свет
Британија тагува по својата кралица, Чарлс е новиот крал, еве што следува деновиве

Една од првите формалности што ќе се одржи ќе биде состанок на Советот за пристапување, на древна церемонија во 500 години старата палата Сент Џејмс во Лондон. Во првиот дел формално се објавува смртта на суверенот и се прогласува нов суверен. Ова е затворен состанок, но на него присуствуваат стотици достоинственици и членови на Тајниот совет, којшто е група кралски советници.
По смртта на британската кралица Елизабета Втора, секој настан поврзан со нејзиниот погреб и останатите формалности во следните две недели е испланиран и вежбан до најмалите детали.
Кралот Чарлс III
Принцот Чарлс автоматски стана крал по смртта на неговата мајка. Тој ќе биде познат како кралот Чарлс III.
Тој сега е шеф на државата не само во Обединетото Кралство, туку и во 14 други земји од Комонвелтот, вклучувајќи ги Австралија и Канада. Тој, исто така, ќе стане шеф на 56-члениот Комонвелт, иако тоа не е наследна функција, откако лидерите на Комонвелтот се договорија за неговото наследување на состанокот во Лондон во 2018 година.
Тој автоматски станува шеф и на британските вооружени сили, судството и државната служба, а тој е врховен гувернер на Англиската црква. Тој е т.н. Fount of Honour, што значи дека сите почести, како што се витешките титули и сл., сега ќе се доделуваат во негово име.
Поздрави со оружје и промени на титулите
Една од првите формалности што ќе се одржи ќе биде состанок на Советот за пристапување, на древна церемонија во 500 години старата палата Сент Џејмс во Лондон. Во првиот дел формално се објавува смртта на суверенот и се прогласува нов суверен. Ова е затворен состанок, но на него присуствуваат стотици достоинственици и членови на Тајниот совет, којшто е група кралски советници.
Ќе се прочита Прокламација од балконот на палатата, а низ главниот град ќе одекнуваат поздравни плотуни.
На вториот дел од Пристапниот совет присуствува кралот и други високи членови на кралското семејство. За прв пат во историјата ќе можеме да го видиме овој вековен ритуал бидејќи ќе се пренесува во живо.
Принцот Вилијам сега е прв во редот за наследство на тронот, откако ја наследи титулата војвода од Корнвол од татко му и приходите што доаѓаат со тоа. Неговата сопруга Кејт ја зеде титулата војвотка од Корнвол, заменувајќи ја Камила која технички стана кралица. Светот потоа ќе гледа како кралот Чарлс III дава серија заклетви и ветува верност на црквата во Шкотска.
Во 24 часа по објавувањето на смртта на кралицата, ќе има плотуни низ делови од Лондон – по еден истрел за секоја година од животот на Елизабета. Следниве денови во катедралата Свети Павле ќе се служи богослужба на која нема да присуствува кралското семејство. Ова е моментот кога јавноста ќе се сеќава на својата кралица.
Организација на погребот
Како монарх, кралицата Елизабета автоматски добива погреб финансиран од државата, а деталите ќе бидат објавени во наредните денови. Кралицата почина во замокот Балморал, нејзината резиденција во Шкотска, па ќе се договори нејзиниот транспорт назад во Англија во наредните денови.
Елизабета можеби ги одобрила сопствените планови за погребот, но само владејачкиот монарх може да ги потпише. Кралот Чарлс III ќе ја изврши таа должност.
На кралицата ќе и биде организирана државна поворка во Вестминстер и погреб во Виндзор.
Долниот дом на британскиот парламент ќе заседава денеска од 12 часот за пратениците да може да ѝ оддадат почест на кралицата на седница којашто треба да трае до 22 часот. Невообичаено, седница ќе се одржи и во сабота.