интервју
Васко Ковачевски: АД ЕСМ ја понесе тежината на енергетската криза
Васко Ковачевски, претседател на Управен одбор и генерален директор на АД ЕСМ

„Со целосна помош и поддршка од Владата, АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската и топлинската криза во 2021/22. Пред нас е нова, уште потешка кризна состојба во 2022/23, во која АД ЕСМ влегува со обврска за целосно обезбедување на електрична енергија за граѓаните и малите потрошувачи, и на парно греење за граѓаните на Скопје.“
Грејната сезона се наближува, тоа значи се наближува периодот кога следува пад на температурите, зголемена побарувачка и потрошувачка на електрична енергија, зголемено оптоварување на електраните и нa производството на АД ЕСМ. Дали сме подготвени за соочување со енергетската криза и што може да очекуваме?
Ние сме подготвени за грејната сезона, но и натаму секојдневно се зајакнуваме, се престројуваме и оптимизираме. Во тоа имаме голема помош и поддршка од Владата, пред се од премиерот Ковачевски и од целиот тим министри, пред се од економскиот тим, како што тоа беше и во текот на претходната кризна состојба.
Работиме максимално согласно расположливите ресурси.
Планот за производство за АД ЕСМ за 2022 г беше направен со 20% зголемување во споредба со лани. Дополнително во текот на годинава е ревидиран и зголемен за уште 5%. Се’ со цел да се обезбедат целосно потребите од струја на граѓаните и малите потрошувачи.
РЕК Битола и РЕК Осломеј во првите седум месеци од годинава произведоа за приближно 40% повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани. Од јануари до јули 2022г термоелектраните произведоа 1559 GWh електрична енергија, додека од јануари до јули 2021г произведоа 1126 GWh.
Зголеменото производство се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство, и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.
Во истиот период, постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25% и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија.
АД ЕСМ произведува струја преку РЕК Битола, РЕК Осломеј, нашите хидроелектрани односно хидросистеми Маврово, Црн Дрим, Треска и Тиквеш, и ветерниот парк Богданци.
Дополнително, поради кризата вклучена е и ладната резерва ТЕЦ Неготино, кој исто така е интегриран во системот на АД ЕСМ.
Државата е во преговори за вклучување на приватната гасна електрана ТЕ-ТО која би произведувала пред се струја за големото стопанство, односно големите индустриски потрошувачи.
Премиерот Ковачевски, министерот Бектеши и јас како генерален директор на АД ЕСМ, имавме интензивни разговори во рамките на иницијативата Отворен Балкан, со земјите членки Србија, Албанија и Македонија, но и Црна Гора и Босна и Херцеговина кои бараат членство, за тоа како да најдеме начин заеднички да ја изменаџираме и подобриме ситуацијата со производство и снабдување со електрична енергија, а завчера со таа цел имаа посета и на Грција. Заедничкиот регионален одговор на кризата е најдоброто решение за сите.
Во изминатиот период, како држава, правиме интензивни подготовки да го зголемиме производството на електрична енергија.
Стопроцентно ја произведуваме целата енергија која е потребна за граѓаните и малите потрошувачи, наместо само 60% колку што пропишува законот, се’ со цел ЕВН Хоме да не мора остатокот да го набавува по берзански цени, бидејќи тоа ќе удри врз домашниот буџет на секој граѓанин. Ги обезбедуваме и загубите во системот на МЕПСО и Електродистрибуција, по задолжение од Владата.
Во меѓувреме, заедно со Владата, бараме начин како да помогнеме на стопанството и на институциите, односно да се набават повеќе ресурси: јаглен, мазут и природен гас, за да се вклучат дополнително и дел од останатите капацитети, за таа енергија да ја произведеме и да ја понудиме на бизнис секторот и на институциите, се’ со цел да помогнеме и на слободниот пазар , каде што цените се неколкукратно поголеми од цените на регулираниот пазар, кој ЕСМ го снабдува.
