Connect with us

интервју

Глигор Бишев: Остануваме стабилна, динамична и иновативна банка – со додадена вредност за нашите клиенти

Глигор Бишев, генерален извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија

објавено

на

„Шпаркасе Банка Македонија по аквизицијата ќе се одликува со  следните карактеристики: тоа ќе биде стабилна и високо – капитализирана банка, динамична и иновативна, во фокусот ќе биде клиентот и ќе се нудат услуги што му носат додадена вредност на корисникот, банка со ефикасни и дигитализирани процеси, лесна и перманентна пристапност до банката, банка што заедно со клиентите ги развива проектите и обезбедува еднаков третман како за населението, исто така и за старт ап и микро компаниите, за малите и средните и за големите мултинационални компании.“

Со решението донесено од Централниот регистар, од 16.07.2021 година и официјално е избришан правниот субјект Охридска банка АД Скопје од регистарот, односно настанато е нејзино  присоединување кон Шпаркасе банка Македонија, со што формално е завршена аквизицијата којашто беше најавена уште минатата година, а во меѓувреме се случуваа сите потребни подготовки.

Со генералниот извршен директор на Шпаркасе банка Македонија, г-дин Глигор Бишев, којшто е и претседател на Управниот одбор, разговаравме околу тоа што ќе значи ова спојување за банкарскиот сектор во земјава, каква додадена вредност ќе добијат клиентите и какви се плановите за понатамошен развој на Шпаркасе, којашто сега по преземањето на Охридска банка, ќе биде четврта банка по големина на македонскиот пазар, според активата.

Што можат клиентите на Шпаркасе, но и оние на Охридска банка да очекуваат сега по веќе комплетираното спојување на двете банки? Дали ќе има нов квалитет во услугите како своевиден резултат на синергијата што се создава од двете страни, каде што имаме две банки коишто имаат меѓународно know-how, големо искуство и традиција на двата принципала исто така?

Заради економијата на обем, во банкарството големината е исклучително битна работа. Таа ја зголемува ефикасноста, ги намалува трошоците на работење по единица услуга/производ, ја зголемува стабилноста на банката заради диверзификацијата на ризиците на голем број на клиенти. Тоа беше мотивот за преземање на Охридска банка од страна на Штаермеркише Шпаркасе Банка од Грац, Австрија. Со интеграцијата на банките се оствари првата и најбитна фаза во процесот на консолидација, но не само на овие банки, туку и на банкарскиот систем на Република Северна Македонија.

Шпаркасе Банка Македонија ќе се одликува по следните карактеристики: тоа ќе биде стабилна и високо – капитализирана банка, динамична и иновативна, во фокусот ќе биде клиентот и ќе се нудат услуги што му носат додадена вредност на корисникот, банка со ефикасни и дигитализирани процеси, лесна и перманентна пристапност до банката, банка што заедно со клиентите ги развива проектите и обезбедува еднаков третман како за населението, исто така и за старт ап и микро компаниите, за малите и средните и за големите мултинационални компании.

Се разбира дека професионалниот и стручен тим заедно со “know-how”-то од матичната групација ќе претставуваат драгоцена вредност на Банката. Вработените со нивното знаење се тие што треба да ги разберат клиентите и заедно да креираат услуга или производ што на корисниците ќе им донесе најголема корист и вредност, одлична соработка и задоволство. Тоа беше одлика на Шпаркасе Банка Македонија и во минатото, а во идниот период овие карактеристики треба уште повеќе да се унапредат.

Што значи оваа аквизиција за македонскиот банкарски пазар, со оглед на досегашните согледувања на аналитичарите дека има премногу банки за толку мал пазар, претпоставувам дека спојувањето оди во насока на една значајна консолидација на пазарот?

Со присоединувањето на Охридска кон Шпаркасе Банка Македонија, вкупната актива ќе достигне 1,250 милијарди евра и од тој аспект ќе биде четврта банка по големина, додека според корпоративните кредити од 480 милиони евра, банката го зазема второто место во банкарскиот систем на Република Северна Македонија, а во однос на вкупните кредити, таа остварува пазарно учество од 14 проценти и го зазема третото место. Во сферата на соработката со меѓународните мултинационални компании присутни во Македонија, а особено оние во зоните, учеството на банката достигнува 70 проценти. Слична е состојбата во сферата на банка чувар на имот, старателско работење и брокерски услуги со странство, каде што банката врши над половина од вкупниот обем на овие трансакции.

Во овие бројки не се вклучени трансакциите на Шпаркасе Лизинг и заедничките кредити со матичните банки: Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте Групацијата во проектот за ветерници “Богословец”, инвестицијата на „Дура“ во зоните, проектот за гасификација на Македонија. Тоа нè прави уникатен финансиски супермаркет, каде што на едно место можете да ги задоволите сите ваши финансиски потреби, да добиете извонредна услуга, од идеја заедно да се развие и финансира проектот.

Тоа ќе создаде огромен притисок на финансискиот пазар, кон поголема иновативност, динамизам, ефикасност и натамошна консолидација. Притисоците ќе се засилат и со се’ поголемото кредитирање од странство и тоа не само од ЕБРД, ЕИБ, ИФЦ и Светската банка како досега, туку и од голем број на комерцијални банки од регионот што ќе бидат во потрага по добри и одржливи проекти. Тоа во ерата на развој на дигиталните канали на комуникација со банките ќе станува се’ помасовно.

Како Вие ја оценувате моменталната кондиција на македонскиот банкарски сектор, врз кого што, секако пандемијата има ефект, како и на многу сектори од економијата? Во каква насока се движи македонскиот банкарски сектор, кои се според Вас најголемите предизвици што претстојат во пост – пандемичниот период?

Македонскиот банкарски сектор во пандемијата влезе високо капитализиран (стапка на адекватност на капиталот од 16,5 проценти), со високо ниво на ликвидност и историски најниско ниво на лоши пласмани (4,2 проценти). Тоа му овозможи лесно справување со ризиците што ги донесе пандемијата. Исто така, одговорот на носителите на економските политики беше адекватен. Централната банка ја прилагоди монетарната политика во правец на намалување на каматните стапки и дополнително зголемување на ликвидноста. Со мерките на Владата се поддржа личната потрошувачка, се поддржаа компаниите кои беа најжестоко погодени од пандемијата, а преку Банката за обнова и развој се обезбедија гаранции за микро и малите компании. Исто така, банките на двапати го одложија враќањето на кредитите на населението (април и октомври 2020 година), а исто така се репрограмираа кредитите на компаниите од реалниот сектор што беа најпогодени од кризата.

Овие мерки, заедно со ставањето под контрола на пандемијата, доведоа до обнова на растот на македонската економија. Предизвиците за банките и економијата ќе бидат од четирикратна природа. Прво, дигитализацијата којашто пандемијата извонредно ја забрза, ќе бара нови инвестиции од страна на банките, но тоа ќе доведе и до зголемена конкуренција во банкарството, особено во сферата на плаќањата, при што конкуренцијата ќе доаѓа и од fin-tech компаниите.

Вториот предизвик ќе биде нормализацијата на економските и монетарните политики на глобално ниво и во Македонија. Тоа не смее да се случи прерано, се додека економската обнова не стане самоодржлива, но порано или подоцна ќе дојде до намалување на глобалната ликвидност и нормализирање на нивото на каматните стапки. Исто така, ќе дојде и до намалување на јавното трошење.

Трето, зголемената конкуренција во финансискиот сектор ќе доведе до понатамошно намалување на каматните маргини и провизии. Четврто, промената на структурата на економијата кон поголема автоматизација, воведување на вештачка интелигенција, преодот кон зелена и чиста енергија, зголеменото учество на услугите за сметка на индустријата се процеси кои што банките мора да ги разберат и да обезбедат средства за трансформација на македонската економија. Од тоа ќе зависи и динамиката на економскиот раст и порастот на животниот стандард на населението.

Како всушност, генерално ја оценувате состојбата на македонската економија во актуелниов контекст и кои се вашите предвидувања за нејзиниот развој на краток и среден рок?

