Connect with us

интервју

Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна Македонија: Нашата „инвестиција“ во напредокот на судството за жал не даде очекуван „поврат“!

објавено

на

Текст: Редакција Капитал
Главна фотoграфија: Петр Стојановски

„Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните  треба да го барате.“

Во деновите кога македонската јавност ја брануваат повеќе разврски, но и најави  на судски процеси од висок профил каде што се инволвирани политичари и бизнисмени, како и сместувањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД поради наводна вмешаност во корупција, го направивме ова интервју со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Н.Е. г-ѓа Анџела Агелер, којашто уште и пред официјално да ја преземе амбасадорската функција најави дека поле на особен нејзин интерес за време на мандатот ќе биде токму  борбата против корупцијата и организираниот криминал. Вели дека македонското општество мора да направи реформи, особено во делот на владеењето на правото, доколку сака повеќе странски инвестиции, меѓу кои и американски, се разбира и побрз економски развој. Околу овие прашања, како и околу потенцијалите за развој на економската соработка помеѓу САД и Северна Македонија, регионалните интеграции, енергетската иднина на државава, коридорите што треба да ги гради конзорциумот Бехтел – Енка,  и досегашната помош и финансиска поддршка што ги имаат пружено САД за земјава, читајте во ова интервју со г-ѓа Агелер.

-Ваша екселенцијо, премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во мај беше во САД на средби со високи претставници на американската администрација. Се сретна и со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и со други високи претставници на политичкиот живот во Вашингтон. Северна Македонија е стратешки партнер на САД. Оттука, како ја оценувате посетата на македонскиот премиер во Вашингтон и како ги оценувате стратешките односи меѓу двете земји во моментов? Што е ново на оваа тема?

Премиерот имаше одлично патување во Њујорк и во Вашингтон, каде што се сретна со високи американски претставници во Обединетите нации, а потоа и во Стејт департментот и на Капитол Хил. Секогаш е добро да се посетуваат пријатели, а срдечноста со која беа пречекани премиерот и министерот за надворешни работи покажува колку длабоко Вашингтон го цени ова пријателство. Работиме заедно уште од вашата независност, а силата на нашето партнерство е многу важна за Соединетите Држави.

Како што велите, Северна Македонија е стратешки партнер и игра важна улога во регионот која не треба да се потценува. Ниту една друга земја од Западен Балкан ја нема истата способност да зближи различни регионални лидери за конструктивни дијалози, а вашите мировни напори направија многу за да донесат стабилност и безбедност на Балканот.

Но, САД се јасни – и луѓето во оваа земја разбираат – дека се потребни внатрешни реформи, особено во борбата против корупцијата. Има уште работа, но дозволете ми да повторам дека оваа земја и нејзините граѓани секогаш ќе ја имаат поддршката од САД. Не треба сами да се справувате со овие тешки прашања.

-Дали на средбите во Вашингтон се покренати идеи за нови проекти? Можеби и нови инфраструктурни инвестиции? Како сте задоволна од моменталните економски односи помеѓу САД и Северна Македонија и кои се според вас најголемите пречки за поголем влез на американски, и воопшто странски инвестиции во земјава?

На состаноците во Вашингтон се разговараше и за тековните и за можните нови проекти. Секретарот Блинкен и другите функционери – сите се запознаени со Северна Македонија и регионот – сакаа да разговараат за широк спектар на предизвици и можности. Инфраструктурата секако беше дел од тоа. Енергетската диверзификација  и опциите за чиста енергија се од интерес за Секретарот, како и тоа до каде се големите проекти како што се Коридорите 8 и 10д. Оваа земја нуди огромни можности во ИТ, земјоделството, туризмот и во многу други области.

Економски, работиме доста добро заедно, но инвестициите и трговијата со САД не се толку робусни колку што знам дека можат да бидат. Бизнисите и инвеститорите од  САД бараат средини во кои можат да видат здрав поврат на нивните инвестиции. Ова бара јасно придржување кон владеењето на правото, видлива посветеност во борбата против корупцијата, почитување на договорите, квалификувана работна сила и транспарентна бирократија.

Има некои одлични можности за американските бизниси да ги снабдуваат своите европски клиенти од капацитетите овде во Северна Македонија, но за да се склучат договори неопходни се транспарентност и добро владеење.

Владата на САД и нашата Амбасада не насочуваат зделки и не преговараат за договори во име на приватни бизниси од САД. Ниту, пак, им кажуваме на американските компании каде и во кои сектори да инвестираат. Сепак, ние активно се залагаме за поголеми инвестиции од  САД и за реформи  со цел тие да се  привлечат овде  во Северна Македонија.

-Во кој правец се движи ставот на САД за регионалните интеграции во Западен Балкан како што е иницијативата Отворен Балкан? Што може таа Иницијатива да смени во економскиот амбиент на земјите од Западен Балкан во услови кога речиси од сите земји во овој регион населението се иселува во развиените европски држави членки на ЕУ, како и во САД и Канада?

Секоја програма или партнерство што го промовира растот на трговијата во регионот и ефикасното движење на стоки, услуги и работна сила преку границите, заслужува сериозно разгледување и може да ја зајакне економијата. Тие иницијативи исто така, можат да ја забрзаат евроатлантската интеграција на оваа земја и на целиот регион. Скратувањето на времето што камионите го поминуваат чекајќи да испорачаат стоки обезбедува непосредни економски придобивки за компаниите и потрошувачите.

Сметам дека економскиот раст и поголемите можности што ги носи тој ќе го намалат иселувањето на македонските граѓани. Тие ќе најдат добро платена работа токму овде,  дома, во земја со динамична економија и безбедност, сигурност и надеж за иднината на нивните деца што ја бараат луѓето ширум светот. Но, секој ден слушаме дека луѓето си заминуваат поради бруталниот систем на политичко фаворизирање, корупција, нечисти градови, руинирани улици и инфраструктура која не функционира во полза на граѓаните.

-Како го оценувате нивото на економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан во моментов, и што недостасува оваа соработка да биде посилна и подинамична?

Поголемата економска соработка би била од огромна корист за Северна Македонија и за нејзините соседи, а отстранувањето на трговските бариери би било добар чекор напред. Економските односи со Грција значително се подобрија откако земјите ги решија политичките несогласувања и служат како пример за тоа како проширувањето на економските врски може да биде од корист како за двете земји, така и за регионот. Американската стопанска комора овде работеше со своите колеги во Грција за да донесе трговска делегација во Северна Македонија минатата година. Се надеваме дека ваквите видови бизнис размена  ќе поттикнат поголема прекугранична соработка и инвестиции.

-Ајде да зборуваме малку околу помошта на САД за развој на македонското општество и невладиниот сектор. УСАИД е силен поддржувач на промените овде и развојот на економијата и општеството долги години од независноста. Во која насока ќе продолжи оваа соработка меѓу САД и Северна Македонија?

УСАИД е нашата најголема и најекспонирана  канцеларија за развој овде во Амбасадата, а преку нивните инвестиции во Северна Македонија низ годините се поддржуваат приоритетите и аспирациите на оваа земја уште од вашата независност. Но, нивните програми се засилени  и дополнети со грантови и размени преку нашиот Сектор за односи со јавноста, преку Канцеларијата за борба против наркотици и за спроведување на законот, како и преку разни други проекти на владата на САД. Во последните триесет и повеќе години, нашата не-воена помош достигна над милијарда американски долари. Инвестициите финансирани од  американските даночни обврзници се доказ дека Соединетите Држави се целосно посветени на поддршката на Северна Македонија во сите сектори додека вие работите на остварување на вашата наведена цел за целосна евроатланска интеграција.

Соработувајќи со вашата влада, општините и институциите на сите нивоа, програмите на Амбасадата се насочени кон економски раст, конкурентност, регионална економска интеграција и намалување на трговските бариери. Нашиот економски тим разговара со стопанските комори, поттикнувајќи јавно -приватни дијалози и промовирајќи можности за извоз. Нашиот тим, исто така, работи и на енергетска независност и безбедност – итно прашање за сите нас што ги надминува економските импликации.

