банки
Во првиот квартал за 20% поголеми уплати за неживотни осигурувања
Продолжува растот на осигурителниот сектор во Македонија

Приватното здравствено осигурување и понатаму е најпопуларно доброволно осигурување со раст на продажбата од 63 отсто. Вложувањата во осигурување имот достигнаа 10 милиони евра за три месеци, а солиден раст има и кај патничкото осигурување и кај каско осигурувањето на моторни возила.
Вложувањата во неживотни осигурувањa во Македонија достигнаа 3 милијарди денари (48,4 мил.евра) за првите три месеци годинава. Граѓани, фирми и институции во овој период вложија за речиси 20 отсто повеќе односно 7,9 милиони евра повеќе од истиот период во 2022 година. Во првото тромесечје годинава се склучени над 369.000 договори за осигурување што е за 20 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување.
Од податоците кои се јавно достапни на вебсајтот на АСО, евидентно е дека растат вложувањата во сите поголеми доброволни класи осигурување, а расте и вредноста на полисите за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.

Да потсетиме, минатата, 2022 година, беше рекордна од аспект на вложување во осигурување и од аспект на исплати на осигурени штети, односно најдобрата година во корпоративната историја на осигурувањето во Македонија. Вкупната вредност на исплатените штети од сите осигурителни компании надмина 83 милиони евра и тоа е за 10% подобар резултат од претходната 2021 година.
Во АСО коментираа дека и покрај значителниот пораст на исплатените износи на надомест на штети кон осигурениците, осигурителните компании се ликвидни, солвентни и имаат подобрување на општата профитабилност. Според нив, тоа е потврда дека осигурителниот пазар расте и се развива во насока на подобрување на квалитетот на осигурителните услуги за сите граѓани на општеството.
Приватното здравствено осигурување и понатаму најбрзо расте
Најпопуларна односно најбрзо растечка класа и во првите три квартали годинава е приватното (дополнително) здравствено осигурување. За првите три месеци годинава се склучени над 11.700 договори што е за 50 отсто повеќе од првиот квартал претходната година. Во приватно здравствено осигурување граѓаните за своите семејства и компании за своите вработени вложиле 367,5 милиони денари (6 милиони евра). Интересот за вложување во приватно здравствено осигурување пораснал за 62 отсто во споредба со првото тромесечје претходната година.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, д-р Крсте Шајноски неодамна за Капитал изјави дека приватното здравствено осигурување доживеа интензивен раст откако започна ковид кризата, а продолжува да расте и успешно да го подобрува своето место во палетата осигурителни производи.
„Неговото место во палетата осигурителни производи ќе го илустрирам со следниве факти: во 2022 година е трет најпродаван осигурителен производ во кој се вложени над 11 милиони евра што е за 68 отсто повеќе од 2021 година. Приватно здравствено осигурување во 2022 година имаат над 93.000 граѓани и нивниот број е зголемен за 43 отсто во однос на 2021 година.“, рече Шајноски.
Тој нагласува и дека индиректно приватното здравствено осигурување му помага и на јавното здравство со тоа што го превзема, а со тоа и намалува товарот и притисокот врз јавното здравство како материјално-технички така и финансиски.
Најголемата доброволна класа – осигурувањето имот исто така бележи раст за 10,5 отсто. Вкупните вложувања на граѓани и правни лица за осигурување имот достигнале 612 милиони денари (10 мил.евра).Склучени се речиси 38.500 договори за осигурување имот и нивниот број е за 6 отсто поголем од истиот период лани.
Солиден раст и кај каското

Од другите доброволни класи вредно е да истакне дека има солиден раст на продажбата на полиси кај каско осигурувањето возила. Вкупната продажба на каско полиси достигна 272 милиони денари (4,4 мил.евра) и тоа е за 26 отсто или речиси 1 милион евра повеќе од истиот период лани.
Во првите три месеци годинава граѓаните патувале во странство значајно повеќе од истиот период лани. Продажбата на патничко осигурување во овој период пораснала за 45 отсто во споредба со лани и изнесува 44 милиони денари (713.000 евра). Биле продадени 64.000 полиси за патничко осигурување што е за 44 отсто повеќе од првиот квартал лани.
Најголемо учество во вкупната продажба на неживотни осигурување и годинава има осигурувањето од автомобилска одговорност кое е задолжително со закон. Осигурениците вложиле 1,18 милијарди денари (19,2 мил.евра) за три месеци и тоа е 13 отсто повеќе од истиот период во 2022 година.
Граѓаните сè почесто се жалат кај регулаторот
Исто така, годинава продолжува да расте и бројот на претставки кои до АСО ги поднесуваат незадоволни осигуреници, па во АСО сметаат дека осигурениците ја препознаваат посветеноста на менаџментот и вработените на агенцијата во заштитата на правата на осигурениците.

АСО во првите три месеци годинава примила 71 претставка од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на поднесени претставки во овој период е зголемен за 14,5 отсто во споредба со првиот квартал 2022 година.
Од поднесените претставки 5 биле без основ за разгледување, а подносителите во 6 случаи ги повлекле своите поплаки. Во корист на осигурениците се решени 11 претставки. Во процес на постапување се 16, а негативно се решени 33 поплаки на осигуреници.
Очекувано, и годинава најголем број на поплаки има во најмасовната
осигурителна класа „осигурување од автомобилска одговорност (АО)“ која е
задолжителна со закон. Поднесени се 34 претставки за штети кои настанале во
сообраќани незгоди и се покриени со ова осигурување.
Најбројни, вкупно 18, се претставките во кои осигурениците се жалат на решавање штети настанати при сообраќајни незгоди решени врз основа на користење полициски записник. Најголем дел од нив се однесуваат на висината на обесштетувањето и се решени негативно.
Најмногу поплаки поради основата по која се исплаќаат штети
Во овој период е намален бројот на поплаки за решавање штети врз основа на
пополнет европски извештај. Во првите три месеци се добиени 13 претставки за решавање штети и тоа е за 32 отсто помалку од истиот период лани.
За осигурување имот се поднесени 9 претставки, а по 8 се однесуваат на
приватно здравствено осигурување и на осигурување од незгода.
Исто како и претходната година, во однос на причината поради која се жалат
осигуреници, најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на
основот по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 33 такви претставки и тоа е за 65% повеќе од истиот квартал во 2022 година.
Најзначајно намалување на бројот на поплаки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крајот на март годинава се поднесени само 5 такви претставки и тоа е за 68 отсто помалку во однос на истиот период лани.
За висината на надоместокот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 19 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена отштета.
Од поднесените претставки 61 се поднесени од граѓани, а 10 од правни лица.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од
одговорот на осигурителната компанија за отштетното побарување или не
добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разгледува анонимни претставки или
случаи за кои се води судска или друга постапка.