коментари
Виктор Мизо: Автомобилската индустрија пред искушенија: Ковид – кризата само долеа „масло на огнот“
Виктор Мизо, извршен директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

Иако не може прецизно да се предвиди ‘Новата нормала’, предвидувањата на нивото на производство, како и сценаријата за потенцијално враќање кои се анализираат периодов, се далеку под бројките од 2017 година (врвот на глобално производство на автомобили од речиси 95 милиони возила) – мрачна перспектива за намалувања на побарувачката кон снабдувачите на автомобилската индустрија во 2020 и 2021 година. Целата автомобилска индустрија треба да се прилагоди на поголема несигурност, предвидлива контракција на заситените пазари низ светот и раст на само неколку пазари, но на пониски нивоа.
Историски гледано, автомобилската индустрија се покажа како една од најдинамичните и најпрофитабилни индустрии кои брзо се адаптираа на глобалните економски процеси. Сепак автомобилскиoт сектор се соочува со зголемени предизвици во бизнис опкружувањето и многу компании веќе се подготвуваат за потенцијална рецесија. Тековниот пад на продажба на глобалниот автомобилски пазар не претставува само привремено економско забавување.
Некои основни двигатели на побарувачката за патнички автомобили се менуваат заедно со макроекономскиот циклус.

Еден фактор е растот на “ride hailing” и “shared mobility” односно споделената мобилност во урбанизирани средини ширум светот, што резултира кон поголемо искористување на возилата и помал број на автомобили за управување со ист број патнички километри. Демографијата е уште еден значаен фактор, особено што нето – растот на старосната популација на возачи од 15 до 65 години во САД рапидно се приближува до нула. Истиот тренд важи и за Германија. Кина е единствениот регион каде што гледаме знаци на поизрамнет циклус и побрзо враќање на нивото на производство на автомобили од 2018 година во текот на следната деценија.
Иако не може прецизно да се предвиди „Новата нормала“, предвидувањата на нивото на производство, како и сценаријата за потенцијално враќање кои се анализираат периодов, се далеку под бројките од 2017 година (врвот на глобално производство на автомобили од речиси 95 милиони возила) – мрачна перспектива за намалувања на побарувачката кон снабдувачите на автомобилската индустрија во 2020 и 2021 година. Целата автомобилска индустрија треба да се прилагоди на поголема несигурност, предвидлива контракција на заситените пазари низ светот и раст на само неколку пазари, но на пониски нивоа.
Ова се дел од главните заклучоци на анализата направена од страна на голема глобална консултантска куќа која беше објавена и споделена во јануари 2020, пред воопшто да бидат земени во предвид влијанијата од Covid-19 врз глобалната рецесија која го зафати светот.
Катастрофална година за продажбата на автомобили
Резултатите за оваа година ќе бидат далеку под планираните како и драстично послаби од минатата.
Во тој контекст постои генерална промена во оваа индустрија поттикната од развојот на настаните поврзани со КОВИД-19 кон агенда која е оперативно ориентирана од една страна, но и со зголемен фокус на локализација.
КОВИД-19 направи глобално раздвижување на сите аспекти вклучително суштински промени во побарувачката на возила насекаде во светот, не само од аспект на количина, но и во структурен поглед. Во таа насока, ваквите промени имаат влијание и на останатите сегменти на мобилност (на пример јавен транспорт) што се очекува да има позитивно влијание на некои пазари како што е Кина.
Западноевропската стапка на продажба падна на 12,3 милиони возила годишно во ноември, споредено со 12,7 милиони возила годишно во октомври, како резултат на вториот бран на COVID-19 кој предизвика национални блокади низ целиот регион и ја задуши надежта за продолжување на закрепнувањето кое се појави кон крајот на летото. Довербата на потрошувачите опадна, нарушувајќи ги претходните придобивки, бидејќи зголемените рестрикции и ограничувања станаа факт.
Споредено на годишно ниво, продажбата во Западна Европа во ноември беше намалена за 14,1%, што е помалку сериозен пад отколку за време на првичните блокади и рестрикции на почетокот на годината, како одраз на природата на ограничувања што вклучуваат поголема флексибилност во можноста за регистрација на нови возила, дури и ако салоните беа затворени. Сепак, во однос на минатата година, заклучно со ноември продажбата во регионот е намалена за 26,3%, со само уште еден преостанат месец во 2020 година.
Сите пет големи пазари во Западна Европа забележаа пад на продажбата на автомобили во ноември. Во Велика Британија, продажбата падна на 1,7 милиони единици годишно – најниско ниво од јуни. Во Шпанија, продажната стапка остана на разочарувачките 1,0 милион единици годишно согласно претходниот месец. За Франција, продажбата падна на 1,7 милиони единици годишно, иако овој пад ќе беше полош ако не беа доставени некои нарачани возила пред целосното заклучување на државата. Првичниот стимулациски поттик од страна на Владата за зголемување на продажба на возила на италијанскиот пазар беше речиси завршен, па затоа и продажната стапка опадна на 1,8 милиони единици годишно. Германија беше единствениот голем пазар што забележа раст на стапката на продажба, на 3,6 милиони единици годишно.
Економското опкружување е во многу лоша состојба, директно поврзано со доверба на потрошувачите која повторно тоне на сите поголеми пазари во Европа. И покрај оваа комплексна ситуација, декемвриските бројки на продажба ќе бидат зголемени заради интересот на потрошувачите да се искористат одредени стимулации (даночни и сл.) до крајот на оваа година. Во 2021 година, се очекува анемичен почеток на годината, бидејќи ниската доверба на потрошувачите негативно ќе влијае врз активноста на пазарот. Зголемување на стапката на продажба ќе биде присутно како што полека ќе се надминува кризата и ќе влегуваме во втората половина на 2021 година. Вестите за применливи вакцини кои веќе започнаа да се администрираат во САД, Канада и Велика Британија даваат позитивни сигнали за ваква прогноза, но сепак мора да се има доза на претпазливост бидејќи масовната имунизација ќе потрае и уште еден скок на инфекции сè уште не може да се исклучи.
Воведувањето на различни степени на национални мерки за заклучување на економиите низ целиот регион несомнено нанесе уште еден сериозен удар врз продажната активност. Иако вестите за ефективна вакцина се секако позитивни, логистичките предизвици за масовната инокулација значи дека краткорочните изгледи за раст сè уште ќе бидат нарушени во следниот период. Имајќи го ова на ум, прогнозата за 2021 година изнесува 12,46 милиони возила, споредено со 10,67 милиони оваа година, со стапки на продажба што се очекува да покажат постепено зголемување во текот на 2021 година откако ќе ја надминеме оваа тековна криза.
Според последните анализи, иако сè уште е тешко да се прогнозираат бројките со апсолутна точност поради флуидната ситуација и промени на здравствено и економско поле речиси на неделно ниво, глобалната автомобилска индустрија ќе забележи двоцифрен раст во 2021 година, но нема да биде доволно за да се надополни падот предизвикан од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19).
Продажбата на нови автомобили ќе се зголеми за 15% во 2021 година, по падот од 18% во 2020 година. За Европа, падот од 25-27% во 2020 ќе се зголеми на околу 16-18% во 2021. Продажбата на комерцијални возила ќе се зголеми за 16% во 2021 година, по падот од 16% во 2020 година. Враќањето на бројките од 2017 ќе потрае подолго и тука најголемиот негативен ефект ќе биде на европскиот пазар – закрепнувањето се очекува некаде околу 2025 година.
Прогнози за 2021: трендови и очекувања

Пандемијата на коронавирус донесе нагло стопирање на еднодецениската експанзија во глобалната автомобилска индустрија, со пад на продажбата на повеќето пазари. Само во четири земји идната година продажбата ќе се врати на ниво од 2019 година: Кина, Турција, Тајван и Украина.
Производителите на автомобили ќе бидат принудени длабоко да ги анализираат своите глобални операции, што несомнено ќе резултира со дополнителни намалувања на работните места во индустријата, со погони и снабдувачи кои ќе се затвораат во земјите каде што пазарите најбавно ќе закрепнуваат и во зависност од тоа како што ќе се консолидира индустријата.
Во изминатите неколку години огромни средства беа инвестирани од страна на компаниите во индустријата на CASE проекти – connected, autonomous, shared mobility, electrification. Оваа криза ќе доведе до целосна реорганизација и приоритизација на распределбата на капиталот, и пред се штедење и намалување на кеш позициите на компаниите. Инвестирањето во електрични технологии ќе продолжи, но со намалено темпо (околу 200 милијарди долари во периодот од 2020-2024, споредено со предкризната декларирана сума од 234 милијарди долари). Од друга страна, инвестициите во автономни технологии ќе бидат драстично намалени и пролонгирани.
Продажбата на електрични возила ќе се искачи од 2,5 милиони годинава на 3,4 милиони во 2021 година, но уделот на Кина на пазарот ќе се намали бидејќи европската продажба продолжува да се зголемува. Во Октомври за прв пат продажбата на електрифицирани возила (целосно електрични, plug-in хибридни и хибридни возила – BEV, PHEV, HEV) на европскиот пазар ја надмина продажбата на дизел возила. Овој тренд ќе продолжи, пред се заради агресивниот настап на Фолксваген, но и другите производители кои лансираат нови електрични модели како реакција на брзиот раст и позиционирање на Тесла како лидер во оваа област, но истовремено поврзано и со новите регулативи и сè построго законодавство за емисија на гасови, поддржани од дарежливи владини субвенции, пред се во Европа.
Дополнително, голем број земји во Европа, но и Јапонија, Кина, Јужна Кореа носат регулативи каде продажба на возила со мотори со внатрешно согорување ќе бидат целосно забранети во периодот помеѓу 2030-2040 година што дополнително ќе го забрза овој тренд. Најновите предвидувања се дека над 30% од сите возила продадени во 2030 ќе бидат BEV+PHEV.
Продажбата преку Интернет е уште еден тренд кој веројатно дополнително ќе биде присутен во 2021 година, посебно доколку возачите и натаму се воздржуваат од посета на продажните салони.
Во кратки црти, следнава изјава од страна на експерт за индустриски операции во списанието Економист ја сумира моменталната состојба во индустријата:
„По катастрофалната 2020 година за глобалниот автомобилски сектор, сега очекуваме пораст во 2021 година, но производителите на автомобили ширум светот ќе треба да бараат џебови на раст, истовремено промовирајќи обемни програми за намалување на трошоците. Ривалството меѓу САД и Кина ќе продолжи и во 2021 година, без оглед кој ќе победи на изборите во САД во 2020 година. Санкциите и ограничувањата и рестрикциите за инвестиции може дури и да принудат трети земји да избираат помеѓу двата ривали“.
Сепак, уделот на Кина на глобалниот пазар на електрични вoзила ќе се намалува, додека европскиот ќе продолжи да расте.

Глобалните компании кои сепак успеваат да одржат силна позиција на ликвидност се очекува да ја искористат ситуацијата во своја полза со пронаоѓање на дополнителни можности за партнерства дури и аквизиции за понатамошна консолидација на нивните портфолија.
Последните 3 месеци оваа година се рекордни според побарувачките од нашите европски клиенти – компании. Работиме дури и надминувајќи го последниот план и проекциите од крајот на летото. Дел од компаниите се трудат да произведат што повеќе електрични и хибридни возила пред крајот на годината за да ги намалат пеналите за издувни гасови од страна на ЕУ.
Други компании имаа големо намалување во нивните залихи кон дилерите за возила (во продажните салони) и го користат периодот за нивно надоместување. Премиум клиентите имаат огромни нарачки, кои во добар дел се наменети за кинескиот пазар кој закрепнува побрзо од сите предвидувања.
Од друга страна од почетокот на декември веќе се чувствуваат проблемите во синџирот на добавувачи. Крахот во побарувачката и производството во април и мај и сегашниот брз раст креира проблеми во задоволување на потребните компоненти, пред се електроника која е во директна конкуренција и со индустријата на широка потрошувачка – телефони, компјутери, телевизори и сл. Од таа причина веќе се присутни ситуации на откажувања или пролонгирања на планирани производни серии на одредени модели на возила. Дополнително сé поголемите изгледи за Брегзит без договор помеѓу Велика Британија и ЕУ, како и многу рестриктивните мерки ќе имаат дополнително влијание на производството и побарувачката за првиот и вториот квартал од 2021.
Каде се македонските производители во глобалната слика

Гледајќи ги глобалните предизвици и влијанијата на компаниите од автомобилската индустрија во Македонија, сметам дека идната година ќе биде година на раст и постепено враќање кон нормалата. Потенцијално е можно да се достигне (со мала шанса да се надмине) обемот на производство од 2019, спротивно на трендот во Европа, од неколку причини. Сите присутни компании (посебно оние кои работат на пазарот не повеќе од 5 години) се’ уште не го имаат достигнато оптималното искористување на својот потенцијал и се наоѓаат во фаза на раст и доинвестирање (пример: во КОСТАЛ ако 2019 ја завршивме со извоз од 38 милиони евра, планот за 2021 е над 105 милиони евра со дополнителни инвестиции), па така трендот на барање на поконкурентни производни локации може да доведе до дополнително локализирање и префрлање на производството кај нас во неискористените капацитети на веќе постоечките фабрики. Тука свој придонес ќе има и зголемениот обем на работа на компании кои пред се работат за премиум или клиенти со голема изложеност на електрични возила.
Дел од економските мерки од оваа година, кои по својата природа не се антикризни туку системски, како што е временото усогласување на царинските стапки по иницијатива на Асоцијацијата на странските инвеститори при Стопанската Комора, веќе имаат позитивно влијание и ги раздвижуваат процесите во индустријата. Дополнителната конкурентност која ќе произлезе од овој процес на усогласување на царинските стапки со оние во ЕУ мора да биде катализирана од зголемен и фокусиран ангажман на државните институции во подобрување на деловното опкружување и поддршка во решавање на проблемите на присутните инвеститори.
Доследно почитување и исполнување на договорните обврски, подобрување на условите за работа – како инфраструктурно, но уште повеќе на едукативно поле преку широка имплементација на системот на дуално техничко образование и зголемен квалитет и број на студенти на техничките факултети се предуслов за реинвестирање и привлекување на нови компании а со тоа и позиционирањето на државата како важна алка и партнер на автомобилската индустрија во Европа.
Заклучокот од погоре изнесеното неизбежно вклучува значајни предизвици кои остануваат во целиот логистички синџир во рамки на глобалната но и автомобилската индустрија во нашата земја. Повеќе од очигледно е дека претстои голема трансформација при што некои од глобалните играчи можно е да не опстанат во иднина, особено компаниите кои се имаат соочено со нестабилност и предизвици пред КОВИД-19. Во ваква средина на делување клучен фактор за преживување e прилагодливоста на сите ентитети, компаниите на глобално и локално ниво но и сите засегнати страни – вклучително и државата.
Високо ниво на претпазливост и усогласеност со работната сила, дисциплиниран пристап и фокус кон оперативни подобрувања како и комуникација и колаборација во организациите на оперативно и стратешко ниво со сигурност ќе придонесе кон позитивни резултати во „новата нормала“. Ваквиот период потребно е да се искористи за позитивна трансформација со помош на сите расположливи алатки и во тој контекст добриот почеток на позитивна трансформација кај нас мораме да го забрзаме како клучна алка при поддршката на автомобилската индустрија во земјава а со тоа и локалната економија.