Connect with us

интервју

Антонио Аргир: НЛБ е Банка од доверба со јасна визија за сè што следи!

Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка

објавено

на

“Би сакал оваа прилика да ја искористам и да се заблагодарам на мојот верен НЛБ тим кој стои зад секој наш успех и позитивни резултати. Имавме интензивна година, која на повеќе наврати нè ставаше на тест, но упорноста, доследноста и страста за она што го работиме се клучните фактори на нашиот успех. По ова невообичаено пандемиско искуство сплотени сме како никогаш досега и верувам дека секој од нас со себе понесува непроценливо професионално и лично искуство. НЛБ е Банка од доверба со јасна визија за сè што следи!“

Капитал за првпат ја има честа да разговара со сите 4 членови на УО откако функционирате во овој состав. Во тек е вашиот втор мандат во функција на претседател на Управниот одбор. Kако човек кој го држи во раце кормилото на НЛБ Банка Скопје 6та година по ред, би сакал да поразговараме во една поопшта рамка за работењето на Банката во период од 35 години колку и постоите на пазарот. Кажете ни нешто повеќе за почетоците, но и носечката стратегија и мисија на Банката која и ви овозможи да го уживате денешниот успех.

Согласно последното спроведено независно истражување за перцепција на брендот во 2020 година, можеме со задоволство да истакнеме дека имаме најдобро перципиран бренд на пазарот со високо ниво на углед и доверба, како и највисоко оценети физичка и дигитална достапност и квалитет на услуги.

НЛБ Банка АД Скопје e една од водечките банкарски институции во Република Северна Македонија со постојан тренд на пораст и континуирано позитивни резултати од нејзиното основање, па се до денес. За првпат основана во 1985 година како интерна банка на тутунската индустрија, а од 1993 година работи како комерцијална банка којашто ги извршува сите банкарски услуги за клиентите од земјата и од странство. Нашата Банка е дел од едно широко семејство кое работи и функционира под закрила на НЛБ Групацијата. Членството во рамките на оваа Групација датира од 2000 година со што Нова Љубљанска Банка д.д. Љубљана е стратешки акционер со 86,97% учество во вкупниот капитал на Банката. Изминатата година ја имавме честа да прославиме јубилејни 35 години постоење во РС Македонија и 20 години присуство на НЛБ Групацијата во нашата земја. Банката е еден вид економски амбасадор на Словенија и истовремено е и една од најуспешните словенечки инвестиции во нашата земја.

Во сите изминати години од нашето постоење бележиме континуирано успешна работа на НЛБ во Македонија, посветени на нашите клиенти и унапредување на продуктите и услугите. Со цел подобро опслужување и поголема достапност во последните 20 години имаме направено значајни инвестиции за развој на нови сервиси и функционалности во вредност од околу 100 милиони евра. Воедно, инвестиравме и во зголемување на капиталот на Банката, кој во истиот период е зголемен за речиси 200 милиони евра, со што дополнително се овозможува раст на Банката и зголемување на сопствените потенцијали за поддршка на клиентите во нивните активности и на економијата воопшто.

Низ годините успеавме да изградиме силна позиција на пазарот и денес можеме да се пофалиме дека сме втора системски најзначајна банка, трета по актива, со 16,5% пазарно учество според вкупната актива, 17,5% кај вкупното кредитирање, односно над 21% кај кредитите за физички лица, а секој четврти примател на плата и пензија своите приходи ги прима на сметка во НЛБ Банка. Опслужуваме околу 813.000 илјади клиенти, физички и правни лица, од кои активни се околу 410.000. Исто така, особено сме активни во кредитирање и поддршка на сите поголеми проекти во државата каде сме вклучени како носители или како активни учесници.

Нашите вложувања и заложби се потврдуваат и се препознаени директно и од страна на клиентите, што се потврдува преку спроведените истражувања на пазарот. При тоа, согласно последното спроведено независно истражување за перцепција на брендот во 2020 година, можеме со задоволство да истакнеме дека имаме најдобро перципиран бренд на пазарот со високо ниво на углед и доверба, како и највисоко оценети физичка и дигитална достапност и квалитет на услуги.

За да се постигнат вакви извонредни резултати и да се одржи континуитет сиве овие години потребна е добра пазарна стратегија, јасна визија, но и несебична посветеност кон работата и клиентите. Нашата мисија е да бидеме меѓу водечките финансиски институции во земјата, лидер во иновациите, но и да обезбедиме уникатно корисничко искуство, современа продуктната понуда, високо ниво на квалитет и поголема достапност за нашите клиенти. Тука е и општествената одговорност и грижата за средината во која работиме и делуваме и на која посветуваме огромно внимание, при што градиме взаемна доверба со нашите клиенти, вработени и акционери.

