Connect with us

коментари

Александар Стамболиев: Акцелераторите се срцето и фокусот на иновативните екосистеми

објавено

на

Александар Стамболиев
управител на Бизнис Акцелератор УКИМ

Акцелераторите го имаат потенцијалот да станат клучните актери за трансфер на технологија помеѓу истражувачите и индустрискиот свет, што бара поблиски врски помеѓу истражувањата, компаниите и стартапите. Токму позиционираноста на Акцелераторот УКИМ во техничкиот кампус на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, пристапот до сите лаборатории и интердисциплинарноста на УКИМ, поддршката од останатите ко-основачи во структурирање на бизнис моделот и сериозната поддршка во интернационализација, се клучните предности кои ги привлекуваат најдобрите таленти.

… Димитар е програмер и е дел од тимот на локален стартап кој креираше и имплементираше решение кое ќе им помогне на луѓето со инвалидитет во намерата да вратат дел од нивните нормални функции. Димитар го објаснува процесот „дојдовме до идеја слушајќи еден наш пријател кој кажуваше колку би било добро да има можност да купи неколку вакви производи, сам да може да ги мести и да бидат во различни бои …“. Продолжи Димитар „почнавме да го истражуваме пазарот, гледавме слични решенија, но сакавме да додадеме и нешто наше, ново и иновативно, мислам дека успеавме“.

Димитар и неговиот тим се пример на многу тимови кои, согледувајќи го проблемот, успеваат да најдат иновативно решение, вложувајќи многу труд, време и средства. Но, што понатаму? Димитар објасни „бевме во банка, почнавме со ентузијазам да го објаснуваме нашиот производ, колку луѓе би направиле среќни, колку луѓе се заинтересирани за нашиот производ, дека бараме банката да ни даде финансиски средства да може да формираме фирма, да ги вложиме средствата во современи машини. Сепак не одбија, затоа што според нив мора да имаме соодветна историја на активности и неколку години постоење. Потоа се обративме до пријатели и роднини, но нивните приоритети беа поинакви, имавме чувство дека секаде има многу пари а никој не ни дава. Се обративме до инвестициски фондови, во акцелератори и иако имаше интерес, како да беше невозможно да добиеме финансиски средства. Полека, дел од тимот наоѓаше други ангажмани, дел се вработија во други компании а дел заминаа надвор од државата. Останав сам и се фокусирав на нешто сосема друго а нашата идеја остана не реализирана, барем не од нас. На пазарот веќе се појавија слични решенија кои направија огромен успех …“.

Стартапите го променија нашиот начин на живот на приватен и професионален план. Од личен аспект, го сменија начинот на кој што одиме на одмор, каде спиеме кога патуваме, како купуваме, дури и како ги среќаваме нашите партнери. Од професионална страна, дефинитивно станавме попродуктивни и поефикасни благодарение на стартапите, кои го поедноставија начинот на кој целиме кон нови пазари, како ги таргетираме нашите целни групи, регрутираме вработени, итн. Во основа, секој аспект на водење бизнис.

Не постои конкретна дефиниција за тоа што е стартап, но мора да направиме јасна разлика помеѓу ваков ентитет (стартап) и новоформирано микро или мало претпријатие. Стартапите се новоформирани компании (обично помалку од 5 години) со реплицирачки и скалабилен бизнис модел, базиран на иновативни и/или технолошки производи и услуги. Клучниот дел на оваа дефиниција е „реплицирачки и скалабилен бизнис модел“, што значи дека овие бизниси лесно и брзо можат да целат кон нови и поголеми пазари. Типично, ова се бизниси кои нудат иновативни производи и услуги поврзани со технологија и кои не се капитално интензивни, во споредба со потрадиционалните индустрии. Нивната најголема вредност е во интелектуалната сопственост на претпријатието. Пример за ова се компании како Facebook, Instagram, Airbnb, Outfit7, Uber, итн.
Бизнис акцелераторите се организации кои директно им помагаат на стартапите со финансирање и деловни насоки или менторирање.

