економија
Банкарските дивиденди заглавени меѓу желбата и (не)можноста за исплата

Вкупно 23,5 милиони евра ќе бидат распределени како дивиденда за акционерите од две банки во земјава кои веќе одлучија дека ланските профити нема целосно да ги задржат како што им сугерира Народната банка. Одлуките од акционерските собранија на Комерцијална банка и ТТК банка, велат дека овој износ „останува како задржана добивка расположлива за распределба на акционерите до денот кога за Банката ќе престане да важи ограничувањето на исплатата на дивиденда или со донесување на решение, одлука или друг акт на надлежен орган со кој за Банката ќе престане да важи ограничувањето“. Дивидендните календари, пак, откриваат дека плановите на овие две банки биле исплатата на дивиденда да почне веќе од мај. Сепак, сосема веројатно е дека овие датуми ќе бидат пробиени и ќе се чека додека монетарните власти не ја преоценат својата привремена забрана за распределба и исплати на дивиденди од банките. Неофицијално, тоа е можно да се случи најрано во јули, откако Народната банка ќе ги разгледа најновите индикатори од банкарскиот сектор за првите шест месеци годинава.
Вкупно 23,5 милиони евра ќе бидат распределени како дивиденда за акционерите од две банки во земјава кои веќе одлучија дека ланските профити нема целосно да ги задржат како што им сугерира Народната банка.
Најголемата банка во земјава, Комерцијална, на своето Собрание на акционери донесе одлука најголем дел од профитот остварен лани, односно 22,2 милиони евра да го подели како дивиденда.
Во одлуката е наведено дека овој износ „останува како задржана добивка расположлива за распределба на акционерите до денот кога за Банката ќе престане да важи ограничувањето на исплатата на дивиденда: со престанок на важност на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките или со донесување на решение, одлука или друг акт на надлежен орган со кој за Банката ќе престане да важи ограничувањето“.
Освен тоа, на Собранието на акционерите е одлучено и помал дел од профитот лани, односно речиси 4,8 милиони евра да бидат распределени во резерви, и нешто над 4 милиони евра да бидат задржани како реинвестирана добивка што ќе се користи во 2021 година.
„Добивката што се распределува како задржана добивка за инвестициски вложувања служи за развојни цели на Банката, односно за вложувања во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста, а со тоа и за остварување на правото за намалување на даночната основа за данок на добивка. Задржаната добивка се вклучува во пресметката на редовниот основен капитал и го зголемува истиот“, пишува во одлуката од Собранието на акционери на Комерцијална банка од крајот на март.
Уште една банка која што веќе донесе одлука за распределба на добивката како дивиденда, е ТТК банка. Според одлуката на Собранието на акционери што се одржа кон средината на април, најголем дел од профитот, односно околу 1,3 милиони евра ќе бидат исплатени како дивиденда на акционерите, а 145 илјади евра ќе бидат задржани како резерви.
Во објаснувањето на одлуката за исплата на дивиденда се наведени истите начини, односно пишува дека добивката ќе се распредели по престанувањето на ограничувањето од Народната банка или кога тоа би било овозможено со друго решение, одлука или акт од надлежен орган.
Дивидендните календари, пак, откриваат дека плановите на овие две банки биле исплатата на дивиденда да почне веќе од мај. Според одлуката од Комерцијална банка, исплатата на дивидендата од 600 денари за една обилна акција, што е 60% од номиналната вредност, била планирана од средината на мај. ТТК банка, пак, која планира да исплати дивиденда од 90 денари за една обична акција или 9% од номиналната вредност, планирала исплата од почетокот на мај.
Сепак, сосема веројатно е дека овие датуми ќе бидат пробиени и сепак ќе се чека додека монетарните власти не ја преоценат својата привремена забрана за распределба и исплати на дивиденди од банките. Неофицијално, тоа е можно да се случи најрано во јули, откако Народната банка ќе ги разгледа најновите индикатори од банкарскиот сектор за првите шест месеци годинава.
Од останатите банки, НЛБ која што допрва ќе одржи седница на Собранието на акционери, има предлог одлука која што не вклучува исплата на дивиденда, туку најголем дел за акумулирана добивка и тоа 16,6 милиони евра, речиси 3 милиони евра за задржана добивка за инвестициски вложувања и нешто над 8 милиони евра за општ резервен фонд.