Имајќи ја предвид посветеноста на клиентите, во континуитет носиме нови технологии и воведуваме новини во банкарското работење, поради што сме перципирани како иновативна и дигитално напредна Банка. Ќе продолжиме да работиме на нашата дигитална трансформација, со цел оптимизација и поедноставување на работењето со клиентите, но и оптимизација и автоматизација на внатрешните процеси во Банката. Нашата цел е да станеме еден вид финтек компанија со банкарска доверба што ќе ни овозможи супериорна позиција на пазарот. Притоа, развојот на нашите решенија можеме да го постигнеме преку сопствени инвестиции, но и да бидеме партнери со некои иновативни финтек компании. На овој начин ќе продолжиме да бидеме пионери во генерирање на новите трендови во банкарството кои секогаш ќе го имаат во фокус подобреното клиентско искуство, поддржани со технолошки иновации.

Но, не би биле тука каде што сме, без нашиот најголем капитал, а тоа се нашите вработени, кои со несебична посветеност, огромна љубов и ангажман секојдневно ги извршуваат своите обврски и го вложуваат сето свое знаење и умешност за остварување на нашата мисија. Веруваме во нив и неуморно инвестираме во нивна едукација, раст и развој. Сакаме да бидеме Банка од која ќе произлезат впечатливи кариери на професионалци кои ќе остават траен печат во банкарската фела. Само на овој начин, преку градење лојалност, доверба и постапувајќи одговорно со своите вработени, Банката ќе биде во позиција да создава вредност за сите засегнати страни.

Г-дин Аргир, зад нас е една кризна година како што беше 2020, а се ближи и заокружувањето на вториот квартал од годинава, па како сте задоволни од динамиката на развојот и растот на НЛБ Банка во ова комплексно време и кои се очекувањата за клучните перформанси до крајот на годинава? Како очекувате да се развива економската ситуација на краток и среден рок, кои се според Вас најголемите макроекономски предизвици и како истите ќе влијаат и врз работењето на банкарскиот сектор и Вашата банка?

Она што му се случи на светот во 2020 година, несомнено предизвика широко распространета економска штета, со долгорочни импликации врз глобалните синџири на снабдување, растот на продуктивноста и државните долгови. Но, би рекол негативните ефекти се чувствуваат и многу пошироко, во секоја сфера на општественото живеење. Едноставно, немаше земја, но и човек, кој не беше на лично и професионално ниво засегнат од промените и предизвиците кои за многу кусо време направија сериозни поместувања.

Иако условите за работа беа исклучително тешки, со голема гордост, можам да кажам дека и во услови на пандемија од глобални размери, покажавме голема зрелост и успешно се справивме со сите предизвици, што се гледа и преку остварените одлични финансиски резултати во 2020 година, но и во првиот квартал од 2021 година. Успешно го задржавме деловниот континуитет и од почеток на корона кризата заклучно со првиот квартал во 2021 година, успеавме да оствариме пораст на вкупното кредитно портфолио од 6,7%, при што порастот кај кредитите на население изнесува над 11%. Од аспект на клиентската база добивме повеќе од 70.000 нови клиенти, со истовремен значаен пораст на корисниците на дигиталните канали, каде бележиме зголемување на плаќањата и за повеќе од 100%.

И покрај Ковид кризата и одржаниот бизнис континуитет кој беше наш приоритет, не ги одложивме зацртаните проекти и планови и во ниту еден момент не запревме со кредитирањето на физичките и правните лица со цел поддршка на нивните инвестициони активности, а се јавивме и во улога на банка лидер на синдицираниот заем за финансирање на изградбата на трговскиот центар East Gate Mall.

Во вонредни услови на работење, и покрај продолжените негативни ефекти од пандемијата, успеавме да ја зачуваме и одржиме високата ликвидност и солвентност на Банката, деловниот континуитет и високиот квалитет на услугите. Дополнителна потврда за нашето успешно работење е и петтата по ред награда за Најдобра банка во нашата земја за 2020 година доделена од страна на финансискиот магазин ЕМЕА.

Со оглед на тоа дека 2021 година ќе биде година на заздравување на економијата, особено на најпогодените сектори, ќе останеме силно посветени на нивна поддршка за излез од кризата. Нашиот фокус и понатаму ќе биде кредитирање на населението и претпријатијата, ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите клиенти во проектите за рестартирање на бизнисите и реализација на нивните активности. Неоспорно е дека и во идниот период ќе се соочуваме со нови предизвици, но и нови можности во сите сегменти од работењето. Дигитализацијата, особено по изминатата година и понатаму ќе го има главниот збор и ќе биде една од нашите стратешки определби. Нашиот план е и понатаму да го прошируваме продуктното портфолио со иновативни продукти и услуги во согласност со светските трендови, но истовремено ќе продолжиме да ги модернизираме нашите експозитури за едно поинакво и подобро клиентско искуство.