Сајбер безбедноста и дезинформациите се огромни проблеми ширум светот, а тоа е уште една област на која сме фокусирани. Ги поддржуваме програмите за медиумска писменост, учејќи ги младите како да одредат што е кредибилно, како да разликуваат факти од фикција. Имаме значајни проекти низ образовниот сектор, вклучително и бројни програми за размена, како и културни програми како што е мојот омилен, Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, кој обезбеди 1,8 милиони долари за шеснаесет проекти низ целата земја.

И, се разбира, имаме и програми посветени на борбата против корупцијата и справување со неа кога ќе се појави. Од едната милијарда долари што САД ги имаат обезбедено како помош за оваа земја, околу половина се со фокус на доброто владеење и владеењето на правото, така што би рекла  дека стапката на поврат на нашата инвестиција не е голема. Сепак, ќе продолжиме да работиме со оние претставници од власта и граѓани кои се вистински заинтересирани за борба против корупцијата, барајќи одговорност од функционерите и идентификувајќи ги и намалувајќи ги слабостите во системот што овозможуваат корупцијата воопшто да напредува.

-Кога сме кај економијата и инфраструктурните инвестиции…. Како го оценувате проектот за отворање широк појас на инвестиции на Коридорот 8 и Коридорот 10д што ќе ги гради американскиот гигант Бехтел во соработка со турската Енка? Што би значел овој проект, според Вас, за македонската економија?

Проектот на Коридорите 8 и10д  ја претставува најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на оваа земја, а придобивките за граѓаните се огромни: голем број добри работни места, договори со локални компании и снабдувачи, како и партнерство со една од најпочитуваните американски компании кои работат на Балканот и ширум светот. Кога ќе бидат завршени, патиштата ќе го намалат времето на патување низ земјата, ќе ја подобрат безбедноста и пристапноста кон другите партнери од НАТО, ќе ја зголемат трговијата и ќе ја направат оваа земја витален транспортен центар низ Балканот.

-Периодов македонската јавност се бранува поради некои контроверзии околу проектот што треба да го реализира  конзорциумот Бехтел- Енкa. Македонската опозиција континуирано притиска околу транспарентноста на процесот и обвинува за корупција … Како ја коментирате целата оваа ситуација?

Сум кажала претходно и ќе повторам, ако има знаци или наводи за корупција, истражете ги. Доколку истрагата утврди корупција, нека ја гони. Мора да има одговорност за секого, секаде. Во исто време, преголемата политизација на нештата понекогаш може да биде подеднакво штетна како и самата корупција со тоа што ќе спречи добри проекти да се движат напред и ќе испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека водењето бизнис во Северна Македонија е премногу комплицирано и бирократско. Да ги одвоиме фактите од фикцијата, вистината од наводите. Тоа е улогата на компетентен и независен правосуден систем.

-Како ја оценувате енергетската иднина на Северна Македонија и регионот и инвестициите поврзани со енергетиката? Големата криза во енергетиката поврзана со агресијата на Русија врз Украина и зголемувањето на цените на гасот и следствено на струјата предизвикаа силни потреси во економијата.  Северна Македонија, според сите релевантни анализи, добро се справуваше со кризата, но останува заклучокот дека во овој сектор се потребни дополнителни големи инвестиции?

Владата и граѓаните  се свесни  дека Северна Македонија треба да се оддалечи од електраните  на јаглен кои го загадуваат воздухот што сите го дишеме и да ги зголеми капацитетите за  обновливи извори на енергија. Ништо повеќе не ја покажува итноста на оваа транзиција од задушувачкиот смог што сите го почувствувавме изминатава зима во Скопје и низ земјата.

Енергетската независност и безбедност се критични прашања ширум светот, а руската брутална и нелегална инвазија на Украина уште повеќе ја истакна таа потреба. На краток рок, се надевам дека земјата ќе вложи максимални напори да обезбеди природен гас што не доаѓа од Газпром и да го комплетира интерконекторот со Грција. Тоа треба да биде натпартиски приоритет и да добие целосна согласност од Собранието. Но имање на стабилен и сигурен извор на гас не треба да биде единствената крајна цел. Сите ние треба да работиме на проширување и подобрување на енергетските пазари со алтернативи.

