lifestyle
Бернар Арно купи удел во Lagardere и влезе во „војна“ против гигантот Vivendi
Најбогатиот Французин тргнува во нов поход

Сопственикот на 80-тина луксузни брендови – Louis Vuitton, Dior, Fendi, Dom Perignon, Bulgari, Tag Heuer, да споменеме само некои – Бернар Арно, одлучи да влезе подлабоко и во медиумскиот бизнис, каде што веќе има извесно присуство. Арно презеде 5% од Lagardere, конгломерат фокусиран на медиуми, издаваштво и малопродажни локации на аеродроми и железнички станици, каде што ќе бие битка за превласт со гигантот Vivendi.
Бернар Арно, еден од најмоќните бизнисмени на планетава, милијардер и сопственик на низа луксузни брендови – Dior, Fendi, Louis Vuitton, како и Dom Perignon Champagne Hennessy Cognac – одлучи да влезе подлабоко и во медиумскиот бизнис, каде што веќе има извесно присуство, јавуваат светските новински агенци.
За почеток, преку холдингот Groupe Arnault, презеде 5% од Lagardere, некогашниот конгломерат, којшто покриваше се’, од автомобили и авиони, до вселенски програми, а сега е фокусиран на медиуми, издаваштво и малопродажни локации на аеродроми и железнички станици, пренесува Bloomberg. Порталот додава дека луѓе блиски на најбогатиот Французин тврдат оти ова е само “извидница“ за идните бизниси и на тој план. Уделот го платил 100 милиони евра, и сега со партнерот Арно Лагардер, поседува 12,77% од капиталот и 15,19% од гласачките права.
Целта на Арно е да ги пресретне и претрка своите опоненти во сопственичката структура, компаниите Vivendi и Amber, коишто заедно имаат 43,5% од капиталот. Lagardere Publishing, издавачкиот дел на концернот, во своето портфолио има имиња како што се Hachette и Larousse. А кога станува збор за медиумскиот дел од бизнисот, тука се Paris Match, Le Journal du Dimanche. Europe 1, Virgin Radio, RFM и лиценцата за брендот Elle.
Vivendi во противнапад

Vivendi, францускиот медиумски конгломерат, во чијашто сопственост се Universal Music Group, Groupe Canal+ и Dailymotion, објави дека ќе продолжи да купува акции во Lagardere, а подготвен е и да го преземе уделот што сега го има фондот Amber Capital’. После тоа би можело да дојде и до понуда за откуп и на останатите акции.
Значи, уште една војна во преземањето компании на францускиот пазар – штотуку се случи обидот на Veolia да го преземе Suez. Овој потег на Арно предизвика изненадување, па на пример, угледниот Le Monde се прашува зошто воопшто влегува во овој бизнис. Особено што шеиците од Катар, коишто поседуваат 13% од акциите, застанаа зад Vivendi. А LVMH, концернот на чиешто кормило е Арно, веќе го поседува водечкиот француски финансиски дневен весник Les Echos, како и ведникот Le Parisien.
Одговор на ова даде Bloomberg, којшто ја пренесе пораката на француско – германската групација за финансиски услуги: “Купувањето на удел во Lagardere ќе му овозможи на милијардерот да ја продлабочи својата медиумска присутност и да ги зајакне врските меѓу сличните бизниси на двете компании“.
Имено, LVMH има удел во групацијата Madrigall, сопственик на издавачката куќа Gallimard. Малку повеќе моќ не штети, секако. Освен тоа, исклучително богатите луѓе често имаат и хобија.
„Користа од сопственоста над медиумите во голема мера ги надминува релативно ограничените трошоци што тие ги предизвикуваат“, велат аналитичарите од Institut francais de presse. Познавачи на пазарот велат дека ова не е добра насока, затоа што Арно добива медиумско влијание. Неговото влегување во тој бизнис создава недоверба и сомнежи, смета Џулија Кејџ, професорка по економија од Sciences Po во Париз.
Личен мотив
Арно не е единствениот француски милијардер којшто вложува во медиумска империја. Могулите од телеком индустријата Martin Boygues и Patrick Drahi ги контролираат/поседуваат телевизијата TF1 и 24 – часовниот информативен канал BFM TV, а Xavier Niel е косопственик на дневникот Le Monde. Индустријалците од семејството Dassault ги поседуваат весниците Le Figaro, А Vincent Bollore со својата истоимена групација го поседува контролниот удел во ТВ мрежата CNews која е во сопственост на Vivendi, како и удел во Lagardere.
Освен тоа, во целата оваа приказна постои и личен момент: основачот на Lagardere, Жан Лук – Лагардер, бил и тениски партнер на Арно. По неговата смрт, компанијата ја презел син му, но не управувал добро со неа, па пред две години се појави Amber Capital којшто влезе во сопственичката структура. Па оттаму, на овој потег на пребогатиот Французин може да се гледа и како на обид за спасување на компанијата на неговиот покоен пријател. Со 80 милијарди евра богатство, тоа навистина не е проблем.