економија
Во првите шест месеци граѓаните уплатиле 120 милиони евра во сите класи осигурување, за 14% повеќе од лани
Продолжува растот на осигурителниот сектор

Карактеристично е што во тек на сезоната на летни одмори речиси 80.000 граѓани само во текот на јули купиле патничко осигурување. Во овој производ со кој се осигуруваат ризици при патување во странство граѓаните вложиле над 42 милиони денари (685.000 евра), според АСО.
Продолжува трендот на раст на осигурителниот пазар во Македонија, покажуваат податоците што сите 11 осигурителни компании ги доставиле до Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) за периодот од првите шест месеци во 2023.
Вкупниот износ на бруто полисираната премија во сите класи осигурување изнесува околу 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра, што е за 14% повеќе во однос на истиот период лани.
Кај неживотните осигурувања, бруто полисираната премија е околу 101 милион евра со раст од 15,2%, додека во животно осигурување граѓаните уплатиле вкупно 19 милиони евра во првите шест месеци или раст од 7,9%.
Кај осигурувањето имот во првото полугодие има раст на премијата од 14,6%, додека кај моторните возила од 10,3%, со тоа што кај типот каско моторни возила растот е позначителен, од 18,25%.

Карактеристично е што во тек на сезоната на летни одмори речиси 80.000 граѓани само во текот на јули купиле патничко осигурување. Во овој производ со кој се осигуруваат ризици при патување во странство граѓаните вложиле над 42 милиони денари (685.000 евра),според АСО.
Вложувањата во патничко осигурување во јули во споредба со истиот месец минатата година пораснале за над 6 милиони денари (107.000 евра). При тоа бројот на лица кои купиле патничко осигурување е зголемен за 9 отсто.
Во сите 18 класи на неживотно осигурување граѓани, фирми и институции вложиле 1,14 милијарди денари (18,6 мил.евра). Продажбата на осигурување во јули годинава во споредна со претходниот месец е намалена за 6 отсто, но во однос на ланскиот јули е зголемена за 16 отсто.
Од аспект на бројот на склучени договори за осигурување расте интересот за вложувања во неживотни осигурувања. Во јули бројот на склучени договори за осигурување надминал 238.000 и пораснал за 8 отсто во споредба со истиот месец лани.

Од доброволните осигурувања најголемо учество во продажбата има осигурувањето имот и изнесува 154,3 милиони денари (2,5 мил.евра). Следува каско осигурувањето моторни возила во кое се вложени 120,8 милиони денари (2 мил.евра). Во дополнително (приватно) здравствено осигурување за еден месец граѓаните вложиле 82 милиони денари (1,3 мил.евра).
Во вкупното вложување во неживотни осигурувања најголемо е учеството за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО). Во јули се купени полиси вредни 631,2 милиони денари (10,3 мил.евра). Од тоа вложувања во зелени карти се вложени 171,7 милиони денари (2,8 мил.евра).
Во продажбата на неживотно осигурување за јули „Кроација осигурување – неживот“ I „Македонија осигурување ВИГ“ учествувалe со po 8,6 отсто. „Еуролинк“ остварил 8,7 отсто, „Евроинс осигурување“ со 9,1 отсто, „Граве неживот“ со 5,6 отсто.
„Сава осигурување“ учествува со 11,1 отсто, „Триглав осигурување“ со 11,9 отсто, „Уника“ со 11,6 отсто, „Винер – ВИГ“ со 12,1 отсто, „Осигурителна полиса„ учествува со 7,1 отсто и „Халк осигурување“ со 5,6 отсто.

За еден месец наплатени над 1 милион евра за приватно здравствено
Осигурениците кои имаат дополнително (приватно) здравствено осигурување во јули наплатиле 61,9 милиони денари (над 1 милион евра) за медицински трошоци покриени со нивните полиси за здравствено осигурување.
Средствата ги исплатиле девет компании за неживотно осигурување и со нив покриле над 6.500 барања на осигуреници за исплата на медицински трошоци, покажуваат податоците кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 осигурителни компании.

Вкупно во јули сите компании на неживотно осигурување исплатиле 409 милиони денари (6,65 мил.евра)) за штети покриени со договори за осигурување. Износот на исплатени штети е зголемен за 26 отсто во споредба со истиот месец во 2022 година. Зголемување во однос на истиот период лани има и кај бројот на исплатени штети за 19,5 отсто. Во јули годинава се исплатени вкупно 10.848 отштетни побарувања за штети покриени со неживотно осигурување.
Во структурата на исплатени штети за сите 17 класи на доброволни неживотни осигурувања доминира приватното здравствено осигурување, а по него следува каско осигурувањето на моторни возила со реализација од 60,6 милиони денари (985.500 евра). За осигурен имот во јули компаниите исплатиле штети во вредност од 25,1 милиони денари (408.000 евра).
Во структурата на исплатени штети, очекувано, најголемо е учеството за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО). Осигурителите исплатиле 234,9 милиони денари (3,82 мил.евра) на 2.251 осигуреник. Од тоа за штети настанати на патиштата во земјава се исплатени 133,9 милиони денари (2,18 мил.евра). За штети предизвикани во сообраќајни незгоди или несреќи во странство, покриени со зелената карта, во јули биле исплатени 98,2 милиони денари (1,6 мил.евра).
Во вкупниот износ на исплатени штети за јули „Кроација осигурување – неживот“ учествува со 9 отсто, „Еуролинк“ со 10 отсто, „Евроинс осигурување“ со 3,2 отсто, „Граве неживот“ со 16,9 отсто, „Македонија осигурување ВИГ“ со 10,6 отсто, а „Сава осигурување“ со 12,2 отсто. Со 8,9 отсто во вкупната исплата учествува „Триглав осигурување„, со 8,4 отсто „Уника“, „Винер ВИГ“ учествува со 4,5 отсто, „Осигурителна полиса“ со 5,6 отсто и „Халк осигурување“ со 10,7 отсто.
Животно осигурување: нов играч влегува на пазарот
Словенечката „Прва живот“ ја зголемува конкуренцијата
По пауза од шест години на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат 4 милиони евра.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) издаде дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“. Оваа компанија ќе нуди осигурување живот на нашиот осигурителен пазар. Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).
Словенечката групација е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и на Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот.
„Прва живот“ ќе започне со работа во рок од шест месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје. За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски.
„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер Лајф ВИГ“ и „Уника Лајф“.
Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле околу 19 милиони евра во осигурување живот.
На нашиот осигурителен пазар се вложува во три групи производи за осигурување живот. Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.
Официјалните податоци на компаниите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента. Со него во случај на смрт за времетраење на договорот се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го презела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Осигурувањето живот во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал.