политика
Германија со нова регулатива полесно ќе привлекува странци
На земјата во 2060 ќе ѝ фалат пет милиони работници

Според прогнозите на експертите, бројот на достапни луѓе на германскиот пазар на труд до 2060 година веројатно ќе се намали од 45,7 на 40,4 милиони. За да се ублажи недостигот на работници во економијата, германскиот парламент усвои радикален нов закон кој треба да привлече странски работници во земјата. Тоа значи помалку пречки и пониски критериуми за работниците од земјите надвор од Европската унија.
Германскиот парламент усвои радикален нов закон кој треба да привлече странски работници во земјата. Тоа значи помалку пречки и пониски критериуми за работниците од земјите надвор од Европската унија.
Законот во канадски стил има систем на бодување заснован на повеќе категории: возраст, вештини, квалификации и врски со Германија. Ќе се намалат критериумите за плати, образовен степен и познавање на германски јазик. Новиот закон ќе им овозможи на работниците мигранти да доаѓаат во Германија и без понуда за работа.
Стимулациите вклучуваат можност работниците да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите со себе во Германија. Ова претставува голема промена во германската државна политика.
Во текот на изминатите децении, германската влада ја отфрли идејата дека е земја на мигранти. Првата генерација гастарбајтери од Турција дојде во текот на 60-тите години на минатиот век и во тоа време важеа за „гости“ кои дојдоа да му помогнат на стопанството, а потоа да ја напуштат Германија.
Конзервативните влади на Германија, вклучително и администрацијата на Ангела Меркел, се бореа против идејата за општество отворено за работниците мигранти, и покрај фактот што општеството стана поразновидно како што минуваа децениите. Повеќе од една четвртина од вкупното германско население е или родено во странство или има барем еден родител роден во странство.
Неповолна демографска слика
Германија со години има ниска стапка на невработеност, но сега германските бизнис лидери почнаа јавно да зборуваат за недостигот на работна сила. Проблемот се влошува со стареењето на населението, генерацијата бејби- бумери родена во 1960-тите наскоро ќе почне да се пензионира. Владините министри предупредуваат дека веќе е неопходно да се пополнат милиони слободни работни места, а недостигот на работна сила го опишуваат како најголем ризик со кој се соочува германската економија.
Кога централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД) на Олаф Шолц ги победи конзервативците на Ангела Меркел во 2021 година, новата коалиција на СПД, Зелените и либералите го направија олеснувањето на правилата за странските работници една од водечките точки на нејзината политичка платформа.
Експертите веруваат дека во следните децении во Германија ќе има значително помалку работници. Според Институтот за истражување на пазарот на трудот, пазарот нагло ќе се намали и покрај имиграцијата.
Германските компании ќе имаат значително помалку работници на располагање
Според прогнозите на експертите, бројот на достапни луѓе на германскиот пазар на труд до 2060 година веројатно ќе се намали од 45,7 на 40,4 милиони, пишува Дојче веле. Според Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања (IAB), потенцијалот на работната сила во овој период ќе се намали за 11,7 отсто, имајќи ги предвид факторите како што се демографските промени, стапката на наталитет, имиграцијата и емиграцијата.
„Резултатите покажуваат дека компаниите ќе имаат значително помалку работници на располагање во следните децении“, вели економистот на ИАБ, Енко Вебер.
Оваа проценка ги зема предвид контрамерките и бројните надворешни фактори како што се економските и демографските движења во странство, како и стапката на наталитет. Без овие мерки бројот на работници достапни на пазарот ќе биде уште помал. Според студијата, само стапката на вработеност на жените и постарите лица ќе се развива позитивно во наредните години.
За Германките помлади од 55 години, експертите претпоставуваат дека стапката ќе се зголеми од 87 на 93 отсто, а кај доселеничките од 67 на 77 отсто. Пресметките се базираат и на претпоставката дека наталитетот ќе се зголеми од 1,5 на 1,7 деца по жена.
„Третите земји стануваат сè поважни за ЕУ кога станува збор за миграцијата на работна сила. Затоа, пречките мора да се отстранат, но во исто време мора да се направи повеќе за да се осигури дека имигрантите ќе стекнат упориште на пазарот на трудот и ќе најдат долгорочна перспектива во Германија“, вели Вебер.

Сè помалку луѓе од ЕУ земјите ќе се иселуваат во Германија
Според студијата, имиграцијата од земјите на ЕУ како Полска или Романија ќе биде значително намалена со сегашните напори. Додека просечно 900.000 луѓе од земјите на ЕУ дошле во Германија во последните десет години, во 2060 година тоа ќе биде само 600.000.
Од друга страна, имиграцијата од трети земји ќе се зголеми од 240.000 на 500.000 луѓе годишно. Но, треба да се има предвид и емиграцијата од Германија: според проценките, таа ќе се зголеми од сегашните 750.000 на милион луѓе кои секоја година ја напуштаат земјата.
Според проценките, само 72,6 милиони луѓе ќе живеат во Германија во 2060 година, што е за десет милиони помалку од денес. Пред сè, имиграцијата од другите земји на ЕУ најверојатно драстично ќе се намали бидејќи условите за живеење таму се подобруваат, а во исто време демографската ситуација понекогаш е дури и понеповолна отколку во Германија.