Connect with us

свет

Биткоинманија: сонот за вртоглава заработка може да стане и кошмар

Криптовалутите никогаш попопуларни

објавено

на

Биткоинот ја достигна својата историски највисока вредност на почетокот од годинава, од преку 40.000 долари, за подоцна да се вози како по „луда железница“ флуктуирајќи по 10-15% во еден ден. Но, ова е всушност „трејд маркот“ на биткоинот, исклучителна волатилност којашто ги доведува во прединфарктна состојба неговите поседувачи.

Сега се движи околу вредноста од 34.000 долари, и никој не знае на каде ќе тера. Процените се од најпесимистички, дека е балон што ќе издиши, до најентузијастички настроени аналитичари што веруваат дека за неколку години неговата вредност може да биде и неверојатни милион долари!

Во Македонија официјално не е дозволено да се тргува со криптовалути, иако „копачи“ на биткоин постојат веќе 7-8 години. Регулатива за криптовалути нема, но се подготвува нешто од Министерството за финансии и останатите институции. Поборниците на криптовалутите повикуваат овие инструменти  да се остават на мир, затоа што секој обид за регулирање ја доведува во прашање смислата на нивното постоење. Владите, пак, банките и останатите засегнати страни, си имаат свои аргументи и сметки.

Штефан Томас, програмер со германско потекло којшто сега живее во Сан Франциско, САД, беше една од ударните вести на почетокот од оваа, 2021 година. Луѓето со неверица читаа по светските медиуми дека кутриот човек поседува 7.000 биткоини, коишто според моменталната цена на оваа криптовалута вредат околу 220 милиони долари, но не може да дојде до нив.  Причината е  што ја заборавил лозинката, којашто треба да го отклучи малиот хард – диск наречен IronKey, којшто всушност ги содржи приватните клучеви за дигиталниот паричник каде што се складирани тие 7.000 биткоини.

Томас пред неколку години го загубил ливчето каде што ја запишал лозинката за неговиот IronKey, уред којшто на корисниците им дава можност 10 пати да се обидат да го отклучат, пред да ја енкриптира својата содржина засекогаш и практично да биде загубено се’ за корисникот. Штефан досега пробал осум пати да пристапи до своите биткоини, користејќи ги сите лозинки на коишто можел да се сети, но без успех.

Случајот на Томас е можеби периодов најеклатантниот потсетник за необичната технолошка позадина на биткоинот, којашто всушност го разликува од обичните пари и му дава некои од најизвиканите, но и најризични карактеристики. Кај традиционалните банкарски сметки и онлајн паричници, банките или другите финансиски компании како PayPal, им овозможуваат на корисниците добивање на лозинка, ресетирање на заборавена лозинка и сл.

Но, биткоинот нема компанија која обезбедува или чува лозинки. Креаторот на биткоинот, опскурната фигура позната како Сатоши Накамото, има кажано дека основната идеја за криптовалутата била да му се овозможи на секого во светот да отвори дигитална сметка и да си чува средства на начин што ниту една банка, влада, итн., нема да може да го спречи или регулира. Ова е можно поради специфичната структура на биткоинот, односно софтверската технологија што стои во позадина, наречена блокчеин (blockchain), подетално објаснета во посебната рамка во рамки на овој текст.

Но колку и да е софистицирана структурата на овој систем, таа не зема предвид колку немарни може да бидат луѓето во памтење и чување на своите лозинки. Токму затоа сега го имаме и нашиот јунак од почетокот на приказнава којшто очајно бара начин да дојде до своите биткоини што вредат цело богатство.

Вистинска „луда железница“

А токму вредноста на биткоините што (не)ги поседува Томас е другиот клучен момент поврзан со финансискиот феномен на криптовалутите, а тоа е неверојатниот пораст на нивната вредност за само десетина години, но и неверојатната нестабилност на цената. Се разбира дека Томас не платил милиони за своите 7.000 биткоини, туку  тие му биле дадени како награда од еден од првите биткоин фанатици, во 2011 година, за анимираното видео што го направил Томас, наречено „Што е биткоин?“. Во тоа време биткоинот вредел едвај еден долар, за денес, неговата вредност да е преку 30 илјади пати поголема. Рекордната вредност на биткоинот беше забележана на 8 јануари годинава, кога премина 40.500 долари за еден биткоин, за потоа бргу да се спушти на 34.000 долари, по што следеше период на осцилации и најниска вредност од 30.000 долари на 21 јануари. Во моментот на пишување на овој текст, цената се движи околу 34.000 долари, откако пред неколку дена имаше изненаден скок и до речиси 38.000 долари, по фамозната објава на Илон Маск на својот твитер профил, кога тој го стави хаштагот #bitcoin.

