интервју
Генератор на промени и зајакнување на женското лидерство
Атлантик Група во Македонија

Разговаравме со шест менаџерки во Атлантик Група во Македонија, одговорни на клучните сектори во компанијата, позната по производството и дистрибуцијата на многу регионални и светски брендови.
Корпоративниот сектор, поточно големите компании како што е Атлантик Група, со своите добри практики кои се основаат на родова рамноправност, треба да бидат генератор на промени и зајакнување на жените, бидејќи на овој начин се поттикнува просперитет и се гради поправедно општество во целина.
Денес велиме дека Атлантик Група е составена од инспиративни луѓе кои работат во инспиративна компанија без разлика на полот, националната, верската или било која припадност. Но, доколку би сакале накратко да го претставиме односот на компанијата кон вработените, тогаш тоа би било – грижа за луѓето која ги вклучува сите седум принципи за рамноправност на жените и им дава можност да направат баланс помеѓу деловниот и приватниот живот.
Тоа конкретно подразбира флексибилно работно време и можност за работа од дома, поттикнување на здрав начин на живот и програми за здравствена заштита за целото семејство, богати програми за развој, мотивација и наградување на вработените како и флексибилни бенефити. Важно е да се препознае личниот придонес и различноста, па затоа во основа на нашиот пристап кон сите вработени е широкиот спектар на можности и личен избор.
Елена Стоичкова, директор за клучни купувачи и бренд операции

Опишете ни ја накусо вашата функција во компанијата, кои се најголемите предизвици со коишто се соочувате?
Функцијата на секторот за кој сум одговорна опфаќа креирање и имплементација на стратегии за сите продажни канали, со посебен фокус на големите малопродажни ланци, а на начин кој ефикасно ги спроведува во дело стратегиите на секој од брендовите во нашето дистрибутивно портфолио, и осигурува остварување на продажните и профитните цели.
Со мојот тим функционираме на начин кој поддржува отвореност, одговорност, грижливост и постојан индивидуален и тимски развој. Со фокусираност на раст и одлично познавање на пазарните трендови и потреби, преку проактивна интеракција од една страна со принципалите, а од друга со нашите купувачи, успеваме во мисијата да за потрошувачите овозможиме широка достапност на разновиден и актуелен асортиман на производи, кој е со одлична видливост во продажните места и поддржан со атрактивни промотивни активности.
Мојата функција вклучува делување за развој на нови дистрибутивни стратешки проекти, одржување квалитетни деловни односи со соработниците, како и унапредување на процесите во компанијата во синергиски ангажман со колегите од останатите сектори и деловни единици на Атлантик Група. Неповолните економски текови во комбинација со потребите на сите составни делови на еден многу динамичен бизнис сегмент, несомнено поставуваат предизвици во работењето. Отворената комуникација, имањето на јасна визија за иднината и спремноста на промени се клучни за надминување на предизвиците, и за нивна успешна трансформација во прилики за унапредување и раст.
Ирина Петличкова, директор на финансии

Што значи да се управува со финансискиот крвоток на една компанија, кои се најголемите предизвици за вас?
Управувањето со финансиите во една компанија е доста комплексна и предизвикувачка улога, но финансиите сами по себе не се ништо доколку не се ставени во функција на бизнисот. Односно, за квалитетно да се управува со финансиите мора да се има разбирање не само од финансиите, туку и од целокупното работење на компанијата и потребите и целите на сите поединечни компаниски сектори.
Преку разбирање на процесите, дефинирање на ризиците, воспоставување на систем на контроли, поставување на приоритети, распределување на ресурсите и прилагодување на решенијата согласно компаниските потреби, а во рамки на законски правила и прописи, се одржува здрав финансиски крвоток на компанијата. Моја обврска и одговорност е секогаш да бидам адекватна поддршка на бизнисот како операција, но и од аспект на постојано унапредување на истиот, при што се обезбедува повисоко ниво на ефикасност и ефективност. Понекогаш е голем предизвик и умешност да се пронајде брзо и едноставно решение, на навидум комплексен проблем кој го засега тековното работење, а сепак да е применливо, без да го поремети компаниските процеси. Но, сите секојдневни предизвици лесно се решаваат и се надминуваат кога имаш тим и колеги полни со знаење, разбирање и поддршка, посветени на работата, со кои отворено и директно комуницираш и разменуваш мислења при што се надоградуваш и како човек и како професионалец. Имам среќа што работам во компанија во која сите работиме како во фамилија, со домаќински пристап во работењето, и во која особено ги негуваме вредностите на меѓуколегијална почит и доверба.
Виолета Митковска, раководител на контролинг, план и анализа

Објаснете ни накусо за значењето на вашиот сектор во целокупното компаниско работење и синергијата што е потребна со сите останати сектори?
Едноставно кажано, целта на мојот сектор е воспоставување на ефикасни процеси на планирање и контрола во компанијата за да ги оствари своите цели на најоптимален можен начин. Нашите активности се насочени кон поставување и постојана евалуација на цели, оптимизација на трошоци, антиципирање на потенцијални предизвици, кои заедно со минатите искуства и анализираните трендови за идните претпоставки, се основа за донесување деловни одлуки.
Секој сектор треба да одлучува на врз добра основа на прочистени и квалитетни информации. Дали некаде треба да се инвестира, дали нешто нам ни е исплатливо и профитабилно, дали од некој сегмент треба да се откажеме, или колку нас не чини некаков бизнис потфат, се само пример на прашања на кои одговор дава синергијата на контролорот со другите колеги.
Покрај тоа што владее верувањето дека сме луѓе кои се “разбираат од бројки”, она што особено ме радува е што се’ повеќе компании ја препознаваат важноста на контролингот како неизоставен дел од секој процес на одлучување. Од сопственото искуство, во Атлантик Група, каде работам повеќе од 10 години, на мојата функција се гледа од перспектива на стратешки партнер и катализатор на напредок.
Без разлика на полот и возраста, доколку се наметне бескомпромисен квалитет, кредибилитет и се воспостават добри односи со секој од останатите сектори, неминовно е да се препознае важноста и на мојата функција и на додадената вредност што ја создаваме заедно со тимот.
Елена Цанева – бизнис партнер за човечки потенцијали и култура (за Македонија, Австрија, Русија и Словенија)

Судејќи според бројот на жени во топ менаџментот, во Атлантик е постигната култура на родова еднаквост на завидно ниво. Каква е вашата порака до сите компании и организации во врска со овој предизвик?
Процентуалната застапеност на жени, а особено на раководни позиции, е нешто што спонтано се случи во рамките на Атлантик Група во Македонија, како резултат на нашата стратегија за луѓе и култура преку која ја истакнуваме важноста на автентичното лидерство и ја поддржуваме разноликоста во градењето на односи во и надвор од организацијата.
Нашиот приоритет е да имаме лидери кои покрај тоа што ќе бидат врвни стручњаци во својот домен, подеднакво ќе посветат внимание и на развој на членовите во своите тимови да го остварат својот целосен потенцијал, да растат и да се развиваат, да ги поддржат во личните желби и амбиции и да ја препознаат новата генерација лидери.
Динамиката на настаните во модерното време наметнува тешка задача за топ менаџментот на секоја компанија, каде покрај грижа за деловниот успех, треба да се фокусира и на промената на генерации на работното место, нови модели на работа, различни типови на комуникација, глобализација на пазарот на труд, задржување на вработените итн., а за да се креира добра стратегија потребна е разноликост на мислења, ставови, искуства.
Во нашата природа е да гравитираме кон луѓе што се слични со нас, а од друга страна мажите и жените неизбежно имаат различни искуства кои го дефинираат и различниот пристап во бизнисот. Во процесот на донесување одлуки потребен е баланс помеѓу нашите истомисленици и оние кои ќе не’ предизвикаат, за да добиеме нови перспективи и иновативни идеи.
Софија Ѓуровска – Гочевска – директор на управување на ланец со снабдување

Многумина би рекле дека сте жена раководител во типично машки сектор. Каков предизвик е да се управува со ланецот на снабдување во компанија како Атлантик?
Факт е дека денешните ланци на снабдување стануваат се покомплексни особено за компаниите со сложени портфолија и динамични работни околини. Синџирот на снабдување во нашата компанија претставува клучна област за успех, како и суштински дел од целокупната деловна стратегија.
Како жена раководител во овој сектор со долгогодишно искуство можам со сигурност да кажам дека работата не е само предизвик, туку претставува вистинско задоволство особено кога се работи за водство во поддршка на тековен раст како и донесување на промени коишто резултираат со подобрувања. Природата на работата, динамиката и предизвиците како двигатели на самиот сектор придонесуваат во создавањето на една моќна синергија како во рамките на тимот, така и во меѓусекторските поврзувања.
Тимската работа како и ефективната комуникација заедно со јасни процеси и цели како и правилна распределба на ресурсите и капацитетите е предуслов не само за успешност, него и негување на култура на високи перформанси и континуирано подобрување на начинот на размислување во нашиот сектор. Имплементацијата на развојни активности е влијателен предизвик за секој вработен во рамките на ланецот на снабдување и секако претставува двигател на целокупното работење во компанијата.
Знаењето и способноста инкорпорирано со страста и пасијата кон овој оддел е она што го надминува, да го наречеме генералното “стереотипно“ гледиште на секторот. Нашата задача и цел е да останеме еластични и агилни пред големите предизвици кои допрва доаѓаат во модерната бизнис арена.
Јана Стојкова – Каневче, раководител на правна служба

Според некои истражувања, компаниите со женско лидерство постигнуваат подобри резултати. На што се должи ова според вас и како да се зголеми бројот на жени на управувачки позиции во домашните компании?
Сметам дека жените вложуваат многу повеќе труд и напор во докажувањето и градењето кариера за да ги покажат своите лидерски способности, па можеби и поради тоа постигнуваат подобри резултати. Жените не се фокусирани единствено на постигнување на финансиски резултат. По природа жената се грижи и за други општествено одговорни цели и вредности, соработка и создавање на култура во која се разбиваат стереотипите. Трендовите и новите вредности играат значајна улога во позиционирањето на жената. Треба да се работи на подигнување на свеста и самодовербата кај жените. Тие треба да покажат дека рака под рака со мажите можат да раководат со одредена организација, а тоа ќе го направат само ако храбро ги покажат своите амбиции и цели и вложуваат во своите знаења и вештини.
Имајќи ги предвид културата, околностите и средината во која стопанисуваме сметам дека регулаторни мерки би дале подобар и побрз ефект за подобрување на сликата во однос на половата застапеност. Тука пред се мислам на донесување на посебни прописи или документи/кодекси со кои ќе се предвиди родова застапеност преку воведување на начело “исполни или објасни”. Тоа подразбира обврска на компаниите да дадат објаснување зошто не им успеало воспоставување на соодветна застапеност на мажите и жените во своите редови.
Нерегулаторните мерки се подобри, но побавно се имплементираат и даваат послаби резултати. Позначајни саморегулаторни мерки кои би ги издвоила се следните: воведување на управување со поставување цели, спроведување на образовни програми, вмрежување и создавање работна средина која ќе овозможи развој на отворена и разновидна култура, ослободена од предрасуди и бариери во однос на ова прашање.