економија
Поставен камен-темелникот на фабриката за електрични возила во Тетово

Станува збор за инвестиција која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO. Вакво целосно производство на електрични автомобили се реализира за прв пат во Македонија.
Македонската влада, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, денеска во ТИРЗ Тетово потпишаа договор за државна помош за нова инвестиција. Станува збор за инвестиција која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO. Вакво целосно производство на електрични автомобили се реализира за прв пат во Македонија.
На настанот по повод презентирање на новата инвестиција и потпишувањето на договорот се обратија претставници на Владата, како и на компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ и други почесни гости.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна и дека денес е еден од оние убави денови кога стануваат видливи резултатите од вложениот труд.
„Денес ќе се постават темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места.
Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал во Тетово и во државата. Со оваа значајна инвестиција, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО“ имаат партнер од доверба. Она што особено ме радува е дека за првпат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа. Оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Не само затоа што ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, туку затоа што ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни.“, изјави премиерот.
Во своето обраќање, министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи: „Големите инвестиции имаат ефект на снежна топка. Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции, како странски, така и домашни. Тие креираат нова вредност, го јакнат извозот преку промената на неговата структура кон производи со поголема додадена вредност, креираат нови работни места и влијаат кон забрзување на економската активност и економскиот развој. Нашата определба како Влада е да ги поддржиме и промовираме странските инвеститори кои ќе можат да го обезбедат овој ефект и кои пред сè ќе донесат придобивки за нашите граѓани, домашните фирми и економијата”.
На настанот се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши, кој говореше за придобивките од инвестицијата. „Со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово каде за прв пат ќе почнат да се произведуваат електрични возила во Северна Македонија, започнува нова ера во делот на странските инвестиции, но и за граѓаните за користење на електрични автомобили. Истовремено оваа инвестиција ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство. Фабриката ќе придонесе и кон зајакнување на извозот“.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот истакна: „Новиот концепт на ТИРЗ дава конкретни резултати. По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека Северна Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекувам до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда. На почетокот на мандатот ветивме европски работни места и можности за младите. Во компаниите во ТИРЗ, од почетокот на годинава имаме нови 1.100 работни места. Компанијата e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра. Ме прашуваат зошто Тетово? А зошто да не, и Тетово е Северна Македонија. И нема да ги делиме луѓето на наши и ваши, сите се наши. Но за мене клучното прашање гласи дали сакаме нашите деца да земаат три пати поголеми плати и да живеат во напредно општество или да бележиме рекорди на иселување. Со ваквите проекти им обезбедуваме иднина дома“.
На настанот се обрати и Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO. Тој во своето обраќање подвлече: „Овој договор е уште една клучна цел во стратегијата за глобален раст на e.GO и ја нагласува внатрешната вредност на нашата иновативна технологија и пристап. Навистина сме возбудени што ќе го прошириме нашиот производствен отпечаток во Република Северна Македонија, следејќи го нашиот напредок во Бугарија претходно оваа година. Нашиот стратешки фокус во Југоисточна Европа се заснова на нашето верување во конкурентниот екосистем на регионот, атрактивна инвестициска клима и пристап до поттикнат и талентиран човечки капитал“.