Биткоинот имаше фантастичен раст во 2020 година, која ја почна со ниво од околу 8.000 долари и продолжи да расте до кај 10.000 долари се’ додека не настана паниката на светските финансиски пазари поради пандемијата, кога паднаа сите берзи, а со нив и криптовалутите. Биткоинот тогаш загуби половина од вредноста и се спушти на 5.000 долари кон средината на март, за веднаш потоа да почне да закрепнува и расте со забрзано темпо, што значеше завршеток на годината на ниво од преку 30.000 долари.

Овој „ролеркостер“ на биткоинот не е прв во неговата историја. Уште на самите почетоци, во 2011 – та, биткоинот достигна пик од 1,06 долари во февруари, за во април да падне на 0,67 долари. Потоа, истата година, во јуни достигна пик од 30 долари, за да во ноември се спушти на само два долари. Во периодот 2013 – 2015, повторно инфарктни состојби за „биткоинашите“: пик од 1127 долари во ноември 2013, и дно од 172 долари во јануари 2015 – та. Во периодот 2017 – 2018 е засега последната голема осцилација на криптовалутата, кога од пикот од 20.000 долари во декември 2017, падна на 3.000 долари во истиот месец следната година.

Што се случува сега? Дали биткоинот ќе продолжи со лудото возење кон нови рекорди, или после историскиот рекорд од 40.000 долари во јануари 2021, ќе доживее повторно фијаско? Да го знаевме одговорот, сите ќе бевме богати сега. Нема одговор на ова прашање. Има само шпекулации. Токму така, биткоинот го опишуваат како шпекулативен финансиски инструмент сите „мејнстрим“ аналитичари, а истото важи  и за останатите криптовалути (ги има барем десетина што се најпопуларни во моментов: Litecoin, Dogecoin, Etherium, Bitcoin Cash, Stellar, Tether, итн.). Регулаторите, финансиските власти и сл., предупредуваат дека вложувањето во криптовалути е крајно ризично и непрепорачливо. Таков став има и Народната банка на Северна Македонија, којашто вели дека вложувањата во крипто – средства (како што ги формулираат во централната банка криптовалутите) по правило носат висок ризик што произлегува од високата волатилност (нестабилност, променливост) на нивната вредност, којашто е значително повисока споредено со волатилноста на други, финансиски и нефинансиски средства.

„За краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока. Лицата коишто би вложувале во крипто-средство треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула. Тие треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту пак неговата вредност е  гарантирана од некоја централна банка. При вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, особено ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење на имот. Крипто-средствата не се депозити и не постои механизам преку кој вложувачите ќе бидат обесштетени.“, објаснуваат од Народната банка и додаваат дека во глобални рамки,  тековно речиси не постои регулатива која го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто средства, иако потребата за регулирање станува се поочигледна.
„Исто и во нашата земја, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средства не е регулирано“, велат од НБРСМ. Сепак, некакви движења во насока на регулирање на оваа област се прават во земјава, односно користењето на криптовалутите ќе се уредува со закон. Неодамна, министерот за финансии најави дека заедно со Управата за финансиско разузнавање, како и финансиските регулатори и супервизори, работат на утврдување на сите аспекти што произлегуваат од овој нов феномен.
„ Решенијата ќе бидат имплементирани во новиот Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам“, рече министерот Бесими.

Pro et contra

И покрај тоа што милиони луѓе сакаат да се „качат на возот Биткоин“, има многу финансиски експерти, лидери, милијардери, или обични луѓе, коишто зборуваат против биткоинот.

На пример, поранешниот директор на PayPal, Бил Харис, вели дека во основа, биткоинот е измама и колосална шема на “пумпање и издишување“.

„Се уморив веќе од кажување на луѓето дека ова е шпекулативен инструмент и дека треба да внимаваат, дека е коцкање всушност. Ова е балон, класичен“, вели Харис. Тој исто така смета дека биткоинот нема инхерентна вредности  дека неговата исклучителна нестабилност и осцилации на цената се причината зошто биткоинот никогаш нема да може да се користи како чувар на вредноста или средство за плаќање од било кој бизнис.

