коментари
Бранко Азески: Што ни се случува?
Бранко Азески
претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Пораки за 2022 година…

претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Што ни се случува? Според мене, отрезнување и едно големо чистилиште од кое ќе излезе нова генерација која ќе биде способна да се носи со предизвиците. За жал, некои тоа отрезнување и тоа чистилиште ќе го платат со живот, некои со пропаст на нивните бизниси и лични стандарди, но тоа што ќе излезе ќе биде ослободено од сите претходни баласти и на пропаста на бившата држава и на лошата транзиција и на лошо менаџираните интеграциони процеси.
Кога на 27 март 2020 година објавив колумна за „Фокус“, со наслов „Што ни се случува“, ни на крај памет не ми паѓаше дека после 18 месеци ќе издадам книга под истиот наслов. А што всушност ни се случуваше? Во младоста, читавме стрипови каде за да се опише централната личност се употребуваше една секвенца на „дојде тивко и влезе во легендите“. Е тоа ни се случуваше во март месец таа година, кога тивко и незабележливо ни се инволвираше еден вирус за кој не можевме ни да претпоставиме дека ќе не’ смени и нас, и светот, и се’ што е околу нас.
Првите информации дојдоа од Италија, па тивко се спуштија на границата со Хрватска, па алармот на нашите компании дека немаат суровини, па активирање на мрежата за одблокирање на границата која живот ни значеше, па веднаш од лево преоѓање на десно, на другиот крај во Европа, во Турција и одеднаш СТОП! Не ни знаевме премиерот Заев, генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов и јас додека 24 часа работевме на одблокирање на суровините, дека вирусот почна да ги загрозува и човечките животи.
Одеднаш, на мојот телефон стигнаа две пораки од различни страни на светот, од двајца мои добри пријатели дека ни се случува пандемија која ќе потрае, ќе однесе милиони човечки животи, ќе ги запре економските активности…Тоа што го прочитав некако ми беше логично и се осмелив да го објавам. Денес можам да констатирам дека се’ што беше напишано беше 100 постотно точно, и констатациите, и решението и времетраењето. Никогаш не сум се чувствувал дека сум баба Ванѓа, но ова е просто неверојатно, дека некој можел да предвиди се’ до детаљ. Затоа оваа сторија е многу интересна и ја пишувам во функција на поуки до определени субјекти врз кои можам да имам влијание и со тоа да помогнам и на сопствената држава, и на институцијата што ја предводам и на компаниите, кои ме поддржуваат и на јавноста која суди. Да одиме по ред:
До државата
Конечно, новите структури во Комората ги сублимираа главните приоритети. Како конструктивна движечка сила, редовно предлагаме конкретни решенија за економско заздравување и излез од кризата. Редно време е во 2022 година да се разрешат барем дел од четирите врвни приоритети кои треба да бидат во фокусот на државата, бидејќи нивната реализација ќе поттикне зголемена економска активност на приватниот сектор во наредниот период: БОРБА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА И СО КОРУПЦИЈАТА, БРЗА ГАСИФИКАЦИЈА, ДИРЕКТНА ПОДДРШКА НА ИЗВОЗНИТЕ КОМПАНИИ И БРЗИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ГРАДЕЖНИТЕ ДОЗВОЛИ ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ ОД БИЗНИСОТ.
Како клучни мерки со итен приоритет на дејствување во борбата со сивата економија ги посочувам мерките за унапредување на работењето на Управата за јавни приходи преку воведување јасни и прецизни критериуми, кодекси, доедукации и норми во работењето. Втората значајна мерка која ја предлагаме е интегрирана, целосна и итна дигитализација на процесите на државните служби, кои ќе придонесат за подобра испорака на услугите на Владата до компаниите, но и до граѓаните, за подобрена интеракција со бизнисите и со индустријата, помалку корупција, зголемена транспарентност, повеќе задоволни корисници на услугите. Не помалку значајни се и реформирање на системот на парафискалните давачки, како и сузбивање на сивата економија во електронската трговија.
Целосната реализација на проектот за гасификација е од исклучително значење за стопанството како краен потрошувач, кој, на овој начин, ќе добие поевтин енергенс, пониски трошоци, а ќе се обезбеди и заштита на животната средина, но и поголема конкурентност на странските пазари. Затоа, изградбата на национален гасоводен систем, поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас за Владата на Република Северна Македонија мора да биде еден од врвните приоритети.
Директната финансиска поддршка за извозните компании ќе даде силен импулс на настојувањата извозот да биде алфа и омега на економскиот напредок на државата. Финансиската поддршка за иновации за големите компании е процес кој не ги вклучува само големите компании. Напротив, треба да се имаат предвид позитивните мултипликативни ефекти од инвестициите и од развојот на големите компании, кои потоа како локомотива повлекуваат и значаен број домашни компании добавувачи, и создаваат услови да се неутрализираат опасностите од селење на домашниот капитал во странство заради користење таква помош, која ја нудат земјите од соседството.
Без брзи процедури за издавање на градежните дозволи нема инвестиции, особено брзи инвестиции, кои сега ѝ се потребни на нашата држава. Овие процедури се особено ограничувачки и долги во локалните самоуправи. Треба да се изнајдат брзи и нестандардни решенија за бргу да се дејствува, ако сакаме инвестиции во услови на економска криза.
Целта на приоритетните потези што ги наведов е создавање можности и амбиент што ќе поттикнат зголемена економска активност на приватниот сектор.
До Комората
Да се биде во чекор со промените несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски капацитети, за да се одговори на барањата и на потребите на компаниите членки, кои од ден на ден се менуваат, во зависност од нивните приоритети и од моменталните барања на пазарот. Во такви услови на дејствување, Комората ги препознава тие сигнали и навремено презема активности кои водат кон трансформација на внатрешните процеси, за да се понуди една нова, подинамична и современа комора, ориентирана кон иднината.
Концептот „Комора на иднината“ претставува одговор на потребите на бизнис-заедницата да има силен партнер, кој со своето знаење и со експертизата ги рефлектира современите трендови и практики на дејствување во брзо и во динамично општество.
Клучна промена во трасирањето на патот кон Комората на иднината е формирањето на советите (за напредни технологии, за унапредување на високото образование, тренингот и обуките, за унапредување на индустриското производство и на извозот) со фокус спрема развој, иновации и знаења. Овие облици на наше организирање се насочени кон развој на пазарно ориентираните услуги од сите компании во државата. Преку активностите спроведени во рамките на советите, ќе настанат неколку нови, а потребни алатки за компаниите, а тоа се Берза на трудот, Институт за извоз, консултантски услуги и лобирање, Школа за бизнис-лидери, Суд на честа, Постојаниот избран суд – Арбитража итн. Значи, правиме конкретни чекори и имаме конкретни придобивки. Преку активностите на советите ќе произлезат настани: Годишна конференција за напредни технологии, Денови на отворена врата, вмрежување на домашните и на странските компании. Советите ќе бидат ориентирани и кон проектно работење, од што ќе произлезат повеќе активности во рамките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), Швајцарската програма за поддршка на извозот (СИППО), проекти во рамките на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Со таквите активности ќе развиеме едукативни програми наменети за менаџментот на компаниите од различни нивоа, како и за вработените кои имаат потенцијал за раст во компанијата, модули за поддршка на мали и средни претпријатија и преквалификација.
Значи, мојата визија е да имаме Стопанска комора на Северна Македонија, која има приоритетни цели да остане лидер во коморскиот систем, да се приближи до членките, да анимира што поголем број компании во своите редови и да ја оправда целта на своето постоење.
До компаниите
Во изминатиов период сведоци бевме на една тешка борба со пандемијата, во која се испреплете се’: непредвидливоста, неискуството, неподготвеноста, неверувањето и што ли уште не. Има ли вирус, нема ли вирус? Вештачки е произведен или природата ни враќа? Треба да се преземат заеднички мерки или поединечни мерки на ниво на држава и регион? Додека се дискутираше тоа, пандемијата се прошируваше со огромна брзина.
Сега е време кога треба да си помогнеме сите заедно, па веројатно на крајот ќе дојде време кога бизнисот ќе ѝ помогне на државата.
Што можеме да констатираме денес? Ковид 19 доведе до голем пад на економските активности; К-19 финансиски ја протресе државата затоа што средствата за неповратна државна поддршка се основниот начин за справување со кризата (се разбира, не и единствениот); К-19 носи највисок степен на ризик дека ќе се доведат во прашање сите врски меѓу субјектите потребни за водење бизнис.
Неизвесноста и натаму е пред нас. Извесно е дека ова ќе потрае и дека клучниот момент ќе биде кога државната поддршка полека ќе спласнува. Практично, и на бизнис заедницата и стана јасно дека мора да го зголеми своето учество во процесите, да најде начин за одблокирање или поттурнување на врвните приоритети онаму каде што се закочени.
Значи, Комората мора да успее во намерата да го промени односот на државната администрација кон компаниите, чувствувајќи ги како партнери, на кои мора да им се помогне, да се едуцираат и надградуваат, а не како досега да се „чекаат на кривина“ и да се казнуваат.
До јавноста
Како признание на активностите на комората во спроведување на процесите на дигитализација и во сопственото работење, Комората е добитник на награда „Дигитален шампион за 2021 година“, што на министерската конференција во Женева и ја доделија трите реномирани институции Светската Трговска Организација (WTO), Мeѓународната стопанска комора (ICC) И Меѓународниот центар за трговија (ITC) за проектот „Платформа за дигитализација на процесите и издавање е-документи“ што им се потребни на компаниите во надворешно-трговското работење.
Оваа награда е силна порака до нашата јавност да се престане со сатанизирање на се’ и секого во нашата држава и да побегнеме од синдромот кој егзистира векови, дека секој ќе го признае твојот напредок освен тие што треба, а тоа сме самите ние.
На Балканот, со долготрајна финансиска и економска криза, со пандемија од светски размер, со енергетска криза во најава, со нерешени прашања во опкружувањето, со малтретирање и копање по историјата, да постигнеш каква таква одржливост и да размислуваш за некаков развој е невозможна мисија. Но, реално, ние тоа го имаме. Ако некој на 27 март 2020 година беше запрашан и му беа наброени сите можни проблеми, тој иднината после 18 месеци ќе ја гледаше како катастрофа и пустош. Ама не е така. Ние не се справуваме со кризите ни најдобро, ни средно. Имаме големи пропусти што ги плаќаме, ама пред да се кажува секој ден и секоја минута дека ништо не функционира, дека ни се случува катастрофа од невидени размери, мислам дека не е точно.
Што ни се случува? Според мене, отрезнување и едно големо чистилиште од кое ќе излезе нова генерација која ќе биде способна да се носи со предизвиците. За жал, некои тоа отрезнување и тоа чистилиште ќе го платат со живот, некои со пропаст на нивните бизниси и лични стандарди, но тоа што ќе излезе ќе биде ослободено од сите претходни баласти и на пропаста на бившата држава и на лошата транзиција и на лошо менаџираните интеграциони процеси.