Во однос на клучните перформанси до крајот на годината, очекуваме пораст на кредитното портфолио како и пораст во користењето на дигиталните канали. Нашиот фокус ќе биде зголемување на пазарното учество во сегментот мали и средни претпријатија при истовремено одржување на висок квалитет на кредитното портфолио. Исти така очекуваме зголемување на активностите и пренос на платните операции преку дигиталните канали, а ќе работиме и на воведување на нови дигитални продукти за физички лица.

Од сегашна гледна точка, сметам дека оваа криза ќе потрае и покрај извесноста за окончување преку колективната имунизација која е во тек. Дури и по завршување на здравствената криза, очекувам извесен период неопходен за заздравување на економијата. Она што е важно во овој момент е да бидат донесени и применети долгорочни мерки кои ќе ја одржат и поттикнат економската активност на приватниот сектор.

Од аспект на макроекономијата најголем предизвик очекувам да биде справување со зголемената задолженост на државата и обезбедување на доволно и редовни јавни приходи со цел реализација на буџетските активности на државата. Враќањето во форма на економиите во регионот ќе биде поткрепено со заживување на потрошувачката и капиталните трошења, како и постепено олеснување на ограничувањата поради Ковид-19 низ целиот свет, потоа зголемената надворешна побарувачка и отворање на границите. Исто така, важен фактор во процесот на заздравување е закрепнувањето на трговските партнери на земјите од ЕУ. Приватната потрошувачка и фиксните инвестиции ќе се вратат во раст, делумно поддржани со фискални стимулативни мерки, додека зголемувањето на побарувачката од странство ќе го зголеми извозот.

Како високо капитализирана Банка очекувам да бидеме еден од главните двигатели на економијата кај нас, и тоа преку обезбедување на кредитна поддршка за населението и фирмите. При солиден раст на депозитната база како главен извор на финансирање, нема сомнеж дека кредитирањето ќе игра главна улога во процесот на закрепнување на економиите и нивен понатамошен раст и развој.

Покрај тоа, во периодот кој следи Банката ќе продолжи да биде сериозен партнер и поддршка за сите сегменти од општественото живеење, а грижата за општото добро ќе остане еден од нашите највисоки приоритети. Во тој правец ќе продолжиме со поддршка на проекти во областа на културата, спортот, образованието, животната средина, децата и младите и со тоа генерално да придонесеме кон подобрување на целокупниот квалитет на животот на поединците, семејствата, и општеството во целост.

Што значи за потенцијалите на НЛБ Македонија регионалното ширење на матичната групација од Љубљана (аквизицијата на Комерцијална – Србија) кое не застанува и во овие кризни времиња?

Купувањето на Комерцијална Банка а.д. Белград беше стратешки важен чекор со што НЛБ Групацијата ја зацврсти својата позиција како водечка меѓународна банкарска групација со седиште во Југоисточна Европа чиј главен фокус е токму овој наш регион. Со инвестицијата на НЛБ во Србија, ја заокружуваме нашата стратешка определба да држиме една од водечките пазарни позиции во сите земји од регионот каде НЛБ е присутна. Со оваа аквизиција, имаме можност за уште поголема поддршка на сите клиенти на Групацијата како и на нашите клиенти кои се увозно-извозно ориентирани и кои соработуваат на двата пазари. На овој начин овозможуваме уште поголема банкарска поддршка, зголемени можности за соработка и појака оперативна поддршка за реализација на проектите на нашите клиенти. Исто така, со оваа аквизиција гледаме синергија во однос на работењето во рамките на Групацијата низ целиот регион, бидејќи ќе донесе придобивки и за нашите вработени преку програми за обука и можности за раст. Ние сме една од поголемите Групации во овој регион, што ни дава големи можности да станеме регионален шампион.

Актуелниот состав на УО на Банката функционира веќе една година, во мешан интернационален состав, па кажете ни каква синергија постои меѓу 4-те членови и кои беа најголемите предизвици за вас како топ менаџмент откако започна пандемијата?

Почнувајќи од 2020 година, Управниот одбор на НЛБ Банка функционира во подновен и проширен состав, при што покрај мене дел од тимот на Управниот одбор се колегите: Игор Давчевски, член на Управен одбор надлежен за операции, кој во својата експертиза е главно насочен кон операциите со посебен фокус на дигитализацијата; Петер Зелен, член на Управен одбор надлежен за управување со ризици, кој управува со темите поврзани со ризиците во работењето; Гинтер Фриедл, член на Управен одбор надлежен за управување со финансиите, кој е задолжен за ликвидноста и финансиското управување на Банката. Со ова успеавме да обезбедиме фокус на сите клучни сегменти од работењето на Банката, а секој член на УО има своја област која со високо ниво на стручност и знаење ја покрива.

