Connect with us

интервју

Бојан Маричиќ: Граѓаните добро знаат зошто нема подобар пат од европскиот – никој друг не ни нуди фондови, сигурност реформи и стандарди

Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања

објавено

на

Високата поддршка за ЕУ, НАТО и за Отворен Балкан е директен показател какви политики сакаат и бараат граѓаните. Сакаат мир, извесност, сигурност отворени граници, соработка, сакаат фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди. И сето ова го добиваме и го стекнуваме како наш национален траен белег, токму одејќи по патот кој сме го избрале, пат кој води кон ЕУ. Постои ли друг пат? Ниту некој ни понудил ниту било која од оние мали но опасни антиевропски структури во земјава презентирале друга опција подобра од оваа.

Г-дин вицепремиер, најновата анкета на ИРИ покажа дека поддршката за членство во ЕУ кај македонските граѓани сè уште е висока, иако опаѓа, но дека актуелниот преговарачки процес не е поддржан. Над половина од испитаниците биле против него и против внесувањето на Бугарите во Уставот, како услов за да се отворат поглавјата. Каков е вашиот коментар на ова?

Она што е најважно е дека во сите анкети сè уште е висок процентот на поддршка за членството во Унијата. Кај граѓаните, после трнливиот пат кој го поминавме до отворањето на преговорите, тоа е можеби наталожен револт од долгото чекање, сите претходни блокади, сите фрустрации кои ни ги наметна процесот, но ова е моментот каде што ние можеме, да ги затвориме сите дилеми и да продолжиме понатаму со процесот на преговори со ЕУ.  

Манипулациите, лагите и силната пропаганда минатото лето од страна на опозицијата за Францускиот предлог, кој беше поддржан од цела Европска Унија, дека има некаква скриена агенда, влијаеја врз мислењето на граѓаните. Лагите дека го брише јазикот, го брише идентитетот, решава историски прашања придонесоа граѓаните да се сомневаат во Францускиот предлог. Тоа сето беше попратено и со силната реторика на бугарските националистички политичари, како и со отворањето на бугарски клубови, со имиња на контроверзни историски имиња, кои имаа цел да предизвикаат немир и нетрпение кај граѓаните и ги нарушат односите на кои интензивно работиме и се обидуваме да ги подобриме.

Но, видовме со следните случување, после неговото усвојување во Собранието, дека тоа не е така. И со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, но и со целото однесување на Европската Унија, каде слободно можам да речам дека сме во фокусот на внимание.

Поддршката за ЕУ не е виртуелна, граѓаните многу добро знаат зошто Северна Македонија треба да чекори на европскиот пат. Знаеме за придобивките што носи членството, трансформацијата на општеството, европски стандарди, неповратни средства од европските фондови. Другата страна или некоја друга алтернатива нема ниту понуда, ниту реформи, ниту финансиска поддршка, туку само несигурност, неизвесност и конфликт.

За овие анкети знаат и претставниците на ЕУ и повеќето државите членки се свесни дека нам ни е нанесена неправда низ годините и мислам дека овој геополитички момент со Украина треба да се искористи во наша полза. Не се отвора ваква можност често, и затоа не треба да ја користиме за политички поени и замајување на јавноста со лаги и дезинформации.

Немаме повеќе блокади од други држави, напротив. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Нивното присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледаат како идна земја членка на Унијата.

Тоа е и сигнал дека постои политичка волја и кај Европската Унија да ги турка работите побрзо и забрзано да се движиме кон ЕУ. За тоа постои политичка волја и кај нас како Влада. Останува и опозицијата да покаже интерес и волја и да даде поддршка на овој процес и навистина пред граѓаните  да покажеме на дело кој е за Европската Унија.

Неспорно е дека имаме и идеолошки и политички разлики, има точки и прашања на коишто можеме да се спориме, но овде се работи навистина за иднината на државата, и за исполнување на една стратешка определба, заради граѓаните.

Она што јас можам да го кажам дека ни е и предност и слабост во исто време е што по прв пат блокадата зависи од однесувањето на политичките партии. Од тоа ќе зависи  и каква иднина ќе избереме за државата и граѓаните и судбината на евроинтегративниот процес.  

2030 е реален датум за членство во Европската унија, кој е добар да го имаме како мотивација за побрзо спроведување на реформите и исполнување на задачите. Во овој момент е важно да имаме јасна цел и план за како Владата така и администрацијата и општеството во целина да се води според оваа цел.

Како да продолжи евроинтегративниот процес, во услови и кога опозицијата упорно бара референдум за изјаснување на граѓаните околу уставните измени, којшто според овие анкети, доколку се одржи воопшто, веројатно е да успее?  Во една прилика рековте дека единствен референдум којшто има смисла за вас е со прашањето „дали сте за членство во ЕУ или не“. Очигледно е дека граѓаните сакаат членство во ЕУ, но не по секоја цена. Која е највисоката цена што може да ја плати државата за да стане рамноправен член на европската заедница?

Да, само Референдум на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ или не?“ има смисла, но не гледам поента за повторно отворање на ова прашање кога ние веќе ги започнавме преговорите со ЕУ. Во оваа наредна фаза на скрининг процес треба да се фокусираме и да зборуваме на прашања коишто ни се наметнуваат, а се врзани за внатрешниот пазар, за владеење на правото, за животната средина, за транспорт и земјоделие и за борбата против корупцијата итн.

А граѓаните многу пати покажале дека сакаат европска иднина за државата и затоа наша обврска, на сите политички чинители, е тоа да им го обезбедиме на граѓаните. Сè друго ќе биде само безидејност на опозицијата и купување време, што не оди во прилог на државата.

Никогаш, во ниту едни преговори, не сме отстапиле од црвените линии, ниту се прифатени било какви компромиси што би биле на штета на националните и државните интереси и за тоа можат граѓаните да бидат спокојни. 

Вакво прашање ни поставуваа кога го променивме уставното име на државата за членство во НАТО и ЕУ. Тогаш беше дилемата дали можеби плативме превисока цена за членство во најмоќниот воен сојуз во светот со промената на името. Денес, од оваа дистанца, кога имаме безбедносна криза на тлото на стариот континент, што верувам дека никој од нас не можеше да претпостави дека ќе се случи во 21 век, гледаме колку е важно да сме на безбедната страна и дел од тој безбедносен систем.

Гледаме дека и лагите за Договорот од Преспа дека со неговото потпишување сме го изгубиле идентитетот, пропаднаа. Напротив, неодамна отворивме Центар за македонски јазик што е потврда на она што цело време ја убедувавме јавноста дека никогаш не сме преговарале и нема да преговарање за македонскиот јазик  и идентитет. Со решавањето на билатералното прашање со Грција успеавме да затворивме три децениски проблем, што придонесе Грција да биде силен поддржувач на нашите евроинтеграции, да ја зајакнеме трговската размена и да имаме одлични добрососедски односи.

Она на што сега треба да се фокусираме е спроведување на реформската агенда, брзо напредување во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока.

Највисока цена “ќе плати“ државата ако после сè што направивме, сите чекори, тешки одлуки, жртви и компромиси за откочување на евроинтеграциите на земјата и отворање на патот кон ЕУ, пропаднат. Ако досега постигнатото го изгубиме заради дневно политички пропаганди и државата ја насочиме во некој друг правец.

Затоа е важно да го искористиме овој моментум, кога има позитивна атмосфера во ЕУ, како и симпатиите на европските институции кон нас, и мудро да ја завршиме оваа национална задача.

Како власта планира да ги направи уставните измени кога опозицијата сè уште е цврста на ставот дека нема да ги гласа и бара предвремени избори?

Секогаш кога нешто сакаме да направиме треба да тргнуваме од тоа која ни е целта и што сакаме да постигнеме. Наша цел е успешен процес на уставни измени, брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Северна Македонија да биде членка на Унијата.

Наместо предвремени избори, што не се воопшто паметни во време на светска енергетска и економска криза и кои бараат континуитет и добро менаџирање, мислам дека е многу поважно и попаметно опозицијата да ги надмини партиските интереси, да вложи напори и да учествува и во уставните измени и во процесот на преговори, за на дело да покаже дека е за напредок на државата и за нејзина европска перспектива.

Мораме да имаме политички консензус кога се работи за правецот на движење на државата и европската перспектива. Секој да се постави одговорно кон оваа државна задача и да ги надминеме партиските разлики.

Овој пат нема да биде ниту Грција, ниту Франција со нова методологија, ниту пак Бугарија која ќе стави вето. Следното вето може да биде од ВМРО-ДПМНЕ, односно самите да се блокираме на европскиот пат.

Сигурен сум дека доколку ги завршиме уставни измени, имаме шанса многу побрзо да напредуваме во процесот на европска интеграција, и ќе имаме прилика да ги правиме промени во пракса многу побргу.

Внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот не е на штета на никого, а и содржински немаат ништо спорно и се неспоредливи со уставните измени за промена на името. Затоа сум убеден дека ќе се најде начин и решение, со помош на меѓународната заедница преку нивна поддршка и присуство во земјава, но и со помош на граѓаните.

Имаме простор, до ноември 2023 година, кога завршува целиот скрининг, да ги завршиме уставните измени. Како Влада и како мнозинство во Собранието работиме на создавање поволна атмосфера, за да дојдеме до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени коишто содржински за никого не се спорни. Тоа јавно го кажуваат, дури и оние партии кои сега се противат на Францускиот предлог, дека немаат против внесување на уште две, три или четири заедници во Уставот.

На крајот одговорноста е и на секој пратеник, но и на сите политички партии кои се во Собранието. Нивна должност ќе биде да објаснат пред граѓаните зошто, после 17 години чекање, сега кога ги започнавме преговорите не сакаат да одиме понатаму во евроинтеграциите. Ќе биде навистина голем штета ако опозицијата ја стави државата во ќорсокак или ја врати во чекалната и да чекаме уште десет години.

Убеден сум дека во ВМРО-ДПМНЕ ќе има доволно сила и одговорност за да се комплетираат овие уставни измени. Во спротивно според мене се отвора можност за криза и нова блокада на државата, овој пат блокадата ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ. Сега навистина би било нелогично сами да се блокираме. Времето во тој случај нема да работи за нас и наместо да го трошиме на реформи и трансформација на општеството, ќе го трошиме на решавање на политичка криза и можеби некои нови прашања кои ќе ги отвори истата.

Владата ќе го води процесот инклузивно и транспарентно и очекуваме сите да се на ниво на својата задача. Најповеќе очекувам да покаже проактивност Собранието и да ја преземе својата задача и одговорност.

Луѓето се разочарани од попустливоста на ЕУ кон својата членка Бугарија, од антимакедонските тонови кои доаѓаат од Софија, во нивните очи паѓа кредибилитетот на Унијата.  Како во овие услови ќе успеете да ја „продадете“ кај граѓаните идејата дека евроинтеграциите  немаат алтернатива?

Не се согласувам дека граѓаните не гледаат јасна перспектива. Високата поддршка за ЕУ, НАТО и за Отворен Балкан е директен показател какви политики сакаат и бараат граѓаните. Сакаат мир, извесност, сигурност отворени граници, соработка, сакаат фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди.

И сето ова го добиваме и го стекнуваме како наш национален траен белег, токму одејќи по патот кој сме го избрале, пат кој води кон ЕУ. Постои ли друг пат? Ниту некој ни понудил ниту било која од оние мали но опасни анти-европски структури во земјава презентирале друга опција подобра од оваа.

Ни нуди ли некој друг неповратни фондови за да градиме инфраструктурни проекти, ни нуди ли некој друг реформи во сите сфери на општеството? Ни нуди ли некој друг безбедносна заштита подобра од оваа што ја имаме со НАТО? Не, нема друга опција, ниту пак Северна Македонија било кога историски била на друга патека различна од оваа. Народот добро знае што е исправно и зошто од секогаш сме со демократскиот Запад.

Она во што граѓаните не треба да се сомневаат е дека преговорите се официјално започнати, со одржувањето на првата Меѓувладина конференција во Брисел, на 19 јули. Треба на сите да ни е јасно дека овој процес е историски, го започнуваме еднаш и дека само еднаш имаме ваква шанса за темелна и брза трансформација на општеството на подобро. Сè друго е пропаганда и лажни вести кои доаѓаат од оние кои не сакаат државата да се движи во овој правец, кои сакаат дестабилизација и враќање во време кога Северна Македонија беше оценувана како „заробена држава“.

Тоа не смееме да го дозволиме, затоа што тоа би значело назадување на државата и политичка криза, а имајќи предвид дека во Европа имаме веќе безбедносна криза секој отворен простор и скршнување од европскиот пат од било какви други надворешни влијанија ќе биде несомнено искористен.

А тоа не го сакаме. Сакаме сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за граѓаните и државата, а тоа е гарантирано токму со членството во ЕУ, кое ќе отвори нови можности и нови фондови. Не смееме исто да го заборавиме фактот дека Европската Унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, па и кај нас во Северна Македонија. Од 2007 година до денес, преку ИПА програмата милијарда евра се вложени во државата и тоа се неповратни средства кои се вложени во инфраструктурата и во развојот.  Сето тоа е вложување во значи подготвување за членство во Унијата, кое ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови кога ќе станеме членка на Унијата. 

За актуелизирање и приближување на целиот процес го граѓаните, кој во моментов е најголемиот и најважниот македонски проект, голема и клучна е и улогата на медиумите, затоа што вие ја имате моќ да “продавате“ и да презентирате успешни приказни. Таква успешна приказна треба да биде и нашиот процес на пристапување во ЕУ.

Затоа и предвидовме следната година медиумите да присуствуваат на објаснувачките скрининзи, подобро да се запознаат со текот на скринингот и да почувствуваат дел од атмосферата во Брисел, за да можат да пренесат релевантни информации на граѓаните и да потврдат дека преговорите со ЕУ Северна Македонија веќе ги започна.

Како се одвива темпото на скрининг процесот? Што открива тој во делот на едно од најважните поглавја,  “Право, слобода, безбедност“, каков е капацитетот на државата во некои од клучните области, како борба против организираниот криминал, борба против тероризам, итн.?

До сега скрининг процесот се одвива непречено и според календарот кој го дефиниравме со Европската комисија.

За да биде појасно за читателите, објаснувачките скрининг состаноци овозможуваат да се запознаеме со новото европско законодавство, а билатералните да ги нотираме недостатоците и да ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди.

Целта на овие скрининзи е да покажеме што сме постигнале и што и колку реално е направено. На овој начин доаѓаме до разликата која треба да поправи во текот на преговорите. Имаме добра подготвеност и основа за продолжување со силно темпо на реформирање и капацитет за исполнување на обврските кон ЕУ, но и кон граѓаните.

Конкретно во Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“ имаме висок степен на усогласување со законодавството на ЕУ, она што во следниот период ќе треба да работиме е на имплементација. Од нас ќе се очекуваат резултати во овие клучни поглавја од Кластер 1, со кој започнуваат и завршуваат преговорите.

Темпо на напредок бележиме во Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“ во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, како и управувањето со границите и миграцијата и многу добра соработката со агенциите за спроведување на законот на ЕУ. Во оваа насока ја засилевме соработката со ЕУ и преку потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, кој беше потпишан онака како што ветивме, на чист македонски јазик, без ѕвездички и фусноти.

Затоа и овој процес трае повеќе години, за да има време да се надминат сите слабости. Гледаме реално на состојбите и пред Европската комисија настапуваме исто, реално со сите предизвици со кои се соочуваме и во борбата со корупцијата и во правосудството.  
Во ноември го имавте првиот билатерален скрининг состанок за Поглавјето 24, рековте дека сте задоволен од подготвеноста на македонскиот преговарачки тим. Како беа задоволни претставниците од ЕУ и кои беа нивните клучни забелешки? Што е следно во скрининг процесот?

Задоволен сум и јас и претставниците на Европската комисија од текот на скринингот и од подготвеноста на македонските преговарачки групи. До сега поминавме објаснувачки скрининг за три кластери и го завршивме билатералниот скрининг за Кластерот 1 „Фундаментални вредности“.

Бевме пофалени од колегите од Европската комисија за обемот на презентации и деталноста во презентирањето. Во текот на состаноците поставуваат конкретни прашања за допрецизирање на законските усогласувања со ЕУ и нивното спроведување во пракса. Конкретно за Поглавје 24, имавме тридневна интензивна агенда, со околу четириесет презентери од областа, од неколку институции, бидејќи ова заедно со Поглавје 23 се најважните и најкомплексни области во Кластер 1.

Клучните забелешки ќе ги добиеме во скрининг Извештаите, за кој очекуваме дека ќе го добиеме што е можно побрзо од Европската комисија, на почетокот на следната година, во зависност кога ќе биде подготвен од страна на Европската комисија и одобрен од Советот. Инсистираме да биде тоа побрзо бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација.

Во тие извештаи всушност ја добиваме оценката на Европската комисија до каде сме во спроведувањето на реформите и што ни преостанува за достигнување на европските стандарди. Овие извештаи, покрај годишниот Извештај за 2022, ќе бидат основа за ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и креирање на приоритети во спроведувањето на истата.

Важно ќе биде да ја задржиме динамиката и онака како што е планирано со Европската комисија, следната година до крајот на ноември, да ја завршиме оваа фаза од процесот на преговори. Во јануари продолжуваат билатералните состаноци од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“, со Поглавјата 3,6 и 7, односно „Право на основање и слобода на давање услуги“, „Право на трговски друштва“ и „Право на интелектуална сопственост“.

Изјавивте дека сметате оти 2030 е реален датум за зачленување на Македонија во ЕУ. Сметате дека за осум години ќе успееме да ги отвориме и затвориме сите поглавја?  Црна Гора почна во 2012, две години веќе нема мрднато во напредокот. Србија е во слична ситуација… 

Ова беше првото и најтешкото прашање кое го добив, како главен преговарач со ЕУ, но знаејќи ја подготвеноста на земјата, политичката посветеност на Владата за реформи и желбата членството во ЕУ да се случи што поскоро, односно Северна Македонија да влезе во првото наредно проширување на Европската Унија кога и да биде тоа, 2030 е вистинскиот датум за тоа.

Можеби звучи амбициозно, но е достижна цел.  2030 е реален датум за членство во Европската унија, кој е добар да го имаме како мотивација за побрзо спроведување на реформите и исполнување на задачите. Во овој момент е важно да имаме јасна цел и план за како Владата така и администрацијата и општеството во целина да се води според оваа цел.

Дека до 2030 навистина можеме да ги завршиме преговорите со Унијата го велам од повеќе причини. Прво, имаме високо ниво на усогласеност со европското законодавство, во некои области сме понапред и од земјите кои веќе деценија преговараат.  Потоа, имаме две значајни, добри стартни позиции. Тоа се членството во НАТО и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, што беше нотирано со највисока оценка и во годишниот Извештај на Европската комисија за 2022. Со тоа Северна Македонија се покажа како кредибилен, доверлив и постојан партнер и сојузник, што нè прави да сме во подобра стартна позиција од останатите земји преговарачи.

Не е добро да се прават големи споредби со Црна Гора и Србија бидејќи преговорите се специфични за секоја земја и затоа тешко е да се предвиди нивниот тек. Секоја генерација од преговорите е различна од претходната и се одвива во различни услови. На пример, една е геополитичка ситуација во која започнаа македонските преговори, мислам на војната во Украина, а други беа условите во кои се одвиваа преговорите со Србија и Црна Гора. И двете земји се пример дека со политичка криза и отворени билатерални прашања нема напредок во реформите ниту на европскиот пат.

За нас, покрај динамиката на спроведување на реформите за која имаме политичка волја, многу важно за напредокот во евроинтегративниот процес ќе биде обединувањето околу исполнувањето на нашата стратешка цел. Процесот е сложен и бара мобилизација, посветеност и одговорност од сите општествени чинители, особено од политичките фактори во земјава.  

банки4 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите