коментари
Анета Пешева: „Корона час“ по базична информатика за почетници и напредни корисници
СТАВ

Тоа што приватниот сектор за себе се труди да го направи на полето на дигитализација последнава деценија е за поздравување . Но нам ни е потребна комплетна и целосна дигитализација во сите сфери на општеството. Таа за среќа или за жал е новата реалност која во суштина ќе биде радикална реформа после која сигурно ништо нема да биде како што некогаш било. Добрата вест во сета оваа нова реалност која по малку звучи страшно и можеби ги заплашува постарите генерации, е тоа дека стасуваат паметни, напредни, храбри нови млади луѓе кои се подготвени уште од најмали нозе за предизвикот. Тоа се генерациите на кои мора да им дадеме шанса да останат тука и заедно со нас ја направиме оваа последна голема реформа.
Деновиве ја означуваме годишнината од денот на првите рестриктивни мерки во нашава држава воведени поради корона – кризата. Мора да си признаеме дека во изминатава година имавме прилика да научиме многу од оваа мега криза, но дали научивме или не само времето ќе покаже. Тие што научија имаат шанса да продолжат да функционираат во светот кој веќе не е, а веројатно и никогаш повеќе нема да биде ист. Нема да биде ист поради промените кои се случија во делот кој се однесува на начинот на кој функционираме, на кој се дружиме, на кој ги одржуваме нашите состаноци и конференции и на кој во принцип комуницираме. Многумина престанаа да работат во своите канцеларии и своето работно место го преселија во своите домови. Во својот дом почнаа да го делат својот работен простор со своите деца кои исто така престанаа да одат на училиште и почнаа да се едуцираат од дома.
Сигурно сите се прашуваме дали се ова ќе се случеше ако корона – кризата не се појавеше. Одговорот е да. Оваа криза само ги забрза процесите на комплетна дигитализација на општествата и сите не натера тоа да почнеме да го правиме сега и веднаш, а не во следниве пет до десет години како што сите ние од ИKТ индустријата очекувавме.
Сето ова доведе да се променат многу од воспоставените стандардни за работа во сите пори на општеството, насекаде низ нашата држава и на микро и на макро план.
- Информатиката стана нераздвоен дел на нашите животи.
- Секое семејство мораше да инвестира во нужната опрема за работа и едукација од дома
- Компаниите беа обврзани да го сменат начинот на својата работа и да се преориентираат на работа преку интернет.
- Зголемениот обем на користење на информатичките системи предизвика потреба од нивно одржување, проширување и технолошка поддршка а на некои места и нивно подобрување.
- Заради рестрикциите за движење кои државите ги воведоа, невозможно беше да се очекува технолошка поддршка од страна на компаниите кои се од надвор од границите, па дури и кога тие се од државите во нашето непосредно соседство.
- Со проблемите кои настанаа во нашата држава нужно беше да се справиме само со расположливите информатички капацитети (технички и човечки) кои ги имаме дома на располагање.
Секако се поставува прашањето како со овие предизвици се справивме сите ние.
Кој, како. Ако се изразиме со оценки на нашиот образовен систем:
Семејствата со оцена скоро Многу добар 4-, децата скоро Одличен 4+, компаниите Добар 3+, а администрацијата едвај Добар 2-.
Да бидам искрена овие оцени се подобри од она што јас можеби се надевав, но секако многу послаби од она што сериозна држава би требала да ги добие.

Информатиката и луѓето во неа не се само услужен сервис во нашите животи
Во оваа моја кратка колумна нема да ги анализирам промените кои настанаа во секој од нас,особено во делот на нашата ментална истоштеност и фрустрација, што е приказна сама за себе и веројатно треба да биде цел на една комплетно нова анализа.
Ќе говорам само за она што како човек од браншата можам да го констатирам за информатиката. Кои се лекциите кои мора да ги научиме и кои работи треба да ги менуваме, за да нашите животи, сега и во иднина да не бидат изложени на вакви стресови, а животот да може да функционира сега, во иднина и во секоја идна криза, ако не дај Боже до неа во годините што следат дојде.
