Connect with us

економија

Антикризни мерки за збогум на корона – кризата

Cover story

објавено

на

Владата сака да се збогува со корона – кризата преку петтиот пакет антикризни мерки кој освен што треба да ја амортизира неликвидноста на компаниите, треба да поттикне и заздравување на економијата. Премиерот Зоран Заев зборувајќи дека државата последен пат во февруари и март ќе дава финансиска поддршка за исплата на плати од компаниите коишто се најпогодени од кризата и се соочуваат со намалени приходи, го сподели оптимизмот на Владата дека очекува во вториот квартал да се случи економско закрепнување од едногодишната криза предизвикана од пандемијата. Проценките се дека од април годинава конечно може да се создадат услови за забрзување на економската активност, доколку во меѓувреме забрза и процесот на имунизација и кај нас и во Европа за да може земјите да се ослободат од строгите карантини и другите рестриктивни мерки во движењето на граѓаните. Меѓународните финансиски институции предупредуваат да не се избрзува со предвремено укинување на директната државна помош во економиите.

Владата сака да се збогува со корона – кризата преку петтиот пакет антикризни мерки кој освен што треба да ја амортизира неликвидноста на компаниите, треба да поттикне и заздравување на економијата. Премиерот Зоран Заев зборувајќи дека државата последен пат во февруари и март ќе дава финансиска поддршка за исплата на плати од компаниите коишто се најпогодени од кризата и се соочуваат со намалени приходи, го сподели оптимизмот на Владата дека очекува во вториот квартал да се случи економско закрепнување од едногодишната криза предизвикана од пандемијата.

Проценките се дека од април годинава конечно може да се создадат услови за забрзување на економската активност, доколку во меѓувреме забрза и процесот на имунизација и кај нас и во Европа за да може земјите да се ослободат од строгите карантини и другите рестриктивни мерки во движењето на граѓаните.

Засега проценките се прилично неизвесни, особено што производството и дистрибуцијата на вакцините не оди според планот, а новите варијации на коронавирусот нагло го зголемуваат бројот на заразени. Оттаму властите се уште се претпазливи со олабавувањето на ограничувањата кои очигледно направија огромна економска штета, а меѓународните финансиски институции предупредуваат да не се избрзува со предвремено укинување на директната државна помош во економиите.

Премиерот Заев кој го објави петтиот сет што содржи вкупно 29 мерки проценети на околу 160 милиони евра, изјави дека овој пакет директно се надоврзува на претходните четири, а има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на економски раст во распон од 4% до 5%, односно на динамиката на раст од пред пандемијата.

Според него повеќето мерки ќе се користат до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година.

„Мерките вклучени во петтиот пакет ќе го заокружат процесот на директна поддршка, со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од економската криза предизвикана од пандемијата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително ќе се стимулира. Со кредити со ниски каматни стапки и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година“, истакна премиерот Заев.

Инаку, мерките се распределени во 4 главни столбови и тоа: директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани; финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници; креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки; и поддршка за граѓаните.

Мерките добредојдени за бизнис секторот

Од Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, истакнаа дека тие и претходно ја нагласиле потребата од дизајнирање мерки кои ќе претставуваат транзиција од фаза на амортизирање на загубите во фаза на поддршка на економското закрепнување, но пролонгирањето на корона – кризата ја отежнува транзицијата.

„Петтиот пакет мерки поврзани со кризата со КОВИД-19 е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите (мерки со социјален карактер) и стимулираат економско закрепнување (мерки со развоен карактер). Додека самото објавување на петтиот пакет мерки може да создаде позитивен сентимент во економијата, соодветната реализација е клучна за ефективноста на мерките поради што апелиравме во почетокот на јануари 2021 дека брзоплетото донесување следен пакет мерки без да се има предвид капацитетот за реализација на претходните и новите мерки, носи ризик од нецелосни резултати. Во таа смисла, подолгиот период на осмислување пакетот да одговара со тековната фаза на економијата, консултациите и сведувањето на обемот (во смисла на финансиската рамка) на пакетот на реалните околности, споредено со претходните четири пакети, се чекори за поздравување“, истакнаа од Институтот Finance Think.

Поконкретно, аналитичарите од Finance Think во однос на мерката субвенционирање плати за работници и бескаматни кредити насочени кон најпогодените сметаат дека поради пролонгирање на корона – кризата, ликвидноста на компаниите е се’ уште загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места, така што „рано е да се укине мерката за субвенционирање на плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места и ја поздравува одлуката на Владата да ја продолжи мерката за месеците февруари и март 2021“.

Притоа, под претпоставка дека процесот на вакцинирање значајно ќе напредува до јуни 2021, Finance Think укажува дека помошта преку оваа мерка за овие два месеци треба да се смета за последна.

Исто така, Finance Think смета дека исклучивоста помеѓу мерките „субвенции за плати“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“ е соодветна. Но, укажува дека двете мерки не се неопходно целосно заменливи. Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која се’ уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија (кои тргуваат со земји кои се се’ уште во значаен локдаун). Бескаматните кредити би предизвикале поттик во унапредувањето на технолошкото ниво, посебно кај извозниците во преработувачката индустрија. Дополнително, бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со исклучително строга контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците, за што државата ќе треба да потроши многу ресурси (интензивен ангажман на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд), но без гаранција за крајниот ефект.

Според Finance Think укинувањето и намалувањето на царинските стапки и усогласувањето на царинските стапки согласно ЕУ е исто така добра мерка која би предизвикала зголемување на инвестициите, производството и конкурентноста на извозниците во Северна Македонија. Дополнително, тоа би ја направило земјата поатрактивна дестинација за привлекување нови производни линии од матичните компании на извозниците присутни во Северна Македонија.

„Оваа мерка во иднина би можела да биде надополнета со укинување или намалување на увозни давачки за набавки на машини и опрема, што дополнително би ги зголемило инвестициите и конкурентноста на компаниите“, додаваат од Finance Think.

Во однос на фондот за поддршка на извозни компании, грантови за технолошки развој преку ФИТР, кредитни гаранции за мали и средни компании и мерки за дигитализација, Finance Think смета дека овие мерки се исклучително значајни, со оглед дека содржат развојна компонента.

„Иако извозниците значајно ги амортизираа загубите во доходот, посебно поради шоковите во надворешната трговија, сепак се соочија со одредени ограничувања.  Фондот за поддршка на извозните компании треба да ги има предвид тие ограничувања при канализирањето на поддршката. На пример, кредитните гаранции ќе овозможат надминување на ограничувањата во пристапот до финансии. Грантовите за технолошки развој би биле комплементарни на бескаматните долгорочни кредити при стимулирањето на технолошкиот напредок на компаниите. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да имплементираат долгорочни решенија за овозможување „работа од дома“, online продажба и друго“, потенцираат од Институтот Finance Think.

Опозицијата со критики за реализацијата

Индустриското производство последниот квартал од минатата година имаше негативен тренд – во октомври забележа пад од 5,2%, потоа во ноември падот изнесува 4% за дури во декември да се зголеми производството во индустријата за 2,5% споредено со истиот период претходната година.

Опозицијата стравува дека Македонија е земја која полека се исцрпува бидејќи според неа, не случајно владата навестила дека ова е последен пакет на мерки за поддршка на плата во висина од минималната плата. Универзитетскиот професор Трајко Славески, којшто е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека најважна мерка треба да биде сузбивање на пандемијата, со сите можни средства, продолжување дури можеби и зајакнување и воведување на поригорозни мерки во таа насока.

„Како што гледаме сега од ден во ден се зголемува бројот на дијагностицирани лица, се зголемува бројот на починати лица, на хоспитализирани лица. Во некои центри во Македонија, жаришта на кризата како што е на пример Прилеп, гледаме дека веќе се полнат болничките капацитети, се враќаат модуларни одделенија. Нема простор за опуштање. Ние сме една од земјите кои полека се исцрпуваме и не е случајно она кое Владата го навести, а тоа е дека ова е последен пакет на мерки за поддршка на плати во висина на минимална плата овие два месеци што би се покриле со петтиот пакет месеците февруари и март“, рече Славески.

Тој за мерките кои ги превзема власта за надминување на кризата укажа дека државата користела позајмени пари кои ќе треба да се враќаат со релативно високи камати. Според него, главната забелешка е дека планирањето, таргетирањето на мерките било многу слабо.

„Да се потсетиме дека ние користевме позајмени средства кои што ќе треба да ги враќање со релативно високи камати. Од предвидени над милијарда евра средства искористени само 1/3 или 3,5% од БДП. Јас на првата седница на оној Економски совет кој беше формиран за време на техничката Влада, по првиот удар на пандемијата, имав дискусија и нормално сите дадовме проценки или веројатности. Спомнав дека можеби ќе треба да се троши 1% од БДП месечно, или околу стотина милиони евра. Владата го предвидела со досегашните четири пакети мерки, но далеку е од искористеноста“, додаде Славески.

Одговорот на кризата низ факти

Од март минатата година кога коронавирусот почна забрзано да се шири во Европа и во земјава, ги затвори и границите и граѓаните дома, нагло се прекина вообичаената економска активност.

