технологии / компании
Бројот на онлајн трансакции поголем за 110% во првиот квартал
Продолжува пандемискиот тренд на електронски плаќања

Како и во изминатиот период од пандемијата, тренд на пораст има и на бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон во првиот квартал од 2021 година и тој достигнува годишен раст од 99%.
Плаќањата со платежните картички од страна на граѓаните во трговијата во земјата, во првиот квартал од 2021 година, забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 36% и 28%, соодветно, што во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата, покажува најновиот извештај на Народната банка.
Високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните во трговијата е пред сè резултат на исклучителниот пораст на бројот на плаќањата со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во првиот квартал од 2021 година изнесуваше 110% и притоа беше повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2020 година (77%). Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба од страна на граѓаните, во првиот квартал од 2021 година беше остварен годишен раст од 23%, којшто е на исто ниво со годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година.
Од аспект на плаќањата со платниот инструмент кредитен трансфер во време на пандемија, во првиот квартал од 2021 година, е забележан поумерен пораст кај плаќањата на граѓаните во споредба со плаќањата со платежни картички, со годишен раст од 11% кај вредноста на трансакциите, односно 6% кај бројот на извршените трансакции.
Сè почесто користење на мобилните апликации за плаќање

Сепак, од почнувањето на корона-кризата па наваму, заради потребата од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во првиот квартал од 2021 година се зголемил за значителни 49% на годишна основа, што е повеќе за 2,3 пати во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2020 година (21%). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.
Како и во изминатиот период од пандемијата, тренд на пораст на бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон има и во првиот квартал од 2021 година и тој достигнува годишен раст од 99%. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така двојно повисок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 46%. Покрај тоа, во првиот квартал од 2021 година, иако послабо во однос на употребата на мобилните апликации, и натаму расте употребата на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања, во првиот квартал од 2021 година се забележува висок годишен раст од 30%, којшто е двојно повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 14%.
Условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа годишен пад од 7% во првиот квартал од 2021, наспроти годишниот раст во истиот квартал во 2020 година, од 4%.
Лани порастот на онлајн плаќањата беше 2,2 пати

Претходно, податоците презентирани во Информацијата за плаќањата во 2020 година потврдуваат дека појавата на пандемијата ги забрза процесите на дигитализација на плаќањата. Каналите за дигитално извршување на плаќањата во 2020 година станаа сè позначајни, а особено електронското иницирање на кредитните трансфери и користењето на електронската трговија. Вкупниот број плаќања извршени во 2020 година забележа годишен раст од 10,2%, при зголемување од 15,6% на бројот на плаќањата извршени со платежни картички. Од друга страна, бројот на кредитни трансфери се намали на годишна основа за 3,6%. Ваквите движења придонесоа за натамошен раст на учеството на платежните картички (6,2 п.п.), коешто достигна 56,2% во вкупните плаќања.
Под влијание на корона-кризата, во 2020 година граѓаните сè почесто гo користеле електронското банкарство за вршење на плаќањата, што придонесува кон значителен годишен раст на бројот на електронски иницираните кредитни трансфери од 31,3%, во услови на значително годишно намалување на бројот на кредитни трансфери иницирани на хартија од 17,8%.
Според платежната статистика, во 2020 година е забележан постојан раст на плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги. Растот на плаќањата во трговијата со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата во 2020 година беше силен и изнесуваше 25,9%. Притоа, раст од 21% е забележан кај бројот на трансакции на физичките места на продажба, но впечатлив годишен раст од 2.2 пати е забележан кај плаќањата со картички на интернет.