македонија
Во минималната плата сè содржи се што македонскиот човек, било да е работник или газда, успеа да створи и направи во 30 години македонска независност! И затоа оваа тема е многу важна!
Падна договор: минималната плата ќе биде 18.000 денари

Зголемувањето на минималната плата, следствено и на другите плати во наредниот период, ќе предизвика две нешта: Прво, ќе се зголеми потрошувачката низ Македонија, таа потрошувачка ќе ја одржи понудата на пристојно ниво и ќе го врти кругот на прометот во трговијата …Тоа е важно за економијата. Второ, ова зголемување ќе притисне кај менаџерите на компаниите за силно фокусирање на своите проекти во услови кога тие и така бараат работници (претпоставката е дека бараат мотивирани работници – мотивацијата се огледа во висината на платата, но и во напредокот на вештините на работниците, како и нивното напредување), и тука има многу работа и за сопствениците и менаџерите (сите тие работодавачи). Потребни се многу инвестиции. Темата е зголемување на продуктивноста на компаниите. Ќе мора нови инвестиции, барање нови пазари, поголем извоз, ако треба и здружувања за поголем обем на бизнис … Тоа ќе ја отвори потребата од нови работници со поголеми вештини … Тоа е таа спирала на развојот … Се тргнува од мотивацијата … Затоа оваа одлука на Владата донесена во понеделникот навечер е добра!
Неделава што изминува беше дефинирана нова минимална плата – 18.000 денари, за 80.000 вработени во Македонија. Претходно, во последните 5 години таа беше зголемена од 9.000 денари на 15.000 денари. Значи речиси за еден мандат на сегашната владејачка коалиција предводена од СДСМ минималната плата е зголемена за 100%! Премиерот Димитар Ковачевски, кој неодамна дојде на местото на Зоран Заев на сите позиции (претседател на партијата и премиер) објаснувајќи ја оваа одлука произлезена од трипартитниот состанок Влада –Синдикати – Работодавачи (бизнисот и администрацијата), се повика на своето експозе при составот на владата – „кажав дека ќе има зголемување на минималната плата, веќе се одржаа два состанока на Економско – социјалниот совет, денеска и јас ќе присуствувам на состанокот и се надевам дека ќе изнајдеме решение на задоволство на вработените“. Решението беше најдено – 18.000 денари колку што очекуваа и Синдикатите. Ковачевски уште додаде:
„Јас во неколку наврати имам кажано дека сум на страната на вработените, истото тоа го кажав и за законот за недела неработен ден. Секој вработен има право на недела неработен ден“, рече премиерот.
„Никогаш не соопштувам бројки кои не се базираат на анализа, местото каде треба тоа да се каже е на Советот и да биде прифатено. Ако ме прашуваат лично сметам дека платите треба постојано да растат, но низ дијалог“, вели Ковачевски.
На социјалните мрежи, на веб порталите и низ медиумите атмосферата се подгреа во двата правци. Она што остава впечаток е фактот, што по кој знае кој пат во македонскиот јавен дискурс, (по објавувањето на одлуката за новиот минималец во понеделникот навечер), дебатата екстремно се деформираше и си ја фати својата стандардна македонска логика – про власт и про опозиција. Аргументите на оние што нешто разбираат околу ова прашање беа тргнати во втор план. Се разбира дека ова прашање не е само економско, туку и социјално, па и политичко … Исто како што и сите процеси во Македонија во последните 30 години колку што е оваа држава независна минуваа низ партиско – политички филтер на расудување во услови на многу низок интелектуален праг на расудување, особено кога станува збор за партиските ламентирања …
Исто така, кога сме кај ова со независноста на Македонија, користам прилика лично во овој текст да изразам жалење дека минатата година кога беше денот на Независноста 8 Септември (периодот пред тоа и потоа ) очекував дека ќе се отворат суштински теми за тоа што сите ние направивме со својата независност на својата држава во овие триесет години. Што направивме да го зголемиме нивото на живеење на македонскиот човек? Што можевме да направиме подобро од ова што го имаме денес, и зошто не направивме? И зошто, по ѓаволите по триесет години независност се доведовме денес да се сопнуваме за важни прашања на примитивен начин. Па на кантар да мериме дали на работодавачите (сопствениците на фабриките) им одговара 18.000 минимална плата или 2.000 денари помалку а остатокот да го субвенционира државата!?
Ало бре …!? Па во овие триесет години независност се случи приватизација, се случија „бракови„ меѓу приватизирани фирми и банките кои исто така се приватизираа, па минуваме сè уште денес низ класична „тендерска“ економија каде сме сведоци на бракот меѓу државата и компаниите (повторно во најголем дел приватизираните од деведесеттите, или ако не компании тогаш личностите кои приватизираа, а кои денес едни те исти ви се појавуваат речиси во сите сектори). А погледнете ги компаниите … Слаби, анемични, чиниш спиеле нивните газди со децении, презадолжени во банките, а нивото на задолжување не соодветствува со количината на нови проекти, нови вработувања (а голем е лелекот дека нема работници)! Каде им се инвестициите и кредитите за тоа! Извоз речиси никаков (ако не се инвестициите во зоните македонскиот извоз е катастрофален), нема нови пазари … Колку нема извоз толку повеќе се зголемуваат тендерите по дома, а тука некаде е и основата за големата корупција што го има приклештено општеството во сите три децении независност. Со еден збор: немоќ!
Да, да … За сето ова требаше да зборуваме минатиот септември (на денот на независноста и потоа) до денес, ама изгоре болницата во Тетово и настапи „амнестија на оваа дебата“! Потоа имаше и друга трагедија – автобуската, локални избори … па годината заврши драматично … со оставки, и македонските граѓани останаа без анализа за здравјето на својата држава по 30 години независност!
Некои личности овде, пак, се спасија од подлабока анализа за својата „специфична тежина и одговорност„ за стореното, и нестореното во трите децении, се разбира! А одговорности има многу, и тие треба да се бараат во секаков вид … пред сè како морална! А не едни исти политичари и интелектуални мислители да се „шуњаат“ во македонскиот јавен простор како први пера и први гласови на „македонската мала оперета“ , цели триесет години.
Значи, кога опозицијата деновиве ќе ја анализира политиката на Ковачевски за зголемување на платите (на сите плати), ќе мора да се врати во времето на 11 годишното владеење на режимот на Никола Груевски, што тие правеа во тој период, освен што евтино преземаа бизниси (чекајќи да искрварат), со притисоци и однапред зададена цена! Обезвреднување на разни проекти и така мрзнење на платите на ниско ниво, како сè би било поевтино во главната стратегија на преземање. И затоа денес сме тука каде што сме …
И за ова имам намера многу да пишувам во неделите и месеците што доаѓаат. Ајде малку да навлеземе подлабоко, онака хируршки прецизно во триесетте години македонска независност! Оти темата за платите е истата како и онаа за презадолженоста на компаниите, за немоќта на менаџерите, за безидејноста на газдите. Тоа е истата тема за тоа зошто овој народ овде не разви претприемачки дух (кој тоа блокираше), зошто не се дава шанса на новите бизнис лидери, зошто немаме интелигентни проекти, зошто нема амбиент за тоа!? Зошто македонскиот млад човек меѓу приватна фирма во која може да влезе да работи или своја приватна фирми сепак избира ПАРТИЈА, па администрација!? Но за се ова едно по едно во периодот што следи …!
Последица

Деновиве напишав може ли еж кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е тоа мотор со внатрешно согорување …!? Не може нели! Е па таков е статусот на залутаниот македонскиот приватен сектор и компании во однос на се што се случува во светот, па ако сакате и во некои земји од регионот! Споредете ги приходите на топ 20 домашни компании во Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, анализирајте, и ќе сфатите што сакам да кажам. Драматични разлики се во прашање по 30 години независност. За какви плати ние всушност зборуваме …? Голема е оваа тема за платите! Оти ако некој работник можеш да го плаќаш САМО 14.000 денари минималец и за тој минималец што сега треба да биде 18.000 дебатираш до бесвест, тогаш размисли … тој можеби и не ти е потребен …!? Тој можеби ти е прескап!? Можеби твојата индустрија е на пропаѓање, а со тоа и твојата компанија … Тогаш зошто воопшто се мачиш?!? Што правиш за да ја направиш сопствена компанија пристојна средина за среќни работници кои ќе ја однесат твојата компанија во небесните височини!?
Од друга страна, многу дебати во оваа земја завршуваат пред да почнат. Она што е иманентно за времето по власта и режимот на Никола Груевски, па се’ до денес, е фактот дека во последниве четири до пет години … со оваа власт се инсистира на дебата за секое прашање (се разбира во голема мерка ваквата пракса е „китка на реверот“ на оваа власт како длабоко демократско остварување. Таа смета дека со било каква дебата се подобрува квалитетот на владината или општествената нова акција)!? Но, овде не се има предвид кои се актерите на дебатата и со какви намери влегуваат во неа. Оти во многу вакви, демек дебати, влегуваат лица од типот „човек бомба“, колку да експлодира во дебатата и таа да заврши. А, се сеќавате дека во времето на Груевски никој не се осмелуваше да си го каже ставот по важни прашања ниту во колумни ниту на Фејсбук. Тивок телефонски повик ќе ве побараше или незгодна порака ќе добиевте на месинџер …
Денес секако е друго време, слобода насекаде, па затоа и прилично „чавки“ се појавија! Со други зборови, дебатите во Македонија даваат многу мал ефект за подобрување на решенијата и акциите за реализација за реформи, промени, имплементација на решенија. Причините се дека овде имаме „зналци за се“ кои едноставно дебатата ќе ја преселат на Фејсбук, а тука веќе таа е утепана. Киднапирана од лица кои до моментот кога ќе налетаат на неа, на социјалната мрежа, претходно коментирале фудбал, ракомет, временска прогноза, па некоја заебанција за премиерот, лидерот на опозицијата, па се изјасниле и за руско – украинската ситуација, го опцуле Бајден со се Макрон, се изјасниле и за Гоце Делчев, а дента пуштиле и некоја фотка од некоја софра запиени, па јагнето на маса унесреќено за кое телевизискиот прилог оди дури и пред темата за минимална плата …
Новинарите веќе немаат сектори. Преземаат и крадат од веб порталите, не читаат, само пренесуваат и се тепаат за лајкови повторно на истиот тој Фејсбук, на кои се закачени и маркетинг агенциите и врз основа на тие „празни лајкови“ ги распределуваат буџетите. Е такви ликови дебатираат овде, а сите ние очекуваме длабока и корисна дебата која ќе резултира со решенија и реформи …
Нормално тие што нешто разбираат сакаат да се приклучат на дебатата ама се двоумат оти ќе бидат „хејтани“ од овие првите. Тука се и ботовите од едната и другата страна и тоа е … На крај дебатата ја снемува пред да започне …!?
Ете така, драги мои, таква е и дебатата за минималната плата во земјата. Ајде да се обидеме да дебатираме … иако после вчерашниот мој статус на темава на фејзбукот најсилно од сè беше „хејтањето“, отворено навредување од страна на „слабичите“ кои едноставно ништо не знаат, не следат, не читаат. Таа крајно деструктивна и примитивна маса на луѓе без работа која цел ден дреме на компјутерот, и се храни со сопствениот „измет“ што ќе го опишат и напишат во статус.

Во наредните недели и месеци, малку да навлеземе подлабоко, онака хируршки прецизно во триесетте години македонска независност! Може? Оти и таа тема, освен за илјада други нешта, е исто така темата за платите … Оти темата за платите е истата како и онаа за презадолженоста на компаниите, за немоќта на менаџерите, за безидејноста на газдите, зошто нема силни инвестиции во секторите на македонските индустрии, зошто немаме силни домашни компании регионално позиционирани освен една до две, зошто извозот ни е катастрофален, а тендерите по дома најбарани. Тоа е истата тема за тоа зошто овој македонски човек овде не разви претприемачки дух (кој тоа блокираше), секоја чест на поедините исклучоци, зошто не се дава шанса за развој и раст на новите бизнис лидери, зошто немаме интелигентни проекти, зошто нема амбиент за тоа!? Зошто македонскиот млад човек меѓу приватна фирма во која може да влезе да работи, или своја приватна фирма, сепак избира ПАРТИЈА, па администрација!? Но за се’ ова едно по едно во периодот што следи …!
Сега да одиме на конкретната тема
Кога зборуваме за минималната плата во Македонија треба да знаеме дека само таа е законски пропишана. Тоа значи дека за неа преговараат во трипартитна форма – работниците (синдикатите), работодавачите (бизнисот) и Владата. Во некои држави минимална плата не постои и се дефинира пазарно … некаде постои, како во Македонија … Сите други плати се формираат пазарно … слободно.
Она што не знаеме овде (барем јас уште не можам да проценам) е опфатот на лица кои се дефинирани со минимална плата. Кои се тие лица …? Колку се? Каде работат? Кои се тие сектори и компании? За кого ние всушност дебатираме!? Ова е важно прашање затоа што една економија од година во година се менува. Таа не е иста. Или барем треба да се менува. Се менува ли македонската економија, или секоја година дебатираме едно те исто?
Има сектори и компании кои уназадуваат и пропаѓаат (ниска продуктивност, големи трошоци, немаат нови пазари, нема извоз, увоз на многу поевтини производи на домашниот пазар …). Од друга страна има компании и цели сектори кои драматично растат.
Малку за јавната администрација пред да прејдам на главното – приватниот сектор! На примерот на Македонија, имаме една по малку несреќна ситуација каде секторот на јавна администрација е со ниво на плати далеку над минималната (имаат колективни договори со синдикатите, имаат солидни систематизации на работни места, заштитени се со дузина закони во Парламентот каде сите 120 пратеници гласале ЗА, оти по пола семејства им работат во администрацијата) Топ не ги бие, под чест им е да работат во македонска компанија чиј газда го презираат оти некако нејасно работел во деведесеттите години кога фирмата се приватизирала!?
Во администрацијата законски е создадена една цела каста на таканаречени професионалци во јавната администрација. Во овој сектор никој не мери продуктивност, рентабилност, ефективност и ефикасност. А сите тие перформанси се многу слаби. Овде вечно се зборува за реформа на јавната администрација и таа, како и дебатата за неа завршува пред и да почне … И затоа сите се буткаат да влезат во јавна администрација. Прво влегуваат во партиите, па од таму катапулт во администрација! Платите во администрацијата се повисоки од платите во одредени гранки во приватниот сектор!? Ова е лошо и треба да се посвети внимание! Важно е за оваа дебата ова да се има предвид.
За приватниот сектор…
Овде имаме различни аспекти! Има сектори на кои им треба комплетно реструктурирање што би го направила државата во партнерство со банкарскиот сектор. Македонската пазарна економија и компаниите во неа дефинитивно ќе мора да се менуваат. Едноставно денес постои новата ера на индустрии и компании… Информатичката, високо технолошко опремено производство на храна, енергетски сектор, финансиски и не финансиски услуги, медицина и фармација, образование и едукација, туризам… Можеби некои сектори ги пропуштив, но во овие што ги набројав имаме шанси. Шанси имаме, но фокус немаме…
Треба да се работи многу преку програми за нови инвестиции, нови технологии и технолошки процеси, иновации, овде го гледам инвестирањето во дуалното образование со најголем ефект, инвестирање во специфичното образование и во нови специфични вештини… Воведување на нови организациони форми и партнерства, јавно приватни партнерства. Инвестиции во подигање на сите нивоа – образовни центри, институти (може да се донесат веќе светски етаблирани овде). Сето тоа со крајна цел извоз, зголемување на капацитетите на таквите македонски компании, инвестиции на сопствениците на компаниите во тие капацитети и пак зголемување на извозот и отворање на сè поинтелигентни работни места … Сакате примери … Нема многу овде, но сепак има … Алкалоид, Брако, Макпрогрес, Витаминка, ИГМ, многу компании во ИТ секторот … Знаете, важен е моментот и правецот …
Знаеме ли каде одиме. Имаме ли менталитет на победници или губитници … Оти во компаниите што ги набројав погоре многу малку денес се зборува за минималната плата. Може ли еж кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е тоа мотор со внатрешно согорување …!? Не може нели! Е па таков е статусот на залутаниот македонскиот приватен сектор и компании во однос на се што се случува во светот, па ако сакате и во некои земји од регионот! За какви плати ние всушност зборуваме …? Инвестираат во такви работници … Може ли еж кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е тоа мотор со внатрешно согорување …!? Не може нели! Е па таков е статусот на залутаниот македонскиот приватен сектор и компании во однос на се што се случува во светот, па ако сакате и во некои земји од регионот! За какви плати ние всушност зборуваме …?
Порака
Пак ќе прашам. За кого ние зборуваме кога дебатираме за минималната плата!?
Оттука, мојата порака до бизнис заедницата, особено онаа покрупната, е дека ако можат да издржат 16.300 денари минимална плата (како што вели Димитров), тогаш можат да издржат и 18.000 денари … Но, за кого! Оти ако некој работник можеш да го плаќаш 14.000 денари минималец, тогаш размисли … тој можеби и не ти е потребен … Тој можеби ти е прескап. Можеби твојата индустрија е на пропаѓање, а со тоа и твојата компанија … Тогаш зошто воопшто се мачиш?!?
Како да го сменат пристапот! Едноставно …
Ќе ја зголемат продуктивноста, ќе намалат профитите кои ги прават и без многу “растривање” од работа, помалку непотребни трошоци, повеќе приходи (нови пазари и гранде извоз, потоа воведување нови производи, а не само плачење над сопствената судбина – “Седев крај реката Педра и плачев”), малку и државата ќе помогне секако и ете 18.000.
Треба да се има предвид дека поголем минималец кај работниците ќе ја зголеми и потрошувачката во трговијата и тоа ќе биде добро за економијата. Не е тоа некоја кој знае каква промена, ама важно е правецот да се задржи.
Вака бизнисот, оној покрупниот, (кој и не е така крупен што е проблем, оти некои сопственици дремеа триесет години и ништо важно не правеа со сопствените бизниси па дојде ден да се замараат со минималецот, хахаха), е такви од нив дел оставаат впечаток дека и не им е многу до тоа колку ќе биде минималецот …!?!?
Се мислам дека повеќе ги интересира која од двете партии (власт и опозиција) каков став застапуваат … И пак фаќаат некаков приклучок … Нема иднина со ваков менталитет.
Мислам дека се во офсајд …
Ајде да се затвори прашањето за минималецот. Тој треба да расте и повеќе … Има други поважни прашања што ги опишав на почетокот од овој текст.