Оттогаш досега, државата во пет наврати креираше таканаречени антикризни мерки, коишто главно имаа за цел да им помогнат на компаниите да се справат со неликвидноста поради застојот во производството и да можат да ги исплатат платите на своите вработени, да обезбедат бескаматни кредити, но освен тоа имаше и повеќе социјални мерки со директно исплаќање пари на сметките на граѓаните коишто најмногу ја почувствувале корона – кризата.

Но и покрај огромниот фискален стимул глобално, па и кај нас каде што државната поддршка исплатена преку повеќе антикризни мерки изнесува над 350 милиони евра, сепак пандемијата беше финансиски исцрпувачка за многу бизниси и граѓани.

Во недостиг на повеќе статистички податоци кои тековно би можело да прикажат какви се последиците од корона – кризата, сепак анализата на неколку достапни а клучни индикатори, покажува дека последиците од пандемијата врз економијата се длабоки. 

Во вториот квартал лани, периодот од април до јуни кога забрзано се прошири вирусот а властите воведоа полициски час во обид да се запре ширењето на заразата, имаме историски најдлабок пад на бруто домашниот производ (БДП) од 14,9%. Потоа во текот на летните месеци, од јули до септември, кога се почувствува одредено релаксирање и низ извештаите на Министерството за здравство кое на дневна основа не информираше за бројот на новозаразени и починати, соодветно на тоа и олабавувањето на рестриктивните мерки, очигледно е и ублажувањето на економскиот пад на 3,3%.

Во апсолутен износ, пандемијата за шест месеци направила штета кај бруто домашниот производ од 525 милиони евра.

Меѓутоа, вториот бран на пандемијата повторно покажа „заби“ од октомври, па иако властите одолеаја на воведување локдаун како најголем број од земјите во светот, сепак, економските резултати се влошуваат главно како последица на огромна воздржаност и на бизнис секторот да инвестира, но и на граѓаните помалку да трошат.

Со оглед на тоа што податоците за движењето на БДП последниот квартал од годинава, ќе се знаат наскоро, неколку показатели навестуваат дека наместо очекуваното благо закрепнување, сосема извесно е дека ќе продолжи трендот на намалување на економската активност со пад од околу 2%.

Кон тоа упатува намалувањето на индустриското производство, кое во октомври бележи пад од 5,2%, што е повторно продлабочување споредено со месецот претходно, потоа во неомеври падот изнесува 4% за дури во декември да се зголеми производството во индустријата за 2,5% споредено со истиот месец претходната година.

Првичните податоци покажуваат дека и во последните три месеци од годината продолжила намалената инвестициска активност и послабата приватна потрошувачка.

Охрабрувачки се податоците за извозот, кои последните три месеци лани покажуваат зголемување на продажбите во странство и тоа за 5,6% во октомври, потоа 2% во ноември и 8,2% во декември, на годишна основа.

Сумирано, се проценува 2020 година имало пад на економската активност од 4,9% според последните проценки на Народната банка, до најмногу 5,4%, колку што прогнозира ММФ.

„Се работи за синхронизирана економска криза којашто истовремено ги погодува речиси сите економии во светот ‒ се очекува дека само околу 26 земји ќе имаат мала позитивна стапка на економски раст. Се работи за криза којашто не е резултат на слаби економски фундаменти, туку е здравствена криза којашто брзо се прелеа во реалниот сектор“, објасни неодамна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Според прогнозите на Народната банка, ќе има пад кај сите компоненти на БДП во 2020 година, освен кај јавната потрошувачка, и тоа најголем пад кај бруто -инвестициите од 12,8% во услови на намалени странски директни инвестиции и послаби домашни инвестиции од страна на приватниот и јавниот сектор; потоа намалување на личната потрошувачка за околу 4% во услови на пад на расположливиот доход на населението, при неповолни поместувања на пазарот на труд и помали приватни трансфери, но и поголема воздржаност од потрошувачка; извозот ќе забележи пад од 11,7%, поради намалена странска побарувачка и привремен застој во глобалните синџири на снабдување; а намалената лична и инвестициска побарувачка, заедно со падот на извозот ќе доведат и до помали увозни притисоци, односно увозот ќе се намали за околу 12%.

„Сепак не искусивме катаклизма како што често анегдотски се стравуваше на почетокот на кризата во март“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески. Сепак, според него, кризата ќе остави економска трага, затоа што при најсилниот удар во вториот квартал, таков пад на економската активност не е искусен од раните транзициски години во 1990-тите, на што голем дел од сегашните генерации веќе и не се сеќаваат.

Премиерот Заев, осврнувајќи се на цела година помината во услови на пандемија, истакна дека во текот на целиот овој период Владата покажала максимална посветеност за грижа за здравјето, за работата на претпријатијата и за зачувување на работните места на нашите граѓани.

„Целта беше јасна – да ја одржиме економијата жива и витална, да имаме активни дејности кои овозможуваат проток, ликвидност, активност. И успеавме. Стопанството е поддржано како никогаш досега. Дополнително, редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, и ги реализираме сите мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Во 2020 поддржани се над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра. Со над 17 милиони евра поддржани се 400 инвестициски компании со директна поддршка. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст со 11,5 милиони евра се поддржани 140 компании. За 39 странски компании кои функционираат во зоните и надвор од нив, преку мерките за кои се склучени договори, во 2020 се исплатени 25,6 милиони евра, а преку инструментите на ФИТР во 2020 година се исплатени 8,5 милиони евра на 266 компании“, потенцираше Заев и додаде дека сега е вистински момент да се стимулира развојната компонента на компаниите кои покажуваат проактивност, резултати, вработуваат и придонесуваат за развој на националната економија.

Прогнозата за 2021 сè уште замаглена

Прилично замаглена е засега прогнозата за оваа 2021 година, имајќи ги предвид билансот на заразени и сите придружни проблеми на вакцинацијата, така што и економистите и меѓународните финансиски институции, поучени токму од целосните промашувања на прогнозите лани, сега се оградуваат од прецизност и се воздржуваат кога предвидуваат каква ќе биде оваа година.

Со задршка дека прогнозите може да се променат зависно од неколку ризици поврзани со здравствената криза, пронаоѓањето на вакцините сепак влеа оптимизам дека економското заздравување ќе почне напролет, една година по избувнувањето на пандемијата.

Очекувано, македонската економија во вториот квартал од оваа година, статистички ќе прикаже поголема стапка на раст бидејќи економската активност ќе се споредува со динамиката од истиот период лани кога имавме драматичен пад од речиси 15%.

За цела година, се проценува дека растот на бруто домашниот производ (БДП) ќе биде околу 4% и оваа стапка делува како блескава прогноза во споредба со длабоката рецесија во 2020. Со вакво темпо, економијата ќе се врати на преткризното ниво дури во првата половина од 2022 година.

Народната банка исто така, своите прогнози ги темели на оптимизмот што произлегува од превенцијата на заразата со вакцини.

„Побрзиот напредок во третманот на коронавирусот, како и во развојот на вакцина се фактори на оптимистичката страна. Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне економската активност“, оценува Народната банка.

Според проценките на централната банка, на среден рок се предвидува постепено, но поумерено закрепнување со стапки на раст од 3,9% во 2021, 3,6% во 2022 и 4% во 2023 година. Овие проекции значително се разликуваат од владините, според кои економијата во истиот период би растела годишно и по 5,2%.

Народната банка исто така смета дека последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година.

„Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитирањето, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка“, оценува Народната банка.

Очигледно е дека проценките за заздравувањето на домашната економија во голема мера се потпираат на закрепнувањето на европскиот пазар каде што се извезуваат над 80% од нашите производи.

Но, изгледите за Стариот Континент отсега гледано се целосно неизвесни.  Иако се проценува раст од 4,7% годинава, сепак голем дел од земјите се соочуваат со огромен бран на пандемијата кој ги натера уште во ноември да воведат целосен локдаун и кој очигледно се продолжува и во првите месеци од 2021.

Во такви услови, странската побарувачка за македонските производи е неизвесна бидејќи луѓето вообичаено трошат само за неопходни работи.

Германската автомобилска индустрија веќе го сподели песимизмот сумиран во проценката на состојбата, која поради продолжениот локдаун падна на минус 5,4 поени. За споредба, месецот претходно овој индикатор беше во позитива и изнесуваше 5 поени.

Ваквите песимистички прогнози особено ги засегаат странските инвеститори што имаат фабрики во индустриските зони, чии производи главно се наменети за автомобилската индустрија токму во овие земји. А овие фабрики, пак, се главни носители на огромен дел од домашниот извоз.

економија7 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

банки7 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

економија6 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

македонија6 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија6 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште

технологии / компании2 дена ago

ПроКредит Банка прва банка во земјата со 70% електричен возен парк

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Управување со ликвидноста и cash gap

свет6 дена ago

Како еден град станува паметен?

македонија6 дена ago

Амбициозен инвестициски план: ќе бидат вложени преку 105 милиони евра во нови маркети и други содржини

lifestyle6 дена ago

Марк Кјубан: Станете експерт во тоа што го работите. Тоа ќе ви даде предност затоа што повеќето луѓе не го прават тоа.