Воспоставувањето на новиот интернационален состав на Управниот одбор на Банката претставува одраз на новите трендови на интернационализирање на Банката, но и воспоставување на поголема интерна мобилност и размена на кадри во целата Групација. Целта е во иднина да се зголеми групациската интермобилност на клучните стратешки, тактички и експертски позиции, што би значело дека на овој начин се отвораат можности клучните стратешки позиции во НЛБ Групацијата, вклучително и во Словенија, да бидат пополнети со клучни кадри од банките членки, а со тоа и од НЛБ Банка Скопје.

Преку последните промени во Управниот одбор се соочивме со низа предизвици од повеќе аспекти: спојување и усогласување на различни култури, поинаков начин на работа и комуникација, јазични бариери итн. Прилагодувањето на промената беше дотолку поголем предизвик имајќи ја предвид кризата која се појави по само неколку месеци од воспоставување на новиот состав. Но морам да нагласам дека како млада Банка, со високо флексибилен тим, предизвиците многу брзо ги совладавме и лесно се прилагодивме. Преку ноќ се соочивме со длабоки промени кои го изместија нашиот воспоставен начин на работа, но подеднакво брзо успеавме да одговориме соодветно на секоја од нив. Во таа ситуација повеќе од 6 месеци функциониравме целосно на дистанца, онлајн. Со професионалниот пристап кон работата, дури и во такви вонредни околности успеавме да оствариме синергија и да изградиме складен тим, но и одлична соработка која постои не само меѓу членовите на Управниот одбор, туку и пошироко меѓу целиот менаџерски тим на Банката. Затоа, не само што успеавме да го одржиме деловниот континуитет, туку и ја завршивме работата со висок степен на ефикасност и успех, на што сум навистина горд. Од сегашна перспектива гледано, новиот состав на УО на НЛБ Банка, можеби соработува нешто повеќе од една година, но како резултат на кризата која од повеќе аспекти беше многу комплексна, споделува искуства како за многу повеќе години соработка.

Во овој контекст би сакал да ги нагласам и останатите промени во менаџерската структура кои во континуитет ги спроведуваме, а кои пред сè, се од интерниот човечки капитал во Банката.

Покрај промените во Управниот одбор, во изминатите неколку години, во континуитет беа реализирани повеќе промени и на другите тактичко-менаџерски позиции. Клучната менаџерска екипа во овој момент поради смената на генерации е променета, подмладена и проширена и најголем дел од промените се реализирани од интерниот човечки потенцијал. Имајќи ја предвид нашата стратегија за интерна мобилност, вложување и развој во интерните кадри, можам комотно да кажам дека токму ова се позициите од каде се гради и потенцијалот за идни промени во составот на Управниот одбор на Банката.

За крај, би сакал оваа прилика да ја искористам и да се заблагодарам на мојот верен НЛБ тим кој стои зад секој наш успех и позитивни резултати. Имавме интензивна година, која на повеќе наврати нè ставаше на тест, но упорноста, доследноста и страста за она што го работиме се клучните фактори на нашиот успех. По ова невообичаено пандемиско искуство сплотени сме како никогаш досега и верувам дека секој од нас со себе понесува непроценливо професионално и лично искуство.

НЛБ е Банка од доверба со јасна визија за сè што следи!


Игор Давчевски, член на Управен одбор на НЛБ Банка, надлежен за операции

Игор Давчевски: Дигитализацијата ќе биде наша стратешка определба

Следејќи го трендот на дигитализација и свесни за брзите промени во навиките и очекувањата на клиентите, Банката продолжува да работи на иновативни продукти и услуги и постојано подобрување на функционалностите на каналите кои водат до Банката.

Г-дин Давчевски, пандемијата очигледно само ги забрза процесите на дигитализација што неминовно доаѓаа. Како е во моментов позиционирана НЛБ Банка во делот на дигитализација на своето работење со клиентите и кои се вашите најсилни адути во овој домен?

Клиентите со право имаат големи очекувања, имајќи предвид, пред сè, какво „нарушување“ на секојдневниот живот направија мобилните телефони и услугите кои секојдневно ги користиме преку нив.

Независно од пандемијата, која во јавноста се перципира за главен двигател на дигитализацијата, банкарскиот сектор, генерално, систематски и подолг период инвестира во тој процес. Со гордост можам да кажам дека НЛБ Банка е предводник во тој поглед. Како потврда за тоа се 436.000 корисници на дигиталните канали и овој број има тенденција да расте и понатаму. Како податок би го споделил и порастот на корисниците на дигиталните канали, каде имаме зголемување на плаќањата и за повеќе од 100%. Исто така, согласно неодамнешното истражување на задоволството на клиентите, електронските канали (мобилното и електронското банкарство) се продукти од кои клиентите се најзадоволни.