Лани моравте да преземете ,,принудна управа,, во БЕГ и Скопје Север, по задолжение од Владата, а годинава и целосно АД ЕСМ го презема парното греење во Скопје, што значи дека уште една голема дејност и гранка е приклучена на ЕСМ. Како ќе се соочите со проблемите со набавката на гас, како и со нерешениот статус на топланите во смисла на нивно користење и многу други отворени предизвици, како што е и прашањето со вработените од БЕГ?
На почетокот на грејната сезона системот ќе работи на природен гас, односно обезбеден е гас од Макпетрол до крајот на октомври.
За до крајот на грејната сезона концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависност од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрана ТЕ ТО, која како нуспроизвод од производството на електрична енергија испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје.
Двете топлани кои АД ЕСМ ги има под закуп, имаат технички опции за различни погонски енергенси.
Во однос на топланите, АД ЕСМ и АДОРА постигнаа договор за закуп на топланите во сопственост на АДОРА, кои ќе се користат од страна на АД ЕСМ во процесот на обезбедување парно греење за градот Скопје. Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23г. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од РКЕ.
Морам да кажам двете компании покажат општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период. И тие направија отстапки и ние направивме отстапки.
Што се однесува до прашањето со БЕГ, АД ЕСМ по задолжение од Владата, ја презема дејноста и обврската за обезбедување парно греење за градот Скопје, но не го презема во пакет правното лице БЕГ.

Во овој момент, во ДООЕЛ-ите за топлинска енергија формирани од АД ЕСМ, по пат на огласи за вработување се примаат стручни лица во минимален број кој е неопходен за задоволување на законските обврски за поседување стручен кадар за добивање на лиценците од РКЕ. Лицата треба да исполнуваат услови за искуство во дејноста на производство, дистрибуција и снабдување со топлина, со стручна подготвеност и определен број на години на работно искуство во таа дејност. Тоа се вработените кои и досега ги извршувале стручните работи во системот на Топлификација, а потоа и на БЕГ, со оглед на тоа што станува збор за специфична дејност.
Во втора фаза, дополнително ќе бидат преземени определен број вработени според потребите на систематизацијата на Друштвата на ЕСМ, додека дел од задачите ќе бидат извршувани од постоечките вработени во подружницата на ЕСМ, Енергетика, која исто така работи со производство и испорака на топлинска енергија.
Определбата е дека во услови на енергетска и финансиска криза треба да се раководи според принципот на оптимизација на бројот на вработени и максимално ангажирање со работни задачи на постоечките кадри.
Енергетската криза и трката по што поевтина струја некако го стави во втор план зеленото сценарио и сега јагленот пак се врати во фокусот, па наместо за затворање на рудници, пак зборуваме за отворање. Најавивте отворање на рудникот Живојно, до каде е тој проект?
Во врска со новиот рудник за јаглен во РЕК Битола, Живојно, во тек се завршни активности околу документацијата, и се прават технолошки активности и последни подготовки за отпочнување на експлоатација на овој нов рударски капацитет до крајот на годината и почетокот на следната година, така што се очекува првите количини на јаглен да се ископаат во текот на оваа грејна сезона и значајно да го подобрат снабдувањето со сопствен јаглен на ТЕ Битола.
Јаглен, мазут и природен гас за потребите на електраните на ЕСМ е набавен, односно последните набавки се склучени во јуни и испораките од нив течат, а во моментов се спроведуваат набавки за нови количини кои ќе се испорачуваат во следните месеци. Набавуваме јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, за нив исто така набавуваме и мазут за поддршка на процесот, за ТЕЦ Неготино се набавува мазут како основен енергенс за работа, како и гас за ко-генеративната електрана Енергетика. Дополнително ќе треба да обезбедиме гас и за парното греење во Скопје.
Во сите разговори кои ги водиме како држава со околните земји, акцентот е ставен на тоа границите во регионот да останат отворени за проток на енергенси во текот на грејната сезона.
Од тие причини очекуваме стабилно производство на електрична енергија.
Се определија мерки за штедење. Сметате ли дека тоа ќе ви помогне како на компанија, дали ќе ве растовари во однос на побарувачката и потрошувачката на струја?