Но, по се’ изгледа дека поранешниот работодавач на Харис, PayPal не ги дели неговите ставови за биткоинот. Компанијата пред неколку месеци пријави патент, односно иновација што треба да го скрати времето на трансакциите, која се потпира на криптовалути. PayPal предлага имплементација на секундарен паричник со специјални приватни клучеви коишто може да се заменат за време на трансакциите. Но, она што ги разбранува духовите најмногу и веројатно влијаеше и врз растот на цената на биткоинот минатата есен, е кога PayPal објави дека ќе им овозможи на корисниците на сервисот да купуваат, чуваат и продаваат криптовалути директно од нивните PayPal сметки. Сигналот од компанијата е исто така, дека планира значително да ја зголеми употребливоста на криптовалутите со тоа што ќе ги направи расположливо средство за купување во 26 – те милиони трговски места коишто се партнери на сервисот глобално.

Ентузијастите исто така, веруваат дека моменталната вредност ќе биде жива смешка за она што ќе следи допрва, а тоа се нови рекордни „вселенски“ нивоа од 100.000, 200.000, па и 1 милион долари за биткоин, како што прогнозираше поранешниот хеџ – фонд менаџер во Goldman Sachs, Раул Пал, пред неколку месеци.

„Оваа вредност може да се постигне за пет години, затоа што ќе следи бран на огромни средства што институционалните фондови ќе ги истурат во криптовалутата. Од она што го слушам од многу луѓе, големи количини на пари надоаѓаат во криптовалутите. Глобалната економија се движи од ‘фазата на надеж’ во ‘фазата на несолвентност’, бидејќи инвеститорите сфаќаат дека закрепнувањето од пандемијата ќе биде многу подолго одошто се мислеше првично. И бизнисите ќе немаат доволно готовински текови. Затоа ја нарекувам фаза на несолвентност. Единствена реакција на монетарните власти ќе биде повеќе пари вбризгани во економиите, па затоа јас почнав да купувам сe’ повеќе и повеќе биткоини.“, вели Пал, којшто е ко-основач на фирмата Global Macro Investor и вели дека неговото портфолио е изложено преку 50% на биткоини во моментов.

А, каква е ситуацијата во Македонија, освен тоа што македонските граѓани официјално не можат да тргуваат со криптовалути, како што тоа можат граѓаните на САД, ЕУ, итн., преку повеќето платформи специјализирани за тоа, како Coinbase, Binance, eToro, итн.


„Капитал“ уште пред некоја година пишуваше дека кај нас има  технолошки – биткоин ентузијасти кои се подлабоко навлезени „рударејќи“ во дигиталните окна од каде што се „ископуваат“ биткоините, како и претприемачи кои немаат некоја идеолошка врска со биткоинот и со бранот криптовалути што тој го покрена, но кои тука препознаа пазар со силни потенцијали, на кој прават пари.

„Во Македонија има луѓе кои ги интересира кодот на биткоинот, значи длабоко навлезени во проблематиката, потоа има други, кои прават/копаат биткоини; има и трета категорија, кои ги интересира само можноста да заработат, и има четврта категорија, кои не ги интересира претходното, туку само услугата, во која биткоинот е платежно средство“, гласи една изјава на активен припадник на македонската биткоин сцена што ја пренесе „Капитал“.

Но, анкетата што ја спроведе Мета заедно со Студентарија (подетално во рамката) покажува дека генерално многу слаби се познавањата на помладата генерација околу криптовалутите. Само 6,4% одговориле дека многу добро се запознаени со Биткоин, Етериум, Лајткоин и слични.  Иста е ситуацијата и со Blockchain, технологијата што стои во позадина на  најголем дел од криптовалутите. Високи 76% од испитаниците рекле дека многу малку или воопшто не се запознаени со овој концепт. Сепак, помеѓу младите во државата кои одговориле на анкетата има и такви кои веќе се занимаваат и инвестираат во криптовалутите, но нивниот процент е многу мал – само 9%. Меѓу овие, веројатно се и македонските биткоин милионери, затоа што како што вели еден домашен познавач на проблематиката, којшто сакаше да остане анонимен, со оглед на фактот што веќе 7-8 години има луѓе во земјава коишто копаат биткоини, многу е извесно дека имаат акумулирано по 50, 100 или повеќе биткоини досега. Ако се знае дека вредноста на биткоинот сега е 30 илјади долари  –  do the math.

Нашиот соговорник смета  дека општо гледано, било каква регулација на криптовалутите би ја довела во прашање нивната смисла, односно првичната идеја со којашто се креирани.

„Целата замисла е да бидат анонимни, децентрализирани и ‘регулирани’ од заедницата, нешто што не би постоело доколку почнат да се регулираат од банките. А, дали институционализацијата ќе ја намали нивната вредност? Зависи од начинот на регулација. Иако вредноста на криптовалутите ја дефинираат многу аспекти, регулацијата би можела да ја намали, но сметам дека не премногу драстично“, вели нашиот соговорник.

Тој очекува САД и ЕУ посериозно да ги внесат во игра криптовалутите допрва, односно, дека веќе во многу аспекти тие се користат во овие подрачја –  купување недвижнини, автомобили, плаќање за сервиси и слично.

„Сите оние муабети кои кружат наоколу за регулација, мислам дека се со цел да можат да се имплементираат криптовалутите во повеќе аспекти отколку што се моментално.“

Што е блокчеин – технологијата што стои во позадина на криптовалутите

Блокчеинот, накратко, е технологија на безбедна дистрибуирана база на податоци, која не зависи од централен авторитет. Концептот осмислен од Сатоши Накамото има цела низа примени бидејќи овозможува заобиколување, замена или надоместување на традиционалните институции и технологии. Станува збор за технологија со потенцијал да го промени светот каков што го познаваме, а нејзината најочигледна имплементација – децентрализираните криптовалути, моментално е најпопуларна.

Во продолжение ќе се обидеме малку поопширно да одговориме на прашањето – што е всушност блокчеин, трудејќи се да не се заплеткуваме многу во технички детали за чие разбирање е потребна соодветна едукација.  

Поимот blockchain едноставно може да се преведе на македонски јазик како синџир од блокови, а станува збор за податочни блокови што се поврзани во еднонасочен синџир, а во кој секоја нова алка, односно блок, зависи од вредноста на првата постара алка. Како што обично се практикува во информатиката кога е неопходна безбедност и одредено ниво на приватност, поврзувањето на блоковите во синџир е базирано на криптографија.

Првите научни трудови на тема криптографски поврзани блокови се појавиле уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, но блокчеинот каков што го познаваме денес е опишан и дефиниран во 2008 година. Тогаш некој (или некои) кој го користи псевдонимот Сатоши Накамото ја подигна веб-страницата bitcoin.org и на неа, а во форма на pdf, го објави трудот „Bitcoin: A Peer-to-Peer Electronic Cash System“. Линкот до трудот истата година бил испратен на една од мејлинг листите популарни меѓу криптографите, каде предизвикал значаен интерес.

Без концептот на блокчеинот не би постоела криптовалутата биткоин, па ниту една друга понова криптовалута. Имено, блокчеинот го решава проблемот на создавање дистрибуирана база на податоци, без потреба да се користи посебен ентитет што ќе ги надгледува трансакциите.

Во класичните банкарски трансакции меѓу двајца корисници, банката ја игра улогата на надзорник и на бележник на трансакциите. Што значи, ако едниот корисник му плати на другиот 100 денари од својата сметка, банката ќе забележи дека сметката на првиот е покуса за 100 денари, а на вториот поголема за истата сума. Третиот, независен ентитет (банката) постои за да гарантира дека едниот корисник нема намерно да го измами другиот. Ова, секако, подразбира дека двајцата корисници имаат доверба во независниот контролор, што на банката ѝ дава соодветна моќ и извор на заработувачка.

Блокчеинот дава алтернатива на ваквиот класичен систем, така што ја елиминира третата, централизирана страна. Во блокчеинот таа е заменета со децентрализирана мрежа на непознати компјутери кои ги потврдуваат трансакциите врз база на специфичен алгоритам. Зад овие компјутери може да биде кој и да е што сака да заработи од потврдувањето на трансакциите, да биде награден, односно да „ископа“ биткоини или некој друга криптовалута што „се копа“.

Како настана биткоинот?

Биткоин е лансиран од анонимен криптограф пред 10 години под името “Сатоши Накамото”, кој ги објави принципите на автономните дигитални пари. Неговите идеи беа револуционерни: нова дигитална валута која би немала контрола од централните банки и ќе нема национални граници. Наместо тоа, механизмот наречен blockchain ќе обезбедува доверба и сигурност во системот.
Биткоините се генерираат, односно се “копаат”, со користење на сложени компјутерски математички процеси. Количината на биткоини е ограничена и колку што со копањето се доближува до лимитот процесот станува посложен.
Прогласот на Накамото беше објавен преку мејлинг листа во ноември 2008 година. Два месеци подоцна, беше креиран и софтверот. Инвестициите започнаа со колапсот на инвестициската банка Леман брадерс, која влезе во криза, кога од никаде се појави биткоинот како алтернатива.
Се верува дека Сатоши Накамото поседува еден милион биткоини, што е околу 30  милијарди долари во моментов, колку и  да звучи фантастично. Тајната на неговиот идентитет е голема загатка што многумина се обидуваат да ја решат. Сатоши буквално комуницирал само виртуелно со своите колеги од светот на биткоинот, пред да се повлече во изолација. На почетокот, биткоинот беше само игралиште за компјутерските експерти.
Еден од првите кои профитираа од оваа криптовалута беа “онлајн” криминалците. На црните интернет пазари, како што е “патот на свилата”, биткоинот можеше да се искористи за купување дрога и оружје.
Во почетоците, биткоинот го карактеризираа брзи флуктуации на вредноста, што привлече многу шпекулатори. Вниманието на јавноста и ограничениот број на биткоини достигна бројка од околу 21 милион единици, што доведе до вистинска златна треска во изминатите неколку години. Вредноста на валутата скокна уште повеќе заради точно утврдениот број на биткоини утврдени од страна на Сатоши, сложениот процес на копање кој бара многу енергија, и подразбира формирање на фарма на сервери.

Младите во Македонија поим немаат за криптовалутите?!

Високи 76% од испитаниците во една анкета рекле дека многу малку или воопшто не се запознаени со овој концепт. Сепак, помеѓу младите во државава има и такви кои веќе се занимаваат и инвестираат во криптовалутите, но нивниот процент е многу мал – само 9%.

Иако светот на криптовалутите постои повеќе од една деценија, а нивната популарност кулминира во моментов, анкетата која новинската агенција „Мета“ ја спроведе заедно со „Студентарија“ на Инстаграм, покажа дека повеќе од 70% од испитаниците одговориле дека многу малку или воопшто не се запознаени со криптовалутите, пишува radiomof.mk.

Само 6,4% одговориле дека многу добро се запознаени со Биткоин, Етериум, Лајткоин и слични.  Иста е ситуацијата и со Blockchain, технологијата што стои во позадина на  најголем дел од криптовалутите. Високи 76% од испитаниците рекле дека многу малку или воопшто не се запознаени со овој концепт. Сепак, помеѓу младите во државата кои одговориле на анкетата има и такви кои веќе се занимаваат и инвестираат во криптовалутите, но нивниот процент е многу мал – само 9%.
На прашањето дали е поризично да се инвестира во акции на берза или во криптовалути, мислењата на младите се поделени: 23,8% сметаат дека инвестирањето во акции на берза е поризично, а само еден процентен поен помалку,односно 22,7% од нив сметаат дека криптовалутите носат поголем ризик. За речиси 30% од младите и двете инвестиции се подеднакво ризични. Сепак, 18% од нив рекле дека е многу веројатно во блиска иднина да инвестираат во криптовалути. На овој чекор донекаде е веројатно да се одлучат 22,6% од младите, додека 23% се сигурни дека во догледно време нема да инвестираат во криптовалути. Во однос на нивната иднина, 46% сметаат дека за десет години отсега криптовалутите ќе бидат нашироко прифатени и користени како платежни средства. 33,4% пак, рекле дека немаат мислење по ова прашање.

економија2 дена ago

Алкалоид со поголеми приходи и добивка лани: компанијата стигна до 200 милиони евра вкупен обрт

банки3 дена ago

Комерцијална банка: Дезинформациите и конструкциите на Трифун Костовски против нас се плод на неговиот личен неуспех

економија2 дена ago

Адора и официјално го претстави првиот градежен проект во Србија

македонија5 дена ago

Заев: Очекувам Сашо Мијалков да биде пронајден и ставен во притвор

економија3 дена ago

Коста Петров: Ќе ги мотивираме големите компании да го помогнат развојот на стартапите

интервју22 часа ago

Суат Инан: И покрај пандемијата, со нашата силна структура и иновативни пристапи во 2020 година постигнавме раст од 57%

коментари22 часа ago

Марјан Петрески: Дивиденда, два слоја и ровер

економија22 часа ago

Македонската економија на среден и долг рок (5)

економија22 часа ago

Standard & Poor’s бара реформи за да го зголеми кредитниот рејтинг

економија22 часа ago

Кои се најголемите ризици за финансиските компании