Connect with us

економија

Ако по утрото денот се познава…

Како работеше фондовската индустрија во првиот квартал од 2021

објавено

на

На крајот од  првиот квартал годинава, нето вредноста на средствата на сите отворени инвестициски фондови во Македонија изнесувала 9,5 милијарди денари (околу 155 милиони евра) што во однос на нето вредноста на крајот од претходниот квартал претставува зголемување од 6,17%, односно зголемување од 24,37% на истата во однос на крајот на првиот квартал од 2020 година, покажува извештајот за пазарот  на Комисијата за хартии од вредност. Најголем принос пак, после првите три месеци од 2021,  од инвестициските фондови на македонскиот пазар имаше ВФП Премиум инвест, од 8,4%, пред Граве Глобал со 8,19%, Генерали Топ Брендови со 6,43%, Генерали БРИК со 5,7%, Иново Статус Акции со 5,25%, итн. Најниски приноси, очекувано, имаат паричните фондови на друштвата Генерали, ВФП и КБ Публикум, во ранг од 0.2-0.3%.

Ако во 2019 година домашните инвестициски фондови имаа одлични резултати, при што со приносите предничеа акциските фондови – ВФП Премиум (25%), Генерали Топ брендови (16%), КБ Публикум МБИ-10 (33%), итн., минатата, 2020 година, случувањата на светските берзи, поточно паниката која настана во март месец поради локдауните и затворањата на економиите, којашто  се прелеа и на Македонската берза (каде што на пример, вложува акцискиот фонд КБ Публикум МБИ-10), не можеа поинаку да се одразат на резултатите на македонските инвестициски фондови. Од прегледот што го дава Македонската берза на својата веб страна, се гледа дека фондовите што вложуваат во акции за периодот 31.12.2019 – 31.12.2020 претежно имаа негативни стапки на принос – Илирика Југоисточна Европа (-10,2%), Генерали Брик (-11,9%), Илирика Глобал Растечки пазари (-4,4%), ВФП Премиум инвест (-4,57%), итн. Од акциските фондови позитивен принос имаа само Генерали Топ брендови (+1,12%), КБ Публикум – МБИ 10 (1,99%) и Граве Глобал (1,67%). Паричните фондови имаа нешто подобри перформанси, што е разбирливо, бидејќи вложуваат во банкарски депозити и државни обврзници (приносите им се движат од 1,3% – 1,5%) , како и обврзничките фондови, со приноси помали и од 1%, па до речиси 2%.

Во меѓувреме се случија и промени на домашниот фондовски пазар, односно, друштвото за управување со инвестициски фондови Генерали Инвестментс на самиот крај од 2020 година го презеде ДУИФ Илирика Фонд Менаџмент, со што практично сега на пазарот има вкупно 4 друштва за управување со фондови наместо 5, коишто управуваат со вкупно 17 фондови. Меѓу нив е и најновиот фонд на пазарот, наречен ВФП Дивиденда, којшто е управуван од ДУИФ ВФП Фонд Менаџмент.

На почетокот од 2021 година, односно после првите три месеци, најголем принос од инвестициските фондови на македонскиот пазар имаше ВФП Премиум инвест, од 8,4%, пред Граве Глобал со 8,19%, Генерали Топ Брендови со 6,43%, Генерали БРИК со 5,7%, Иново Статус Акции со 5,25%, итн. Најниски приноси, очекувано, имаат паричните фондови на друштвата Генерали, ВФП и КБ Публикум, во ранг од 0.2-0.3%.

После приносите за цела 2020 година, за овие бројки што ги гледаме сега по првиот квартал, особено кај акциските фондови, аналитичарите на овој пазар и претставници на фелата сметаат дека се оптимистични, односно најавуваат подобра година. Сепак, сè зависи од случувањата на најголемите пазари каде што инвестираат овие фондови, САД, Западна Европа и Азија, односно од степенот на отворање и закрепнување на светската економија по најкритичниот период на пандемијата. Американските главни индекси, на пример, Dow Jones и S&P 500 во првиот квартал покажаа раст од 9,1% и 7,3% респективно.

„Корекции на светските берзи се случуваат постојано, непредвидливи кризи како оваа актуелната здравствена исто така се случуваат, и тогаш имаме значителни корекции на светските пазари. Секако тоа се одразува на перформансите на инвестициските фондови што вложуваат во акции. Токму затоа, ние и во нашиот проспект на фондот, имаме наведено дека вложувањето во акциски фондови е претежно наменето за подолг рок, од 10 години па натаму. Затоа први правиме едно профилирање на нашите клиенти, анализираме повеќе фактори, како што е нивниот временски хоризонт на чекање, склоноста кон ризик, возраста, стабилноста на приходите, итн., со што му препорачуваме каков избалансиран пристап да направи при креирање на своето портфолио. Се разбира, на тој што му е потребно управување со ликвидните средства на краток рок тука се паричните фондови, за среден рок се соодветни обврзничките, додека за подолг рок, односно со намера да се штеди за школување на деца и сл., најлогичен избор се акциските фондови.“, објаснува за Капитал, директорот на ДУИГ ВФП Фонд Менаџмент, Петар Андреевски.