Дефинитивно ќе ни помогне. И ние самите во АД ЕСM штедиме, иако ја произведуваме струјата и можеби некој мисли дека ни е лесно достапна. АД ЕСМ ги повикува сите, и граѓани и институции, согласно можностите, доследно да се придржуваат кон мерките за штедење на електрична енергија, како дел од севкупното движење во Европа за намалување на потрошувачката на електрична енергија.
АД ЕСМ како производител на 70% од вкупната електричната енергија во државата, што ја покрива 100-процентно целокупната потреба на граѓаните и малите потрошувачи (мали фирми и јавни институции), апелира секој поединец да даде максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, со свој личен влог.
АД ЕСМ ќе ги вложи сите напори да ја произведе целата електрична енергија која е потребна за граѓаните до крајот на грејната сезона и истата да ја има во доволни количини, но граѓаните треба да знаат дека секој киловат-час кој ќе го заштедат, ќе значи помалку трошење на јаглен, мазут и гас за неговото производство. Тоа значи заштеда на големи средства од државниот буџет, средства кои се на сите нас, бидејќи цените за набавка на енергенсите се енормно зголемени.
Со почетокот на глобалната енергетска криза, цената на мазутот е зголемена за речиси 100%, на јагленот за над 200%, а на гасот за 700%.
Цената за набавена електрична енергија е покачена за 1000%.
Ваквите цени, во услови на криза, државата и граѓаните тешко ќе можат да ги поднесат.
Доколку се придржуваме на мерките, енергијата која ќе се заштеди, АД ЕСМ ќе може да ја пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа.
Само со штедење на електричната енергија, сите ние можеме многу да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките, како и на нашата економија, и заедно да излеземе од оваа наметната криза.
Како течат инвестициите? Очигледно е дека мора да се градат нови електрани, нови производни капацитети, особено во обновливи извори.
Иако како компанија се најдовме под силен удар на енергетската криза и вложивме натчовечки напори за нејзино менаџирање и успеавме во тоа, ние истовремено со енергетската криза продолживме да ги спроведуваме и инвестициските проекти, пред се’, во обновливи извори. Значи и во услови на глобална енергетска криза АД ЕСМ не го изгуби од вид значењето на инвестициите во енергетиката како единствено издржано долгорочно решение за надминување на евентуални идни енергетски кризи.
Во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760 MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420 MW.
Од 2018-2022г имаме нова инвестиција 30 MW во ко-генеративна гасна електрана КОГЕЛ и 10 MW фотоелектрична централа Осломеј 1.
Треба да се потенцира дека ЕСМ ја изгради и ја стави во функција фотонапонската електрана во Осломеј – Кичево токму во услови на ковид криза и на енергетска криза. Оваа соларен капацитет е прва фотонапонска електроцентрала во Југоисточна Европа изградена врз стар рудник за јаглен. Следува уште една сончева електроцентрала од 10 MW и една од 100 MW. Ние сме особено горди на овој проект бидејќи со него почна енергетската транзиција во Р. Северна Македонија и по неговото комплетирање ние ќе имаме целосна замена на капацитетот од 120 MW на термоелектраната Осломеј со капацитет од сонце од 120 MW. За овој наш зафат добивме голема поддршка и проектот од страна на Енергетската заедница е даван за пример во други земји каде исто така се спроведува енергетска транзиција.
Уште 4 фотонапонски електрани од 280 MW ќе се градат во РЕК Битола каде заедно со новата планирана гасна електрана од 250-400 MW ќе треба да ja заменат комплетната термоелектрана Битола во следната деценија и да се заврши со користењето на јаглен.
Го шириме ветерниот парк Богданци, а во постапка е финализирање на процесот за Чебрен.
И мора да се има во предвид дека во енергетиката резултатите доаѓаат по подолг период и ефектот од тоа што денес се работи во енергетиката, ќе се види по 3 до 5 години.

Зголемениот обем на работа носи и зголемени набавки, набавка на материјали, услуги и други трансакции. Јавноста е сензитивна на трошењето на јавните пари, често и ЕСМ се наоѓа во темите кога ќе дојде да се дискутира околу транспарентноста…
Повеќе пати реков, и за Вас ќе кажам. Одговорно тврдам дека за целиот период додека сум директор на АД ЕСМ, нема ниту една јавна набавка на којшто била повикана само една фирма и никогаш не се случила набавка во 4 очи. Секогаш кога се спроведувала постапка, без претходно објавување оглас (една од постапките согласно Законот за јавни набавки) , без исклучок биле повикувани најмалку 3 фирми, понекогаш и многу повеќе, пред сè заради конкурентност, и секогаш постапката била транспарентна и секогаш се избирал понудувачот што имал најниска цена.