Дигитализацијата која го доживеа својот забрзан развој за време на пандемијата би рекол дека и во иднина ќе биде една од нашите стратешките определби. Ќе развиваме нови иновативни услуги, во согласност со светските трендови, но и ќе ги дигитализираме останатите продукти како што тоа го направивме со воведувањето на НЛБ мКлик мобилниот кредит. Ќе работиме на поголема достапност и поедноставување на банкарските услуги и софистицирано и современо корисничко искуство скроено според потребите и барањата на клиентите. Притоа, во развојот нема да се ограничуваме единствено на мобилното банкарство, иако тоа станува примарен канал кон клиентите. Во нашиот фокус останува и развојот на електронското банкарство – НЛБ Kлик.

Дополнително на ова, нашата Банка може да се пофали со најголема мрежа на банкомати во државата, кои постојано се трудиме да ги модернизираме и унапредиме прилагодувајќи се на новото и модерно време. Во таа насока први на пазарот воведовме безготовински и готовински сервиси за плаќање на сметки за режиски трошоци, надополнување на ваучери за припејд телефони, депонирање на средства на сметки и обврски кон кредитни картички. Исто така, повеќе од 70% од банкоматите се надградени да може да се користат без картичка, доволно е клиентот со себе да го носи својот мобилен телефон и да ги има дигитализирано своите картички преку НЛБ Pay апликацијата.

Ја користиме секоја прилика да ја зголемиме интеракцијата со клиентите и да овозможиме достапност на нашите услуги во секое време, преку сите допирни точки, без притоа да имаат потреба од посета на експозитура. Во оваа насока креиравме посебен наменски портал за доверливо, брзо и едноставно ажурирање на личните податоци на клиентите. Исто така го поддржавме сетот мерки на владата за финансиска поддршка на граѓаните за време на Ковид кризата и бевме единствена Банка на пазарот која овозможи достава на платежните картички на домашна адреса. Целиот процес се одвиваше електронски, при што на овој начин успеавме да издадеме повеќе од 100.000 платежни картички и да ги заштитиме граѓаните во периодот кога тоа беше најнеопходно.

Кои се според Вас клучните дигитални трендови што треба да ги очекуваат корисниците на банкарските услуги допрва и дали банкарскиот сектор се подготвува за напливот на т.н. финтек компании и останатите промени што ги носи дигиталното време?

Банките, генерално, ја извршуваат својата дејност во многу комплексна бизнис средина соочувајќи се со високи очекувања од регулаторите, а од друга страна се воведуваат нови прописи во областа на системите за плаќања кои драматично го олеснуваат влезот и работењето на финтек компаниите. Во светот ова е тренд во последната декада и има јасна цел да се направи дополнителна конкуренција од која бенефит ќе имаат клиентите. Јас често велам дека во тој натпревар, кој изгледа како трка на 100 метри, банките трчаат со товар на својот грб, имајќи го пред сè на ум регулаторното оптоварување. Истото, сепак е разбирливо земајќи ја предвид нашата улога во општеството.

Плаќањата, кои во основа се прва цел на финтек компаниите, за нас се само мал дел од пошироката дигитална трансформација. Податоците кои ги поседуваме, трансакциски и контекстуални, се наша привилегија, но и обврска, земајќи предвид дека клиентите ги препознаваат банките како најсигурни на пазарот во поглед на заштитата на нивните податоци. Наша цел е, користејќи ги овие податоци, да направиме соодветно персонализирање на целокупното банкарското искуство на нашите клиенти.

Следејќи го трендот на дигитализација и свесни за брзите промени во навиките и очекувањата на клиентите, Банката продолжува да работи на иновативни продукти и услуги и постојано подобрување на функционалностите на каналите кои водат до Банката. Посветено работиме на подобрување на постојните и воведување на нови функционалности на сите канали кои овозможуваат поголема достапност и подобрено искуство за клиентите. Согласно новите технолошки промени и променетите преференции на клиентите кон дигиталните услуги, наша цел е да овозможиме Omnichanel пристап, кој ќе пружи идентично искуство на клиентот, во ист момент, на сите канали на Банката за што е потребно сеопфатно управување со податоците и целосен преглед на интеракцијата со клиентот низ сите допирни точки со Банката.

Потврда за нашите заложби се новитетите кои ги пласираме во континуитет, а еден од најзначајните секако се мобилните потрошувачки кредити (сега достапни и преку електронското банкарство) кои се единствени на нашиот пазар. Се работи за еден комплетно дигитализиран процес кој завршува за неколку минути, а средствата се одобрени и достапни на трансакциската сметка на клиентот веднаш по одобрувањето на кредитот. Исто така, минатата година воведовме уште два нови начини на брзи плаќања во рамките на НЛБ мКлик – мобилното банкарство. Станува збор за иновативни платежни решенија „Плати на пријател“ и „Подели сметка“ кои на клиентите им овозможуваат да префрлат средства или да поделат сметка со своите пријатели, едноставно само со избирање на контакт од нивниот телефонски именик. Кај овие услуги имаме реализирано околу 100.000 налози во период од една година, што претставува 7% од вкупниот број на реализирани електронски трансакции.

Во оваа прилика можам да најавам дека клиентите многу брзо треба да очекуваат комплетно дигитално банкарско искуство, без притоа да имаат потреба воопшто да доаѓаат во банкарските експозитури, дири ни за иницијалното склучување на деловен однос при првото отворање на сметка во Банката.

Во моментов, независно од функционалностите кои ги развиваме за клиентите, интензивно работиме на нашите внатрешни процеси и нивна оптимизација и автоматизација, подготвуваме развој и изработка на нови податочни модели базирани на вештачка интелигенција, истовремено подготвувајќи се за “отвореното банкарство”. Сето ова, севкупно ќе доведе до наша комплетна дигитална трансформација со силен фокус на клиентот и антиципирање на неговите желби и навики, создавајќи дигитален екосистем како дел од новото глобално „дигитално“ општество.


Гинтер Фридел, член на Управен одбор на НЛБ Банка, надлежен за управување со финансиите

Гинтер Фриедл: Ефикасното управување со ликвидноста и капиталот ќе бидат главните предизвици

Очекувам трендот на намалување на каматните маргини, кој е присутен во целиот регион, да продолжи и во следниот период, што ќе донесе дополнителен притисок за зголемување на некаматните приходи и уште поголем фокус и контрола на трошоците, каде ќе се фокусираме на оптимизација на работењето и понатамошна засилена дигитализација.
Во овој контекст, ефикасното управување со ликвидноста и капиталот, ќе бидат едни од главните предизвици кои ќе бидат во фокусот на нашето работење и во идниот период.

Г-дин Фриeдл, со какви финансиски резултати очекувате НЛБ Банка да го заврши вториот квартал од оваа година и дали оваа година ќе биде подобра од минатата?

НЛБ Банка Скопје неодамна ги објави своите резултати од првиот квартал од 2021 година, и покажа нето добивка од 8.1 милиони евра што претставува пораст за 19% во однос на истиот период минатата година, согласно локалните сметководствени стандарди. Ова јасно ја покажува издржливоста и високиот квалитет на Банката како резултат на одржливиот деловен модел и покрај предизвиците на продолжената Ковид-19 пандемија. Успешните резултати од првиот квартал продолжуваат и во вториот квартал, при што се соочуваме со континуиран притисок врз нето каматните приходи, кој Банката делумно го компензира со поголем приход од надоместоци и провизии.

Нашиот деловен модел е стабилен и одржлив, што исто така се докажува преку високата и стабилна депозитна база, која е јасен индикатор за угледот и довербата кои ги уживаме кај нашите клиенти.

Очекувам дека и во идниот период ќе продолжиме со исто темпо и ќе оствариме уште подобри резултати до крајот на 2021 година, поддржани со понизок трошок на ризикот.
Позитивните резултати кои ги очекуваме дополнително сe поддржани со нашиот проактивен пристап и ангажман во континуирано изнаоѓање на можности за оптимизација на процесите, воспоставување на повисоко ниво на интерна синергија, но и цврста контрола на трошоците, што е изразено преку извонредно ниското ниво на трошоци наспрема приходи кое се движи
околу 40%.

Земајќи ги предвид моменталното макроекономско опкружување и условите за работа на деловните субјекти, како ги проценувате тековната ликвидност и капиталната позиција на Банката на пазарот и какви се вашите очекувања за следниот период?

Во 2021 година очекуваме закрепнување на БДП од околу 3.5% до 4% врз основа на зголемувањето на домашната и странската побарувачка, бидејќи ограничувањата кои се на сила во земјата и во странство, постепено се олабавуваат. Овој економски раст секако зависи од напредокот на процесот на вакцинација и медицинскиот третман на Ковид-19 во земјата.
По зголемувањето на државниот долг во 2020 и 2021 година од владините фискални мерки насочени кон ублажување на негативните ефекти од Ковид-19 пандемијата, понатаму очекувам постепена фискална консолидација на среден рок, со поголемо потпирање на домашните извори на финансирање. Во однос на поволните финансиски услови на меѓународните и домашните пазари, Северна Македонија беше активна во 2021 година со издавање на еврообврзница од 700 милиони евра, додека преостанатите потреби за финансирање се очекува да бидат покриени со домашно издавање, меѓународни финансиски институции и фискални резерви.