Светот сакале ние или не, веќе подолго време е навлезен во процес на дигитализација. Некои држави во последниве десетина години целокупниот свој развој го фокусираа со силен акцент на дигитализацијата, автоматизацијата и промената на целокупниот начин на функционирање.
Државите заради сето ова стануваат се’ повеќе поврзани, светот некако помал, а секако многу поконкурентен и покомплициран за управување. Овој процес бара високо ниво на знаења и стручност за да се дојде до вистинската цел.
Грешките во градењето на дигиталните системи може да бидат критични за опстанокот на државите кои нема да бидат способни да го следат светскиот тренд.
Сведоци сме дека нациите почнаа некако себично да се затвараат во своите национални граници, не водејќи сметка за сите оние надвор од тие граници. Но тоа е нешто на што треба да се навикнуваме, зошто низ годините кои ќе доаѓаат тој феномен ќе се засилува, а релациите ќе стануваат се позатегнати и проткаени со се’ повеќе егоизам. Единствено тие кои навремено и добро ќе бидат подготвени во дигитално комуникациската сфера, ќе успеат да бидат дел од развиените општества. Токму заради тоа треба да направиме максимални напори тука и сега за да ја подобриме таа состојба на виртуелна комуникација. Сами ќе треба да си ја изработиме нашата домашна работа, пред се’ тоа е наша работа и никој нема посебно да се загрижи ако ние не ја сработиме како што треба.
А што е тоа што треба да направиме:
- Да престанеме да ја третираме информатиката и луѓето во неа како услужен сервис во нашите животи.
- Да престанеме да ги задржуваме старите навики по секоја цена со објаснување “не мора сега, може и да почека”, само заради тоа што тоа сега од нас бара екстра напори, излегување од нашата комфорна состојба на неменување ништо, бара додатна едукација и преквалификација по “стари години“.
- Да инвестираме во едукација на нашите деца на вистински начин со фокус на нивното образование за нови дигитални технологии.
- Да го подигнеме нивото на свест на домашните компании во областа на информатика, телекомуникации и висока технологија, зошто тоа е нашата единствена шанса да ги совладаме предизвиците на нивниот раст и раст на вкупната економијата во државата.
- Да престанеме да работата да ја даваме на “братучед, наше дете” туку на тие кои за тоа имаат знаење и искуство во справувањето со тие проблеми и кои со години инвестираат во своите човечки и технолошки знаења и капацитети.
- Да ги стимулираме домашните компании кои наместо продавање на инженерски интелектуален труд по принципот на “лон работа за странство”, да имаат свои сопствени решенија и продукти, кои имаат многу повисока додадена вредност и кои можат многу да помогнат за да се достигне крајната цел, а тоа е комплетна дигитализација на процесите во државата.
Комплетна дигитализација во сите сфери на општеството
Ова се што го наведов, пред се’ се однесува на државата, која во оваа наша реалност е најголемиот играч. Таа располага со потребните фондови за реализација на оваа реформа, иако на сите нас сите овие години од реформи ни е преку глава. Но оваа реформа е нешто што ќе мора да го направиме за доброто на сите нас. За нас и за сите идни генерации, кои ако тоа не го направиме, нема само да не осудат туку едноставно ќе си заминат, а тоа ќе биде фактичкиот крај на оваа држава.
Тоа што приватниот сектор за себе се труди да го направи на полето на дигитализација последнава деценија е за поздравување . Но нам ни е потребна комплетна и целосна дигитализација во сите сфери на општеството. Таа за среќа или за жал е новата реалност која во суштина ќе биде радикална реформа после која сигурно ништо нема да биде како што некогаш било.
Добрата вест во сета оваа нова реалност која по малку звучи страшно и можеби ги заплашува постарите генерации, е тоа дека стасуваат паметни, напредни, храбри нови млади луѓе кои се подготвени уште од најмали нозе за предизвикот. Тоа се генерациите на кои мора да им дадеме шанса да останат тука и заедно со нас ја направиме оваа последна голема реформа. Тоа ќе биде нашиот голем „чекор од девет милји“ кој колку и да е голем ќе мора да го направиме. Компаниите од ИКТ индустријата од која доаѓам и сега се спремни и го нудат целокупниот свој капацитет и поддршка за да ја постигнеме целта.
Па ајде навистина да го направиме тоа заедно.