Connect with us

политика

Алехандро Естесо Перез: Земјите – членки не смеат да го злоупотребуваат процесот на проширување за свои интереси!

Алехандро Естесо Перез, аналитичар

објавено

на

Шпанскиот аналитичар и експерт за Балканот, кој стана популарен во Македонија откако застана зад македонските позиции во спорот со Бугарија, Алехандро Естесо Перез објаснува дека доколку повторно се одложи почетокот на преговорите за Македонија, Европа ќе го изгуби својот кредибилитет не само кај нас, туку и во регионот. Според него, правилата кои налагаат волјата на една земја членка да биде наметната над сите други, дури и кога е осамена во својата позиција, се неодржливи на долг рок, и носат криза на европскиот идентитет. 

Kaко го гледате процесот на проширување во моментов?

Процесот на проширување, особено оваа година имаше неочекуван развој, имајќи ја предвид ерупцијата на пандемијата што ги погоди сите аспекти на политичкиот, социјален и економски живот и процесот на проширување не беше поштеден од ова. Кога зборуваме за процесот на Северна Македонија, 2020 почна со добри вести, ако се има предвид март со зеленото светло за почеток на преговори од Европскиот Совет што дојде после навистина долго и болно чекање, што значи дека почетокот на пандемијата навистина беше во лош тајминг. Во последно време гледаме дека пандемијата повторно влијае, на секој аспект на интегративниот процес, сите земји кандидати и потенцијални кандидати беа потиснати настрана, оти сега сите ресурси на ЕУ и човечки и буџетски, се вклучени во битката со КОВИД и сега ова се главните приоритети. 

Да, пандемијата со КОВИД дефинитивно е аспект што не можеме да го ставиме настрана кога ги правиме овие анализи. Но, кога зборуваме за македонскиот случај, треба да имаме превид дека на тест се всушност европските вредности.

Процесот на проширување како важна политичка стратегија и алатка на надворешната политика беше многу моќен. Низ декадите знаеме многу успешни приказни на земји коишто се приклучиле на ЕУ и сега се полноправни членки. Сепак, процесот на проширување ваков како што сега го гледаме, и имајќи предвид дека има 27 земји членки, носи сериозни шанси за инструментализација и политизација, како што гледаме не само годинава преку последните епизоди со Бугарија туку и 30 години преку билатералниот проблем со Грција, па дури и во 2019 кога ЕК кажа дека земјата  подготвена видовме едно силно вето пред се од Франција, но и Данска и Холандија, кои беа скептични главно кон Албанија, значи особено Франција значи ова дефинитивно е проблем, оти сите кандидати и потенцијални кандидати се борат за ист резултат –  да станат членки и кога гледаме инструментализација или злоупотреба на процесот тоа е навистина штетно и за процесот и за самите европски вредности. 

Претходното вето беше поради новата методологија што Франција сакаше да биде усвоена. Сега гледаме нови идеи, на пример една германска пратеничка смета дека принципот на консензус треба да се напушти оти тешко се носат вака одлуки. Како го гледате овој предлог? Изгледа Македонија постојано служи како инспирација за внатрешни европски реформи…

Северна Македонија ќе биде прва или една од првите земји (заедно со Албанија) што ќе треба да докаже дека новата методологија функционира или не. Движењето на принципот на гласање од консензус кон на пример гласање со мнозинство, според мене, ќе спречи вакви ситуации во иднина, оти многу земји го искористуваат процесот на проширување и го користат за себе. Во овој момент мислам дека ова е голем предизвик. ЕУ е сочинета од 27 различни држави со различни гледишта и пристапи што ја носи ЕУ и во своевидна криза на идентитет. 

Сето ова се случува за време на германското претседателство. Како ја гледате улогата на Германија?

Германија го презеде претседателството во многу бурен период. Би можеле да кажеме дека германското претседателство е т.н корона претседателство. Го презема од Хрватска кога пандемијата букна од никаде како изненадување и беше тешко да се активираат механизмите за соочување со пандемијата. Германија зема водечка и активна улога во Западен Балкан. Има огромен интерес во регионот и е експлицитна во нејзината желба за овие држави да станат членки на ЕУ во даден момент. Гледаме и сега како учествува во медијацијата меѓу Бугарија и Македонија за одржување на меѓувладината конференција и без разлика на конечниот исход може да бидеме задоволни со улогата на Германија како претседавач со ЕУ и во однос на пандемијата и во однос на попречувањата од Бугарија.

Ако имаме на ум песимистичко сценарио – кои се опасностите од ново одложување ?

За нас кои го следиме и го проучуваме процесот на проширување долго време како и за населението во земјите кои би биле директно погодени од такво одлагање, лесно е да кажеме дека понатамошно одлагање нема да помогне во креирање на доверба и кредибилност во сликата за ЕУ кај шесте балкански земји. Уште откако Европската комисија потврди дека е време за Северна Македонија да ги почне преговорите, има веќе две години, веќе е ризично да се турка линијата на уште неколку месеци. Ја ризикуваме кредибилноста на институциите, Точно дека земјите членки ќе го имаат конечниот збор, но вака се нарушува целокупноста на Унијата како организација. Исто така не може да се исклучи и понатамошно поларизирање на македонската сцена, како ситуација со која се соочуваме да речеме од 2015 и тоа не е нешто што може да се дозволи. Ако се има предвид дека проширувањето е долг процес, што секако одзема време, ЕУ не може да си дозволи да троши повеќе време и да се пропушти можност како оваа.


Германска пратеничка со барање да се промени принципот на гласање со консензус во ЕУ

Германската пратеничка Рената Алт, кој е член на Комисијата за надворешни работи, побара од германската влада да реагира и да апелира до Бугарија да не ја блокира интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ со својот националистички историски ревизионизам, во изјава за „Дојче Веле на македонски“. Пратеничката на Либералната партија (ФДП) вели дека со ветото за Северна Македонија, Бугарија го торпедира процесот на проширување на ЕУ.

„Со своето вето, Бугарија го торпедира секој напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Фактот дека Бугарија го користи своето членство во ЕУ како средство за да изнуди отстапки во историскиот спор со Северна Македонија е целосно неприфатлив и предизвикува повторна штета на процесот на пристапување во ЕУ. Сега, кога ЕУ конечно постигна договор за одржлив и транспарентен пристапен процес, обновената блокада на пристапните преговори ќе биде фатален сигнал. Сојузната влада треба да го искористи преостанатото време на германското претседателство и да апелира до бугарската страна да не ја попречува тековната непречена реформска динамика во Северна Македонија со својот националистички историски ревизионизам“, ја цитира Алт „Дојче Веле на македонски“.

Пратеничката Алт вели дека ветото на Бугарија треба да се искористи како повод да се укине принципот на едногласност во ЕУ.

„Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја. По блокадата на Кипар на санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки“, вели Алт.


Брисел: Не се откажуваме од преговори со Северна Македонија 

Во меѓувреме, од Брисел стигнуваат изјави дека Европската комисија не е подготвена да се откаже од почеток на преговори со Македонија, повторувајќи го ставот дека двете страни треба да изнајдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата.

Дописничката на МИА јави дека портпаролката за проширување Ана Писонеро порачува оти охрабрувањата за решение се тука:

„Клучен датум останува 17 ноември, кога треба да се одржи Советот на министри на ЕУ на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Македонија Бугарија за сега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се изнајде компромис околу прашањата за јазикот, краткото име и историските теми. Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо“ дополнува Писонеро за МИА.

Дипломатски извори за МИА велат дека во Брисел не се добива впечаток дека Македонија постапува неконструктивно во овој процес и на тоа се гледа позитивно на физичката посета на премиерот Заев на Софија во рамките на Берлинскиот процес.

„Се остава сега на сите страни да продолжат со контактите и обидите за постигнување компромис, и, иако бугарската страна нема поддршка од другите земји членки за своите ставови, нејзиното право на вето е безусловно, и ниедна земја, ниту институција не може да се меша во билатерални прашања“ нагласуваат дипломатите во Брисел.

Премиерот Заев се надева дека до вторник ќе најдат решение со Бугарија, со цел да не го попречуваат почетокот на преговорите со ЕУ.  Деновиве разговорите ќе се интензивираат. Тој вчера рече дека вистинските европски политичари мора да му дадат шанса на процесот. 

„Имавме разговори кои се одвиваа во конструктивна атмосфера. Договорот со Грција ме подучи дека на Балканот решението што ќе се изнајде ќе треба да е победничко за двете страни. Не сме стигнале до таму за решение со Бугарија, но процесот не треба да се одвива преку јавноста, нема да правиме шоу за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за јавноста во двете земји, но не го решава спорот. Имаме јасни позиции и ќе работиме со Бугарија на заедничко победничко решение. Македонскиот идентитет е гордост и ќе остане гордост како планина и без да правиме националистички спектакл за ова прашање“, изјави Заев.

интервју3 дена ago

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

технологии / компании5 дена ago

Ѓорги Самарџиев: Создадовме иновативно решение за многу поедноставна конструкција на кровни градини

економија3 дена ago

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

интервју3 дена ago

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

економија4 дена ago

Се менува регулативата: полесен пристап до државна помош за нови инвестиции

економија6 дена ago

Излегоа финансиските биланси: хотелските компании со приходи помали и за 90% лани

start up3 дена ago

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

економија3 дена ago

Приходите на хотелските компании и до 90% помали во 2020

lifestyle3 дена ago

Стив Кејс: Упорноста не е гаранција дека ќе успеете во нешто, но без неа, сигурно нема да успеете.

менаџмент / маркетинг3 дена ago

Не поставуваат прашања само оние што интервјуираат. Еве што можете и вие да го прашате вашиот потенцијален работодавец