ВФП Фондови со најголем раст помеѓу првите квартали од 2020 и 2021

Што се однесува пак, на нето вредноста на фондовите, на крајот од  првиот квартал годинава, нето вредноста на средствата на сите инвестициски фондови со коишто управувале друштвата изнесувала 9,5 милијарди денари (околу 155 милиони евра) што во однос на нето вредноста на крајот од претходниот квартал претставува зголемување од 6,17%, односно зголемување од 24,37% на истата во однос на крајот на првиот квартал од 2020 година, покажува извештајот за пазарот  на Комисијата за хартии од вредност.

На приложените графици  може да се види динамиката на вкупната нето вредност на средствата на отворените инвестициски фондови со кои управуваат друштвата во првиот квартал од 2021 година, со состојба на крајот од секој месец, како и истата вредност на крајот од првиот квартал во претходната година.

Ваквото нагорно поместување од 6,17% (551,9 милиони денари, односно 8,96 милиони евра) на вкупната нето вредност на средствата на инвестициските фондови на квартална основа, се должи на зголемување на вкупната нето вредност на инвестициските фондови кај сите друштва за управување, во распон од 3% (ДУИФ Генерали Инвестментс) до 13% (ДУИФ ВФП Фонд Менаџмент).

Од друга страна пак, гледано во однос на крајот на првиот квартал од 2020 година, растот од 24,37% на вкупната нето вредност на средствата со кои управуваат друштвата на ден 31.03.2021 година, пред се е детерминиран од растот од 54% на нето вредноста на инвестициските фондови со кои управува ДУИФ ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје, како и растот на нето вредноста на инвестициските фондови со кои управуваат останатите друштва во распон од 9% до 19%.

Во приложениот графикон  е претставено процентуалното учество на секое од друштвата, односно на отворените инвестициски фондови со кои тие управуваат, во вкупната вредност на сите отворени инвестициски фондови во првиот квартал од 2021 година, со состојба на последниот ден од месецот, како и со состојба на крајот на првиот квартал од 2020 година.

Притоа, може да се забележи дека поединечните друштва, на крајот од првиот квартал од 2021 година, со минимални отстапки, го задржуваат истото учество во вкупната нето вредност на сите отворени фондови, во однос на претходниот квартал. Имено, со најголем процент (49%) од нето вредноста на отворените инвестициски фондови повторно управува ДУИФ КБ Публикум Инвест, а најмало учество со само 1% во нето вредноста на средствата под управување во текот на истиот период има ДУИФ Иново Статус.

Во однос на крајот од првиот квартал од 2020 година, само ДУИФ ВФП Фонд Менаџмент го зголемило своето учество за 6 процентни поени, за сметка на намалувањето на учеството на другите друштва за управување.

Паричните фондови и понатаму со 60% во вкупното портфолио

Kога ќе се споредат крајот на првиот квартал од 2021 година и крајот на последниот квартал од 2020 година (квартална промена), најголем пораст на нето вредноста на средствата на ниво на поединечни инвестициски фондови бележат отворените фондови КБ Публикум Балансиран, ВФП Кеш Депозит и Граве Глобал, чија нето вредност во споредуваниот период се зголемила за 19%, 13% и 12% последователно.

Нето вредноста на средствата на отворените инвестициски фондови на крајот на првиот квартал од 2021 година во споредба со крајот на првиот квартал од 2020 година (годишна промена) е зголемена кај сите инвестициски фондови, со исклучок на ОИФ Илирика Кеш Фонд, при што импресивен раст бележат отворените фондови Генерали Топ Брендови, КБ Публикум МБИ10 и ВФП Премиум Инвест од 105%, 80% и 70% соодветно.

Ваквата слика делумно се должи на зголемувањето на вредноста на портфолијата на овие акциски фондови, имајќи предвид дека некои финансиски инструменти во кои вложуваат тие, после драстичниот пад во првиот квартал на 2020 година предизвикан од глобалната пандемија, бележат континуиран раст на берзите, што пак соодветно резултира во зголемена атрактивност на истите и привлекување на зголемен број инвеститори.

Иако месечната динамика на нето вредноста на трите видови инвестициски фондови (парични, акциски и обврзнички) во првиот квартал од 2021 година има променлив карактер, структурата на истата според процентуалното учество на видовите фондови во вкупната нето вредност, останува непроменета во континуитет. Имено, паричните фондови и понатаму ја задржуваат доминантната позиција со учество кое се движи од 57%-60%. Учеството на акциските фондови се движи во распонот од 34%- 37%, додека обврзничките фондови учествуваат со 6% во вкупната нето вредност.

Паричните фондови ја задржуваат позицијата и кога ќе се споредат крајот на првиот квартал од 2021 година со крајот од првиот квартал од 2020 година, меѓутоа нивното учество во тој период е намалено за 10 процентни поени, за сметка на зголемување на учеството на акциските и на обврзничките фондови за 9 и 1 процентен поен соодветно, што покажува дека интересот на инвеститорите за вложување во другите видови на фондови, особено во акциските, се зголемува.

Зголемувањето на нето вредноста на средствата со кои управуваат друштвата на крајот на првиот квартал од 2021 година, споредено со претходниот квартал, се должи пред се на пораст на средствата под управување на акциските фондови за 11,98%. Нето вредноста на паричните и на обврзничките фондови за истиот период се зголемила за 2,40% и 8,84% соодветно.

Најмногу вложено во финансиски услуги, здравство и ИТ

Акциските фондови бележат најголем пораст на нето вредноста на средствата (68,23%) и при споредба со крајот на првиот квартал од 2020 година, додека нето вредноста на паричните и обврзничките фондови се зголемила за 4,51% и 49,68% соодветно.

Вредноста на портфолиото со акции во кои инвестирале акциските фондови од крајот на првиот квартал од 2020 година, до крајот на првиот квартал од 2021 година бележи континуиран пораст. Имено, и покрај волатилноста на цените на финансиските инструменти во кои вложуваат овие фондови, вредноста на акциското портфолио на крајот на Q1 од 2021 година е за 70% повисока од истата вредност на крајот на Q1 од 2020 година, односно 13% повисока кога ќе се споредат крајот на првиот квартал од 2021 година со крајот на 2020 година.

Набљудувано по структура на дејности, највисоко учество на вложени средства на крајот на првиот квартал од 2021 година е забележано во три клучни сектори: финансиски услуги (23%), здравство (17%) и информатичка технологија (11%).  Средствата вложени во овие три сектори на крајот од извештајниот период во однос на крајот од 2020 година го задржале истото учество, додека во однос на крајот на првиот квартал од 2020 година, учеството на вложувањата во финансиски услуги е на истото ниво, а учествата на вложувањата во здравството и информатичката технологија се намалиле за 1 процентен поен, односно зголемиле за 2 процентни поени соодветно.

Во текот на првиот квартал од 2021 година, во инвестициските фондови се уплатени вкупно 4,57 милијарди  денари (74,3 милиони евра), а се одлеани 4,23 милијарди денари (68,7 милиони евра,  креирајќи позитивна нето разлика од 346,44 милиони денари, односно околу 5,6  милиони евра. Значително подобрената нето разлика помеѓу приливите и одливите на средствата во јануари е доволно голема да ги неутрализира негативните нето приливи од останатите два месеца и да креира позитивни нето приливи на квартално ниво.

Најголем процент од приливите во првиот квартал се од домашните банки, на кои отпаѓа 50%, по што следуваат други домашни нефинансиски правни лица со 22% и други домашни финансиски институции со 18%.

Најголем процент на повлечени средства од инвестициските фондови во првиот квартал на 2021 година, односно 54% има од страна на домашните банки, по што следуваат други домашни нефинансиски правни лица со 23% и други домашни финансиски институции со 13%.

Доминантното учество на домашните банки како на страната на приливите, така и на страната на одливите на средства, се должи на фактот што кога тие вложуваат во парични фондови, заради интерни пресметковни цели, на определени пресечни датуми ги повлекуваат средствата од фондовите, а потоа повторно ги враќаат. 

Continue Reading
македонија6 дена ago

Бајден ги стави на црна листа противниците на Охридскиот рамковен и на Преспанскиот договор

регион2 дена ago

Крајот на ерата “Пеевски“

македонија5 дена ago

„Чукни во дрво“: Алкалоид со хуманитарен видеоспот по повод 85-тиот јубилеј

економија3 дена ago

САСА одбележа 15 години од повторното отворање на рудникот

македонија6 дена ago

Туристичките бизниси ќе може да добијат „Знак за безбеден туризам“ од ССК

економија4 дена ago

Развојна банка го продолжува грејс – периодот и рокот на отплата на кредитите од Ковид – 2 линијата

економија4 дена ago

Буџетот се наполни со пари и оптимизам

интервју4 дена ago

Стево Пендаровски: Партизацијата и етнизацијата се рак-рана на општеството

lifestyle4 дена ago

Ричард Бренсон: Вселенските патувања ќе бидат како и секој друг бизнис

банки4 дена ago

Речиси 80% од домашните банки очекуваат зголемување на профитабилноста годинава