Меѓутоа, кога некој секојдневно ве обвинува за склучување договори во 4 очи и го вперува прстот кон вас, цело време додека трае кризата, не е прифатлива таа негова лична перцепција, без оглед дали е опозициски лидер, новинар, организација итн.
Таа магла создадена во јавноста од различни субјекти мора да се расчисти и да не доведуваат граѓаните во заблуда со звучни изрази и реченици кои немаат никаква врска со реалната состојба.
Почнавте да добивате нови транши од буџетот за поддршка за новата енергетска криза, но од парламентот, односно од опозициските пратеници и други партиски претставници добивте забелешка дека нема отчет за дел од веќе потрошените средства. Како го коментирате ова?
ЕСМ остро ги демантира и ги отфрла наводите изнесени од опозициската партија и нејзини функционери. Нема никаков недостиг на средства во енергетската криза, се води детално сметководство и евиденција на трошоците и употребата на средствата од буџетот префрлани на наменска сметка. Станува збор за извртување на податоците, некомплетно толкување и мешање датуми.
Одговорот е дека во моментот кога е даван отчетот на АД ЕСМ, а тоа е 1.4.2022г, тие пари ( 18 милиони евра) не биле доупотребени. Треба да се има предвид дека пресметката на потрошени средства, на кои опозицијата сега се повикува, е дадена на 1 април, но дека грејната сезона траела до 15 април, а енергетската криза до 9 јуни, така што исплатите и трошоците по тие основи не запреле на денот на давање на отчетот од страна на АД ЕСМ, кога од страна на самата компанија детално и транспарентно беше прикажано пред целата јавност како беше менаџирана кризата и како се успеа истата да се надмине без ниеден ден рестрикција на струја и без ниеден ден прекин на греењето во главниот град.
Во овој момент АД ЕСМ прави пресек на потрошените средства заклучно со 31.8.2022г., односно до почетокот на новата енергетска кризата. Во тој преглед, кој ќе биде доставен до владата, ќе биде даден збирен преглед на средствата што биле префрлени на ЕСM од државниот буџет, за справување со двете кризи- со електрична и со топлинска енергија, како и тоа и по кои ставки истите се потрошени, колку свои средства трошел ЕСМ кои се рефундирани од државниот буџет итн.
Опозицискиот лидер Мицкоски излезе со тврдења дека во време кога тој бил генерален директор на АД ЕЛЕМ во 2017 година, фирмите плаќале многу поевтина струја отколку сега, според одредени рангирања на 4 место, додека сега на 8 место. Ваш коментар?
Мицковски споредува неспоредливи временски периоди. Во 2017 ниту имало некаква криза, ниту бил соочен со ова со што денес и ЕСМ и државата и сите се соочуваме.
Која држава колкава цена плаќа зависи колку производни капацитети има и дали произведува своја струја или ја купува на берза. Поевтина струја денес имаат државите кои сами произведуваат, ние за жал 30 отсто од струјата, а тоа се тие 30 отсто кои се потребни за големите фирми и за институциите, ги купуваме на слободниот пазар, односно сами си ги купуваат фирмите и институциите.
Вистинското прашање тука е колку електрани изгради Мицковски за државата додека беше директор на ЕСМ и претходно додека беше советник за енергетика на Груевски? Се разбира, освен сопствените хидроелектрани, тоа не се смета.
Значи ништо. Само е изграден половина капацитет од ветерниот парк Богданци од 35 MW.
А ЕСМ во последните 3 години изгради фотонапонска електрана во Осломеј од 10MW и ja интегрираше гасната електрана Когел од 30MW. Значи ЕСМ за три години стави години 40MW во системот.
А во моментов се градат уште електрани, и сончеви, и се шири ветерниот парк, и во постапка е Чебрен, овозможивме со законот за енергетика да се градат приватни електрани од обновливи извори, тоа е исто така домашна струја во системот.
И за неколку години ние ќе имаме повеќе домашно производство и пониска цена.
Но, денес оваа цена за стопанството е последица на 12-те години владеење на партијата на Мицкоски и нивните енергетски политики на неинвестирање во енергетиката. И на сите други претходно. Енергетиката не е дејност од денес за утре.
И некоректно е Мицкоски да се фали, кога тој во енергетиката нема ама баш никаков придонес, освен придонесот за себе.
Имавте многу впечатлив настап во РЕК Битола, го нарековте ,,Час во природа”, на кој и објаснувавте на опозициската партија и на нејзиниот лидер околу продажбата на вишоците. Дали се расчисти таа тема, бидејќи доста време беше форсирана во јавноста?
Тоа што тие го зборуваат за ноќни вишоци електрична енергија , нема никаква врска со реалната ситуација и со енергетиката. Ако професорот Мицкоски и поранешен директор на ЕЛЕМ не знае која е разликата меѓу ,,ноќни вишоци и банд енергија” и ,,пик енергија’’ тоа е штета за државата што такво лице било на толку значајна функција. А доколку знае која е разликата, тогаш е недозволиво намерно да ја лаже јавноста и да ги извртува фактите. И срамота е, затоа што има стручна јавност, експерти и луѓе што работат во енергетиката и кои што знаат дека сето тоа е лага и дека Мицкоски и неговите лажат.
Мицкоски секој ден пишува како ЕСМ продава ноќни вишоци. И тоа го прави театрално како да е некаква информација. Прво, тоа се јавни објави и јавни аукции на АД ЕСМ.
АД ЕСМ продава ноќни вишоци на електрична енергија по пат на јавна аукција и наддавање од заинтересираните купувачи.
На аукциите на АД ЕСМ за ноќни вишоци енергија од 02-07ч. може да се пријави да купи секој субјект кој е на слободниот пазар: трговци, стопански субјекти, државни институции итн., доколку имаат потреба од електрична енергија во тие часови.
ЕСМ не врши продажба на енергија на HUPEX, туку продава во земјата. Сите трошоци понатаму доколку таа енергија се носи надвор, ги поднесува купувачот, како што се закуп на прекугранични капацитети и други издатоци на берзанското тргување, кои ја покачуваат крајната цена на берзата.
Еве еден пример: за периодот 20.8.-26.8.20022г продадени се 1750 MWh по цена од 303 евра за мегават – час. Понуди дале четири понудувачи, и нивните последни понуди на крајот на наддавањето биле:140, 266, 293 и 303 евра за мегават – час. Избрана е највисоката понуда која е добиена. Со оглед на цените кои се добиени од повеќе понудувачи, јасно се гледа дека постигната цена е таа која е реална за предметните шест дена.
Ист е случајот и со другите пакети ноќни вишоци за кои зборува. Срамота е да ја замајува јавноста дека ЕСМ ги продавал ноќните вишоци за некој трет да имал корист, а не ги давал на стопанството. На стопанството му е потребна дневна енергија, односно за тие количини е проблемот на стопанството и на фирмите, а не за ноќната енергија, која останува како вишок. А тоа не е исто, ниту во цена, ниту во искористливост.
Конкретно, да споредиме со реклами во медиумите, и по цена и по термин. Не е иста цената за реклами ноќе кога не гледа никој, и рекламен простор во ударен термин, кога се сите пред ТВ, во 20 или 22ч. Така е и со енергијата и нејзината потрошувачка и побарувачка.
Кога веќе Христијан Мицкоски сака да говори на темата купување и продавање електрична енергија, повторно да потсетиме дека Мицкоски е тој кој во негов мандат во АД ЕСМ купуваше електрична енергија по 220 евра за MWh во време кога струјата се продаваше по 70 евра за MWh.
Секој човек со барем малку лично достоинство ќе размисли пред да влегува во вакви извртувања на фактите како денешното, и лажно претставување на податоци во услови на глобална енергетска криза, додека за своите постапки кога немало криза, никогаш не дал одговор.