економија
Ако во 2021 немаше чипови поради пандемијата, во 2022 ќе нема храна поради војната во Украина
Инвазијата на Путин ја измести целата светска економија

На недоволно закрепнатата глобална економија од пандемијата, како долевање масло на огнот доаѓаат и последиците од војната во Украина – нарушени се практично сите синџири на снабдување, од енергенси, преку клучни метали, минерали и други суровини, но најзагрижувачко е веројатно загрозувањето на светското производство на храна. Украина и Русија се големи светски извозници на жито и други земјоделски култури, но и снабдувачи на многу економии со вештачки ѓубрива потребни за производство на храна. Цените на сите суровини се отидени до небо, а во тешка положба се и македонските земјоделци, чие што производство станува сè понеизвесно.
Вештачкото ѓубриво не е многу секси тема за муабет, но деновиве и тоа како имаме причина да размислуваме околу оваа, навидум неинтересна ставка.
И да бидеме дури и загрижени. Зошто? Затоа што војната во Украина е во голема мера поврзана со снабдувањето со вештачко ѓубриво во светот, без коешто нема земјоделски приноси, а без земјоделски приноси нема храна.
Деновиве Блумберг, Њујорк Тајмс и други светски медиуми беа преплавени со наслови за тоа дека е загрозена глобалната понуда на вештачко ѓубриво, поради тоа што Русија, Украина и Белорусија обезбедувале преку 25% од светските потреби. Цените на овој инпут потребен за земјоделците се повеќе од двојно покачени за една година, и поради други причини: лимитираната понуда на минерали што се користат во производството на ѓубриво, високи цени на енергијата, зголемената побарувачка, релативно малата конкуренција во овој сектор, итн.
Коментаторот на Блумберг, Хавиер Блаз, имаше драматичен твит деновиве на оваа тема: “Ова е, можеби, една од темите која најмногу ја запоставуваме во моментов, а ќе има огромни последици подоцна во текот на годинава“, напиша тој. Според Њујорк Тајмс пак, нарушувањето во снабдувачките синџири на ѓубриво и храна може да доведе до глобална криза со храната, што ќе значи качување на трошоците за овошје, зеленчук и други производи во САД и другите развиени земји, но опасност од глади хуманитарна катастрофа во сиромашните земји од т.н. трет свет. Да не заборавиме, Украина и Русија се исто така големи извозници на жито и други прехранбени производи, како и голем број суровини, метали, неметали, итн., а сето тоа сега е загрозено поради војната на самата територија на Украина и економските санкции кон Русија.
Кризата со вештачкото ѓубриво е само една од тешките последици што по светската економија, се’ уште неизлезена од ковид – кризата, ја има војната во Украина. Ниту една земја каде што земјоделието е значајна ставка во домашната економија нема да остане имуна на овие последици, како ни Македонија.
Земјоделците веќе неколку месеци се жалат дека ѓубривата им се драстично поскапени, а допрва ситуацијата ќе се влоши.

Директорката на Рурална коалиција Лилјана Јоноски деновиве за македонските медиуми изјави дека според нивните сознанија, цената за вештачките ѓубрива за македонските земјоделци се речиси трикратно поскапени од почетокот на годинава. Според неа, цените на храната во вакви услови, неизбежно ќе растат.
„Веќе сме сведоци на покачувањето на цените на производите од увоз, но тоа апсолутно ќе се случи и со домашното производство со оглед на тоа што целокупното поскапување на репроматеријалите, семенските материјали, трошоците за одржување на земјоделските посеви, нафтените деривати, струјата ќе значи и поскапување на земјоделските производи и на храната воопшто“, вели Јоноски.
Таа додава дека дел од ѓубривата кај нас се набавуваат од Србија, Бугарија, Грција меѓутоа тоа се далеку помали количини. Воедно, земјите започнуваат да го чуваат ѓубривото за свои потреби поради скапиот увоз од Русија.
Државата најави помош за земјоделците
Министерот за земјоделие Љупчо Николовски на почеток од месецов најави финансиска поддршка за производителите на житни култури, односно за надополнување на разликата на цените за ѓубриво и на останатите репроматеријали, а се со цел да се анулираат зголемените трошоци за ѓубрива, за земјоделците да имаат рентабилно производство во овие услови на зголемени цени на репроматеријалите.
„Планирани се околу 120 милиони денари кои ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Конкретно, според анализите поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива планирана е поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар.
Корисници на оваа подмерка се носители или членови на земјоделски стопанства кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и јачмен.“, објасни министерот Николовски.
Покрај овие пари за вештачките ѓубрива, Министерството за земјоделие во интервентниот фонд предвидува уште 130 милион денари за поддршка на земјоделците во останатите растителни култури и сточарите. Овие средства се надвор од директните плаќања за субвенции и се предвидени како дополнителна поддршка за земјоделците за ублажување на проблемите со скапата нафта, ѓубрива и други инпути.

Во земјава моментално работат околу 50-тина фабрики за производство на автомобилски делови. Грубите пресметки покажуваат дека кај индустријата за автомобилски делови, односно компаниите од овој сектор во и надвор од зоните, се создава над 60% од вкупниот извоз на земјата.
„Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Се планира проширување на интервентниот фонд со дополнителни мерки за говедарство, живинарство и за други земјоделски гранки каде што е потребна помош. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава. Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна“, рече министерот Николовски во емисијата Топ тема деновиве. Тој исто така спомна дека во однос на пласманот на земјоделските производи, мобилизирани се сите сектори во министерството но и дипломатско конзуларните претставништва, со кои е разговарано за изнаоѓање на алтернативни пазари за производите што се извезуваат во Украина и Русија, но и за набавка на вештачки ѓубрива.
Три главни канали на прелевање на кризата
Освен страдањата и хуманитарната криза од руската инвазија на Украина, целата глобална економија ќе ги почувствува ефектите од забавениот раст и забрзаната инфлација, вели и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот најнов осврт.
Според ММФ, ефектите врз глобалната економија ќе бидат проследени преку три главни канали. Прво, повисоките цени на стоките како што се храната и енергијата дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата, со што ќе се намали вредноста на приходите и ќе се намали побарувачката.
Второ, особено економиите на Русија и Украина, како и земјите од нивното непосредно окружување ќе се измачуваат со нарушената трговија, синџирите на снабдување и девизните дознаки од странство, како и со огромниот број бегалци. И трето, намалената доверба во бизнис секторот и нараснатата неизвесност кај инвеститорите ќе влијаат на цените на активата и сите видови средства, поради што ќе се затегнат финансиските услови и потенцијално ќе се поттикне на одлив на капитал од пазарите во развој.
Русија и Украина се големи светски производители на суровини, а војната веќе предизвика голем раст на глобалните цени на практично сите суровини, особено на нафтата и природниот гас. Трошоците за храна скокнаа, а пченицата, каде што Украина и Русија сочинуваат 30 отсто од светскиот извоз, достигна рекордни ценовни нивоа.
Освен глобалните прелевања на негативните ефекти од кризата, земјите што се директно зависни од трговија, туризам и финансиска изложеност, ќе почувствуваат дополнителни притисоци. Економиите зависни од увоз на нафта ќе забележат поширок фискален и трговски дефицит и поголем инфлациски притисок, иако некои извозници како оние на Блискиот Исток и Африка може да имаат корист од повисоките цени.
Поострите зголемувања на цените на храната и горивото може да поттикнат поголем ризик од немири во некои региони, од Субсахарска Африка и Латинска Америка до Кавказ и Централна Азија, додека тешкотиите во обезбедувањето храна веројатно дополнително ќе се зголемат во делови од Африка и на Блискиот Исток.
Тешко е да се измерат овие негативни ефекти, но веќе гледаме дека нашите прогнози за раст веројатно ќе бидат ревидирани следниот месец кога ќе понудиме поцелосна слика во нашиот Светски економски преглед и регионалните процени, велат од ММФ.

Следи фундаментална промена на глобалниот економски и геополитички поредок
Подолгорочно, војната може фундаментално да го промени глобалниот економски и геополитички поредок доколку се променат каналите на трговијата со енергија, се реконфигурираат синџирите на снабдување, се фрагментираат платежните мрежи и ако земјите ги преиспитаат своите девизни резерви. Зголемената геополитичка тензија дополнително го зголемува ризикот од економска фрагментација, особено за трговијата и технологијата.
За Европа конкретно, ММФ потврдува дека последиците за Украина веќе се огромни. Невидените санкции кон Русија ќе го нарушат финансиското посредување и трговијата, неизбежно предизвикувајќи длабока рецесија таму. Депрецијацијата на рубљата ја поттикнува инфлацијата и дополнително го намалува животниот стандард на населението.
Енергијата е главниот канал за прелевање на кризата во Европа бидејќи Русија е клучен извор на природен гас за континентот. Поширок прекин на синџирот на снабдување исто така може да биде последица. Овие ефекти ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го забават закрепнувањето од пандемијата. Источна Европа ќе доживее зголемени финансиски трошоци и пораст на бегалците. Таа ги апсорбира повеќето од трите милиони луѓе кои досега избегаа од Украина, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Европските влади, исто така, може да се соочат со фискални притисоци од дополнителните трошоци за енергетската безбедност и буџетите за одбрана.
Додека странската изложеност кон падот на руските средства е скромна според светските стандарди, притисоците врз пазарите во развој може да растат доколку инвеститорите бараат побезбедни засолништа. Исто така, повеќето европски банки имаат скромна директна изложеност кон Русија.
Силно ќе бидат погодени производителите на автомобилски делови во Македонија
Конкретно за македонската економија, ефектите се очекуваат да дојдат индиректно преку намалување на надворешната побарувачка од европските пазари, каде што се продаваат над 90% од сите домашни производи. Директната трговска размена со Русија и Украина е мала, но сепак одредени сектори ќе претрпат штети и поради тоа.
„Намалување на надворешната побарувачка е особено значајно за нас и видовме претходно во неколку други кризни ситуации дека тоа се одразува брз преку намалување на нашата економска активност. Вториот аспект се цените, ние како мала и отворена економија сме зависни од увоз на одредени стоки и во моментов за нас клучни се движењата на цените на енергенсите и на храната. Веќе досега сериозно ги почувствуваме поместувањата на пазарот во овој дел кои настанаа и поради други причини и тоа се рефлектираше со повисока цена и на електричната и топлинската енергија, а сега веќе и на нафтата и нафтените деривати“, рече универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој објаснува дека во овие околности, планираниот економски раст од околу 4% е тешко достижен, а последиците од тоа и од зголемувањето на цените, значително ќе ги почувствуваат граѓаните.
Покрај секторот земјоделие, храна, трговија, многу значаен сектор за домашната економија кој е засегнат од војната од Украина е и секторот на добавувачи на светската автомобилска индустрија коишто работат во слободните економски зони и надвор од нив.
Прво, војната директно ја погодува набавката на метали и други суровини потребни за автомобилската индустрија, од друга страна Русија и Украина се големи пазари за автомобили, околу два милиони возила годишно. Дополнително, локдауните во Кина поради повторното разгорување на ковид-вирусот влијаат на целиот синџир на набавки ,затоа што таму се наоѓаат голем број на фабрики добавувачи на светските автомобилски брендови. Земјотресот во јапонската област Фукушима од пред десетина дена привремено затвори три фабрики лоцирани таму на Renesas, голем светски добавувач на електронски компоненти за автомобилската индустрија.
„Прогнозите се дека поради Украина ефектот во Европа ќе има 15% пад на производство, односно 1,7 милиони возила помалку. Во февруари веќе имаме пад на бројката на нови продадени возила во ЕУ за 6,7%, односно 6,4% за првите два месеци годинава.“, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во земјава и директор на фабриката за автомобилски компоненти на германскиот гигант од оваа сфера Костал, лоцирана во Охрид.
Мизо потсетува дека автомобилската индустрија во светот веќе беше погодена од пандемијата, најмногу преку недостигот на микрочипови, но и други компоненти, што резултираше со пад на производството и продажбите, при што особено беше погодена Европа, каде што се забележа најлошата година во последните 35 – пазарот на нови возила падна на нивото од 1985. Бројката беше за 1,7% пониска од 2020, која веќе беше ужасна година за овој сектор. Германија предничеше во падот, со 10,1%, најмногу поради намаленото производство на неколку клучни модели на Фолксваген. Не треба да заборавиме дека најголем дел од производството на автомобилски делови и компоненти од фабриките во Македонија одат токму за Германија. Во земјава моментално работат околу 50-тина фабрики за производство на автомобилски делови. Грубите пресметки покажуваат дека кај индустријата за автомобилски делови, односно компаниите од овој сектор во и надвор од зоните, се создава над 60% од вкупниот извоз на земјата.
Во ТВ дебата пред неколку денови Мизо кажа дека уште од попладнето на 24-ти февруари, кога започна инвазијата на Украина, веќе се појавија негативните влијанија на производителите на автомобили во Европа.
„Ова директно влијае и на компаниите во Македонија, бидејќи добар дел од нас, без разлика дали сме добавувачи од прв ред, што значи дека нашиот производ веднаш се доставува до крајниот производител на возила или пак добавувачи од втор ред, тие ќе ја видат реперкусијата за две до три недели.“ , изјави Мизо. Според него, веќе има компании кои го намалуваат обемот на работа и има компании кои дел од вработените ги праќаат на принуден одмор.