Connect with us

интервју

Георги Господинов: Ниедна битка за минатото не е добиена

Георги Господинов, писател

објавено

на

„Нема никаква логика ниту политичка, ама ниту човечка, денес во 2021 година, во ваков збунет свет, да отвораме битки за минатото, наместо да мислиме на сегашноста. Нема битка за минатото што е добиена. Тие битки само отвораат нови војни. Минатото е деликатно чудовиште. Јас сакам да верувам дека разумот ќе надвладее и политичкиот јазол ќе се реши, ама другите рани, што емотивно ги нанесовме покрај спорот, тие ќе зараснат побавно“ 

Разговорот со Георги Господинов е секогаш гаранција за излез од поставените медиумски шаблони на интерес околу домашната или светска политика и бизнис вести, една можност за презентација на филозофски прашања кои заедно можеме да ги поставиме, а чии одговори можат само да се начнат, оти не постои интервју како новинарски жанр што може да ја впие целата мудрост и големина на размислите опфатени во неговите дела. 

Кога се договаравме за ова интервју, идејата беше да поразговараме за она што е лајт – мотив низ неговото творештво – предизвиците на современиот човек, пред се’, онаа битка, и лична и општествена, за одржување на човечноста во вака луд свет нападнат од мајсторите на манипулацијата и градителите на лагите. 

Господинов има и нов роман, „Времезасолниште“ што раскажува за опсесијата со минатото, а всушност ја допира сржта на актуелноста. 

Се разбира, го отворивме и прашањето за македонско – бугарските односи, оти таа темна сенка едноставно лебди над сите контакти што сите ние, како Македонци, во овој период ги имаме на какво било ниво со нашите источни соседи, без разлика дали се приватни или професионални. 

Разговаравме и за предизвиците на демократијата, современата литература и читателските навики денес, развојот на технологијата, промените што во светот ги донесе пандемијата со КОВИД – 19…

Како ја доживеавте 2020 година, година за којашто велите дека му се случи човештвото помеѓу „две прегратки“?

Да, можам да ја видам така, ако ја вложам емпатијата, како година помеѓу две прегратки – онаа од почетокот на годината со пожарите во Австралија, фотографијата на кенгурот со изгорени шепи, збиен во неговиот спасител. Прегратка помеѓу кенгур и човек, што се чини ја потврдува изјавата на Дарвин дека сме „браќа во болка“ со животните. И повторно ова братство во болка, но тука веќе меѓу луѓето можеше да се види на фотографијата на другиот крај на годината – прегратката помеѓу докторот и болниот и „стопен“ старец. Вака јас претпочитам да се сеќавам на годината. Исто така, на песната Сина (Азуро) на Челентано на балконите на италијанските градови. Имаше експлозија на емпатија на почетокот на оваа необична година, се надевам дека успеавме да ја пренесеме до почетокот на 2021 година. Оти, ќе ни треба, со сигурност ќе ни треба.

Велите дека главната лекција од кризата е оти фразата „Јас сме“ е многу поважна од фразата „Јас сум“. Кои се клучните елементи на оваа порака?

Одеднаш сфативме дека сите сме дел од едно заедничко тело. И, ако ова тело го боли малиот прст на левата рака, тогаш целото тело страда. Ако некој човек во некоја кинеска провинција е болен, тогаш во Софија, Скопје, Рим или Париз болката се пренесува веднаш. Често си замислував дека има еден огромен блок, блок на светот, во кој секој е сам во својата соба, зад својот прозорец. Но, тој знае дека покрај него или над него има друг прозорец, а во таа друга соба исто така има човек. Сè додека се осветлуваат прозорците, дури и ако во нашите соби сме сами, постои чувство за заедништво. „Јас сме“ – можеби е граматички погрешна, но семантички тоа е вистински важната фраза денес. Тоа е клучот за емпатија.

„Луѓе со кои до вчера сте споделувале заеднички вредности (или барем така ви се чинело) одеднаш ви кажуваат за чипови во вакцината, за Бил Гејтс, за рамната Земја, итн.,… Можеме ли да ја обвиниме демократијата за ова? Лесниот одговор би бил – да, да имаше „цврста рака“ сите овие глупости немаше да бидат дозволени. 
Другиот лесен и многу чест одговор е – добро, сето ова е реакција на народот против либералите, тие вредности, ЛГБТ, итн., Либералите се самите виновни. 
Одеднаш, излегува дека големиот проблем е она што е исправно!? Да се слушне ова тука на Балканот е малку смешно – па ние си разменуваме клетви за добро утро, каде па ја видовте овде заканата од политичка коректност? Требаше само да се разбереме и договориме за неколку основни вредности. Наивно помисливме дека низ сите овие векови на цивилизација, човештвото го стори тоа, се разбра. И сега сето ова се покажа како кревко и лесно уништливо – ние не сме се разбрале.“

Новите медиуми ја уништија уметноста на дијалог – победи хистеријата!

Сепак, постојат различни мислења за тоа дали кризата, што впрочем сè уште трае, вистински ќе го извади најдоброто од човекот или не, дали лекциите и навистина ќе се научат. Низ Вашите дела, преовладува битката на обичниот човек со сите предизвици на модерното време, пред се отуѓувањето од другите и од самиот себе и токму потиснувањето на емпатијата. Има ли воопшто тој човек од 21 век капацитет да го разбере глаголот „сум“ во множина?

Кога тогашните нови медиуми се појавија во дваесеттиот век – радиото, весниците, а потоа и телевизија, очекувањата беа дека ќе има една универзална сплотеност и „братство“. Сепак, се случи Втората светска војна, а потоа и Студената војна. Се случи една од најголемите поделби во светот. Сега, на почетокот на 21-от век, со новите медиуми од овој век, еднакво мислевме дека треба да бидеме уште повеќе поврзани едни со други, да се чувствуваме како дел од заедницата. Но, очигледно ни се повторува приказната од минатиот век, очигледно не сме ги научиле лекциите од дваесеттиот век. Новите медиуми само непрекинато го размножуваа она „Јас сум“ цело време, без да го претворат во „Јас сме“. Еден ден, се надевам, ќе созрееме за овој мал чекор, за оваа трансформација, се надевам само дека нема да биде доцна. Новите медиуми всушност само ни ги размножија новите осамености. Медиумите се медијатори, тоа е етимологијата на зборот. Не може да произведат лична егзистенцијална смисла за вас. Тие можат само да ја пренесат или да ја размножат многу брзо, доколку таква смисла е веќе присутна. Ама тоа значи и уште побрзо да ги пренесете сопствените стравови, агресии и депресии. Затоа продолжувам да зборувам со наивно инсистирање за бавниот медиум на литературата што всушност произведува значење и смисла. За раскажувањето на приказни што создаваат емпатија. Парадоксално, но со новите медиуми ја изгубивме уметноста на разговор, на дијалог. Само разменуваме монолози. Хистеријата ја победи историјата.

Потсетувајќи се на сопственото детство, некаде ќе напишете дека за време на комунизмот децата се учеле да бидат сакани без посебни ритуали, со третман на „здодевни мали нешта кои треба да научат каде им е местото“, да бидат пристојни и да ја знаат главната лекција – дека она што се слуша дома не се пренесува надвор. Каде е местото на детето во 2021 година, во време на капитализмот?

Детето за мене е најважното суштество овде на Земјата. Додека е дете човекот секогаш личи како е од некој подобар род и свет. Или барем од еден почувствителен човечки вид. Сите епохи, без исклучок, всушност се однесувале доста сурово со детето. Работев на оваа тема, предавав за детството во тоталитарните епохи, во сите мои книги детството е важна тема и можам да ја поткрепам оваа изјава за суровоста. Познато е дека сè до 17 век, детството навистина не постоело како посебен заштитен период. Детето е мало возрасно лице кое сè уште не е способно за работа. Напишав за детето во социјализмот во „Физика на тагата“. Навистина бевме невидливи и најчесто нè плашеа со „Фабриката за шлаканици“.

Каде е местото на детето сега? Јас не се осврнувам на концептот на капитализмот, бидејќи ми се чини премногу широк и непрецизен за да можам да опишам сè денес. Како и да е, ми се чини дека детето денес го доживува на особено тежок начин она што се случува околу нас. Да ја земеме изолацијата како пример, во овие времиња на корона. Старите луѓе и децата, мислам дека најтешко ја доживеаја. Првите – затоа што им се одземени последните години од животот, а на вторите – првите години, најдобрите, најубавите. Меѓу другото, денешните деца се директни сведоци на нашата сопствена хистерија. Отсекогаш верував дека еден од главните императиви во нашите животи е да го имаме она чувство – дека децата нè гледаат. Оти, иднината не е нешто апстрактно, таа секогаш има лице на дете.

„Мислам дека старите луѓе и децата најтешко ја доживеаја пандемијата. Првите – затоа што им се одземени последните години од животот, а на вторите – првите години, најдобрите, најубавите. Меѓу другото, денешните деца се директни сведоци на нашата сопствена хистерија. Отсекогаш верував дека еден од главните императиви во нашите животи е да го имаме она чувство – дека децата нè гледаат. Оти, иднината не е нешто апстрактно, таа секогаш има лице на дете.“

Болно е да се разбере, ама властите и граѓаните секогаш се направени од ист материјал

Не можам да не се сетам на насловот што го имав од последното интервју со Вас, кога ги анализиравте балканските народи, поврзани во нивните доблести и маани, кажавте дека „Демократијата е добра за нас, но дали сме ние добри за демократијата?“.

Ние не станавме подобри во меѓувреме, тоа е факт, па се поставува прашањето, дали демократијата остана и натаму најдобрата опција?

Друга немаме, иако се обидуваат да ни „протнат“ секакви варијанти, некои од нив се прилично стари, и на нив и лично се сеќавам. Гледате што се случува во САД, и на многу места во Европа и низ целиот свет. Дали популизмот е дел од демократијата, дали е навистина виновен за тоа? Нема лесни одговори, ама ние мора да избегаме од лесните одговори, иако живееме во свет и медиуми кои постојано сакаат да ги намалат значењето и комплексноста. 

Луѓе со кои до вчера сте споделувале заеднички вредности (или барем така ви се чинело) одеднаш ви кажуваат за чипови во вакцината, за Бил Гејтс, за рамната Земја, итн.,… Можеме ли да ја обвиниме демократијата за ова?

Лесниот одговор би бил – да, да имаше „цврста рака“ сите овие глупости немаше да бидат дозволени. 

Другиот лесен и многу чест одговор е – добро, сето ова е реакција на народот против либералите, тие вредности, ЛГБТ, итн., Либералите се самите виновни. 

Одеднаш, излегува дека големиот проблем се покажа во политичката исправност – тоа што е исправно, тоа е проблем? Да се слушне ова тука на Балканот е малку смешно – па ние си разменуваме клетви за добро утро, каде па ја видовте овде заканата од политичка коректност? 

Целиот овој „фејк“ прво е поврзан со човечката природа, а потоа и со политичкиот систем. А многу е просто – требаше само да се разбереме и да се договориме за неколку основни вредности. Наивно помисливме дека низ сите овие векови на цивилизација, човештвото го стори тоа, се разбра. И сега сето ова се покажа како кревко и лесно уништливо – ние не сме се разбрале.

Дали сте поддржувач на тезата дека народите имаат власти какви што заслужуваат?

Властите и граѓаните секогаш се направени од ист материјал. Ова е можеби болно да се осознае, но ми се чини дека е важно да го кажам. 

„Не ме воодушевува мислата и не сум возбуден да скокнам до Марс или до Месечината во блиска иднина. Не верувам дека технологијата решава егзистенцијални проблеми. Ако сте осамени навечер во вашата кујна на Земјата или врескате во кавга со сопругата, фактот дека можете да стигнете до Марс не ви менува многу. Ние можеме само да си ги однесеме нашите кујни и скандали во вселената со себе, на нашиот грб, како полжави.“

Човек мора да има став!

Во последниве месеци, сведоци сме на интензивна тензија помеѓу Софија и Скопје, диктирана од развојот на политичките настани. Како гледате на овој нов „студен конфликт“ меѓу двете земји?

Во мојот нов роман „Времезасолниште“, државите, откако ги исцрпуваат сите обиди да избегаат од општиот политички колапс, одлучуваат да одржат Референдум за минатото. Да ја изберат својата најсреќна декада од минатиот век и да се вратат заедно во неа. 

Минатото е деликатно чудовиште. Таму е добро да се враќаш сам, секој сам и со помирување со минатото. Ама ако имаме колективна опсесија и обиди за колективно смирување, тогаш тоа може да стане навистина опасно. 

Вака гледам и на она што се случува меѓу нашите две земји. Гледам со болка, бидејќи имав некои од најдобрите состаноци и литературни читања токму во Македонија. Моите приказни и романи уживаат добар прием тука, во Куманово „Физика на тагата“ беше поставена и во театарот. Имам многу добри пријатели меѓу писатели, поети и издавачи. Никогаш немало проблем меѓу нас чие е ова или тоа. Ја пеевме заедно „Билјана платно белеше“ и никој не го влечеше нејзиното платно кон себе. Културата ја прави една личност да има пошироки размислувања.

Нема логика, ниту човечка ниту политичка, денес во 2021 година во еден вака збунет свет, ние да се бориме за минато наместо да размислуваме за сегашноста. И Бугарија и Македонија губат од ова. Ниту една војна за минатото не е добиена. Битките од и за минатото само отвораат нови војни. Сигурен сум, јас навистина сакам да верувам дека разумот ќе надвладее и дека оваа година барем политички овој јазол ќе се реши. Она што побавно ќе се решава се останатите рани што емотивно ги нанесовме во спорот.

Каде е местото на писателите во општествените процеси? Многу Ваши колеги не се занимаваат со толкувања на политиката, Вие излегувате и на улица, на протести …

Тоа се случи поради времето во кое живеам, јас морам да го кажам својот став. Да, сум бил и на улица, сум пишувал… Тоа е прашање повеќе на срцето отколку на умот. Постојат разумни писатели кои не се ангажираат за да не си создаваат проблеми. Јас ги разбирам и нив, исто така, и јас повеќе би сакал да си ги пишувам приказните и романите. Но, дури и кога се пишува фантастика, човек мора да зазема став. Дури и кога пишуваме за минатото, излегува дека пишуваме и за денес.

Со омраза може да пишувате само фејк статуси и слаби твитови, ама не литература!

Брзината на развојот на технологијата во никој случај не се следи од развојот на човекот како суштество и неговата свест. Како да се одржи човечноста во денешната масовна трка по и со време, пари и информации?

Човекот е бавно суштество, кревко и несигурно, полно со стравови, смртно. Нема да ја раскажам мојата омилена парабола за бедуините кои почесто застануваат за да „им дојде душата“, мислам дека веќе го направив тоа претходниот пат. 

Но, проблемот со двете брзини – онаа на човечката душа, совеста или како и да ја наречеме оваа внатрешна инстанца, и онаа брзина на технологијата останува.

 Признавам дека не ме воодушевува мислата и не сум возбуден да скокнам до Марс или до Месечината во блиска иднина. Не верувам дека технологијата решава егзистенцијални проблеми. Ако сте осамени навечер во вашата кујна на Земјата или врескате во кавга со сопругата, фактот дека можете да стигнете до Марс не ви менува многу. Ние можеме само да си ги однесеме нашите кујни и скандали во вселената со себе, на нашиот грб, како полжави.

Вие велите дека литературата е најсовремената технологија. Но, „инженерите“ со зборот можат да бидат многу опасни на време кога универзалното право на слобода на говор е нападнато и злоупотребено од сејачи на омраза, заостанување, лаги, страв … Како гледате на модерната литература во напливот на инстант вести и исти такви „романчиња“?

Нема голем писател, ова е лично мое мислење, кој сее омраза преку литературата. Големите писатели што ги сакам секогаш се на страната на навредените, не на насилниците, на страната на расплаканите, не на расплакувачите, на жртвите, не на џелатите. И кога ги читате нивните книги, дури и ако станува збор за романи за таги, стравови или поделби, тие сепак даваат утеха. Такви се Чехов, Борхес, приказните за Шехерезада, целата усна традиција на Балканот … Просто нема голема литература заснована врз омраза. Со омраза се пишуваат само “фејк“ статуси и слаби твитови.

Како ја цените современата литература? Навиките на читателот, времето поминато со книга во време на експанзија на интернетот?

Можеби изгледа чудно, но сè повеќе сум свесен дека дефиницијата за „модерен“ не кажува ништо. 

Добрата литература е априори модерна,таа е секогаш модерна. Ги читам повторно и повторно писмата на Сенека или Илијада или расказите на Борхес и ги наоѓам како ултрамодерни. 

Тие ми даваат одговори на прашања што се појавуваат денес. Понекогаш земам роман што излегол пред еден месец и тој пак не ми кажува ништо.

Инаку да – го сакам човекот со книга в раце, тој е посебно суштество, чуден кентаур. Пред неколку години напишав краток текст, пет реда пофалби за читателот. Ова е веројатно текстот што ми донесе најмногу љубов и омраза истовремено. 

Тој завршува вака: „Човекот кој чита си прави една голема работа за својот сопствен вкус. А на еден човек со вкус му е потешко да стане подлец, ако ништо друго, оти да се биде подлец е грдо. Човекот кој чита е прекрасен “.

Јас навистина мислам така. Читателот е убав и значаен.

Новиот роман „Времезасолниште“ ќе биде преведен на 12 јазици. Кажете ни повеќе за ова ново дело.

Романот го пишував последните две години и тој излезе оваа пролет во екот на пандемијата. Тоа е роман за „вирусот од минатото“, мислев дека ќе биде анти -утопија, се покажа како многу реална книга. Ме прашуваа како сум го предвидел распадот околу мене, а јас всушност не сум предвидел ништо, само целата вознемиреност и знаци на сегашната распаѓање веќе беа во воздухот. 

Романот започнува со идејата на Гаустин да направи Клиники за минатото за лекување на луѓе кои губат меморија. Тогаш идејата прераснува во цели населби и градови за минатото, привлекува здрави луѓе и конечно води до национални референдуми. Што правиме кога нашата иднина е негирана и нашата сегашност повеќе не е наш дом? Прашањето е лично и истовремено политичко. 

Веројатно ќе биде објавена оваа година на англиски, германски, француски, шпански … Се надевам дека ќе имаме и македонски превод.

Разговараме во време на празници, Рождество Христово, па затоа ќе го завршам интервјуто како што го започнав, но со друга Ваша моќна порака – дека секоја личност е Исус, Марија и Јосиф во едно и дека тоа е всушност и смислата на животот – затоа што секое раѓање е чудо само по себе и оти Бог е во секој човек. За чудата велите дека се многу лична работа, исто како и апокалипсите.
Како до повеќе чуда, а помалку катастрофа? И, каква е тука врската помеѓу личното и општото, судбината на поединецот со онаа на општеството?

Понекогаш прашањата се поважни од самите одговори. А во Вашето прашање  има и одговор. Човекот е чудото на светот. Тој е онаа врска помеѓу личното и општото. И за да имаме повеќе чуда од катастрофи, треба само да знаеме дека човекот е единица мерка. Сè друго – нација, економија, бизнис… тоа е второстепено – прв е човекот!

интервју4 дена ago

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

технологии / компании6 дена ago

Ѓорги Самарџиев: Создадовме иновативно решение за многу поедноставна конструкција на кровни градини

економија4 дена ago

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

интервју4 дена ago

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

економија5 дена ago

Се менува регулативата: полесен пристап до државна помош за нови инвестиции

економија7 дена ago

Излегоа финансиските биланси: хотелските компании со приходи помали и за 90% лани

start up4 дена ago

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

lifestyle4 дена ago

Стив Кејс: Упорноста не е гаранција дека ќе успеете во нешто, но без неа, сигурно нема да успеете.

менаџмент / маркетинг4 дена ago

Не поставуваат прашања само оние што интервјуираат. Еве што можете и вие да го прашате вашиот потенцијален работодавец

економија4 дена ago

Приходите на хотелските компании и до 90% помали во 2020