Ова е област која бара итно внимание. Ги охрабрувам официјалните лица да донесат координирани, стратешки одлуки за енергетски инвестиции и да работат на оддалечување на Северна Македонија од нејзината зависност од јаглен. Проектите како ХЕЦ Чебрен се од суштинско значење за балансирање на мрежата и намалување на зависноста од фосилни горива.

-Како го оценувате проектот за инвестиции во терминалот за гас во Александрополис (Грција) од страна на Северна Македонија и закупот на количини на гас во оваа инвестиција …

Ова е одлична можност и би сакале да ја видиме Северна Македонија како рамноправен партнер во проектот Александрополис. И ова е можност да обезбедите снабдување со гас од овој извор без разлика дали ќе станете акционер или не. Диверзифицирано снабдување со гас е од витално значење за вашата енергетска безбедност и се надеваме дека ќе видиме континуиран напредок надвор од зависноста од рускиот увоз.

-САД години наназад инвестираат во зајакнување на капацитетите на македонското правосудство. Како ги оценувате сегашните резултати во оваа област? Што треба сега да се направи? Често зборуваме за силната корупција во општеството, на политичката сцена и во правосудниот систем?

Како што истакнав претходно, кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција.

Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку на нас. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија.

На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните  треба да го барате.

Соединетите држави ќе продолжат да работат со оние кои се борат против корупцијата во Северна Македонија, кои се обидуваат да изградат просперитетно и динамично општество што го заслужува секој граѓанин.

Ние се потпираме на тие граѓани да бараат интегритет од нивната влада за да ги постигнат овие цели, како и последици за оние кои ја изневеруваат довербата на јавноста. Ние секогаш ќе бидеме покрај вас во овие и во многу други напори што ќе ја донесат оваа земја на своето вистинско место како безбедна и просперитетна членка на евроатлантската заедница.

Која е амбасадорката Агелер?

Одличен познавач на македонските прилики, по вторпат е на служба во Скопје

Амбасадорката Агелер, дипломат од кариера во Високата служба за надворешни работи со ранг на министер советник, е амбасадор во Република Северна Македонија.  Претходно, била времен вршител на должност амбасадор во мисијата на САД во Пакистан.  Г-ѓа Агелер, исто така, била министер советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Париз, вршител на должноста главен заменик – помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан, и заменик – помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија. Од 2013 до 2015 година била советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Исламабад.

Претходно, исто така била на должност во Амбасадата на САД во Исламабад; во Амбасадата на САД во Скопје; во Амбасадата на САД во Ханој; во Вашингтон; во Амбасадата на САД во Париз; и во Амбасадата на САД во Њу Делхи.

Пред да се приклучи на Службата за надворешни работи, г-ѓа Агелер работела за Стејт департментот во Буркина Фасо, во Унгарија и во Индија. Пред да му се придружи на сопругот во нивните мисии на Стејт департментот, таа работела во Националната галерија за уметнoст во Вашингтон, а претходно била волонтер на Мировниот корпус во Централноафриканската Република. Добитничка е на бројни награди од Стејт департментот, меѓу кои и награди за  Висока чест и за Заслуги, Наградата за извонредност од помошникот државен секретар и Наградата Милдред Синклер за јазик (Хинди, 2000). Зборува француски, македонски и малку хинди. Таа е мажена за висок службеник во Службата за надворешни работи Брајан Агелер, а нивната ќерка е новинарка во Вашингтон.

свет15 часа ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?

македонија2 дена ago

„Алкалоид“ АД Скопје со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот Омепразол во течна форма во светот

технологии / компании5 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг5 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

регион5 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју5 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

интервју5 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

економија5 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

економија5 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

свет5 дена ago

Пустината под вода

економија1 недела ago

„Е-commerce awards“ придонесуваат кон растот и успехот на бизнисите што функционираат во дигиталниот простор

економија5 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

банки1 недела ago

Комерцијална банка како „Зелен поборник“ ќе пошумува и ќе едуцира

свет5 дена ago

Пустината под вода

регион5 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју5 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

интервју5 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

економија5 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

менаџмент / маркетинг5 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

технологии / компании5 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција