економија
Во првиот квартал македонските граѓани со двојно поголема трговија на странските берзи
Тргувањето со акции во странство станува сè попривлечно за македонските граѓани и фирми

Во прометот реализиран на странски пазари во овој квартал најголемо учество има Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје со 47.07 % од вкупниот промет, односно 653,7 милиони денари. По неа следува Комерцијална Банка АД Скопје која во овој квартал бележи реализиран промет од 568,5 милиони денари на странски пазари, што претставува 40.94 %, како трета е НЛБ Банка АД Скопје која во прометот на странски пазари учествува со 11.93 % и како последна е брокерската куќа Инвестброкер АД Скопје со учество од 0,05%.

Тргувањето на македонските граѓани и фирми на странските берзи станува сè поголема конкуренција на домашниот пазар на капитал. Од извештаите за прометот на Македонска берза во првите три месеци годинава, се гледа дека класичното тргување со акции и обврзници (без блок трансакции) изнесува околу 21 милион евра, додека за истиот период на странски пазари е реализиран промет во износ од 1,38 милијарди денари (околу 22,5 милиони евра). Вкупниот промет на Македонската берза во овој период изнесува околу 43 милиони евра.
Во однос на првиот квартал од 2020 година кога прометот на странски пазари преку домашни овластени учесници беше 648 милиони денари (10,5 милиони евра), евидентно е зголемување за 114,35%, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност. Прометот реализиран на странски пазари прикажан по месеци во Q1 во 2021 година, како и процентот на промена може да се види во табеларниот преглед.
Од наведеното може да се заклучи дека во февруари е евидентиран најголем промет во ова тримесечје од 2021 година, односно 532,8 милиони денари или на овој месец отпаѓаат 38.37% од вкупниот промет во првиот квартал од 2021 година, што е приближно со остварениот промет во јануари кога е остварен промет од 532,5 милиони денари.

Освен трите банки, овластени учесници на пазарот на капитал кои земаат учество во тргувањето на странски пазари (Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје), за прв пат на странски пазари почнува да тргува и брокерската куќа Инвестброкер АД Скопје која во март 2021 година, учествува со скромни 759 илјади денари што претставува 0,23% од мартовскиот промет остварен на странски пазари. Учеството на оваа брокерска куќа во прометот реализиран во првиот квартал од 2021 година изнесува незначителни 0,05%.
Во прометот реализиран на странски пазари во овој квартал најголемо учество има Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје со 47.07 % од вкупниот промет, односно 653,7 милиони денари. По неа следува Комерцијална Банка АД Скопје која во овој квартал бележи реализиран промет од 568,5 милиони денари на странски пазари, што претставува 40.94 %, како трета е НЛБ Банка АД Скопје која во прометот на странски пазари учествува со 11.93 % и како последна е брокерската куќа Инвестброкер АД Скопје со учество од 0,05%.

Банките – брокери почнуваат поголем дел од прометот да го имаат на странски берзи
Доколку се анализира прометот на учесниците кои тргуваат на странски пазари, наспрема реализираниот промет на домашниот пазар , може да се заклучи дека дел од нив првенствено се насочени кон тргување на странските пазари. Имено, од приложеното може да се заклучи дека Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје во првиот квартал од оваа година речиси целото тргување и е ориентирано на странските пазари. Кај оваа банка, од реализираниот промет во јануари 98,45% отпаѓа на тргување на странски пазари, во февруари овој процент е 96,65% од тргувањето на оваа членка, а во март 88,17% наспрема 11,83% на домашен пазар.
Ваквиот тренд на тргување е забележан и во првиот квартал од 2020 година. Комерцијална Банка АД Скопје во првиот квартал од минатата година во најголема мера била ориентирана на домашниот пазар, а во 2 месеца од првиот квартал од 2021 година поголем дел од тргувањето го реализира на странските пазари наспрема домашниот пазар, единствено во февруари оваа банка поголем дел од прометот односно 59,22% од реализираниот промет е на домашниот пазар преку Македонска Берза АД Скопје.
НЛБ Банка АД Скопје во првиот квартал од минатата година, најголемиот дел од својот промет го има реализирано на домашниот пазар, а овој тренд е застапен и во март од 2021 година, а во останатите два месеца од првиот квартал на 2021 година (јануари и февруари) оваа банка од аспект на реализираниот промет е ориентирана спрема странските пазари.

Граѓаните ќе можат и сами да тргуваат на странските берзи
Во моментов, македонските физички и правни лица можат да тргуваат со акции и други финансиски инструменти на странски берзи само преку посредништво на три домашни банки, односно брокерските оддели на НЛБ, Шпаркасе Македонија и Комерцијална банка, како и преку брокерската куќа Инвестброкер од неодамна . Можноста на македонските граѓани да тргуваат на странски берзи беше дадена со промени во регулативата за девизно работење, коишто стапија на сила од средината на 2019 година. Минатата, 2020 година, македонските граѓани направиле промет од околу 57милиони евра на странските берзи, додека на Македонската берза прометот по сите основи изнесуваше 133 милиони евра, а само со во класично тргување со акции и обврзници 97 милиони евра.
Меѓутоа, отсега со одлуката што ја донесе Народната банка неодамна, македонските граѓани освен во странска банка, за потребите на трансакции со хартии во вредност од странство ќе може да отворат сметка и кај странски брокерски куќи, кај платежни институции или институции за електронски пари во странство заради комерцијални цели, но и за тргување со хартии од вредност ако истовремено се и овластени учесници на странска берза. Тоа значи дека и сами ќе може да тргуваат на странските берзи, без посредништво на домашните банки.
Од изјавите на домашните банки посредници во тргување со акции во странство може да се заклучи дека инвеститорите повеќе се информирани и повеќе ги следат берзите во Америка отколку во Европа. Најмалите износи со кои излегуваат на странските пазари се движат околу 2.000 евра, просечните се околу 20.000 евра, а поголемите достигнуваат и до 500.000 евра.
Во 2020 година, особено по силната корекција на светските пазари во март месец, бројот на индивидуалци од земјава кои инвестираат, а кои претходно немаат значително искуство во тргувањето со хартии од вредност, рапидно се зголеми, ни кажаа од домашните банки. Се работи за инвеститори со портфолија до 20.000 евра, кои целат кон фреквентно тргување.
