економија
Владата најави привремен данок на екстра профит за фирмите

Ќе се користат моделите од земјите што го применија. Хрватска деновиве претстави таков данок на екстра профит, којшто во принцип ги засега најголемите 200 фирми во земјата.
Дел од концептот на даночната реформа што ќе се воведува постепено од 2023 година е и воведување на привремен данок за фирмите што оствариле екстра профит во време на криза. Ова го соопштија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на претставувањето на даночната реформа.
“Оваа иницијатива произлезе од дебата и за таа цел ќе се користат моделите од земјите што го применија. Во следниот период ќе се прават анализи, а решението исто така ќе се бара преку дијалог со бизнис заедницата“, посочи Бесими.
Да потсетиме, хрватската влада деновиве излезе со најава за воведување данок на екстра профит за најбогатите фирми во државата.
„Оние чии приходи биле поголеми од 300 милиони куни (околу 40 милиони евра, н.з.) ќе плаќаат данок на екстра профит доколку имаат добивка поголема од 20 проценти од просекот. Ќе имаат стапка на данок на добивка од 18 проценти, и дополнителен данок кој ќе зависи од нивото на профитот во 2022 година, а ќе го плаќаат оние чија добивка ќе биде над нивото од 20 проценти од просекот во последните 4 години. На пример, ако нечиј профит пораснал сто проценти во однос на последните 4 години, неговата ефективна даночна стапка ќе биде 30 проценти според новата пресметка“, објасни хрватскиот министер за финансии Марко Приморац.
Тоа се однесува на сите бизниси, не само на енергетскиот сектор, додаде тој и рече дека очекува вкупниот прилив од оданочениот екстра профит да биде 2 милијарди куни (околу 265 милиони евра), а новиот данок да го платат околу 200 најголеми компании. „Тоа е проценка базирана на податоци за 2021 година. Ќе видиме што ќе се случи во 2022 година“, додаде тој.
„Овие пари ги користиме исклучиво за помош на најзагрозените, а не за полнење на државниот буџет. Тоа е еднократен данок за 2022 година“, рече Приморац.
Инаку, со даночната реформа која македонската Влада ја предлага, не се предвидени нови даноци, нема да има зголемување на постоечките даноци, односно данокот на личен доход останува 10 % и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18 % и не се зголемува и каматите на депозитите на штедните влогови нема да се оданочуваат, објаснија Ковачевски и Бесими деновиве.
Ковачевски напомена дека прв приоритет на даночната реформа, која се темели на Стратегијата за реформи на даночната политика, е поголема праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плати својот праведен удел од данокот. Втор приоритет е поголема ефикасност и ефективност, третиот е зголемена даночна транспарентот, четвртиот подобар квалитет на услугите и петтиот е еколошко оданочување