свет
Блокчејн хакерите украле преку 2,5 милијарди долари во првите девет месеци

Ethereum екосистемот настрадал најмногу во третиот квартал со загуба од 348 милиони долари преку 11 хакерски напади.
Иако крипто пазарот е во “длабок сон“ периодов, сајбер-криминалците иако подзаспани, сепак се активни со хакирањето на блокчејн технологиите и лансирањето на разни измамнички шеми.
Според анализата на Atlas VPN, меѓународна компанија за интернет безбедност, блокчејн хакерите украле нешто над 2,5 милијарди долари во првите три квартали од 2022 година.
Само во третиот квартал украле околу 483 милиони долари, при што во тој период бројот на хакерски напади врз блокчејн технологијата опаднал за 43% во однос на вториот квартал.
Податоците се собрани врз основа на бројките обезбедени од Slowmist Hacked, компанија што собира информации за објавени напади против блокчејн проекти. Паричните загуби се пресметани врз основа на вредноста на одредена криптовалута во времето на хакерскиот напад или измамата.
Ethereum екосистемот настрадал најмногу во третиот квартал со загуба од 348 милиони долари преку 11 хакерски напади. Polkadot екосистемот е на второ место според загубите, со 52 милиони долари во само 2 хакерски напади. Следен е Binance Smart Chain (BSC) екосистемот, којшто бил хакиран 13 пати и загубил 28 милиони долари во крипто.
Во време кога криптовалутите поминуваат низ повеќемесечен “мечкин пазар“, хакерите исто така се помалку активни. Меѓутоа, блокчејн хакирањата и измамите и понатаму се сериозен проблем и предизвикуваат милионски загуби кај крипто-проектите и инвеститорите.
Од почетокот на годинава, вкупниот крипто –пазар падна за околу 60%. Повеќето крипто-валути паѓаат со вредноста со месеци, што ги натера сајбер-криминалците да намалат со активностите. По изразениот крах во месец јуни, блокчејн хакерските напади продолжија да паѓаат од 24 јули до 21 август, и само 10 инциденти во септември.