економија
Винарницата Тиквеш со зголемен извоз за 73% во првите девет месеци

Вкупните приходи на винарницата се зголемени за 45% на речиси 30 милиони евра.
Најголемата винарска визба во Македонија, Тиквеш од Кавадарци, првите девет месеци годинава ги завршила со вкупни приходи од 1,83 милијарди денари (речиси 30 милиони евра), што е пораст од 45% во однос на истиот период од 2021.
Приходите од продажба на вино на домашниот пазар изнесуваат без малку 800 милиони денари (+19%), додека извозот на странски пазари пораснал за дури 73%, и изнесува преку една милијарда денари, односно околу 17 милиони евра.
Трошоците на продадени производи се зголемени за 52% при што се оствари бруто добивка во износ од 642,8 милиони денари. Останатите трошоци исто така бележат зголемување, административните за 36%, трошоците за продажба и маркетинг за 34%, останатите оперативни расходи за 47% и финансиските за 3%, што резултира со оперативната добивка во износ од 92,8 милиони денари.
Нето добивката пред оданочување на Тиквеш е 79,7 милиони денари, што претставува зголемување за 5% во однос на истиот период од минатата година.
Заклучно со третиот квартал од 2022 година винарницата Тиквеш вложила околу 74 милиони денари (околу 1,2 милиони евра).