македонија
БИЗНИС И ГЕОГРАФСКА ДИВЕРЗИФИКАЦИЈА
20 ГОДИНИ ADORA BUSINESS GROUP

За Adora Business Group, чија репутација е потврдена со 100-тина престижни меѓународни и државни награди, не постојат бизнис и географски граници. Во својата трета деценија, овој познат бренд влегува храбро и амбициозно во нови бизнис предизвици, со цел, како и досега, да биде предводник во секоја сфера каде што делува.

Само делата се вистина, корпоративното мото под кое Адора инженеринг е основана во 2002 година, е потврдено со 40 изградени репрезентативни станбени и деловни објекти во Македонија, Србија и Грција. Адора израсна во лидер и синоним за стабилни, висококвалитетни, еко градби, пионер во воведувањето на најновите стандарди, трендови и иновации во високоградбата и градежната индустрија. На изградена површина од 400.000 m², во 3.000 висококвалитетни домови и стотици ексклузивни деловни простории, денес среќно живеат и работат над 13.000 граѓани, што е еднакво на еден македонски град.
Во градежниот сектор–висока градба, примарната дејност со која пулсира нејзиниот днк-код, Адора има инвестирано стотици милиони евра, во реализација на проекти кои се дела на посветената работа, искуството и вештините на повеќе од 400 вработени, предводени од основачот и сопственик, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, докажаниот стопанственик и филантроп, втората генерација сопственици, д-р Драгана Д. Чифлиганец и Душко Чифлиганец и стручниот менаџерски тим.
Јубилејот 20 години, Адора го заокружи со богата општествено одговорна традиција, како активна членка на Глобалниот Договор на ООН од 2012 година и голем број хумани проекти за поддршка на ранливите категории граѓани, образованието, здравството, науката, спортот и културата, за што се вложени над 5 милиони евра и многу љубов за изградба на подобар, порамноправен и посреќен свет за сите. Дека хуманоста нема граници, потврда е соработката на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец и компанијата претставник на Адора во Србија, со Фондацијата Новак Ѓоковиќ, кои како главни партнери изградија нова, комплетно опремена, модерна детска градинка во село Љубиш, во близина на туристичкиот центар Златибор и новиот комплекс 21st Century Residence, Spa & Wellness by Adora. Нудејќи им на децата од предучилишна возраст едукација, игра и развој во безбедна, адекватна и креативна средина и преку поддршката на спортот и заедницата во Златибор, интернационалниот бренд Адора ја прошири корпоративната општествено одговорна филозофија надвор од границите на матичната држава.
Флексибилна на новите прилики и кризни времиња, попречена да инвестира во централното подрачје на Скопје, Адора го прошири своето делување на пазарот на недвижности во Србија и Грција, каде го пренесе стекнатото долгогодишно искуство во градежништвото. Меѓу нејзините најпрепознатливи бренд објекти во Македонија се маркантниот комплекс Адора Flatiron – новиот препознатлив урбан симбол на македонската метропола, Адора Diamond Garden – најголемата покриена градина за зелено домување во Југоисточна Европа, 20-те модерни згради и деловни објекти во Општина Аеродром и првите енергетски ефикасни домови во Охрид и Струмица.
Во духот на корпоративната општествена одговорност, со цел да ја збогати дејностa со хуман бизнис и Македонија како држава, да биде препознаена по инвестициите со хуман предзнак, Адора гради дом за сместување, нега и рекреација на стари лица во Илинден, непосредно до Скопје. Комплексот се реализира според новите европски стандарди, на атрактивна, лесно достапна локација, во еколошки чиста и мирна средина со развиена инфраструктура, во срцето на модерната општина Илинден. Адора инвестира повеќе милиони евра во изградба на еден од посовремените домови на Балканот, за згрижување, достоинствена и долговечна старост на возрасните лица.
Инвестиции и во Србија и Грција
Во срцето на популарниот Златибор, Србија, во 2023 ќе биде отворен прекрасниот хотелско – резиденцијален објект 21st Century Zlatibor by Adora, сместен во борова шума со најубав панорамски поглед, современ концепт на различни софистицирани содржини и модел за брз поврат на вложените пари на сопствениците, преку изнајмување на апартманите кога тие нема да ги користат за планинско уживање, рекреација и одмор.
На почетокот од 2023, во заштитена зона во строгиот центар на Солун, на познатата шопинг улица Ерму, ќе започне реконструкција на станбено-деловна зграда „Thessaloniki 21“, со модерни апартмани од 30 до 120 m², веднаш до славното морско шеталиште „Цимитски“, на 500 метри до Солунското пристаниште Лимани. За спокоен одмор во чиста еколошка природа со пријатно капење во Егејското Море, е изграден комплекс со луксузни вили 6 минути пеш над плажата Криопиги, на средината од Касандра, првиот крак на Халкидики, место кое живее преку целата година и е богато со борови шуми и маслинови насади. Туристичкиот бутик комплекс со базен B&D LUXURY Suites, идеален за семеен одмор, е изграден на популарниот зелен остров Тасос, во Скала Потамиа, 2 минути пеш до кристалната, двекилометарска плажа Голден Бич, една од најубавите во Грција.
Адора, која го диверзифицира бизнисот во банкарско-финансискиот сектор, е најголем поединечен акционер во најголемата македонска Комерцијална Банка АД Скопје,а поседува акции и во други реномирани банки и компании во Македонија, како и на глобалниот пазар. Адора е присутна во енергетскиот сектор и регулираниот бизнис со топлинска енергија, како сопственик на 2 топлани за централното градско греење во Скопје.
Во своето 20 годишно постоење, Адора Бизнис Групацијата се води од начелото да инвестира пред сé во нашата држава Македонија и дека вистинскиот успех на компанијата се мери преку квалитетот на општеството што умее да го изгради во средините каде што делува.