За цело времетраење на пандемијата НЛБ Банка Скопје управува со стабилна и силна ликвидносната позиција при што Банката значително ја надминува стапката на покриеност со ликвидни средства пропишана од страна на НБРСМ. Континуираното зголемување на депозитната база како главна основа за финансирање, е одраз на довербата која ја уживаме кај нашите клиенти и перцепцијата за Банката како сигурно место за чување на нивните заштеди. Нашиот сооднос на заеми наспроти депозити (LTD) од 73% останува на високо ниво, а индикаторите за ликвидност ги одржуваме високо над регулаторните барања, што е и потврдување на ниската толеранција на ризик за ликвидност на Банката.

Во однос на очекувањата за идниот период, сметам дека банките во услови на окружување на висока ликвидност на целиот банкарски сектор, ќе продолжат со активно зголемување на нивните кредитни активности, со што ќе се овозможи поддршка за реализација на различни инвестициони проекти во бизнис секторот, како и обезбедување на атрактивни кредитни продукти за задоволување на потребите на населението. Како банка нудиме конкурентни и иновативни кредитни продукти и напорно работиме на проширување на понудата и достапноста на продуктите не само преку традиционалните канали – експозитурите, туку и преку дигиталните канали, со особен фокус на мобилното банкарство.

Зголемената кредитна активност на Банката предизвикува зголемување на ризично пондерираната актива, што влијае на намалување на капиталот, но остануваме високо капитализирани со ниво капитал од 15,71%, односно за 0,71% над законскиот минимум пропишан од НБРСМ.

Во услови на постојан раст на ликвидносен вишок на ниво на банкарскиот систем, проследено со постојано намалување на каматните стапки на домашниот пазар, ве молиме образложете го вашиот став за можностите за оптимизирање на профитабилноста на ликвидните средства на Банката, истовремено одржувајќи стабилно ниво во наредниот период.

Генерално, во рамките на целиот банкарски сектор има високо изразена конкуренција, особено во сегментот на кредитирање, каде што се соочуваме со висок притисок од страна на конкурентските банки, со нагласок на цените на кредитните продукти. Заради тоа нето-каматната маргина е постојано под притисок и истата е намалена во споредба со претходните години. Во вакво окружување, олеснителна околност е што успеавме да оствариме повисоки приходи од инвестиции во хартии од вредност издадени од страна на Министерството за финансии.

Очекувам трендот на намалување на каматните маргини, кој е присутен во целиот регион, да продолжи и во следниот период, што ќе донесе дополнителен притисок за зголемување на некаматните приходи и уште поголем фокус и контрола на трошоците, каде ќе се фокусираме на оптимизација на работењето и понатамошна засилена дигитализација.

Во овој контекст, ефикасното управување со ликвидноста и капиталот, ќе бидат едни од главните предизвици кои ќе бидат во фокусот на нашето работење и во идниот период.


Петер Зелен, член на Управен одбор на НЛБ Банка, надлежен за управување со ризици

Петер Зелен: Ние сме партнер на клиентите при избор на најоптимално финансиско решение

Поставување на правилната финансиска конструкција на самиот почеток има огромно влијание на понатамошното намалување на ризикот и потребата од рефинансирање на нивните кредитни обврски. Токму поради тоа себеси се гледаме како партнер кој ги советува своите клиенти при избор на најоптимално финансиско решение.

Г-дин Зелен, како НЛБ го изменаџира зголемениот ризик по работењето со оглед на корона – кризата и кои категории кредитокорисници се покажаа поранливи – населението или компаниите?

Околностите кои ни ги наметна пандемијатa беа силен предизвик за Банката во однос на одржувањето на деловниот континуитет, но и успешно справување со една низа нови ризици кои произлегоа од ситуацијата. Банките генерално имаат таканаречени Планови за деловен континуитет кои може да се активираат при вонредни услови. Но, овој пат состојбата на шок бараше огромен напор од сите засегнати страни, бидејќи кризата практично преку ноќ ја претвори секојдневната рутина во кризен режим на работење, при што во ниту едно кризно сценарио не е земена во предвид толку сериозна здравствена криза со импликации врз целата економија. Во оваа ситуација, нашиот фокус беше да го зачуваме континуитетот на работењето, а во исто време да го зачувуваме здравјето на нашите вработени и клиенти и да ги задржиме стабилноста и квалитетот на кредитното портфолио.

Во овој правец, уште на самиот почеток на кризата имаше брза и ефикасна реакција од сите инволвирани страни. Тука се донесените уредби од страна на владата, мерките од НБРСМ, но и соодветната реакција, учество и поддршка од страна на банките, кои значително придонесоа за стабилизирање по првата состојба на шок. Преку овозможување на одложено плаќање на кредитните обврски за клиентите, притисокот беше значително намален. Ваквиот чекор претставуваше значајно олеснување на нивните финансии, но и симнување на голем психолошки товар во услови на тешка и неизвесна ситуација на потенцијално губење на работа, намалување на редовните приходи, дополнително проследени со страв за сопственото здравје. НЛБ Банка како системски значајна банка со големо кредитно портфолио имаше особено значајна улога во оваа активност. Самиот факт што повеќе од 120.000 граѓани и 700 фирми кои вработуваат околу 30.000 лица, ја прифатија понудата за одложено плаќање говори за тежината, влијанието и значењето на оваа можност. На овој начин максимално им излеговме во пресрет на засегнатите граѓани и фирми во време на силни предизвици поради пандемијата.

Во рамките на кризата едни од најпогодените индустрии беа HORECA индустријата, туризмот и транспортот, кои директно го осетија ударот од кризата врз нивното работење, пред сè поради ограничувањата за движење – полицискиот час и ограничувањата за патување. Закрепнувањето можеме да го очекуваме од 2022 година, бидејќи пандемијата сè уште не е замината. Останатите индустрии се чини дека веќе ги прилагодија своите деловни перформанси на новите околности.

Во однос на физичките лица, сметам дека сегментот на население генерално покажува поголема стабилност и досега релативно полесно се справи со кризата во однос на правните лица. Сепак, клиентите на кои им беше одобрено второ одложување на обврските, носат зголемен кредитен ризик, кој со соодветно структурирано финансирање соодветно ќе го минимизираме.

Дополнителна и многу значајна поддршка за сите клиенти е тоа што Банката во континуитет, за цел период, дури и во текот на кризата, продолжи со своите кредитни активности. Ги кредитиравме физичките лица со цел задоволување на нивните потреби, но бевме подеднакво активни и во кредитирање на фирмите за поддршка на нивните инвестициони активности, заживување на нивните бизниси и излез од кризата.
Нашата мисија не застанува овде, свесни за одговорната улога која ја имаме во општеството, како системски значајна Банка, ќе продолжиме активно да учествуваме во процесот на заздравување на домашната економија. Работиме со висока ликвидност и ќе продолжиме преку кредитирање да ги поддржиме нашите клиенти во нивните идни проекти и потреби за рестартирање на бизнисите.

Дали Банката се поставува како консултант, а не само обичен кредитоодобрувач на компаниите, со тоа инсистирајќи на добри проекти, добар потенцијал за успех и за полесно враќање на кредитот?

Функционираме во време кога промените се случуваат многу брзо во секој аспект на нашето живеење, а бизнис секторот се развива со голема динамика, при што се бара брз и соодветен одговор од кредиторите. Банката треба добро да го разбере бизнис моделот за да може соодветно да го процени нивото на кредитниот ризик на кој ќе биде изложена. Во таа насока, неопходно е да дејствуваме како силен партнер на нашите клиенти и да додадеме вредност преку заедничка детекција на бизнис потребите и можностите, да ги процениме потенцијалните ризици, да најдеме соодветните кредитни продукти, но и консултативно да влијаеме на нивното работење во правец на надминување на детектираните ризиците. Консултантската функција на Банката има клучна улога во овозможување на финансирање на квалитетни проекти со потенцијал за раст кои ќе овозможат остварување на одлични резултати за компаниите и Банката, но кои истовремено ќе придонесат и за раст на економијата во целост. При одобрување на кредитна изложеност за една фирма, од особено значење е детектирање на вистинската причина за потребата за финансирање која може да има различни импликации во иднина. Затоа од особена важност е соодветно да се дефинира и структурира целата финансиска конструкција и да се изврши повеќестрано разгледување на конкретното кредитно барање. На овој начин, ликвидносната позиција станува поотпорна на евентуалните недостатоци на бизнис плановите што се вообичаени за деловните субјекти. Поставување на правилната финансиска конструкција на самиот почеток има огромно влијание на понатамошното намалување на ризикот и потребата од рефинансирање на нивните кредитни обврски. Токму поради тоа себеси се гледаме како партнер кој ги советува своите клиенти при избор на најоптимално финансиско решение. Континуирано ги користиме и се потпираме на нашата експертиза и знаење при одобрување на структурираното финансирање со учество на специфични кредитни продукти и кредитни линии за малите и средни претпријатија, како и за проектно финансирање на поголемите проекти.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија15 часа ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија23 часа ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании1 ден ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет1 ден ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион1 ден ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија1 ден ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија1 ден ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија1 ден ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју1 ден ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија1 ден ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија1 недела ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки5 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет4 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

интервју1 ден ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија1 ден ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

македонија1 ден ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство