свет
Ако биткоин се покаже успешна приказна, регулаторите ќе го „средат“

Реј Далио, основачот на најголемиот светски хеџ фонд Bridgewater Associates, смета дека регулаторите на крајот ќе ја преземат контролата врз биткоин доколку криптовалутата постигне мејнстрим успех.
Реј Далио, основачот на најголемиот светски хеџ фонд Bridgewater Associates, смета дека регулаторите на крајот ќе ја преземат контролата врз биткоин доколку криптовалутата постигне мејнстрим успех.
„Мислам дека на крајот на денот ако е навистина успешен, тие ќе се обидат да го убијат и ќе го сторат тоа. И мислам дека ќе го направат тоа затоа што имаат начини како“, рече Далио за CNBC.
Американските регулатори се заинтересираа повеќе во последно време околу крипто пазарот, поради екстремно нестабилните движења на цените на биткоин и останатите криптовалути. Претседателот на американската Комисија за хартии од вредност Гери Генслер во вторникот изјави дека тие како регулатор работат и прекувремено со цел да формираат сет од правила за да ги заштитат инвеститорите, преку подобро регулирање на илјадниците нови дигитални валути и останати средства.
И покрај ненадејни големи скокови и падови, биткоин е доста успешен во последно време. Најпопуларната криптовалута последниве 12 месеци ја има зголемено четирикратно својата вредност и во моментов се продава за околу 47.700 долари. Пред неколку месеци имаше вредност и преку 60.000 долари.
“Го имате Ел Салвадор којшто го прифаќа и ги имате Индија и Кина коишто сакаат да се ослободат од биткоин. И ги имате САД коишто зборуваат за тоа како да го регулираат и да може да го контролираат.“ , вели Далио.
Ел Салвадор штотуку стана првата земја во светот којашто го прифати биткоин како легално средство за плаќање. Во меѓувреме, Индија се спрема да донесе закон што ќе ги забрани криптовалутите и ќе ги санкционира копачите на крипто и трговците. Кина, пак, почна да прави притисок врз крипто пазарот, со тоа што им наложува на копачите да ги сопрат своите операции.
Далио смета дека биткоин практично не вреди ништо, затоа што му недостасува фундаментална и објективна вредност.
Сепак, милијардерот смета дека биткоин е добра алтернатива за кешот, а тој самиот има мал процент на крипто во споредба на тоа што го има во злато, на пример, во своето портфолио.