Connect with us

интервју

Александар Гечев: Со планирани вложувања од 300 милиони евра, ќе бидеме најголем стратешки инвеститор во државата

објавено

на

Со вкупно досегашни инвестиции од 150 милиони евра, гордо можеме да кажеме дека денес ИГМ – Трејд е најголем инвеститор помеѓу домашните и странските компании во државата. Заедно со инвестициите во словенечката Алпос Металургија во вкупен износ од 40 милиони евра, вкупните инвестиции на ниво на група изнесуваат 190 милиони евра. За ова најдобро сведочи капиталот на компаниите. Развојните планови на ИГМ – Трејд вклучуваат инвестиции од нови 300 милиони евра во наредните 10 години. За ова цел планираме во тесна соработка со Владата да го користиме Законот за стратешки инвестиции, помалку во делот на финансиска помош, а повеќе во делот на отстранување на бирократските процедури и скратување на процесите за добивање на одобренија, дозволи, лиценци, потврди т.н. ‘fast-tracking’ кој го сметаме за најбитен елемент на овој закон.

Александар Гечев е припадник на втората генерација бизнис лидери во македонската економија, коишто пополека, но сигурно, го преземаат кормилото во најголемите домашни компании, дел наследени со процесот на приватизација, дел формирани во периодот на самостојноста од 1990 година наваму. Од овие вторите е и ИГМ – Трејд, производителот на челични профили и цевки од Кавадарци, компанија што почнала во 1994 година со трговија со челични производи, основана од Илија Гечев, којшто во следните две децении успеа да ја претвори и во еден од најголемите производители и извозници во државава. Неговиот син Александар, по враќањето од Англија каде што го завршил средното образование, факултетот и постдипломските студии и потоа работел во голема меѓународна компанија, од пред неколку години е задолжен за растот и развојот на семејната компанија. Тој е всушност и најголемиот „виновник“ за ширењето на ИГМ и на пазарите во ЕУ, односно аквизицијата на словенечката компанија Алпос во 2015 година.

Со Гечев помладиот разговаравме за амбициозните планови на ИГМ – Трејд за понатамошен раст и развој што подразбираат инвестиции од 300 милиони евра во следните 10 години – покрај досегашните инвестиции од 150 милиони евра – и зацврстување на компанискиот статус на еден од најзначајните регионални и европски „играчи“ во сферата на челичната индустрија.

Како се одрази Ковид – кризата годинава врз работењето на ИГМ – Трејд, во смисла на обемот на приходи, добивка, извоз? Каде беа најголемите предизвици за компанијата и како успеавте да се реорганизирате и да ги ублажите последиците?

Пандемијата со коронавирусот која ОЕЦД ја опишува како “најголемиот економски, финансиски и општествен шок на 21-от век, после случувањата од 11ти Септември, 2001 и глобалната финансиска криза од 2008“, како пример за системски ризик не ја одмина ниту нашата индустрија предизвикувајќи намалување на ценовното ниво, побарувачката и други проблеми од организационен и логистички карактер. Втор најголем предизвик за нашата компанија во 2020 беа количинските квоти на ЕУ за увоз на челични производи.

Пандемијата и квотите на моменти создаваа дисконтинуитет во работата кој негативно се одрази на планирањето, производството, продажбата и профитабилноста. Имавме две олеснителни околности за да ги ублажиме месечните флуктуации а тоа се: финансискиот и инфраструктурен капацитет на ИГМ – Трејд да произведува големи количини за залиха и производство лоцирано во ЕУ, односно Алпос Металургија во Словенија, фабрика која ги опслужуваше европските клиенти во моменти кога ИГМ – Трејд беше отсутен од пазарот.

Оваа флексибилност и диверзификација ни овозможи во 2020 да имаме рекордни резултати во работењето од аспект на физички обем, приходи и профитабилност. Комбинираните продажби во 2020 ќе достигнат ниво од над 275.000 тона, со консолидирани приходи од 165 милиони евра (115 милиони евра во ИГМ – Трејд и 50 милиони евра во Алпос Металургија), и профит пред оданочување од 22,1 милиони евра (17,5 милиони во ИГМ – Трејд и 4,6 милиони во Алпос Металургија).

Моментите на пазарна неактивност во Кавадарци активно ги искористивме за модернизација на производството со осврт на производната ефикасност, волуменот и квалитетот на производството, енергетска ефикасност (овде би го издвоил инсталирањето на 2 MW фотоволтаична централа) и безбедност и здравје при работа. На кризите гледаме како на време за рефлексија и стратешко планирање и тие за нас секогаш нуделе интересни можности за инвестирање.

Додатно, покажавме силна отпорност на кризата преку: широка географска диверзификација на извозните пазари овозможена од широкото портфолио на клиенти (420 во ИГМ и 160 во АЛПОС), огромна мрежа на добавувачи на репроматеријал (над 20 железари) и навремено искористување на најдобрите ценовни прилики со што успешно се оптимизира влезната цена, постојано внимание на трошоците преку оперативна ефикасност (зголемување на продуктивноста, елиминирање на застои, брзо и навремено отстранување на дефекти и нивна превенција) и логистичка ефикасност (во 2020 заедничката испорака на готови производи во ИГМ и АЛПОС е транспортирана со вкупно 11.000 камиони, додека приемот на репроматеријал во двете фирми е извршен со 6.225 камиони и со 112 маршрутни возови или 2.153 вагони, со единствена разлика што железница учествува со 95% во Словенија, додека во Македонија со само 17,5% од вкупниот прием на репроматеријал), оптимално планирање на производство и залихата.

This image has an empty alt attribute; its file name is ALPOS-89-1024x540.jpg
ИГМ – Трејд во 2015 година го купи имотот на Алпос (на фотосот), словенечка компанија што беше во стечај, на меѓународна, јавна аукција како дел од стечајна постапка – ликвидација. Алпос претставуваше еден сериозен индустриски погон и прилика која не смеевме да ја испуштиме бидејќи објекти со слична површина, квалитет на изградба и логистика и денес се многу ретки во Европа. Денес Алпос претставува најголема инвестиција на македонска компанија во странство во износ од 40 милиони евра и нашите идни инвестициски планови за ова локација се уште поамбициозни.“

Кои се најголеми извозни пазари за ИГМ Трејд и колку квотите за увоз на челик во ЕУ и прават реална штета на вашата компанија?

Ефектите од увозните квоти се следните: учеството на ЕУ продажбите во вкупната реализација (во тони) е намалена од 67,2% во 2018 на 55% во 2020 година или вкупно изгубените / нереализирани 38.653 тони во ЕУ. Во истиот период успеавме делумно да надоместиме 14.000 тони преку зголемена продажба во ЦЕФТА и додатни 1.275 тони зголемена продажба во Македонија. Работите се уште подраматични на приходната страна, каде што финансиското учеството на ЕУ продажбите е намалено од 70% во 2018 на 58,2% во 2020 година, со што вкупниот износ на изгубени приходи од ЕУ во 2020 (со квоти) споредено со 2018 (без квоти) се искачи на неверојатни 31,7 милиони евра.

Овие приходи е невозможно да се надоместат во ЦЕФТА (раст од 6,4 милиони евра) и Македонија (скромен раст од 1 милион евра). Ова укажува на скромниот капацитет и куповна моќ на домашниот и пазарите од ЦЕФТА и истите не можат никогаш да бидат замена за Европската продажба од аспект на количини и цени.

Според Евростат во нашиот сегмент во 2020 година количински квотите резултирале со намалување на вкупниот увоз од трети земји во ЕУ од – 16,8% , односно од 2,0 милиони тони на 1,7 милиони тони. Во исто време, ИГМ – Трејд бележи пад на извозот во ЕУ од – 28%. Ова укажува на неправедно и неточно пресметување на македонските квоти, главно поради статистички операции: користење на просечна количина од годините 2015 до 2017, години кои не се претставителни, и преминот од еден во друг тип на тарифен број за округли заварени цевки – работи кои покрај заложбата на наши владини тела и институции, не бевме моќни да ги промениме.

Како голем извозник, добивате ли некаква поддршка од државата со цел побрз раст и развој на вашите бизниси и што сметате дека треба да постои како државна поддршка за извозниците, а во моментов го нема?

Мерките за поддршка на извозот се добро познати и вклучуваат: даночни олеснувања, директна финансиска помош (субвенционирање), бескаматно финансирање, интернационална промоција (саеми, реклама, извозни агенции) со државно поддршка.