Концептот на акцелератор беше воведен од Y Combinator (www.ycombinator.com) во 2005 година, од Пол Греам, Џесика Ливингстон, Тревор Блеквел и Роберт Тапан Морис, во Кембриџ, Масачусетс, САД. Оттогаш, Y Combinator има инвестирано во повеќе од 1.800 компании, вклучувајќи ги и Airbnb, Dropbox, Reddit, Quora, WePay итн.

Во последната деценија, бројот на акцелератори и инкубатори се зголеми за пет пати. Се претпоставува дека има над 7,000 активни акцелератори низ светот, од кои најголема концентрација е во Силиконската долина и други стартап центри, како што се Берлин, Лондон, Тел Авив, Стокхолм, Сингапур, и други. Услужувајќи го рапидниот екосистем за стартапи и иноватори, инкубаторите од прва генерација ги дефинираа своите услуги составени од пристап до канцелариски простор, менторство и вмрежување. Во меѓувреме, акцелераторите се осврнаа на прашањата од следното ниво на диференцијација преку инвестиции и пристап до нови и напредни технологии.

По првичниот раст кон крајот на 2000-тите, може да се претпостави дека возбудата околу акцелераторите и инкубаторите е веќе завршена. Но, дали е тоа навистина така? Или, феноменот продолжува и едноставно ја менува својата форма за да се приспособи на доаѓањето на нови видови соработка поврзани со иновациите.

Кога станува збор за иновации и технолошки и економски напредок, акцелераторите и инкубаторите се на самиот врв. Тие им помагаат на инвеститорите во наоѓање и избор на талентите, на кои им помагаат во поставување приоритети на целите. Акцелераторските програми за развој на талентите имаат три главни клиенти: компаниите, фондовите за ризичен капитал и власта.

… Димитар и неговиот тим имаа потенцијал да бидат успешен пример како едно иновативно решение може да реши многу проблеми. Сепак, немањето на финансиски средства, ги спречи во тоа. Но дали навистина финансиските средства застанаа на нивниот пат на успехот? Денеска на пазарот на капитал постојат многу извори на финансирање, од банки, штедилници, до приватни инвеститори, меѓународни организации, crowdfunding платформи, акцелератори и државни фондови. Иако има многу извори на финансирање, се чини дека тие не стигнуваат до иновативните решенија и не постои соработка. Се надеваме дека барем дел од она што го дискутиравме погоре, одговори на прашањето, „Што е тоа што недостасува?“…

Клучни актери за трансфер на технологија

Во иднина акцелераторите треба да се стремат да станат срцето и фокусот на иновативните екосистеми, да ја негуваат соработка помеѓу истражувачите / иноваторите и инвеститорите и да забрзаат размената на идеи, капитал и технологии. Акцелераторите го имаат потенцијалот да станат клучните актери за трансфер на технологија помеѓу истражувачите и индустрискиот свет, што бара поблиски врски помеѓу истражувањата, компаниите и стартапите. Токму позиционираноста на Акцелераторот УКИМ во техничкиот кампус на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, пристапот до сите лаборатории и интердисциплинарноста на УКИМ, поддршката од останатите ко-основачи во структурирање на бизнис моделот и сериозната поддршка во интернационализација, се клучните предности кои ги привлекуваат најдобрите таленти. Стартапот кој што ќе биде селектиран преку конкурентен скрининг процес има пристап до сите ресурси што можат да бидат клучни за неговиот опстанок, а особено за глобалниот раст.
Изминатава година на работење во услови на постојана корона-вирусна пандемија, станува јасно дека нашиот начин на живот и деловно работење се радикално трансформирани, со влијанија врз секој наш чекор на дневни рутини. Затоа, во овој момент, единствено може да гледаме кон иднината со доверба во нашите и општествените капацитети да закрепнеме. Секоја криза носи нови можности.

