствуваа придобивките од дигиталниот маркетинг и онлајн како нов канал за продажба. Многу од малите бизниси немаат класични онлајн продавници за кои треба да направат дополнителни инвестиции, туку примаат нарачки преку пораки на нивните Facebook страници. Тоа значи дека кога овие компании ќе се реашат да отидат чекор понапред, и да отворат он-лајн продавници со опција за Интернет плаќање растот на онлајн трговијата ќе биде уште поголем.

Nikola Bojkov

Никола Бојков-експерт за дигитален маркетинг

“Facebook страниците за голем дел од малите бизниси ги заменија нивните веб страни и им овозможија една интерактивна платформа каде може да комуницираат со своите купувачи и да примаат нарачки. Самиот факт дека бизнисите кои до пред неколку години одбиваа да помислат за онлајн продажба, сега веќе имаат Facebook страна и од прва рака знаат што значи таа за нивниот бизнис, инвестираат се повеќе во дигитален маркетинг и онлајн продажба. Имаме пример на еден наш клиент кој имаше повеќе продажни локации низ државата, затвори дел од тие, а продажбата продолжи да му се зголемува преку инвестиција во онлајн продажбата“, објаснува Никола Бојков, менаџер на im.mk, агенција за дигитален маркетинг.

Засега голем дел од онлајн продажбата се уште се одвива само со нарачка на интернет, а плаќање при испорака, што секако се трансакции кои не се регистрираат како он-лајн трговија. Кога и трансакцијата ќе се реалзиира он-лајн вистинските бројки за интернет трговијата во Македонија ќе бидат многу поголеми. Во секој случај, и интернет нарачките преку кои и самите корисници стекнуваат доверба во новиот начин на купување, по што се очекува да започнат и да плаќаат на интернет.

Клучни пречки за развој на интернет трговијата

Иако општиот впечаток е дека во земјава нема посерииозни проблеми или пречки за развој на он-лајн трговија, локалниот консултант Дарко Јаневски укажува и на неколку ограничувачки фактори:

  • Слаба промоција на самите интернет трговци и е-трговијата воопшто. Ретко кој знае дека има преку 400 домашни веб продавници, иако дел од овие можеби и не се активни..
  • Не постои едно единствено место лоцирано во некој орган за да ја следи редовно состојбата и развојот на е-трговија, да дава статистички информации или информациии на потенцијалните интернет трговци и потрошувачи..
  • Меѓубанкарските провизиите при плаќање со платежни картички сеуште се високи и паѓаат на товар на интернет трговецот
  • Од мај 2014 година PayPal влезе на македонскиот пазар, но со лимитиран број на услуги – македонски граѓани може да отворат акаунт, но домашните интернет трговци не може да го направат тоа, односно не може да нудат на своите веб продавници плаќање преку овој систем
  • Зачестена е појавата на „диви“ веб продавници, односно нерегистрирани и нелојални „трговци“ кои продаваат производи преку одредени интернет канали (Facebook)
  • Надлежните инспекциски органи не се доволно запознаени со проблематиката и речиси и да не вршат контрола врз работењето на интернет трговците од аспект на почитување на Закон за е-трговија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×