Лично не сум голем обожавател на директно субвенционирање и во едно претходно интервју предупредив на проблемите кои се појавуваат во пракса, а кај нас стануваат се по евидентни со мерките за субвенционирање на платите. Битно е да се знае дека директното субвенционирање на извозот во многу случаи директно се коси со правилата на Светската трговска организација. На пример, во нашата индустрија, ЕУ моментално е во процес на воведување на увозни царини за турскиот челик поради субвенционирана струја од страна на турската држава. Во однос на меѓународната промоција, исто така мислам дека владата не треба да микро – менаџира со активности кои задираат директно во основната дејност на компаниите и самите компании се многу подобро кадровски опремени за таа работа.

Според мене, кога зборуваме за улогата на државата, најдобра мерка е индиректната помош во форма на даночни олеснувања и ваквите мерки се најпопуларни во САД, како пример за современа неолиберална економија и пример кон кој треба да се стремиме.

Ние во овој правец направивме добар исчекор со предлог мерката за елиминирање на ДДВ при увоз за извозните компании, мерка која би ја подобрила ликвидноста на извозниот сектор, но ова иницијатива како да замрзна и се’ уште немаме нови информации за нејзина идна имплементација. Од аспект на буџет, намалените даночни приходи од идни даночни олеснувања за извозниците би можело да се покријат со зголемено оданочување на увозот, посебно во одбрани сегменти каде веќе постои домашно производство.

Од аспект на платен биланс на државата, (нето) извозниците носат прилив на девизни средства, додека (нето) увозниците истите ги трошат. Ова е главната аргументација зошто извозниците треба да бидат привилегирани во однос на увозниците. Овие принципи им се познати и на студентите по економски науки, и навистина изгледаат многу едноставно и интуитивно од теоретска гледна точка. Сметам дека креаторите на економски политики треба повеќе да работат во овој правец и да ги искористат сите инструменти што ги имаат на располагање.

Не смееме да ја потцениме и улогата на транспортерите, кои одиграа клучна улога во Европа во протокот на неопходни добра како храна и лекови за време на Ковид кризата, а истите се многу битни и за Македонскиот извоз. Овде Владата треба поинтензивно да работи на добивање на поголеми контингенти на ЦЕМТ дозволи на конференцијата во Париз, со редовен рапорт за сработеното, да не се маргинализира оваа тема во јавноста, со цел редовна покриеност од над 80% на македонскиот возен парк. Големите транспортни компании покажуваат поголем капацитет и се поконкурентни, како такви треба процентуално да добиваат повеќе ЦЕМТ дозволи на сметка на еднаква застапеност. Преминот од увозна кон извозна економија не би била можна без зајакнување на македонскиот транспортен сектор.

За крај би сакал да укажам и на некои од светлите точки во извозниот сектор. Надлежните институции, овде би ја издвоил Царинската управа, предничат во комуникацијата со фирмите и носењето на реформи во правец на олеснување и контрола на трговијата од типот на: овластен економски оператор (АЕО), НКТС транзитна постапка, one-stop-shop на границите, воспоставување на зелени коридори за времен на пандемијата, итн.

This image has an empty alt attribute; its file name is Gecev-intervju-89-02-1024x1014.jpg

Кои се всушност најголемите проблеми со коишто се соочувате како производна и извозна компанија во Македонија – дали е тоа недоволно развиената инфраструктура; недостиг на работна сила; корупција во јавниот сектор…?

Како што посочивте, недостигот на работна сила е сериозен и горлив проблем и ќе отвори низа други проблеми во иднина. Нашиот иден развој се заснова на стручниот кадар и на вработените мораме да гледаме како на стратешки ресурс. Продолжување на трендот на раст на платите е неизбежен, и мое предвидување е дека ова ќе предизвика консолидирање на пазарот на трудот или концентрација на вработени во поголеми фирми на сметка на малите (кои се на граница на рентабилност и неефикасно го држат трудот заробен).

Како решение на овој проблем ние веќе долги години наназад работиме на зголемување на бројот на вработените преку отворање на нови сектори и дејности во склоп на ИГМ – Трејд. Во 2020 го зголемивме бројот на вработени за 41, од 449 на 490. Сметам дека успешно го употребуваме концептот на insourcing, односно користење на in-house или “куќни“ фирми за потребите на секојдневното работење и за идните инвестиции и проекти. Како за пример, денес во склоп на ИГМ – Трејд успешно функционираат: градежна фирма (ископи, каменолом, бетонска база, изградба), фабрика за челични конструкции, градежно проектантско биро, машинска алатница, автомеханичарска работилница итн.