Ние веќе ги гледаме обете страни на паричката. Затоа мора да оддадеме признаеме на оние кои беа вонредно погодени заедно со оние кои се чини дека напредуваат во сегашната ситуација. Во поширокиот екосистем за иновации, стартапите кои работат во е-трговија, секторот за образование и секторот за медицинска опрема забрзано се шират, бидејќи ја искористуваат дигиталната трансформација забрзана со пандемијата.
Во исто време, бизнисите во креативните, културните и туристичките сектори се сериозно погодени. Пред се’, пандемијата предаде важна лекција за еластичноста и потребата од работење со поголема агилност.

Се повеќе стануваме свесни дека дигитализацијата има суштинско учество во нашата рамка за иднината. Ако се користи правилно, тоа овозможува стартапите да освојуваат нови пазари и ја стимулираат интернационализацијата. Истовремено, целиот процес овозможува инклузивност на незастапени групи и географските области кои сега можат да се приклучат на понудените услуги, преку стимулација на претприемништво до освојување на нови корисници. Сепак, со тоа што сме физички оддалечени, исто така стануваме посвесни за важноста да бидеме блиску еден до друг.

Многу компании успеаја брзо да се прилагодат на „новото нормално“.
Несомнено, пандемијата ja стави во центарот на вниманието токму нашата човечка состојба. Не направи посвесни за нашиот „нормален“ начин на живеење и влијанието врз животната средина и општеството. Навистина, желбата да бидеме повеќе водени од влијанието во нашите деловни активности се зголемува, како и амбицијата да се случи промената потребна за поправедно и одржливо општество.

Акцелераторот УКИМ настојува да ги слушне, да ги разбере потребите и да реагира брзо кон потребите на иноваторите и претприемачите кои се во постојана потрага на поодржливи решенија со своите деловни активности и во врска со нивното социјално опкружување. Како такви, го поддржуваме највисокиот квалитет на испорака на услуги, учиме едни од други, го подобруваме и поставуваме патоказот за обликување на нашите иновативни екосистеми во соработка со нашите глобални партнери.

Адаптацијата ќе остане предизвик за следните месеци, дури и години. Нашата силна поврзаност со глобалните партнери и врските што ги градиме со локалниот и глобалниот екосистем за иновации стануваат важни повеќе од кога било. Овој пристап ја поттикнува довербата да се биде дел од исто семејство на лидерите за иновации, доверба во припаѓањето на истата меѓународна заедница што ги дели истите вредности. Затоа, верувајте во квалификуваната поддршка обезбедена од Акцелераторот УКИМ и нивните партнерски организации.

Овој пристап овозможува да размислиме за тоа како Ковид-19 го трансформира процесот на акцелерација на бизнисите и како може да земеме активно учество во нејзиното обликување кое ќе одговара за иднината. Се надеваме дека ќе Ве инспирираме и ќе ја споделиме нашата доверба во активностите кои продолжуваат да ја движат заедницата на Акцелераторот УКИМ.
Изминатиов период и ние се адаптиравме во нашето работење. Затоа што, електронски, се вклучивме во многу регионални и глобални иницијативи кои овозможија да бидеме дел од различни екосистеми за иновации и стартапи и да растеме заедно.

Во иднина, секако поучени од досегашното искуство, ќе се фокусираме кон вмрежување со најдобрите во регионот и пошироко. Притоа, ќе нудиме специјализирано знаење согласно потребите на нашата старт ап заедница, целосно посветени кон успехот. Ова подразбира и целосна забрзана дигитализација на сите процеси во компаниите. Исто така, нашето искуство овозможува да ги откриеме клучните недостатоци кај старт ап заедницата и со заеднички напори, да се обидеме да ги совладаме и да ги подготвиме за настап на светскиот
пазар на идеи.

Она што сакаме да го потенцираме дека пари има. Има и многу идеи. Едноставно, третата позната во равенката се нарекува „соработка“. Потребно е таа да постои, да биде ефективна, да спои соработници со исти или слични цели, кои од различни аспекти ќе работат на реализација на исто старт ап решение.

