економија
Владата ќе „гони“ залетани трговци
Кој е крив за високите цени?

Економисти велат дека брзото покачување на цените кога суровините и другите трошоци во светот растат и бавната реакција кога светските цени паѓаат е резултат на нарушениот пазарен систем во земјава и обидот на дел од бизнисите да профитираат во таа „матна вода“. Дел од вината за состојбата, според нив, лежи и во мерките кои ги презеде владата за зауздување на цените, со што се нарушија пазарните законитости што пак отвора место за манипулации на трговците.
Високите цени на храната и најавите дека претстои „жешка“ есен со нови поскапувања и покрај стабилизацијата на цените на светските берзи ја наметнува потребата од реакција на институциите за да не се случи нов раст на инфлацијата, и да се сопре непазарното однесување на дел од бизнисите кое се практикува подолг период.
Владата најави анализа на состојбата и испитување на можноста за неконкурентно однесување на компаниите и на трговците. Бизнисот, пак, се правда дека новите цени се резултат на порамнувањето и на повисоките цени на репроматеријалите од увоз.
Деновиве и од Владата дадоа некакви сигнали дека ќе се позанимаваат со трговци што се залетале малку со поскапувањата, не реагираат никако на новите пониски цени на светскиот пазар, или пак пројавуваат било какво анти – пазарно однесување.
И антимонополската комисија ќе се ангажира

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за овие работи разговараше и со претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Владо Наумовски.
На состанокот зборувале за ценовните движења во малопродажната мрежа на прехранбени продукти и постоењето на можности за присуство на трговски практики кои освен што ја нарушуваат слободната пазарна економија и конкуренцијата, носат и директна штета на граѓаните.
Битиќи истакна дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои одат директно на штета на семејниот буџет на граѓаните.
„Постојат реални околности кои укажуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка. Оваа пракса оди директно на штета на граѓаните и производителите, и ова нема да го дозволиме“, посочи вицепремиерот Битиќи.
Економисти велат дека брзото покачување на цените кога суровините и другите трошоци во светот растат и бавната реакција кога светските цени паѓаат е резултат на нарушениот пазарен систем во земјава и обидот на дел од бизнисите да профитираат во таа „матна вода“. Дел од вината за состојбата, според нив, лежи и во мерките кои ги презеде владата за зауздување на цените, со што се нарушија пазарните законитости што пак отвора место за манипулации на трговците. Тие очекуваат добра анализа на состојбите од страна на владата и засилени контролни мерки.
Трговците брзо ги креваат цените, а бавно или ич не ги намалуваат
Со бавната реакција на домашните производители и трговци на промените на светските пазари деновиве се позанимава и Институтот за економски политики Finance Think. Нивната анализа потврдува дека бизнисите брзо реагираат кога треба да ги зголемат цените, а бавно или воопшто не реагираат кога цените паѓаат.
„Анализата на трансмисијата од месец во месец укажа дека кога глобалните цени растеа, тие се пренесуваа и од производителите и од трговците, но со многу позасилен интензитет од трговците. Кога глобалните цени опаѓаат, преносот врз македонските цени беше главно оневозможен и од производителите и од трговците, со тоа што повторно улогата на трговците во отпорот цените да се намалуваат беше значајно поголема“, заклучуваат од Институтот.
Според импулсните одговори на шоковите во меѓународните и производствените цени на храната, во Finance Think процениле дека веднаш а најдолго во рок од седум месеци, импулсниот одговор како резултат на шокови во ценовниот синџир е поголем кај цените на финалните производи (0.47 п.п.) отколку кај цените на производителите на храна (0.25 п.п.). Резултатите потврдуваат дека при трансмисијата на меѓународните цени на храна врз финалните цени во ваков поголем рок, поголема улога повторно играат трговците.
Оттаму сметаат дека линеарните мерки кои ги презема владата можат да влијаат на бавната реакција на бизнисите во однос на намалување на цените.
„Антикризните мерки што беа воведени во 2022 година помогнаа да се ублажат притисоците врз цените на храната, а преку директни трансфери се понуди и доходна поддршка. Линеарните мерки, како што се намалување на повластена стапка на ДДВ, замрзнување на цените и трговските маржи, како и ослободување од царински давачки, можат да влијаат врз намалување на ефектот на трансмисија на цените на храната. Според ММФ, потребно е да се овозможи соодветна сигнализација на потрошувачите и производителите, со оглед на тоа што ограничената трансмисија може да нанесе поголем притисок врз помалку развиените економии со ограничени фискални капацитети. Во таа насока, фискалната политика треба постепено да ја намали поддршката за линеарни мерки, и подобро да ги таргетира сите преостанати мерки со цел да дозволи домашните цени да ги одразуваат ценовните сигнали“, се вели во анализата.
Од ноември нови антикризни мерки

Од Владата деновиве најавија и нов пакет на мерки за поддршка на најранливите категории граѓани во борба против поскапувањата на храната и другите основни артикли.
Веќе во почетокот на ноември овие мерки би требало да бидат активни, рече неделава вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Битиќи вели дека веќе во пренамената на буџетот се предвидени средствата и кога ќе помине собраниската процедура околу тоа, ќе се објават мерките.
„Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие на кои денес најмногу им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со мерки“.
Битиќи додава дека се уште се разгледува кои целни групи ќе бидат опфатени со мерките.
„На крајот на денот, средствата завршуваат кај стопанствениците. Треба да видиме дали токму тој сектор кој што најмногу трпи од како што викаат потребата од антикризни мерки, дали тие треба да бидат опфатени. Ќе се разговараат во одреден момент кога ќе бидат искристилизирани. Се’ уште работиме кои целни групи ќе бидат опфатени“, кажа Битиќи.