Главните причини, а воедно и придобивки се: пониска цена на чинење, подобар квалитет, кратки и прецизни рокови – наспроти користење на трети домашни фирми, кои за жал искуствено покажуваат лош перформанс. Додатно секоја од горните дејности е иден бизнис во гестација и само прашање на време е кога ќе испаднеме на пазар со овие компании, бидејќи пазарот е секогаш крајниот и најбитниот судија за рентабилноста и оправданоста на еден бизнис.

Некој би го нарекол овој тип на водење бизнис демоде бидејќи историски влече корени уште од раните денови на Форд корпорацијата под водство на Хенри Форд (прв производител на автомобили кој за свои потреби купува фабрики за стакло и гума) или пак потсетува на големите индустриските комбинати во Југославија, кои не секогаш биле синоним за ефикасност, но во контекст на македонската економија овој модел се покажа доста прагматичен и функционален за нас, наспроти она што е тренд во западните економии од почетокот на 90 – те, а тоа е outsourcing или употреба на надворешни извор (на производство, на услуги, итн.).

Мое мислење е дека ова е не само неопходност за големите компании во Македонија, туку треба да биде и нивна обврска за обновување на индустрискиот комплекс преку поголема вработеност и задржување на индустриските вештини и на талентот во државата.

Во нашата компанија интензивно работиме и на градење на индустриска култура и подобрување на безбедноста и здравјето при работа, преку континуирано подобрување на работните и микроклиматските услови на вработените, изработка на заштитни уреди, редовни обуки и изработка на упатства за безбедно работење, како и имплементација на интегриран систем за менаџмент со безбедност и здравје и работа ISO 45001:2018 и систем за менаџмент на животната средина ISO 1400:2015

Објаснете ни малку повеќе за инвестицијата на ИГМ во Словенија. Тоа е веројатно најголемата инвестиција на една македонска компанија во странство… Како одлучивте токму за оваа инвестиција? Како одеше процесот на аквизицијата, дали имаше некакви тешкотии, колку време се договараше зделката?

ИГМ – Трејд го купи имотот на Алпос (во стечај) во 2015 година на меѓународна, јавна аукција како дел од стечајна постапка – ликвидација. Алпос претставуваше еден сериозен индустриски погон и прилика која не смеевме да ја испуштиме бидејќи објекти со слична површина, квалитет на изградба и логистика и денес се многу ретки во Европа. Затоа реагиравме брзо. Од една страна гледавме некоја сигурност бидејќи купувавме фабрика со иста дејност и намена како ИГМ – Трејд, каде што веќе имавме знаење и внатрешни ресурси за сами да ја рестартираме фабриката без надворешна помош.

Од друга страна, знаевме дека ќе треба да инвестираме значителни средства во реновирање и модернизација , а во исто време да отвориме и нови кредитни линии за обртен капитал (trade finance) што би ги растегнало тогашните финансиски можности на постојниот бизнис. Иако фабриката беше “школски“ дизајнирана и опремена и нејзиниот потенцијал би бил огромен, сепак постоеше ризик од неуспешно рестартирање што ги плашеше нашите конкуренти од Италија и Германија кои до тогаш искажуваа интерес за купување.

Покрај овие имаше и мал милион други отворени прашања од организациски и технички карактер како: регрутирање на менаџерски тим, градежни зафати, историја на поплави и одбрана од истите, комунални приклучоци и енергетски и еколошки постројки, дислоцирање на фирма наемник во склоп на Алпос, синхронизирање на ИТ системи, итн. Требаше доста време, енергија и средства да се надминат овие проблеми, но од денешна гледна точка можеме да кажеме дека сите напори дупло се исплатија.

Денес Алпос претставува најголема инвестиција на македонска компанија во странство во износ од 40 милиони евра и нашите идни инвестициски планови за ова локација се уште поамбициозни. Улогата на фирма мајка на ИГМ – Трејд не е само преку сопственичкиот капитал, туку и денес од нашата база во Кавадарци активно обезбедуваме техничка и комерцијална поддршка на Алпос.

Какви придобивки досега донесе аквизицијата на Алпос за ИГМ Трејд? Што значи за македонска компанија да спроведува бизнис операции од територија на ЕУ?

Од комерцијална гледна точка, главната причина за купување на АЛПОС беше надоместување и додатно зголемување на нашиот пазарен удел на европскиот пазар. Пазарот за заварени цевки и профили во ЕУ се проценува на 7.000.000 тони годишно и комбинираната продажба од ИГМ и АЛПОС во ЕУ резултира со пазарно учество од 4,5% концентрирано во сегментите градежни материјали, конструкции и земјоделска механизација.

Во некои ЕУ држави имаме високо учество во вкупниот увоз на пример во Грција 45%, во Австрија 38%, во Чешка 25%, а има пазари како Шпанија и Италија каде што воопшто не сме присутни. Од друга страна, најголемиот производител во Европа, лоциран во Италија, има пазарно учество во ЕУ од 12% постигнато преку сервисирање на горенаведените сегменти, плус сегментите: автомобилска индустрија, прецизни цевки за машинство, прецизни цевки за декоративна употреба, енергетски сектор (цевки за нафта и гас). Овие бројки укажуваат дека се’ уште не сме ги максимизирале производството и приходите и постои неискористен потенцијал за раст преку зголемување на количините во постоечките сегмент и влез во нови сегменти.

Од технолошка гледна точка, во Алпос постои традиција на производство на прецизни цевки (од лужен, ладен и поцинкуван лим) за автомобилска, машинска и декоративна намена и моментално сме во подготовки да го рестартираме овој сегмент на производство во 2021. Сегментот цевки за нафта и гас планираме во иднина да го покриваме од ИГМ, и овде би сакал да го издвојам купувањето и трансфер на целата фабрика за API заварени цевки од Урошевац, Косово во ИГМ -Трејд, Кавадарци.

Благодарение на поголемиот степен на автоматизација на производните линии во Алпос истите работат со двојно поголеми брзини што резултира со поголема продуктивност. Од друга страна, технологијата на ИГМ покажува побрза промена на алат и побрзо отстранување на дефекти. Тимови од двете фабрики успешно ги скенираа и копираа овие технологии и извршија нивно комбинирање и паралелна имплементација на двете локации со што и двете фабрики излегоа побогати по процесот на аквизиција. Ова е пример за синергија во пракса.

Искуството од Алпос не’ натера да согледаме дека Словенија би била приоритетна локација за изградба на металуршкиот комплекс ладна валавница со поцинкување и пластификација, инвестиција од 90 милиони евра за која веќе набавивме дел од опремата. Слично на анализата за пазарите за цевки/профили презентирана погоре, Европскиот пазар за ладни, поцинкувани и пластифицирани рамни челици е супериорен во однос на локалните пазари. Исто така овој тип на производство бара висок степен на индустриска култура, дисциплина и знаење кои би се постигнале со вработување на кадри од држави со побогата индустриска традиција и образование како Словенија, Италија и Австрија. Затоа и планираме Словенија да ја користиме како развојна база поради достапноста и близината на нашите главни технолошки партнери, компанијата Danieli од Бутрио, Италија (225 км од Шентјур) и компанија Andritz од Грац, Австрија (115 км од Шентјур).

This image has an empty alt attribute; its file name is Gecev-intervju-89-01-1024x860.jpg

Се споменува и инвестиција во Бугарија… Може ли малку детали и околу оваа аквизиција?

Во Петрич, Бугарија започнавме нова гринфилд инвестиција со купување на индустриско земјиште и сопствена изградба на фабрика. Оваа фабрика е конципирана и проектирана да биде најмодерна и најефикасна од сите наши фабрики и го инкорпорира целото наше 25 годишно знаење и искуство од ИГМ и Алпос. На површина од 60.000 м2 фабриката ќе се гради во 2 фази со вкупен покриен простор од 25.000 м2, а производството ќе се одвива на 6 производни линии со годишен капацитет од 100.000 тони. Вкупната инвестиција ќе изнесува 35 милиони евра.

Причините зошто ја одбравме Бугарија се повеќе. Локациски, Петрич е на оддалеченост од 125 км од солунското пристаниште од каде што доаѓа целиот наш репроматеријал. За разлика од Шентјур, Словенија на оддалеченост од 985 км, Петрич нуди влез во Европа за нашите производи и можност за повисоки примања за македонски граѓани на само 145 км оддалеченост од Кавадарци. Овој тип на привремена економска миграција (работна недела во Бугарија, викенд дома во Македонија) претставува попрактична, а можеби и поисплатлива алтернатива на трајната економска миграција на нашите сограѓани во другите европски држави како Германија, Австрија Хрватска, Чешка, и др. Иако ситуацијата со работна сила во Бугарија е подобра од македонската и од други држави во регионот, што исто така беше пресуден фактор за нас, ние сепак оваа шанса ќе ја понудиме на наши вработени кои размислуваат да ја напуштат Македонија.

Битно е да се спомне и конкурентниот даночен режим во Бугарија (рамен персонален данок и рамен данок на добивка, меѓу најниските во ЕУ) што придонесува за поволната бизнис клима и атрактивноста на ова држава како инвестициска дестинација за многу мултинационални компании.

Од пазарен аспект, во време на квоти нашата испорака во Бугарија е многу мала, бидејќи целото производство од ИГМ успеваме да го пласираме по подобри цени во земјите од Западна, Централа и Источна Европа и ништо не останува за Бугарија, а квантумот е тој. За да го зголемиме нашето пазарно учество во ЕУ мораме да го опслужуваме и бугарскиот домашен пазар, кој е со солидна големина и потрошувачка од 80.000 тона/годишно, од една европска фабрика која не е ограничена со квоти. Бидејќи тоа не може да биде Алпос поради оддалеченоста, логички е тоа да биде фабрика лоцирана во Бугарија. Воедно, во Бугарија е лоциран и нашиот најголем конкурент во регионот, а бидејќи сакаме да си поставуваме предизвици и сметаме дека конкуренцијата е мотор на прогресот, решивме натпреварот да го издигнеме на едно повисоко ниво.

Одлучивте да инвестирате во сопствен индустриски парк во близина на Неготино… Објаснете малку повеќе околу овој проект, што се’ планирате да изградите, какво производство ќе се одвива во паркот, и што тоа ќе значи за локалната и македонската економија?

Неготино е одлична локација за развој на енергетиката, а со тоа и на индустријата во нашата држава. Ова нуди перспективи и за модерно производство на земјоделски култури во оранжерии, со помош на ЕУ фондови по примерот на Бугарија и Грција, или пак Холандија каде што постои највисок степен на усовршување на таканареченото “прецизно / научно земјоделство“. Со изградба на стратешки објекти од типот на ТЕЦ Неготино и воениот полигон Криволак, државата пред многу години го трасирала патот за развој на овој регион и не’ радува фактот што владејачката гарнитура ја задржува ова стратешка ориентација со најновите планови за изградба на интерконектор за гас, нафтовод и регионални дистрибутивен центар за нафтени производи и за приватизација, модернизација и пуштање во работа на ТЕЦ Неготино. Повикувајќи се на Законот за стратешки инвестиции, планираме и сопствени проекти во сегментот металургија и енергетика.

Сметаме дека на долг рок развојот на горенаведените гранки ќе наложи потреба од придружна инфраструктура и логистика која ние планираме да ја обезбедиме преку индустрискиот парк. Во моментот работиме на поврзување на паркот со железница, по примерот на Алпос во Словенија, со што го заокружуваме замислениот концепт и ја зголемувавме атрактивноста за идни инвеститори.

Во една друга прилика зборував за трендот на near – shoring (преселување на операциите од една земја во друга која е географски блиску) за кој сметам дека е една од причината за искажаниот интерес кај странските компании кои се додатно поттикнати од приклучувањето на земјата во НАТО.

Со површина од 312.900 м2 и покриен простор од 135.300 м2 или вкупно 20 објекти (хали и администрација) ова е прв и единствен проект од ваков тип во државата.

Владата на почетокот од годинава го донесе Законот за стратешки инвестиции, со којшто треба да се стимулира поголем инвестициски циклус во економијата. Колку оваа регулатива конкретно на вашата компанија ќе и помогне во инвестициските планови?

Законот за стратешки инвестиции е потег во вистински правец. Ова е закон кој многу ветува и е многу битен за државата и за нашата компанија.

Со вкупно инвестиции од 150 милиони евра, гордо можеме да кажеме дека денес ИГМ – Трејд е најголем инвеститор помеѓу домашните и странските компании во државата. Заедно со инвестициите во Алпос Металургија во вкупен износ од 40 милиони евра, вкупните инвестиции на ниво на група изнесуваат 190 милиони евра. За ова најдобро сведочи капиталот на компаниите.

Развојните планови на ИГМ – Трејд вклучуваат инвестиции од нови 300 милиони евра во наредните 10 години. За ова цел планираме во тесна соработка со Владата да го користиме Законот за стратешки инвестиции, помалку во делот на финансиска помош, а повеќе во делот на отстранување на бирократските процедури и скратување на процесите за добивање на одобренија, дозволи, лиценци, потврди т.н. “fast-tracking” кој го сметаме за најбитен елемент на овој закон.

Планираме навраќање на проектот за интегрирана железара во Неготино, еколошко производство на челик со електролачна печка и комбинирано производство на рамни и долги челици, дополнето со комплекс ладна валавница со поцинкување и пластификација.

Заедно со Железара Скопје и Фени Кавадарци, овој проект би бил трет столб на македонската базична индустрија и најголем стратешки објект во поновата историја на државата. Недопустливо е за сите нас да дозволиме дневно -политички партиски препукувања и маргинални лоби групи да застанат на патот на ова стратешка инвестиција како што беше случајот во 2010 година кога за прв пат го претставивме овој проект во јавноста.

Исто така, во Неготино планираме и инвестиција од 45 милиони евра во изградба на фотоволтаична/соларна централа со вкупна моќност од 70 MW, која ќе произведува зелена енергија за задоволување на енергетските потреби на железарата. Во склоп на ИГМ – Трејд во моментот се гради првата приватна 110 kV трафостаница во државата, а за потребите на идните проекти во Неготино потребни се 2 нови трафостаници од овој тип со вкупна вредност од 10 милиони евра.

Пред нас претстои еден возбудлив период во кој планираме детално претставување на овие инвестиции и интензивни припреми за нивно успешно започнување и реализација.

Кој е вашиот личен став околу стратегијата за тоа каков треба да е патот на развојот на земјава? Што се прави добро, а што не, како држава, како актуелна владејачка гарнитура? Секако, ковид – кризата ги отежни условите уште повеќе, па кој е според вас најефективниот економски модел за Македонија?

Колективната свест и солидарноста кај големите домашни фирми најдобро се покажа на виделина за време на Ковид кризата. Затоа и ние како општествено одговорна компанија и еден од столбовите на домашната економија на 7ми април 2020, обезбедивме пакет помош во борбата со коронавирусот кој се состоеше од 250.000 евра парична донација за потребите на Министерство за здравство и однапред извршени аконтативни уплати на даноци во вкупен износ од 583.876 евра. Редовно донираме на општините Кавадарци и Неготино, како и на јавната здравствена установа Здравствен дом Кавадарци.

Во случајот на големите компании, и во контекст на нивната општествена одговорност и интеракција со државата, треба сите да се сетиме на добро познатата изјава на претседателот Кенеди: “не прашувајте што може да направи државата за вас, туку што можете вие да направите за државата“.

This image has an empty alt attribute; its file name is ALPOS-89-01.jpg
Пандемијата и квотите на моменти создаваа дисконтинуитет во работата кој негативно се одрази на планирањето, производството, продажбата и профитабилноста. Имавме две олеснителни околности за да ги ублажиме месечните флуктуации а тоа се: финансискиот и инфраструктурен капацитет на ИГМ – Трејд (на фотосот) да произведува големи количини за залиха и производство лоцирано во ЕУ, односно Алпос Металургија во Словенија, фабрика која ги опслужуваше европските клиенти во моменти кога ИГМ – Трејд беше отсутен од пазарот. Ова флексибилност и диверзификација ни овозможи во 2020 да имаме рекордни резултати во работењето од аспект на физички обем, приходи и профитабилност. Комбинираните продажби во 2020 ќе достигнат ниво од над 270.000 тона, со консолидирани приходи од 165 милиони евра (115 милиони евра во ИГМ – Трејд и 50 милиони евра во Алпос Металургија), и профит пред оданочување од 22,1 милиони евра (17,5 милиони во ИГМ – Трејд и 4,6 милиони во Алпос Металургија).“

Во регионов, за жал, државата се’ уште се смета за врвен авторитет и економски чинител и имаме некоја вродена навика прекумерно да се потпираме на неа. Дали е ова наследен менталитет од претходната држава или нешто друго не можам да кажам, но според мене акцентот треба да се стави на индивидуализмот наместо колективизмот и на т.н. DIY “направи сам” пристап кон работата. Принципите на економска слобода на Фридрих Хајек и Милтон Фридман вклучуваат: заштита на сопственоста, слобода на избор, слободна конкуренција и еднаков третман, слободно движење на стоки, услуги и капитал, недискриминација. Тие се постигнуваат преку: владеење на правото, ниски/рамни даноци, елиминирање на бирократија и корупцијата.

Сметам дека е лицемерно, контрадикторно и контрапродуктивно кога сите ние бараме ниски даноци во добри времиња, во време на криза да бараме директна исплата на финансиска помош. Ова би го збунило секој креатор на економски политики и не и ни чудо што работиме во таква неизвесност. Мора пристапот кон економијата да се заснова на една идеолошка матрица која ќе биде константа и водилка за во иднина.

Најдобрата поддршка што државата би можела да ја обезбеди за фабриките, извозниците и секој друг бизнис доаѓа според мене од нејзините најосновни и воедно најбитни улоги: здраво и образувано население и владеење на правото т.е. рамен терен за натпревар и еднакви правила за сите.

Колку и да звучи „богохулно“ треба да се потсетиме и на економскиот поим “неуспех на државата“, а во нашиот случај тоа го гледам како преголемото потпирање на државен интервенционизам во форма на јавни работи и буџетски трансфери кои често водат до пазарни нарушувања и создавање на зависно -потчинета класа на неефикасни индустрии во залез.

Овде би го спомнал и потегот на државата кога со буџетски средства ги раздолжуваше општините во 2018 година, којшто иако беше со добри намери за инјектирање на додатна ликвидност во економијата, отвори големо прашање за тоа дали со ова се створија нови навики кај општините и дали нивната фискална одговорност е зголемена денес. Фактот што имаше најразлични случаи на општини со блокирани сметки, општини дотирани со 1 милион евра и општини дотирани со над 16 милиони евра, во иднина ги охрабрува општините дека без разлика на нивото на неефикасност и акумулиран долг, тие повторно би биле целосно покриени од буџетот што е дефиниција за морален хазард. Без адекватно мерење на овој феномен и согледување на опасностите кои произлегуваат од тоа, поголемата отчетност и транспарентност на буџетот е само задоволување на форма, а не и на суштината.

Нешто за што вреди да се задолжуваме е енергетиката и во овој правец за пофалба се најновите планови на владата за зголемување на изворите на обновлива енергија (овде имаме огромен потенцијал како држава), за завршување на примарната гасификација и решавање на отворените спорови, за приватизација на ТЕЦ Неготино, гасен интерконектор и приклучување на регионални енергетски проекти. Отсекогаш ми биле интересни коментарите на старите енергетичари во нашата држава дека “РЕК Битола ја донесе независноста на државата.“ Иако ова е само анегдота, сепак има некоја вистина дека енергетската независност води до економската независност, а со тоа и до политичкиот суверенитет на една држава. nnn

македонија6 дена ago

Бајден ги стави на црна листа противниците на Охридскиот рамковен и на Преспанскиот договор

регион1 ден ago

Крајот на ерата “Пеевски“

македонија5 дена ago

„Чукни во дрво“: Алкалоид со хуманитарен видеоспот по повод 85-тиот јубилеј

економија2 дена ago

САСА одбележа 15 години од повторното отворање на рудникот

македонија6 дена ago

Туристичките бизниси ќе може да добијат „Знак за безбеден туризам“ од ССК

економија7 дена ago

Ангелоска Бежоска: Двојни предизвици – поддршка на економиите и ненарушување на рамнотежата

економија4 дена ago

Развојна банка го продолжува грејс – периодот и рокот на отплата на кредитите од Ковид – 2 линијата

економија4 дена ago

Буџетот се наполни со пари и оптимизам

интервју4 дена ago

Стево Пендаровски: Партизацијата и етнизацијата се рак-рана на општеството

банки4 дена ago

Речиси 80% од домашните банки очекуваат зголемување на профитабилноста годинава