Пандемиската рецесија по својот интензитет (пад на БДП од 4,5 проценти), може да се оцени како средно просечна контракција, споредено во глобални размери. Економската обнова, како на светско ниво така и во Северна Македонија, беше непосредно поврзана со ставањето на пандемијата под контрола. Согласно со тоа, обновата на растот во Македонија започна во вториот квартал од 2021 година. Динамиката на растот во идниот период ќе зависи пред се од случувањата во Европската Унија, каде што Македонија извезува над 60 проценти од вкупниот извоз. Вториот фактор се брзината на спроведувањето на структурните реформи на домашен план. Како на трајна основа да се зголемува продуктивноста и конкурентноста на македонската економија (во последните три години продуктивноста на трудот опаѓа со просечна годишна стапка од 1,5 проценти)? Како да се зголеми вработеноста на работната сила? Во моментот во Македонија вработеноста изнесува 43 проценти од работоспособното население, наспроти 69 проценти во земјите од ЕУ. Гледано од тој аспект Македонија недоволно го користи клучниот фактор на економскиот раст – работната сила. На ова ќе се надоврзе инфраструктурата, промената на структурата на економските дејности и гранки. Со други зборови, како да се трансферира економската активност од дејностите што создаваат ниска додадена вредност и се потпираат врз евтина работна сила, кон економски дејности што создаваат високо додадена вредност и користат високо стручна работна сила? Тоа ќе ја зголеми профитабилноста на севкупната економија и платите и надниците на вработените.

Тоа треба да биде наша заедничка цел. Тоа е единствениот начин за приближување кон ЕУ во вистинска смисла на зборот.

Како помина првата половина од годината за Шпаркасе Банка Македонија, ги оствари ли банката проектираните резултати за овој период?

За вработените на Шпаркасе и Охридска банка овие шест месеци беа поврзани со најголеми предизвици. Од една страна, се подготвуваше миграцијата кон нов ИТ систем и спојувањето на банките, а од друга страна, се продолжи со редовно опслужување на клиентите. И во такви услови, Банката не само што го продолжи своето работење, туку оствари висок кредитен раст, со што се поддржа обновата на економијата. Оперативните приходи беа за 19 проценти повисоки во однос на истиот период од минатата година, а коефициентот трошоци/вкупни приходи се сведе на 52 проценти. Нефункционалните кредити останаа под целосна контрола и се на едно од најниските нивоа 4,1 процент.

Кај корпоративното работење, Банката особено беше активна во сферата на проектното финансирање: биогасна електрана од 3 мегавати, новите капацитети во автомобилската индустрија на „Дура“ и „Магна“, како и електричниот парк на ветерници „Богословец” и многу други проекти во областа на градежништвото, шопинг центрите, трговијата на мало, прехранбената индустрија и слично.

Исто така, ја продолживме поддршката за стартап бизнисите, преку програмата „Чекор по чекор”, каде покрај кредитирањето, обезбедуваме и менторство, обука, тренинг и консултантски услуги. Во оваа област потпишавме и договор за соработка со „Фондот за иновации и технолошки развој“.

Во областа на населението, дизајниравме и лансиравме нов потрошувачки кредит, по повод спојувањето на банките, каде што каматната стапка е фиксна во текот на целокупниот период на времетраење на кредитот.

Воведовме новини и во станбеното кредитирање, дигиталното банкарство, картичното работење, а ја унапредивме и Viber апликацијата „Sparky“, преку која клиентите перманентно комуницираат со банката.

Дизајниравме и реновиравме три нови филијали во Скопје, Охрид и Битола. Истите се дизајнирани по најнови стандарди, се изработени од еколошки материјали, каде клиентите удобно се чувствуваат и можат да ги добијат на едно место сите видови на услуги. Овие филијали ги промовиравме на денот на отпочнувањето со работа на интегрираната банка.

Се разбира тука не застануваме. Банката располага со висок капитал, имаме посветени и агилни вработени, „know-hоw” од Групацијата, што треба да ни овозможи динамизам и иновативност во периодот што следи.

Кои ќе бидат стратешките правци на развој на Банката, сега со нова состојба на актива и останатите параметри по спојувањето? Што ќе биде фокус во кредитирањето, дали ќе се случат посериозни чекори кон проектно финансирање, „зелена” економија и сл.?

Банката ќе продолжи да работи во сите сегменти од банкарското работење. Ефикасноста, агилноста, професионалноста и ориентираноста кон клиентите ќе бидат основните начела на работење. Банката ќе ги нуди и одобрува оние услуги што им носат дополнителна додадена вредност на клиентите. Интересот и користа за клиентот мора да биде во прв план. Притоа, клиентот ќе може да ги добие оние услуги што може да си ги дозволи. Банките не смеат да ги презадолжуваат клиентите и економијата. Тие мора да се прудентни и одговорни на тој план.

Дигитализацијата на процесите и услугите ќе бидат перманентен процес. Меѓутоа, со тоа не смее да се изгуби хуманиот однос кон клиентите, интегрираноста на клиентите со Банката мора и понатаму да се одржува заедно со хуманиот пристап спрема клиентите.

Проектното финансирање ќе биде еден од столбовите на работење. Банката ќе ги поддржи сите видови на проекти, особено за здрава и чиста животна средина, за зелена и чиста енергија, за унапредување на енергетска ефикасност на компаниите и домаќинствата, но исто така и големите инфраструктурни проекти заедно со Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, и тоа како на локално, исто така и на регионално ниво.

-Како ги коментирате актуелните глобални случувања на финансиските пазари – дилемите околу каматните стапки, стравот од инфлација, недостиг од репроматеријали, итн. – односно, какво влијание би имале тие врз македонската економија?

Светот, подолг период се соочува со ултра ниски (негативни) каматни стапки. Според одредени економисти, вишокот на штедење во глобални рамки ќе биде трајна карактеристика. Справувањето со пандемијата, преку прилагодливите  фискални и монетарни политики ја зголемија ликвидноста во светот и го одложија „нормализирањето” на каматните стапки што почна во САД на крајот од 2019 година.

По воспоставувањето на контрола над пандемијата и рестартирањето на економиите се случуваат два процеси: раст на цените на одредени суровини, како резултат на тесните грла во одредени индустрии кои не работеа во услови на пандемија, и најавување на потребата од повлекување на државната интервенција, која што беше од невидени размери во текот на пандемијата. Тоа доведе до нестабилност и неизвесност на финансиските пазари. Но, по првичните реакции, дојде до усидрување на инфлаторните очекувања и до градење на консензус помеѓу носителите на економските политики, дека прилагодливите политики не смеат прерано да се укинат, пред економскиот раст да стане самоодржлив.

Тоа важи и за економските политики во Северна Македонија. Покрај тоа, цените на суровините, репроматеријалите и опремата за Македонија се дадени. Исто важи и за каматните стапки. Гледано од тој аспект, во периодот што следи македонската економија ќе мора бргу да се преструктуира, за да полесно ги апсорбира „нормализацијата на меѓународните економски политики”, каматните стапки и промената на структурата на светската економија кон поголема автоматизација и вештачка интелигенција, кон зелена и чиста енергија и глобалниот недостиг на високо квалификувана и стручна работна сила.

Верувам дека Северна Македонија, ќе знае да ги искористи своите компаративни предности и успешно ќе се справи со предизвиците што ги носи новата декада.

Во услови на пандемија особено стана значаен ангажманот на бизнис секторот во делот на општествената одговорност. Каква е стратегијата на Шпаркасе Банка Македонија во овој домен? Кои се најзначајните CSR кампањи и активности што ги има спроведено банката?

Шпаркасе Банка Македонија потекнува и ѝ припаѓа на македонската локална и поширока заедница. Таа ја негува одговорната корпоративна култура и ги споделува европските вредности. Гледано од тој аспект, грижата кон заедницата, општеството е висок приоритет. Корпоративната општествена одговорност, Банката ја спроведува под името  „Sparkasse Life“. Оваа платформа во континуитет ги развива и унапредува проектите за поддршка на културата и уметноста, здравството, спортот, финансиската едукација и унапредување на заедницата во која припаѓаме.

Особено сме горди на бројните општествено одговорни проекти кои ги поддржуваме, кои од година во година прераснаа во силни и стабилни партнерства. Шпаркасе Банка Македонија е првата банка која воведе специјализирана едукативна и менторска програма за поддршка и пристап до финансиски средства за стартап бизнисите преку „Чекор по чекор“ програмата. Деновиве потпишавме и договор за соработка на тој план со „Фондот за иновации и технолошки развој“.

Во соработка со „Бизнис импакт лаб“ го поддржуваме развојот на социјалното претприемништво преку акцелераторската програма „Social Impact Award“ или „Награда за социјално претприемништво“. За најдобрите три (3) идеи/решенија покрај парична обезбедуваме и менторска помош со нашиот стручен тим кој е подготвен да им помогне на учесниците да ја претворат бизнис идејата во реален бизнис или компанија. Развој на идните претприемачи го стимулираме и преку поддршка на едукативни програми и натпревари наменети за средношколците, во соработка со „Junior Achievements Macedonia” за реализација на „Камп на иновации во банкарскиот сектор“.

Во сегментот на образование нашата матична банка Штаермеркише Шпаркасе секоја година им овозможува на младите, талентирани студенти да се пријават за учество во програмата „Најдобрите од Југоистокот“ (Best of South East), која им овозможува да се стекнат со меѓународно академско искуство на престижните факултети, како Универзитетот „Карл Франценс“ во Грац, University of Music and Performing Arts Graz, Technische Universität Graz и Montanuniversitiverst Leoben. Истовремено, студентите добиваат можност за работна пракса во реномираната Штаермеркише Шпаркасе Групација, каде можат да стекнат нови знаења и искуства потребни за нивниот понатамошен професионален напредок. Поддршката за студентите ја реализираме и преку соработката со локалните универзитети како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ Битола, „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Американ колеџ Скопје“ и останати универзитети со кои имаме веќе воспоставена соработка за практична работа за студентите во Шпаркасе Банка.

Нашата одговорност и грижа за почиста и поздрава животна средина ја покажуваме преку програми кои ја поттикнуваат заедницата за воведување и примена на современи еколошки практики, но истовремено и ги наградуваме за нивните напори за поголема еколошка одговорност. Вистински пример за тоа е проектот „НАЈЕКО Општина“ во соработка со Пакомак, каде Шпаркасе Банка Македонија секоја година ги доделува наградите на првите 3 општини со најзначаен придонес во заштитата на животната средина на локално ниво.

Во соработка со „СОС Детско село“, Банката веќе 5та година го спроведува проектот „Корпоративна филантропија“, со кој ги поттикнуваме вработените да го развијат индивидуалното донаторство со издвојување на одреден износ од нивните месечни примања во фонд за поддршка на проекти од значење за децата без родители и родителска грижа. Граѓаните кои се изложени на висок социјален ризик исто така ги поддржуваме во соработка со бројни организации за заштита на нивните права и поголема инклузија во општеството (Црвениот крст на Република Северна Македонија, Организација на жени на Град Скопје, Здружение на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“).

Во 2019 година Шпаркасе Банка Македонија стана официјална потписничка на Принципите за одговорно банкарство на ООН – единствена рамка за одржливост во банкарската индустрија, развиена преку иновативно партнерство помеѓу банките ширум светот и Финансиската иницијатива на Програмата за животна средина на Организацијата на Обединетите Нации. Преку принципите за одговорно банкарство, кои се веќе потпишани од 200 банки, меѓу кои и Шпаркасе Банка Македонија, се дефинира улогата и одговорноста на банкарската индустрија во обликувањето на одржлива иднина и усогласување со Целите за одржлив развој на ООН и Парискиот климатски договор од 2015 година. Принципите за одговорно банкарско работење придонесуваат банката уште позасилено да ги развива и унапредува сите свои деловни процеси и преку својот потенцијал да придонесе за поголема заштита на животната средина и создавање на одржлив свет и одржливата  развојна економија.

Во знак на поддршка на напорите за надминување на последиците од корона вирусот поддржавме и голем број на здравствени институции за полесно справување со истата. Групацијата Штаермеркише Шпаркасе, претставена во нашата држава преку двете локални банки, Шпаркасе Банка Македонија и Охридска банка, својата солидарност ја искажаа преку наменска донација во вкупен износ од 110.000 евра на повеќе здравствени институции и помош на 1.500 социјално загрозени семејства во услови кога им е потребна финансиска помош и поддршка за полесно надминување на последиците од КОВИД-19 кризата.

Вкупната донација во износ од 110.000 евра наменски беше искористена за поддршка на различни сегменти од здравствениот систем. За потребите на Универзитетската клиника за инфективни и фебрилни болести во Скопје се донирани средства за набавка на заштитни маски и скафандери како дневни потреби на здравствените работници, како и одржување и ремонт на постојна медицинска опрема (два мобилни рендген апарати) и набавка на вертикална ламинарна комора. Во рамките на оваа донација се издвоија финансиски средства за поддршка на двете општи болници во моментално најпогодените подрачја надвор од Скопје: Куманово и Охрид, обезбедено е гориво за 32 возила што се на располагање на Итната медицинска помош. Истовремено, беше спроведена испорака на хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена за 1.500 загрозени семејства, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје.

Во текот на изминатата година беше спроведена интерна кампања за поддршка на вработените кои редовно ги извршуваа своите работни обврски во услови на прогласена вонредна состојба во државата и строги мерки за заштита од ширењето на корона вирусот „КОВИД-19“. Кампањата која беше со наслов „Во тимот е силата“ беше наградена од страна на Македонската Асоцијација за Човечки Ресурси.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка