свет
Вашингтон: Не може американски чипови за Кина! Пекинг: Не може метали за вашите чипови!
Се разгорува технолошката војна меѓу двете велесили

Откако Министерството за трговија на САД пред десетина дена објави дека ќе ги запре испораките на чипови направени од американските компании Nvidia, Micron и AMD во Кина, Кина сега најавува одмазда и ја зајакнува контролата на извозот на два клучни материјали што се користат за производство на компјутерски чипови. Почнувајќи од следниот месец, ќе бидат потребни посебни дозволи за извоз на галиум и германиум од Кина, која, погодувате, е најголемиот светски производител на овие метали.
Битката меѓу Вашингтон и Пекинг за влијание врз индустријата за полупроводници (микрочипови) продолжува. Откако Министерството за трговија на САД пред десетина дена објави дека ќе ги запре испораките на чипови направени од американските компании Nvidia, Micron и AMD во Кина, Кина сега најавува одмазда и ја зајакнува контролата на извозот на два клучни материјали што се користат за производство на компјутерски чипови.
Почнувајќи од следниот месец, ќе бидат потребни посебни дозволи за извоз на галиум и германиум од Кина, која, погодувате, е најголемиот светски производител на овие метали.
Одлуката дојде како одговор на обидите на Вашингтон да го ограничи пристапот на Кина до некои напредни микропроцесори и само неколку дена пред патувањето во Пекинг на американската министерка за финансии Џенет Јелен.
Кинеското Министерство ја оправда одлуката со образложение дека ограничувањата се неопходни за „заштита на националната безбедност и интереси“.
Металите што Кина ги стави под контрола се користат во полупроводници, комуникациска и воена опрема, но се клучни и за производи како што се соларните панели. Полупроводниците, кои напојуваат сè, од мобилни телефони до воена опрема, се во центарот на жестокиот спор меѓу двете најголеми светски економии кој нема да биде решен наскоро.
Како што е познато, САД ги презедоа сите чекори за да го ограничат пристапот на Кина до технологијата за која стравуваат дека може да се користи за воени цели, како што се чиповите што се користат за суперкомпјутери и вештачка интелигенција. Во октомври минатата година, Вашингтон објави дека ќе бара лиценци за компаниите кои извезуваат чипови во Кина користејќи американски алатки или софтвер, без оглед на тоа каде се направени.
„Ова е само почеток“
Но, САД не се сами во целата оваа приказна, бидејќи им се придружија Јапонија и Холандија, земји кои исто така најавија планови за ограничување на извозот на најнапредната технологија за микрочипови. Холандија го направи ова поради домашната опрема и производителот на чипови ASML, кој е клучен играч во глобалниот синџир на снабдување со микрочипови.

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен, која деновиве беше во четиридневна посета на Кина, предупреди дека прекинот на економските врски меѓу Вашингтон и Пекинг не носи добро никому.
„И ние и Кина имаме корист од меѓусебната трговија. Затоа, инвестициите треба да бидат отворени, а би било катастрофално ако двете економии се разделат“, рече Јелен за време на посетата на Кина.
Контролата на извозот на Кина на металите што се користат за производство на полупроводници се „само почеток“, рече влијателен кинески советник за трговска политика, додека се вжештува технолошката битка меѓу Кина и САД.
Акциите на некои кинески металуршки компании се во пораст, а инвеститорите се обложуваат на повисоки цени на галиумот и германиумот, метали кои Пекинг ги забрани да ги извезува како одмазда за санкциите од САД, кои им забранија на нивните производители на чипови да извезуваат во Кина.
Германиумот обично се користи во компјутерски чипови со голема брзина и во воени апликации како што се уреди за ноќно гледање или сензори за сателитски снимки. Галиумот се користи во производството на радарски и радио комуникациски уреди, сателити и LED диоди.
Потегот на Кина, исто така, предизвика загриженост за тоа дали може да следуваат ограничувања за извозот на ретки метали, бидејќи токму тоа го направи Кина пред 12 години кога се спореше со Јапонија. Аналитичарите го опишаа потегот на Кинезите, забраната за извоз на галиум и германиум, како најголема контрамерка на Кина досега во долготрајната технолошка битка, откако во мај им забрани на некои клучни домашни индустрии да купуваат од американскиот производител на мемориски чипови Micron.
Поранешниот заменик министер за трговија Веи Џиангуо изјави за кинескиот весник China Daily дека контролите се „добро осмислен и тежок удар за САД“ и дека забраните се „само почеток“.
Ако продолжат ограничувањата насочени кон кинескиот високо-технолошки сектор, тогаш противмерките ќе ескалираат, додаде Веи, кој беше заменик-министер за трговија од 2003-2008 година и сега е потпретседател на Центарот за меѓународна економска размена под покровителство на државата.
Сепак, Вашингтон размислува за нови ограничувања за снабдување со високо – технолошки микрочипови во Кина, по серијата ограничувања во изминатите неколку години. Соединетите држави и Холандија, исто така, се очекува дополнително да ја ограничат продажбата на опрема за производство на чипови во Кина, за да се спречи нивната употреба за кинески воени цели. Еден ден откако Кина ги објави ограничувањата, кинескиот претседател Си Џинпинг го повтори својот повик за „стабилно и непречено функционирање на регионалните индустриски и снабдувачки синџири“.
Акциите на кинеските металуршки компании како што се Yunnan Lincang Xinyuan Germanium Industry и Yunnan Chihong Zinc & Germanium пораснаа втора недела по ред, а локалните медиуми објавија дека зголемувањето на цените на германиумот ќе ја зголеми заработката на компаниите.
Тешки последици ќе почувствува и Европа
Одлуката на Кина да го ограничи извозот на некои метали што се користат во полупроводниците може да биде одговор на американските трговски ограничувања, но нејзините последици ќе се почувствуваат и во Европа, предупреди деновиве претставник на германската индустрија.
„Токму во снабдувањето со суровини Европа е сè уште ранлива“, изјави шефот на канцеларијата на Здружението на германски производители на машини (VDMA), Холгер Кунзе, реагирајќи на одлуката на кинеската влада.
ЕУ се чини како да е фатена со спуштен гард на оваа кинеска одлука и иако се’ уште нема официјална реакција од Брисел, загриженоста во европските кругови секако дека е присутна.
Од Комисијата велат дека се’ уште се анализира ситуацијата. Еден дипломат изјави дека кинеските мерки биле „очекувани“ и дека тие создале “поголем притисок да се работи на економската безбедност“. Анонимни извори од ЕУ за Политико коментираат дека се уште не е до крај јасно што овие рестрикции ќе значат за европската индустрија, иако зависноста од увозот од Кина е застрашувачка. Сепак, сите се согласуваат дека овие мерки на Пекинг ја прават Европа нервозна и дека системот на Кинезите за контрола на извозот е “многу непредвидлив.“
Но, она што е предвидливо е дека Кина нема да игра нежно овој пат, тоа е сигурно. Кинеските мерки беа објавени само неколку дена откако Холандија, покрај САД, објави контрола на извозот на опрема за печатење микрочипови, за којашто рекоа дека е “неутрална“, односно не е насочена кон ниедна држава конкретно, но повеќе од јасно беше дека намерата е да се блокираат продажбите во Кина на домашниот производител на опрема ASML.
Ова не е првпат акција од поединечна ЕУ членка да го вовлече целиот блок во конфронтација со Кина. Пред две години, кога Литванија ја прифати понудата на Тајван да отвори нова дипломатска канцеларија, економската одмазда на Кина против оваа балтичка земја доведе до одговор ширум ЕУ, бидејќи трговијата е прашање на надлежност на ЕУ, а не национална.
Чаре?

Вестите од Кина предизвикаа најави и од постоечките и од потенцијалните производители на двата клучни метали.
Германската компанија Vital Pure Metal Solutions соопшти дека произведува и галиум и германиум од крајот на 2022 година по осумгодишен прекин.
Nyrstar, мнозинска сопственост на трговската куќа Trafigura, разгледува проекти во Австралија и Европа, како и во Тенеси, САД.
Државната рударска компанија во Демократска Република Конго Gecamines е блиску до пуштање во употреба фабрика за рафинирање што ќе обработува материјали од купот на згура од рудникот Лубумбаши. Ќе произведува бакар, кобалт и 30 метрички тони годишно талог од германиум.
Рускиот државен конгломерат Ростек може да произведува до 20 метрички тони германиум годишно и работи со само 30% од производниот капацитет. Русија е постоечки производител на галиум преку широката мрежа за топење на алуминиум на Русал.
Тоа можеби не е голема утеха за САД или нивните сојузници, со оглед на тоа што руското производство веројатно нема да се извезува, а и никој не сака да замени една проблематична зависност од увоз со друга.
Сепак, постојат повеќе потенцијални нови извори на германиум и галиум, примарни и секундарни, кои би можеле да се активираат за да се компензира секаква кинеска забрана, пишува Ројтерс.