технологии / компании
Анкета на Народната банка: Македонија е подготвена за финтек трансформација
објавено
на
автор:
Редакција Капитал
Соработката на банките и небанкарските финансиски институции со компаниите коишто обезбедуваат услуги за поддршка на финтек-секторот е во почетна фаза. Истовремено, постои свесност за ризиците коишто произлегуваат од процесот на дигиталната трансформација. Притоа, неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на финтек-секторот.
Секторот за финансиски услуги во Република Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформaција. Потребата за развој на финтек-секторот е оправдана, заради многубројните придобивки и можности. Дигиталната трансформација е во фокусот на сите страни вклучени во екосистемот, при што соработката на банките и небанкарските финансиски институции со компаниите коишто обезбедуваат услуги за поддршка на финтек-секторот е во почетна фаза. Истовремено, постои свесност за ризиците коишто произлегуваат од процесот на дигиталната трансформација. Притоа, неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на финтек-секторот.
Ова се дел од најзначајните заклучоци од Анкетата за развој на финтек-секторот во земјата, којашто Народната банка јаспроведе во октомври минатата година, по електронски пат, во рамките на проектот за развој на финтек-секторот, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Физибилити-студијата којашто содржи подетални информации за резултатите од Анкетата, денес, е објавена на веб-страницата на Народната банка, откако претходно беа разгледани резултатите на виртуелна средба на експертите од Народната банка.
Одѕивот на Анкетата беше солиден со одговори од вкупно 220 испитаници. Во Анкетата како испитаници учествуваа: банки (вклучително и Македонската банкарска асоцијација), небанкарски институции (осигурителни компании, брокерски друштва и останати небанкарски институции), компании за алтернативно финансирање, акцелератори, инкубатори и други партнери за поддршка на развојот на малите бизниси, регулатори и одредени државни институции. Најголемиот број од испитаниците беа претставници на традиционалните финансиски институции (банките и небанкарските институции), додека бројот на останатите учесници во екосистемот беше помал, што всушност соодветствува со тековната структура на финансискиот систем во земјата и првичните резултати од мапирањето на екосистемот.
Во однос на можностите и придобивките од развојот на финтек-секторот во нашата земја, најголемиот дел од испитаниците сметаат дека: финтек-секторот може да обезбеди поголем број можности и подобри услуги, пред сѐ за потрошувачите, но и за малите бизниси. Истовремено, тие го споделуваат мислењето дека финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, како и дека може да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики. Воедно, еден помал дел од испитаниците сметаат и дека со развојот на финтек-секторот ќе зајакне финансискиот систем и дека развојот на финтек-секторот може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија.
Што се однесува до ризиците и предизвиците од развојот на финтек-секторот, резултатите од Анкетата укажуваат дека главен предизвик од развојот на финтек-секторот се ризиците за безбедноста, заради можноста од кибер-напади, финансиски криминал и перење пари. Тоа е всушност и најчесто споменуваниот ризик на глобално ниво, кога станува збор за ризиците и предизвиците поврзани со финтек-секторот.
Регулаторната рамка којашто поддржува иновативни решенија, притоа водејќи сметка за потенцијалните ризици, е во основата на развојот на финтек-секторот, дигиталната трансформација и модернизацијата на финансискиот систем. Сите групи испитаници ја посочуваат регулативата за платните системи како најголема пречка за развој на финтек-секторот. Оваа пречка би се надминала со спроведувањето на новиот Закон за платните системи и платежните услуги, којшто би бил донесен оваа година. Со него ќе се создадат услови за влез на нови институции на пазарот. Со новата регулатива од областа на платежните услуги би се зголемила конкуренцијата, би се подобриле услугите за граѓаните и компаниите и на тој начин би се обезбедила поддршка на развојот на финтек-секторот.
Од технологиите коишто би имале потенцијално најголемо влијание во наредниот период од 3 до 5 години, најголемиот дел од испитаниците ги издвојуваат: иновациите во плаќањата, анализите со користење големи бази на податоци (англ. Big data analytics), компјутерските програми коишто поттикнуваат конверзација со луѓе (англ. Chatbots).
Физибилити-студијата, којашто содржи подетални информации за резултатите од Анкетата, ќе послужи како основа за подетални дискусии со финансиските институции, регулаторите и други заинтересирани страни заради преземање натамошни активности за поддршка на финтек-развојот. Една од клучните активности за оваа цел ќе биде изработката на национална стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот којашто е планирано да се подготви во текот на оваа година.
Прочитај Уште...
A1 со нова понуда: 30 GB мобилен интернет за нов постпејд договор
Годината почнала со поголем извоз за 15,4% и увоз за 5,3%
„Џонсон Мети“ во Македонија доби нов директор
Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации
Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега
Приходите на хотелските компании и до 90% помали во 2020



A1 со нова понуда: 30 GB мобилен интернет за нов постпејд договор

Годината почнала со поголем извоз за 15,4% и увоз за 5,3%

„Џонсон Мети“ во Македонија доби нов директор

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

Приходите на хотелските компании и до 90% помали во 2020

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

Стравот од инфлација им пресуди на акциите

Македонската економија на среден и долг рок (6)

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

Ѓорги Самарџиев: Создадовме иновативно решение за многу поедноставна конструкција на кровни градини

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

Се менува регулативата: полесен пристап до државна помош за нови инвестиции

Излегоа финансиските биланси: хотелските компании со приходи помали и за 90% лани

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

Стив Кејс: Упорноста не е гаранција дека ќе успеете во нешто, но без неа, сигурно нема да успеете.

Не поставуваат прашања само оние што интервјуираат. Еве што можете и вие да го прашате вашиот потенцијален работодавец
