регион
Вучиќ освои 60% од гласовите на изборите и по втор пат е претседател на Србија

Вчера во Србија се одржаа и предвремени парламентарни избори, каде што владејачката партија на Вучиќ, СНС, освои околу 44% од гласовите, што и носи 122 мандати во српскиот парламент којшто има вкупно 250 пратенички места.
Врз основа на резултатите од 90,71% од избирачките места обработени од Републичката изборна комисија (РИК) на Србија, во моментов кандидатот и актуелен претседател на државата Александар Вучиќ има најмногу гласови на вчера одржаните претседателски избори, односно 59,55 отсто, објавено е на веб-страницата на РИК.
Следен е кандидатот на коалицијата „Обединета опозиција“ Здравко Понош со 17,53 отсто, потоа кандидатот на коалицијата НАДА Милош Јовановиќ со 5,82 отсто, кандидатот и лидер на Двери Бошко Обрадовиќ со 4,42 отсто, кандидатот и лидер на Заветник Милица Ѓурѓевиќ. Стаменковски со 4,31 отсто гласови, јавува Танјуг.
На шестото место по бројот на освоени гласови е кандидатот на коалицијата „Мораме“ Билјана Стојковиќ која освои 3,04 отсто, кандидатот на коалицијата Суверенисти Бранка Стаменковиќ 2,02 отсто и кандидатот на српската десница Миша Вачиќ 0,89 проценти.
Според податоците на РИК, излезноста на претседателските избори била 58,54 отсто.
Врз основа на 91,02 отсто од избирачките места обработени од РИК, најмногу гласови на предвремените парламентарните избори што истовремено со претседателските се одржаа вчера, има коалицијата собрана околу СНС „Заедно можеме се’“ со 43,45 отсто, што е околу 122 пратенички места.
На второ место е коалицијата „Обединети за победа на Србија“ со 13,07 отсто, што е 36 пратенички места, а на трето е листата „Ивица Дачиќ – премиер“ со 11,68 отсто гласови или 32 пратенички места.
Коалицијата „Надеж за Србија“ има 5,27 отсто, односно 14 пратенички места, Двери-ПОКС 3,85 отсто или 10 пратенички места, Заветници 3,76 отсто – 10 пратенички места, и коалицијата Мораме има 4,34 отсто – 12 пратенички места.
Суверенисти со 2,25 отсто, коалицијата „Ајде луѓе“ 1,65 отсто, Украдени бебиња на Ана Пејиќ 0,81 отсто, Српската радикална партија 2,17 и сите овие , според последните податоци, не го поминале цензусот, што значи дека останале без пратенички мандати.
Кога станува збор за малцинствата, Алијансата на војводинските Унгарци во моментов има 1,71 отсто, што е шест пратенички места, Аманетот на муфтијата 0,95 отсто – три места, Заедно за Војводина 0,63 отсто – два, СДА Санџак 0,58 отсто – две пратенички места, Алтернатива за промени 0,1 проценти – останаа без пратеничко место во Собранието, Коалицијата на Албанците 0,29 проценти – едно место, Ромската партија 0,17 проценти и Алијансата на руското малцинство 0,25 проценти, што значи тие две малцинства останаа без пратенички мандати.
Според РИК, излезноста на парламентарните избори била 58,49 отсто.
Вчера во Србија се одржаа и локални избори во 12 општини и во градовите Белград и Бор. Засега од РИК нема информации за Белград, каде, како што пренесуваат медиуми повикувајќи се на проекциите од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), е тесна разликата помеѓу опозициските и владејачките коалиции. Врз основа на 96 отсто од обработените гласови, според ЦРТА владејачката коалиција на Вучиќ освоила 38,1 отсто од гласовите. Досегашниот коалициски партнер СПС, пак, има 6,9 отсто. Опозициската листа „Владета Јанковиќ – Обединети за победата на Белград“ има 21,3 отсто, а коалицијата Мораме – За добар град има 10,8 отсто.
Во приложената галерија може да ги видите насловниците од најчитаните српски медиуми од утрово, кој како известува за победата на Вучиќ и за самото одржување на изборите.






