македонија
Втор „Самит на Западен Балкан“ во организација на лондонски „Економист“ на 14 октомври во Скопје

Јошка Фишер, поранешниот министер за надворешни работи на Германија и Џон Негропонте, поранешниот заменик државен секретар на САД ќе бидат меѓу повеќемината високи претставници на светската политика, учесници на вториот Western Balkans Summit, што ќе се одржи во Скопје на 14 октомври, во организација на лондонски The Economist.
Western Balkans Summit (Самит на Западен Балкан) ќе се одржи по втор пат во Скопје, на 14 октомври годинава, на темата „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“. Конференцијата е во организација на лондонски „Економист“ (The Economist), а ексклузивен медиумски спонзор на настанот е Капитал Медиа Гроуп.
Говорници на настанот ќе бидат високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера, како што се поранешниот заменик државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер, актуелниот заменик помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини и др.
„Во време кога глобалната заедница се’ уште ја води битката против Ковид – 19, владите и меѓународните институции се фокусираат на имплементација на политики со цел да им овозможат на државите да се вратат кон конкурентноста и растот.
Западен Балкан беше погоден од пандемијата, покрај сето она што е предизвик во регионот веќе подолго време. Меѓутоа, истовремено моменталната ситуација ја истакнува потребата од подлабока соработка и солидарност од страна на меѓународните институции. Потребни се структурни реформи за да се обезбеди подлабока интеграција со европските институции. Европската унија мора да се движи побрзо и поефикасно кон обезбедувањето помош на земјите од регионот, во помагањето да ги разрешат меѓуграничните спорови, и пред се’, во внесувањето на земјите кандидатки од Западен Балкан во европскиот клуб. Последново е во интерес на регионот, но и во интерес на Европа како целина. Каде сме на овој пат?“, е пораката на организаторот, The Economist.
На Самитот учесниците ќе дискутираат на следниве клучни прашања:
-Како да се засили стабилноста и соработката во регионот?
-Како да се забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ?
-Кои се приоритетите на Северна Македонија и регионот во пост – ковид периодот?
Учесници на Самитот на Западен Балкан ќе бидат и премиерите на Косово и на Црна Гора, Албин Курти и Здравко Кривокапиќ, коишто заедно со македонскиот премиер Зоран Заев ќе се обратат на официјалното отворање на Самитот.
Од Северна Македонија, учесници – панелисти ќе бидат и Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања, Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Радмила Шеќеринска, министер за одбрана, Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија и Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.
Повеќе информации околу агендата и говорниците на Western Balkans Summit 2021 може да најдете на следниов линк.