интервју
Борис Буден, филозоф и есеист: Нема да се вратиме во „нормалната“ рутина на капиталистичкиот прогрес
Борис Буден, филозоф, теоретичар и есеист

„Не мислам дека е можно да се вратиме во ‘нормалната’ рутина на капиталистичкиот прогрес, што ќе не’ доведе до економски и општ општествен просперитет преку понатамошен раст и нови технологии. Војната во Украина не е само конфликт меѓу две земји, едната напаѓа, а другата се брани, туку е и израз на длабоката криза на постојниот свет, кој моментално се распаѓа пред нашите очи. Затоа не е доволно да им се даде оддишка на моралистичките фантазии за нејзиниот крај, на пример мојата омилена, во која гледам како Путин ја трпи заслужената судбина на Чаушеску. На оваа војна ѝ треба крај кој ќе ни ја отвори перспективата за подобра иднина, а тоа е можно само доколку радикално ја промени постојната ситуација.“, вели за белградски Недељник хрватскиот по потекло филозоф и публицист, Борис Буден, којшто денес живее и работи во Берлин, Германија.
Разговарал:
Бранко Росиќ, Недељник, Белград
Борис Буден го претставуваат како еден од најголемите европски филозофи, културни теоретичари и публицисти. Многумина го сметаат за еден од најголемите интелектуалци од овие простори. Пишува есеи и статии од областа на филозофијата, политиката, културната критика и уметноста. Дипломирал филозофија на Универзитетот во Загреб, а докторирал теорија на културата на Универзитетот Хумболт во Берлин, каде што денес живее и работи.
Полемичен, контроверзен . Јас лично го дефинирам како човек чии статии и книги сум ги „искинал“ од читање. Првиот пат кога го запознав Буден го читав неговото интервју со професорот Љубо Тадиќ во загрепскиот „Старт“. Јас бев што се вели, дете (а Буден исто така беше многу млад тогаш), не ни знаев кој е ниту едниот, ниту другиот. Ме воодушевуваше со есеите во коишто го демонтираше и сечеше хрватскиот и секој национализам за време на балканските војни во книгата „Барикади“ (компилација на есеи). Го сретнав изминатиот викенд на истото место како и минатиот пат – на платото на Музејот на Југославија.
Дојдовте во Белград, на фестивалот „Крокодил“, по улиците има протести. Што мислите, дали улицата сè уште е најсилната платформа за политичко дејствување во Србија по толку години и по неколку улични „репризи“? Како воопшто ви се чинат приликите во Србија?
Она што навистина ме фасцинира кога станува збор за „улицата“ и нејзината улога во политичкиот живот на Србија е нешто сосема спротивно, имено како оваа „улица“ е слаба или немоќна да промени нешто важно во Србија повеќе од три децении.
Од она фамозно „случување на народот“ на крајот на осумдесеттите, таканаречената „антибирократска револуција“, преку масовните демонстрации против Милошевиќ, појавата на добро организираниот „Отпор“, па се’ до неодамнешните побуни против корупцијата, урбаната и еколошката девастација, односно она што е сè уште актуелно, против насилството, таа српска „улица“ не иницираше ниту една важна пресвртница во политичкиот живот на Србија и никако не ги помрдна, а камоли суштински да ги промени, идеолошките координати во кои се одвива тој живот.
Скоро четириесет години во Србија владее српскиот национализам и го води српскиот народ низ улиците и институциите од еден пораз во друг. И кога за момент поверувавме дека е можна промена, мислам на „Октомври“ и соборувањето на Милошевиќ, се’ остана во рамките на диригирана и контролирана промена на режимот. Бескрајното натегање помеѓу граѓанската, делумно антинационалистичка и, што е уште поважно денес, „прозападната“ елита од една страна, и националистичкиот популизам на власт или во опозиција од друга страна, продолжи до ден-денес со некоја аморфна, трома, податлива популациска маса во средина, која некои сепак, не знам зошто, ја нарекуваат народ.
Главните мотиви се повторуваат како во бесконечен круг: Косово, „Запад или Русија“, „сите Срби во иста, никогаш недовршена држава“ итн.
Како да се излезе, според вас, од таа вечна реприза?
Мислам дека дојде време да се доведе во прашање целиот идеолошки хоризонт во кој се одвива ова бескрајна натегање. Можам само да шпекулирам, бидејќи во овој случај чекориме во ново и непознато: можеби Србија, меѓу првите во Европа, па дури и пошироко, ги исцрпи сите можности што ги нуди суверената национална држава во современиот глобален капитализам како крајна институционална рамка на демократијата и таканаречената национална економија како предуслов за национален просперитет.
Србија не знае која е нејзината територија, не знае каде и се границите, не знае во геополитичкиот вакуум во кој западна дали ќе им се придружи на овие или на оние, не знае како да ги уреди односите со нејзините соседи за взаемна корист, дали економски ќе се потпира на Кина или на Европската Унија итн. Што, пак, ако Србите како народ никогаш не одговорат на овие прашања, што ако оние што се родени во таа „ненормална“, „несредена“, „недовршена“ држава и кои во меѓувреме израснале во неа, во таа и таква „неуспешна“ држава и умрат?
Што ако територијата кога еднаш ќе се заокружи, стане безвредна пустелија испразнета од луѓе и секоја човечка перспектива, место каде што дури и Бог рекол „добра ноќ“? Што ако националните граници, откако дефинитивно ќе се повлечат, исто така ќе станат бесмислени, ирелевантни во однос на оние други невидливи граници што ќе го растргнат српското општество од внатре, како и во однос на новите геополитички граници кои денес се повлекуваат со крв? Што ако таа српска држава, ако и некогаш биде довршена, ќе служи на се’ и сешто, освен на интересите на луѓето што живеат во неа?
Можеби оние кои се грижат за промените што го отвораат патот кон подобро утре треба конечно да ја напуштат илузијата наречена суверена национална држава и да станат активни во практиките на социјална солидарност и демократија надвор од националните граници. Нацијата е брод што тоне, треба да земете храброст, да скокнете преку палубата и да пливате во некои сосема нови води. Или ќе не’ повлечат со нив во длабочините.
Кога ги спомнавте сега геополитичките граници, се сеќавам на вашите зборови: „Капиталистичкиот Запад, победникот во Студената војна, ги зграби поранешните социјалистички општества, обезбедувајќи апсолутна доминација и неограничена контрола врз нив. Успеа да им наметне една цел без алтернатива, а таа цел е слепо да се достигне Западот.“ Го опишувавте претопувањето, а и исчезнувањето на Источниот блок.
Таканаречениот Исток никогаш не се претопил ниту исчезнал. Истокот го преживеа крајот на Студената војна, и тоа како „поранешен исток“ (Former East). Интересно, Западот, како што еден голем словенечки интелектуалец, за жал покојниот Игор Забел, луцидно забележа своевремено, никогаш не стана „поранешниот“. Продолжи да постои како Студената војна никогаш и да не завршила.
Денес постои како ирационален идеал на нашите граѓански елити, можеме да додадеме „либерални“, што совршено ги ослободува овие елити од секој напор да размислуваат сами, да заземат свој став кон својата реалност и да им се обратат на плебејските маси со кои живеат на нивниот јазик. А тој јазик може да биде само јазик на социјалната солидарност, односно во услови на нашата перманентна криза, јазик на егалитарната трансформација.
Наместо тоа, овие елити им го препуштија народот на своите националистички колеги, популистички манипулатори и, според зборовите на Мира Богдановиќ, постојано го преуредуваат својот елитистички пасијанс со една единствена карта на која пишува „запад“.
Онаа фамозна реченица на Латинка Перовиќ, која често се повторува како некаква посебна мудрост, за Србија која требало да го избере Западот, а не го направила тоа, се состои од двојна лага. Прво, дека наводно суверената српска нација воопшто имала слобода на избор. Точно е, напротив, дека Србија не може да го избере ниту Косово, а камоли нешто друго. Статусот на вазал не е нешто што се избира слободно, туку нешто што е покорно прифатено. И ова е болната вистина што мора да му се каже на својот народ денес, имено, дека покорувањето е единствениот преостанат начин на кој може да се консумира националниот суверенитет.

За среќа, има живот, но и демократија, и човечко достоинство и слобода, и од другата страна на нацијата и националниот суверенитет. Токму поради ова, лага е и дека „западот“ е универзален одговор на сите прашања. Бранко Милановиќ, светски познатиот економист и експерт за прашањата на нееднаквоста, неодамна покажа дека тоа таканареченото стигнување на „западот“, а на што се сведува целата посткомунистичка транзиција, кога станува збор за пост- југословенските земји, е чиста илузија.
За речиси четириесет години, повеќето од нив не постигнаа стапки на економски раст доволни за да почнат да го стигнуваат „западот“. На овие простори сите сме губитници од транзицијата. Но, кога се гледа цела Источна Европа, најголемиот губитник е Украина. Таа земја денес е посиромашна отколку што беше во 1985 година, мерено во 2021 година, односно пред оваа војна која денес ја уништува до крај. Белорусија, напротив, со автократски режим и дистанцирање од „западот“, всушност, заедно со Полска и Албанија е најуспешна, но и тие земји остануваат далеку под просечниот глобален раст во истиот период.
Толку од изборот на „западниот“ како кралски пат кон економскиот просперитет. Словенија, која го избра речиси веднаш, не му се приближи ништо повеќе од Србија, мерено од 1985 година до денес.
Сега имаме и војна меѓу постсоветските држави во посткомунистичката транзиција?
Имајќи го предвид штотуку споменатиот неуспех на целиот транзициски проект, кој е непоправливо корумпиран од самиот негов идеал, стигнувањето до „западот“, можеме да кажеме дека војната се одвива меѓу двајца тешки губитници на транзицијата, тоталниот губитник, Украина, која по речиси четириесет години стигнување до „западот“ не го достигна ниту своето советско минато, и двојно поуспешната губитничка Русија, која не само што сè уште не почнала да стигнува до „западот“, туку веќе неповратно ја изгубила трката за глобален раст. Патем, Русија постигна иста стапка на раст како Србија и покрај нејзиното огромно енергетско богатство. Војната, ако не доведе до нивна целосна пропаст, само ќе ги направи овие двајца губитници уште поголеми губитници.
Русија ја започна таа војна во име на својата национална безбедност, иако по примерот на „западот“ ја распродаде сопствената национална безбедност на приватни фирми, на своите славни олигарси, па сега се надева дека нивниот претприемачки дух ќе ѝ донесе победа – ако веќе не може армијата која остана без последните залихи на храброст и морал, наследени од Втората светска војна.
Русија, јасно ни е, денес граба територија во Украина, но во тој процес ја уништува, ја чернобилизира, така да се каже, со конвенционално оружје, така што таа територија, без разлика кој на крајот ќе ја запоседне, ќе остане само уште позагадена, отровна пустелија од која ќе бегаат и луѓето и животните.
Украина, од друга страна, со право се брани, но тоа го прави и во името на таканаречените западни, европски вредности. Интересно, од сите овие вредности, токму минатата година најрадикално беше реализирана целосната дерегулација на пазарот на трудот. Владеењето на правото, како западна вредност, најбрзо се реализира кога овозможува неограничена експлоатација на работната сила. Уште еднаш се потврди дека најдобрата терапија што „западот“ ја нуди за сите болести на транзицијата е шок-терапијата. Војната само ја прави уште поефикасна.
Во оваа војна сите бранат сè: Украина ги брани западните вредности, а Русија освојува територии за да ги брани наводно вистинските европски вредности кои се под закана.
Од перспектива на „западот“, со кој Украина целосно се идентификуваше, тоа е војна на вредности. Во Украина автентичните вредности на Европа и на „запад“ се бранат од Русија, чиј идентитет е негација на тие вредности. Овој став го дели речиси целиот политички спектар на европската или западната јавност, вклучувајќи го и нејзиниот наводно најпрогресивен, лево-либерален дел. „Западот“ се држи до него дури и кога, во логиката на политичката коректност, демонстративно се обидува да го олицетвори целиот проблем, па зборува за „Путинова“, а не за руска агресија врз Украина.
На сличен начин, „западот“ своевремено ја персонифицираше улогата на Србија во југословенските војни во ликот на Милошевиќ. Денес, од сопственото искуство знаеме како смената на Милошевиќ го “реши“ проблемот на српскиот национализам, Косово, ја донесе либералната демократија во Србија и обезбеди нејзин голем економски просперитет.
Затоа, се надевам, нема да наседнеме на приказната за злобниот Путин и добриот руски народ, кој кога ќе се ослободи од него, ќе ја прекине војната и демократски ќе ги реши сите проблеми што доведоа до неа. Впрочем, колку е тенка таа маска на поедноставување и политичка коректност, најдобро покажа минатата година лидерот на полската вонпарламентарна левица, кога изјави дека проблемот не е овој или оној руски лидер – за него тие се сите исто – а не се ни таканаречените „обични Руси“. Проблемот со Русија е нејзината политичка култура, која беше обликувана, како што буквално рече, од византиското православие и монголската доминација, односно економија заснована на екстракција на суровини.
Значи, проблемот е во она што критичката теорија го нарекува цивилизациска разлика – исцртување на суштинска, значи неисториска граница меѓу цивилизацијата и варварството – и тоа беше и останува главното идеолошко оружје на стариот и новиот колонијализам, т.е. империјализмот, како и на денешните граѓанско – либерални елити. Дури оваа цивилизациска разлика целосно ја разоткрива расистичката логика на целата приказна за вредностите, односно, и ова е многу поважно, расистичката логика на проектот за обединета Европа како заедница заснована на овие таканаречени вредности, логика наметната врз нас од европските политички елити.
Да, и во исто време, некои руски интелектуалци, вклучително и идеолозите на Путин, веруваат дека Русија ги брани вистинските европски вредности кои се загрозени од „декаденцијата“ на Западот, кој ги „издаде“?
Нема ништо контрадикторно во тоа што рускиот национализам, а со тоа и рускиот расистички империјализам се легитимира во есенцијалистички вредности, не само во однос на Украина, односно народите кои ги смета за нејзини поданици, вазали или сателити, туку и во однос на Европа и „западот“.
Русија не е никаква жртва на западниот расизам, туку нејзин премногу ревносен протагонист кој дури тврди дека има право на негово ексклузивно поседување. Во исто време, знаеме дека зборуваме за ултра-конзервативните, екстремно десничарски вредности што руските националисти ги споделуваат со нивните политички колеги во САД и ЕУ, од омраза и насилство врз таканаречената ЛГБТ заедница, преку славење на религијата и семејството како основа на нацијата, до отворениот расистички прогон на мигрантите.
Тоа не’ предупредува на можно мрачно сценарио за исходот на она што денес се случува во Украина, сценарио во кое Путин ја губи војната и Русија, но путинизмот победува во САД и Европа. Што е полошо од Путин во Источна Европа? Власта на здружените сили на популистичкиот трампизам и европскиот пост-фашизам, односно верскиот фундаментализам на „западот“ – со безрезервна поддршка на Волстрит.
Затоа, проблемот не е во некои суштински културни вредности што ги делат „западот“ и Русија, туку во сосема конкретни, историски контингентни и политички арбитрарни „вредности“ што ги поврзуваат. Затоа е погрешно да се каже дека Русија не имплементирала никакви „западни“ вредности. Напротив, таа искрено прегрна голем број од нив. На пример: насилно соборување на власта во странски земји, воена интервенција во спротивност со меѓународното право, окупација на странски територии, воени злосторства против цивили, прекројување на границите во Европа, легален и незаконски прогон, па дури и средновековна тортура на непријателите, априори неказнивост пред транснационални судови итн. Навистина, во некои од овие вредности Русија претера, во други, за среќа, не успеа, но во целина, денес во Русија нема ништо што ни се гади, а претходно не ни се згадило на „западот“.
Тогаш каков е исходот од сето ова?
Во рамките на денешниот даден хоризонт на нашата политичка имагинација, чии граници не се само во верувањето дека капитализмот нема алтернативи, туку и во неговото целосно редуцирање на идентитетска политика, војната ќе се води додека материјалните, човечките и политичките ресурси на една од страните не се исцрпат, а потоа убивањето ќе престане, конфликтот ќе биде замрзнат во некоја форма слична на ситуацијата што ја имаме во Либија, Сирија, Ирак, Израел или Палестина или во Босна и Косово.
Освен ако не завршиме во нуклеарен армагедон, се разбира. Сите ќе изгубат, луѓето во Украина и Русија на прво место. А потоа и целиот свет, кој наместо да ги здружи силите во обид да спречи климатска катастрофа, троши драгоцено време и ресурси на идентитетски војни околу опустошени територии.
Дали е можен поинаков, попозитивен исход кој би отворил заедничка перспектива не само за Русите и Украинците, туку и за целиот свет?
Тоа е можно, но не како враќање на старите начини, на пример, во рамките на меѓународното право, во однос на националниот суверенитет и постоечките граници. Тој поредок не само што е веќе мртов, нема смисла и да се врати, бидејќи се претвори во инструмент на доминација на оние кои се поставија над него.
Исто така, не мислам дека е можно да се вратиме во „нормалната“ рутина на капиталистичкиот прогрес, што ќе не’ доведе до економски и општ општествен просперитет преку понатамошен раст и нови технологии. Оваа војна не е само конфликт меѓу две земји, едната напаѓа, а другата се брани, туку е и израз на длабоката криза на постојниот свет, кој моментално се распаѓа пред нашите очи.

Затоа не е доволно да им се даде оддишка на моралистичките фантазии за нејзиниот крај, на пример мојата омилена, во која гледам како Путин ја трпи заслужената судбина на Чаушеску. На оваа војна ѝ треба крај кој ќе ни ја отвори перспективата за подобра иднина, а тоа е можно само доколку радикално ја промени постојната ситуација.
Пред четврт век, се чинеше дека наводната конечна победа на капитализмот и таканаречената „западна“ демократија засекогаш ја исфрли од нашите умови идејата за револуција, а со тоа и можноста за ненадејна, радикална промена заснована на принципи на социјална солидарност и егалитаризам. Се плашам дека нема да се извлечеме без таа идеја.
Парискиот договор за климатски промени постави цел да го запре глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови од прединдустриската ера. Врвот требаше да се достигне до 2025 година, а потоа да се намали за четириесет проценти до 2030 година. Таа цел веќе е промашена. Ни останаа, да ја парафразирам Екатерина Велика, уште само неколку години за нас.
Која е смислата сега да се дојде до „запад“? Ниту економска ниту политичка. Токму „западот“ мора радикално да го промени својот начин на живот, врз основа на огромната потрошувачка на енергија и сите други ресурси. Затоа, не сме ние тие што треба да ги зграбиме „западните“ привилегии, туку „западот“ треба да се откаже од нив, бидејќи тие не се одржливи. Ако не сака? Затоа ни е потребна идејата за револуција.
Живеете во Германија и еднаш кажавте дека основниот инстинкт на луѓето во Германија е „колку би било убаво да остане така како што е сега“. Сосема различно од луѓето од нашите простори, каде што минатото секогаш било подобро (освен она во деведесеттите), а можеби иднината ќе донесе нешто добро. Сегашноста е секогаш полоша за нас од било што друго, и никој не би сакал како Германците, нашата сегашност да се влече бесконечно во иднината.
Историјата ја фати Германија на спиење. Само што се вгнездија убаво на врвот на европската пирамида на моќ, како една од најнормалните, најуредените и најбогатите земји во светот. Економски успешна, политички стабилна, културно издигната, толерантна, либерална, со исклучок на екстремистите, политички и социјално маргинализирани, кои не беа никаков предизвик за силното германско граѓанско општество и просветената јавност – иако понекогаш не одеа подалеку од најморбидното расистичко насилство, убивање мигранти или политичари, насилство кое освен оние наши војни, инаку не постои на Балканот.
А потоа дојде бранот бегалци, потоа Брегзит, пандемијата, војната во Украина, па нов бран бегалци. Последните истражувања на јавното мислење и даваат на АфД, екстремно десничарската Алтернатива за Германија, ист број гласови како и на социјалдемократите. Германија ја чека турбулентна политичка иднина. Но, не се во криза само традиционалните партии кои ја кренаа земјата по Втората светска војна. И Германија е во длабока идеолошка криза.
Рационалниот консензус кој ја обликуваше внатрешната и надворешната политика на земјата за сите фундаментални прашања, без разлика на политичките и идеолошките разлики, денес изгледа сè потенко и кревко. Начинот на кој германската јавност реагираше на војната во Украина ја изложи нејзината подложност на популистички поедноставувања, склоност кон воинствена реторика, слепило за противречности и низок праг на толеранција за ставови кои отстапуваат од мејнстримот.
Да се потсетиме каков вид на лудило го снајде Хабермас, кој е главен ум на германската либерална демократија, кога предупреди на опасностите што ги носи ескалацијата на војната во Украина. Германската јавност немаше милост кон својот најважен теоретичар.
Но, затоа ја крена на небо својата нова икона, министерката за надворешни работи Аналена Бербок, којашто, а тоа не се очекуваше од германските зелени, со завидна леснотија се ослободи од таканаречените пацифистички илузии.
Оваа, како што злонамерно забележа еден филозоф од германската левица, мешавина од Јована Орлеанка и Хилари Клинтон, денес е најгласниот поборник за војна до конечна победа.
Од друга страна, истата таа германска јавност, како и целата западна јавност, сè уште е слепа за сопствените противречности. Додека од една страна го поздравува притисокот врз Србија да се откаже од Косово, од друга страна е подготвена до последен „леопард“ (германски модел на тенк, н.з.) да се бори за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Таа му дава, главно, со право, сè повеќе оружје на Зеленски, но не мисли да го праша зошто нема да го признае Косово.
Сепак, ова е само уште еден симптом на длабоката криза на „германската идеологија“. Од 1945 година наваму, ја изгради својата импозантна нормативна структура, и во неа постигна речиси совршенство, со една единствена цел – да го спречи враќањето на духовите од минатото. Но, привидите, можеби уште полоши, денес ѝ доаѓаат од иднината, односно од зад грб , поради што таа не ги ни гледа.
Ова во голема мера објаснува зошто Германците толку многу би сакале ништо да не се промени, за да можат сè уште да се потпираат на супериорноста на нивната идеологија и да ги зачуваат сите привилегии што ги уживаат на светскиот трон на демократијата и капитализмот. Меѓутоа, проблемот е во тоа што оние на кои сета надеж им беше сведена на желбата сè да остане како што е, веќе изгубија секаква надеж. До тој степен, исто така е безнадежно да продолжиме да гледаме некаков модел во таа Германија.
Се сеќавам на еден текст од вашата книга „Барикади“, која ја прочитав неколку пати, а тој текст се викаше „Кога сум усташ и Југословен“. Тогаш можеби бевте први што напиша дека во најлошите години од војната, српскиот фолк ја преминал границата и бил слушан од хрватски војници. Сега некој поп-фолк легитимно ја преминува границата, Јелена Розга ја полни белградска Арена без реклами, на влезот во Загреб пред неколку месеци стоеше билборд на Аца Лукас. За поп музиката воопшто немаше несогласувања, дали е тоа најголемата точка на конвергенција на регионот? Интелектуалците, писателите жестоко се обидуваа да кажат дека српскиот и хрватскиот јазик се различни, а естрадата очигледно не прави разлика?
Во оваа работа треба да се биде внимателен исто како и кога е улицата во прашање, односно сите оние огромни толпи кои со децении се влечат по српските улици. Како што веќе рековме, тие не сменија ништо важно. Нешто слично се случува и со културата, особено со популарната култура. На транснационален план, таа функционираше одлично дури и во време на Југославија, и како стока на заедничкиот културен пазар на поранешната земја, но и како возвишена вредност во смисла на изворно културно творештво, социјална субјективација, масовно задоволување на културните потреби.
Војната, или војните, освен за многу краток период, иако често ни тогаш, значително не ја спречија оваа транснационална културна размена. Но, од друга страна, таа иста транснационална културна размена, таа циркулација на културните добра и нивната потрошувачка низ сите политички и идентитетски граници, исто така, не ги спречи тие војни. Се колевме пеејќи ги истите песни и пцуејќи на ист јазик. Значи, ако има некаков позитивен општествен набој во таа културна артикулација, некој момент на заедништво, толеранција, општествено формативно творештво, никогаш не сме успеале да го преточиме во оперативна политичка форма.
Логиката на затворени во себе и често спротивставени култури, односно културни вредности, напротив, има свои политички форми, институции, буџети, законски рамки, накратко, има своја – да не заборавиме, национална! – држава. Впрочем, ова важи и за јазикот. Можеме да потпишеме стотици петиции за заеднички јазик, да го користиме што е можно послободно во меѓусебната комуникација и културната продукција, но кога нашите деца ќе тргнат на училиште, кога ќе отворат учебници, граматики и речници, кога ќе ги слушнат своите наставници и кога конечно сами ќе почнат да работат во јавни и државни институции, ќе зборуваат дури четири – пет различни јазици.
Исто како што немаме друг избор освен да избереме еден од тие јазици во Google Translate или Microsoft Word. Дали ќе ја потпишеме ние петицијата или не, алгоритмите знаат дека зборуваме пет јазици, а не еден.
Со други зборови, нема заобиколен пат на кој ќе избегнеме отворен политички конфликт со националните идеологии, националните политички партии и културните и политичките институции на нашите национални држави. И не станува збор за форсирање на „наши“ во нив, учители ненационалисти, лингвисти, функционери, министри за култура, државни политичари.
Проблемот на САНУ – да споменеме една таква институција чии заслуги за поттикнување омраза меѓу нашите народи се неспорни – не е во националистите што ја окупираа. Проблемот е во таа институција како таква, во идејата за репрезентативна концентрација на националната интелигенција во форма на дискретна, геронтолошки избрана, главно машка, елита. Со тоа треба отворено да се соочиме и да го урнеме, а не да чекаме да умрат националистите во таа институција, се разбира, дури откако ќе ги изберат своите ненационалистички наследници. Тоа звучи глупаво и е глупаво. Прашањето е само до кога доброволно ќе се согласуваме да бидеме глупави. Се додека тие ја претставуваат националната памет, ние сме нивни национални будали.