Охридска банка, која што е во процес на спојување со Шпаркасе банка, исто така има објавено предлог одлуки за претстојното Собрание на акционери, според кои, нето добивката од околу 1 милион евра, ќе биде распоредена половина во резервен фонд, и половина како задржана нераспределена добивка.
Инаку, сите домашни банки лани оствариле вкупен профит од 118 милиони евра. Претходната, пак, 2019 година, вкупниот профит на банките бил близу 109 милиони евра. Тоа значи дека за 9 милиони евра е зголемен вкупниот банкарски профит лани.
Инаку, лани вкупниот број на банки во земјава се намали од 15 на 14 откако НБМ и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка.
По групи на банки, во 2020 година, големите банки, оствариле добивка од 101,1 милиони евра што е за 12,2 милиони евра помалку отколку во 2019 година.
Групацијата на средни банки во земјава, каде влегуваше и Еуростандард банка, во 2020 година, прикажале добивка од 14,4 милиони евра што е надминување на загубата од годината претходно, додека пак малите банки, имаат за 200 илјади евра поголем профит во 2020 година, кога вкупно изнесувал 2,4 милиони евра.
Од оние што се котирани на Берзата, најголема добивка има Стопанска банка Скопје, чиј што биланс на успех покажува профит од 31,8 милиони евра. Тоа е сепак за 17,5% помалку отколку во 2019 година.
Потоа следува Комерцијална банка со добивка од 31,5 милиони евра, зголемена за 6,2% на годишни ниво.
НЛБ банка има профит од 27,7 милиони евра лани, но во споредба со 2019 намален за 7,9%.
Потоа следуваат УНИ банка со добивка од 9,1 милиони евра и раст од 47,5%; ТТК банка со добивка од 1,5 милиони евра или 16,4% помалку отколку годината претходно; Стопанска банка Битола со профит од 1,3 милиони евра но голем раст од речиси 5 пати споредено со 2019 година; Охридска банка има добивка од нешто над милион евра и намалување од 72,7% на годишна основа; и Централна кооперативна банка која за лани има профит од околу 280 илјади евра што е 73% повеќе од 2019 година.
НБМ „дува и на јогурт“

Пандемијата која што предизвика нова економска т.н. корона – криза, е главната причина поради која домашните монетарни власти во февруари донесоа одлука привремено во текот на оваа година, да се ограничи распределбата на добивките како дивиденди, со цел да се зајакне капиталната позиција на банкарскиот сектор.
Според последните податоци на Народната банка, стапката на адекватност на капиталот, што е сооднос помеѓу капиталот на банката и средствата изложени на ризик, до крајот на 2020 година, на ниво на цел банкарски сектор изнесува 16,7% или повеќе од двојно над законскиот минимум. Ако се погледне движењето наназад, нема поголемо отстапување кај овој индикатор којшто последните години постојано е над 16%.
Сепак, Народната банка одлучи превентивно во услови на криза да донесе ваква одлука за одржување на стабилноста на финансискиот систем, на линија со препораките на меѓународните финансиски институции.
„Банките би требало да се охрабрат да се воздржат од дискреционо исплаќање дивиденди и од откуп на сопствени акции“, истакнаа од ММФ при последната Мисија во земјава.
„Со Одлуката донесена од Советот на Народната банка се штити јавниот интерес –стабилноста на банкарскиот систем, а истовремено Одлуката е и во насока на поголема кредитна поддршка на граѓаните и компаниите. Како што и претходно соопштивме од Народната банка, Одлуката, којашто е од привремен карактер и со којашто се делува превентивно во постојните услови на криза, е донесена согласно со Законот за Народната банка, заради остварување на законската цел за одржување на стабилноста на финансискиот систем. Согласно Законот, стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес“, истакна вицегувернерката Емилија Нацевска во интервју за Капитал.
Според неа, пандемијата и синхронизираноста на мерките ширум светот за спречување на ширењето на заразата наметнале синхронизирано делување на носителите на политиките за ублажување на негативните ефекти врз економијата и зачувување на стабилноста. Во тој контекст некои од мерките и на централните банки кои овозможија времен мораториум на отплатите на населението и компаниите погодени од кризата, а воедно ја ограничија и распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите, до создавањето услови и обезбедувањето на потребните податоци и информации за негативните ефекти од пандемијата.
