економија
Алкалоид со раст на продажбата, извозот и добивката во првите девет месеци

Консолидираните продажби на компанијата изнесуваат 154 милиони евра (пораст за 6%), извозот е зголемен за 6% на 100 милиони евра, додека нето добивката е поголема за 17% и изнесува 16 милиони евра.
Алкалоид АД Скопје, во првите девет месеци годинава има единечни вкупни приходи од 7,48 милијарди денари (околу 122 милиони евра), што е раст од 4% во однос на истиот период лани, покажува билансот на успех што компанијата го достави до Македонската берза денеска. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 96%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат раст од 4%.
Остварените консолидирани вкупни приходи во првите девет месеци изнесуваат 9,69 милијарди евра (157,5 милиони евра) и бележат раст од 5% во однос на лани. Тука, најголемо учество имаат приходите од продажба на производи и услуги, кои бележат раст од 6%.
Единечните продажби на готови производи и услуги на домашниот пазар изнесуваат 2,38 милијарди денари, што е 33% од вкупните продажби на Алкалоид, и бележат 8% пораст, додека на странските пазари пласирани се производи за 4,78 милијарди денари, со пораст од 2%.
Консолидираните продажби на домашниот пазар заземаат 35%, или 3,34 милијарди денари, што е 6% пораст, додека на странските пазари тие изнесуваат 6,1 милијарди денари, и потаст од 6%. Кај странските пазари најголем е извозот во југоисточна Европа, или 33% од вкупните продажби на Алкалоид, потоа во западна Европа 19%, во Русија и други земји од ЗНД (11%), итн.
Најголем пораст извозот бележи во Германија (123%), Полска (92%), Русија (52%), Украина (47%) , Унгарија (42%), итн. За првпат во сегментот фармација се реализираат продажби во Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика остварена е првата поголема продажба на колекцијата Бекутан во Саудиска Арабија.
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 1,69 милијарди денари и бележи раст од 14%, додека консолидираната ЕБИТДА е 1,77 милијарди денари со пораст од исто така 14%.
Нето добивката на Алкалоид за првите девет месеци е 978,5 милиони денари единечната, додека консолидираната нето добивка е 989,2 милиони денари или 16 милиони евра, што е пораст од 17%.
Според бизнис-планот за 2021 година, компанијата предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2021 година изнесуваат 850,6 милиони денари или 13,8 милиони евра, а во тие девет месеци се реализирани 178 нови вработувања.