технологии / компании
Водородните машини на „Брако“ на турнеја низ Франција
Велешката фабрика ја освојува Европа

Париз, Лион, Дижон и Гренобл се меѓу градовите што изразија голем интерес за водородното возило. На повидок се повеќе долгорочни соработки, за кои повеќе детали ќе се знаат во наредниот период. Освен тоа, договорено е „зелените машини“ повторно да се вратат во Франција во текот на годинава, како дел од две значајни изложби за возила и опрема за урбани средини. Претстојното лето ќе биде динамично за „Брако“ и „Грин машинс“, со оглед на тоа што хидрогенското возило го очекуваат уште неколку големи и значајни турнеи, најпрво во Германија, потоа во Белгија, скандинавските земји и во Соединетите Американски Држави.

Десетина градови во Франција, многу средби, впечатоци и позитивни искуства донесе првата турнеја на зелените машини на велешки „Брако“ од линијата „Грин машинс“. Претставници на повеќе француски општини имаа можност во живо да се запознаат и да го тестираат револуционерното возило за одржување хигиена во урбани средини, GM500H2, кое работи на водороден погон и со нула емисии на штетни материи.
Дестинацијата за оваа прва турнеја беше неслучајно одбрана. Франција е земја-пионер во областа на зелениот водород, засилено инвестира во водородна инфраструктура и нивниот план 2020-2030 година предвидува декарбонизација (премин на чист водород) на лесните возила, автобусите, камионите, тешките возила, возовите, патничките чамци… Прогнозите велат дека овој зелен гас ќе задоволува 20% од вкупната побарувачка на енергија во земјата до 2030 година и 50% до 2050 година.
„Турнејата помина успешно, задоволни сме што успеавме да ја претставиме машината пред огромен број луѓе во живо, и покрај рестрикциите, и покрај сите проблеми што ги наметна пандемијата и, секако, со почитување на сите мерки за заштита од ковид. Организациски многу ни помогна нашиот француски застапник „CMAR“. Речиси без исклучок, присутните беа импресионирани од удобноста на возилото и исклучителното лесно управување, што е резултат на неговиот ергономски дизајн. Особено беа изненадени и од едноставниот процес на промена на водородните капсули. Позитивните реакции ги очекувавме, но сепак ни беше задоволство да ги гледаме луѓето кои ги искусија во живо можностите на GM500H2“, вели Благој Шалев, извршен директор на „Брако“.
100% зелена водородна технологија

Париз, Лион, Дижон и Гренобл се меѓу градовите што изразија голем интерес за водородното возило. На повидок се повеќе долгорочни соработки, за кои повеќе детали ќе се знаат во наредниот период. Освен тоа, договорено е „зелените машини“ повторно да се вратат во Франција во текот на годинава, како дел од две значајни изложби за возила и опрема за урбани средини.
Претстојното лето ќе биде динамично за „Брако“ и „Грин машинс“, со оглед на тоа што хидрогенското возило го очекуваат уште неколку големи и значајни турнеи, најпрво во Германија, потоа во Белгија, скандинавските земји и во Соединетите Американски Држави.
Компактното возило GM500H2 работи на 100-отсто водородна зелена технологија, со нула загадување, речиси без никаква емисија на звук, и е значајна алатка за градовите кои се борат да го намалат загадувањето. Уште една негова предност е дизајнот, кој му овозможува да покрие површини кои се недостапни за другите машини со ваква намена. Без оглед дали се користи фиксен резервоар или заменлива водородна капсула погодна за градовите што немаат инфраструктура за полнење водород, GM500H2 има капацитет за цел работен ден.
Електричните машини на Брако чистеа пред Белата Куќа

Еколошката машина GM500ze на македонската компанија „Грин машинс“ (Green Machines), која е во сопственост на велешки „Брако“, го чистеше дворот на Белата куќа во Вашингтон, во пресрет на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден пред неколку месеци.
Станува збор за иновативна машина за одржување хигиена во урбани средини, која работи без воопшто да испушта јаглерод диоксид. GM 500ze е првата целосно електрична машина од овој тип и веќе добро е позната меѓу градовите и институциите кои се стремат кон паметни и зелени решенија во процесот на одржувањето на хигиената во урбани средини.
Деновите пред инаугурацијата во американските медиуми сè беше насочено кон преземањето на функцијата на новиот претседател. Беа објавени голем број стории кои се фокусираа и на најситните детали од подготовките за инаугурацијата. Во една таква сторија на престижниот „Политико“ се појави и зелената машина на „Брако“. Еј-би-си, пак, објави прилог во кој вели дека и вообичаено сè е блескаво чисто во Белата куќа, но овој пат, имајќи ја предвид и пандемијата на ковид, било спроведено длабинско чистење какво што не се памети.
Од „Брако“ велат дека GM500ze не се нашла случајно во Белата куќа, бидејќи нивните производи веќе подолго време се извезуваат на американскиот пазар. Благодарение на сертифицираниот квалитет, нечујноста и иновативната технологија што не загадува, „зелените машини“ ги чистеле пешачките зони и на други познати локации, како Бакингемската палата во Лондон, плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“, „Тајмс сквер“ во Њујорк итн.
Поради својот футуристички дизајн, овие возила го привлекуваат вниманието и на филмските режисери и се појавуваат во сцени од „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.
GM 500ze е претходникот на најновата иновација што ја произведе „Брако“, која пред неколку месеци беше презентирана во Европа и во светот. Тоа е машината GM 500H2 што работи на водород и испушта вода наместо издувни гасови, за коешто говориме во главниот дел од оваа сторија. И ова возило ја продолжува визијата на велешката компанија чија цел е да придонесе за минимизирање на човечкото влијание врз природата и максимално да ја зголеми ефикасната употреба на ресурсите.