„Нема централна банка што не ги презеде овие мерки, а одлуките на Советот на Народната банка се во истата насока. Имајќи ја предвид неизвесноста од корона – кризата којашто сѐ уште трае, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо треба да ги планираат своите капитални потреби и да му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Оваа одлука е токму во тој контекст и таа е во нивен долгорочен интерес и во долгорочен интерес на нивните акционери: со зачувувањето и натамошното јакнење на капиталните ресурси и со зајакнување на својата поддршка за домаќинствата и корпоративниот сектор, банките ефикасно ја штитат својата вредност и вредноста на инвестициите на акционерите“, додаде вицегувернерката Нацевска.
Таа објаснува дека македонскиот банкарски сектор е цврст, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни.
„Но, во вакви времиња, неопходна е постојана, дополнителна внимателност. Тековната криза е од здравствен карактер, којшто подразбира тешка предвидливост, а нејзините натамошни ефекти врз економијата ќе зависат од рестрикциите за контрола на вирусот, но и од можните трајни промени во навиките и однесувањето на економските субјекти. Сѐ уште е тешко да се оцени прецизно какви ќе бидат натамошните ефекти од кризата. Затоа е од исклучително значење банките претпазливо да ги планираат капиталните потреби“, дополнува Нацевска.
Инаку, за оваа одлука на иста маса веќе разговараа банкарите и надлежните монетарни власти.
На седница на Собранието на Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) на почетокот на март, на која покрај претставниците на сите членки на МБА, присуствуваа и гувернерката, Анита Ангеловска Бежоска, вицегувернерите на Народната банка, биле дискутирани актуелните состојби во банкарскиот систем, влијанието и предизвиците од корона – кризата, како и аргументацијата за донесувањето на Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
„Мерката на Народната банка беше оценета како превентивна, во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците за справување со последиците од Ковид кризата, во услови на се’ уште изразена неизвесност и потенцијални ризици. Едногласно беше констатирано дека како резултат на здравите фундаменти на банкарскиот систем, политиките и мерките преземени од страна на Народната банка, како и прудентното управување и работење од страна на банките и штедилниците, банкарскиот сектор во досегашниот период успешно одговори на сите предизвици од корона – кризата и обезбеди континуитет на сигурно и стабилно работење, како и испорака на значајна кредитна поддршка спрема реалниот сектор и населението“, пишува во соопштението.
Според тоа соопштение, договорено било во наредниот период дополнително да се интензивира споделувањето податоци и информации од банките и штедилниците со Народната банка.
„Со тоа ќе се олесни навременото оценување на потенцијалните ефекти од корона – кризата што ќе овозможи и оцена дали има можност за предвремено укинување на временото ограничување за распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците, притоа водејќи се од целта за постојано одржување на финансиската стабилност, што е во интерес на сите субјекти во економијата, вклучително и акционерите во банките и штедилниците“, пишува во соопштението.
Акционерите дивидендата си ја бараа пред Уставниот суд
Но, и покрај тоа, дел од акционерите во банките одлучија да преземат конкретни чекори за укинување на оваа одлука.
Правни и физички лица-акционери на Комерцијална банка поднесoa иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Народната банка.
Меѓу оние што се обратија до Уставниот суд, се и Хари Костов, главниот извршен директор на Комерцијална банка, и адвокатот Игор Спировски, поранешен судија во Уставниот суд, заедно со поголем број акционери на Комерцијална банка, меѓу кои се Адора инженеринг, ИГМ Трејд, Гранит, Промедика, Макпетрол, Македонијатурист, ЗСФ ком, Раде Кончар ТЕП, Раде Кончар Сервис, Раде Кончар Апаратна техника, Смелтинг, Езимит вино ДОО Штип и поголем број физички лица-акционери на Банката.
Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената Одлука е донесена од страна на Советот на Народната банка без законско овластување за донесување одлука со таква содржина, односно дека таа не е во согласност со член 47, став 1, точка 25 од Законот за НБРМ.
Според нив, во ниту една одредба од Законот за Народната банка не е утврдено овластување на Советот со свој акт да пропише ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките, независно од целите што Советот на НБМ сакал да ги постигне. Со донесувањето на оспорената Одлука, подносителите на иницијативата сметаат дека Советот ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени со закон и дека таквата одлука во правната теорија и судската пракса се смета за ништовна.
Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека Одлуката не е во согласност со темелните вредности на Уставниот поредок од член 8 – владеење на правото, правна заштита на сопственоста, слобода на пазарот и претприемништвото.
Врз основа на овие аргументи, подносителите на иницијативата предложија Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, а потоа истата да ја поништи. Исто така, предлагаат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената Одлука до конечното одлучување по предметот.