Во светот на инвестициите постојат повеќе, но би издвоиле четири клучни работи кои секој стартап мора да ги направи пред да се обрати на инвеститорот:

1. Клучниот тим е важен

Иновативната идеја не е ништо без луѓето кои го развиваат производот или услугата. Додека основачот може да има големи соништа, тоа е на крајот тимот, со чија помош тој / таа може да ги реализира целите. Ангажирањето на вистински тим е исклучително важно за секоја деловна активност, а повеќе за стартап, бидејќи тимот е тој што игра клучна улога во разбирањето и извршувањето на визијата на основачите. Тимот е тој што ги извршува плановите и ја дефинира културата на работење во стартапот. Она што е многу важно, тимот е тој кој ги надополнува вештините и компетенциите на основачите и носи синергија. Воедно, тимот е оној кој ја споделува страста на основачите и им дава поддршка низ подемите и падовите. На крајот, инвеститорите претпочитаат стартапи со солиден тим.

2. Која е почетната вредност?

Почетната вредност е она што ќе го дефинира стартапот и ќе го разликува од неговите конкуренти. Размислувањето и пишувањето на овој модел е одличен начин да се визуелизира, дизајнира и тестира како може да се создаде вредност за клиентите. Тоа е нешто што треба да ги натера клиентите да почнат да соработуваат со стартапот и ќе има голема улога во тоа дали нема да се одлучат за друга компанија. Кога се размислува и пишува за почетна вредност, добро место за почеток е да се размисли што сака стартапот да прави, како да го прави тоа и зошто го прави тоа. Потоа треба да се разгледа конкуренција. Многу иновативни стартапи ни кажуваат дека немаат никаква конкуренција, што во најголем дел од случаите не е вистина. Многу е важно да се одлучи кого сака стартапот да привлече како клиент, што бараат тие и се разбира зошто треба да го одберат токму тој стартап.

3. Соодветност на производот на пазарот

Многу често разговараме со основачи кои веруваат дека нашле соодветност на производот на пазарот кога навистина тоа не го направиле. Ова е огромен проблем затоа што тие почнуваат да вработуваат луѓе и да го оптимизираат својот производ пред тие навистина да откријат што треба да се направи.

Основачите често се држат премногу цврсто за нивните решенија не посветувајќи премногу внимание за проблемите. Проблемот, т.е. пазарот е вистинската можност. Првичната идеја на основачите за тоа како да го решат соодветниот проблем обично е погрешна и само преку лансирање, разговор со клиенти и повторување, всушност ќе го пронајдат производот што одговара на пазарот на производи. Затоа се охрабруваат основачите да градат MVP (минимум одржливи производи) за да можете да привлечете почетни клиенти, да комуницирате со нив и клиентите да понудат повратни информации што ќе овозможат да се направи, втора, трета, четврта верзија на производот. Штом стартапот ќе достигне соодветност на производот на пазарот тогаш може да се започне со оптимизирање на производот, ангажирање специјалисти за зголемување на ефикасноста и погодувате, да се направат стратешки инвестиции, нешто за што инвеститорите ќе бидат силно заинтересирани.

4. Конкуренција

На едноставното прашање „Зошто да инвестираме во вашиот стартап – не во вашата конкуренција“, честопати го добиваме одговорот „ние немаме конкуренција“. Како што се вели поговорката, „знаењето е моќ“, а добивањето на вистинските информации за пазарот и конкуренција и сите важни клиенти е од витално значење за целиот животен век на стартапот. Без разлика дали стартапот е нов во својата област или ветеран со многу искуство во индустријата, стекнувањето сеопфатен преглед на тековниот пазар и конкуренцијата е составен дел на долгорочниот успех. Доколку стартапот се подготвува да ја презентира својата идеја пред инвеститори или само се разговара за стратегијата на компанијата, треба да се запомни дека вистинска цел не е да се покаже дека компанијата има конкурентска предност. Зошто? Затоа што можеби нема. Вистинската цел е тимот од стартапот да биде експерт за нивниот конкуренти. Вистинската цел на делот конкуренција од бизнис планот на стартапот е да го импресионирате читателот Лошата вест е дека да се биде вистински експерт за вашата конкуренција е потребно повеќе време отколку што првично се мисли. Сепак, ваква анализа секогаш се исплати.

Отворени повици на УКИМ Акцелератор

  1. Ги покануваме иновативните стартапи и бизниси во рана фаза, со значителен потенцијал за раст, да аплицираат за инвестиции,а поддршката на Акцелераторот УКИМ се состои од инвестиции во рана фаза (до 100 000 евра) и прилагодена поддршка за забрзување на бизнисот, вклучително и пристап до меѓународни ментори, пазари, фондови и мрежи.
  2. Паралелно, овој месец Акцелераторот УКИМ во соработка со АМСМ се вклучи и во поддршка на старт ап заедницата за учество на светскиот предизвик кој го организира Светската Автомобилистичка Федерација (ФИА). Ние учествуваме во идентификување и давање на поддршка на стартапите кои имаат потенцијал да понудат решение за 103 клуба и 36 милиони корисници од ФИА регион 1 (Европа, Африка и Блиски Исток).
    Притоа организиравме работилници посветени на објаснување на повикот, поконкретно на секое поле од интерес поединечно: автомобили, мобилност и услуги. Селектираните старт ап компании ќе учествуваат и на онлајн настани со избрани експерти за иновации и бизнис развој и можност за средба со маркетинг и бизнис професионалци на клубовите на водечките мобилити клубови (октомври 2021 година). Крајниот рок за аплицирање е 28 февруари 2021 година.

    Следете нè на http://accelerator.ukim.mk/apply/
    за двете можностите за поддршка на вашите бизниси, а наскоро ќе ве информираме и за дополнителни повици за инвестиции кои ќе ги спроведеме во соработка со нашите меѓународни партнери.

Continue Reading
Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

технологии / компании16 часа ago

Трендови на коишто треба да внимаваат огласувачите во 2022

македонија16 часа ago

Пет амбасадори на ЕУ земји дискутираа заедно со студентите на тема иднината на Европа – перспектива од земја кандидат

економија17 часа ago

ДДВ-то го наполни буџетот за четвртина повеќе од лани

македонија17 часа ago

Се менуваат алатките, не и новинарските вредности

економија17 часа ago

Просечната каматна стапка на кредити за компании се спушти до 3,55%, а за домаќинства до 5,23%

економија17 часа ago

И покрај моќните ефекти на пандемијата, побарувачката за кредити се врати

Business17 часа ago

Македонските угостители сакаат свој „биткоин“

start up17 часа ago

Топ 5 совети за успех на стартап бизниси

економија21 час ago

Дигитализацијата бара нови вештини – неформалното образование станува сè поважно

економија1 ден ago

Развојната банка објави јавен повик за корисниците на ,,Ковид 3” кредитната линија, за дополнителен грејс период од 12 месеци

коментари2 дена ago

Благојче Котески: Совршена енергетска бура или дел од „новото нормално“???!!!

економија21 час ago

Дигитализацијата бара нови вештини – неформалното образование станува сè поважно

македонија3 дена ago

Македонските угостители сакаат своја крипто валута

технологии / компании3 дена ago

На „Стартапувај 3“ обезбедена најголема финансиска поддршка за стартапите во историјата на ФИТР

економија1 ден ago

Развојната банка објави јавен повик за корисниците на ,,Ковид 3” кредитната линија, за дополнителен грејс период од 12 месеци

политика5 дена ago

Ковачевски: Не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ

економија5 дена ago

Пешев: Компаниите нема да издржат уште еден локдаун

економија4 дена ago

Просечната каматна стапка на кредити за компании се спушти до 3,55%, а за домаќинства до 5,23%

македонија1 ден ago

Панел дискусија на УАКС: ЕУ е нецелосна без Западен Балкан

македонија17 часа ago

Се менуваат алатките, не и новинарските вредности