Connect with us

политика

Година на кризи и на можности

Македонија во 2021

објавено

на

Неизвесност и стравувања, ама и големи очекувања од годината што доаѓа – 2021 за Македонија е година на големи предизвици и препреки, но и на вистински шанси за сериозни промени на подобро во сите општествени сфери. Капитал ги пренесува плановите и очекувањата за клучните општествени процеси што ќе ги одбележат следните 12 месеци

Неизвесност и стравувања, ама и големи очекувања од годината што доаѓа – 2021 за Македонија е година на големи предизвици и препреки, но и на вистински шанси за сериозни промени на подобро во сите општествени сфери. Вообичаените битки на полињата каде што со децении има клучни проблеми – правосудство и борба со корупцијата и криминалот, образованието, животната средина и економскиот напредок, оваа година паднаа под сенка на еден поголем и светски проблем – пандемијата со коронавирусот. Товарот на сите тешкотии што здравствениот систем ги претрпи на свој грб и ги пренесе и низ останатите општествени области, дефинитивно ја одбележа 2020 и ги извади на виделина сите системски слабости и пропусти, ама и ја стави на тест и одговорноста на сите столбови и институции во државата, вклучително и онаа личната, на самите граѓани. Паралелно со маката со болеста, земјава доживеа уште еден удар – блокадата на европскиот пат. Меѓувладината конференција што е официјален почеток на процесот на преговори со ЕУ и што самата германска канцеларка Ангела Меркел (како лидер на земјата претседавач со ЕУ) ја најави за овој декември е одложена откако Бугарија стави вето на македонската преговарачка рамка. 

Позициите на Бугарија во однос на тоа што точно бара и со што се уценува се толку нелогични и променливи што и самиот премиер Зоран Заев неодамна кажа оти веќе ни нему не му е јасно што точно очекува официјална Софија и кои се нејзините конкретни барања. Јасно е само дека тие односи, од коишто за жал, дефинитивно ќе зависи развојот на европскиот пат, во моментов се толку комплицирани што тешко може да се прогнозира како, а уште помалку кога, би се расветлиле. Граѓаните по сите анкети имаат целосно цврст став дека околу македонскиот јазик, како и околу тоа дали македонската самосвест и идентитет се „вештачки формирани“ без малку преку ноќ во 1945 (позицијата на Бугарија) нема теорија да се попушта и преговара и овој тег на вагата е со неспоредлива тежина во однос на евентуалните придобивки од почетокот на преговорите – процес што секако трае со години. 

Сигналите од граѓаните се чини дека се и соодветно примени – и покрај збунувачките сигнали што од време на време ги испраќаа од Илинденска б.б. во изминатите недели на трагање по можен договор, официјалните државни позиции беа и останаа и повеќе од јасни – ако почетокот на пристапниот процес е условен со избор помеѓу Европа или идентитет, Брисел просто ќе престане да биде целта кон којашто одиме. Оваа порака Европа ја има јасно примено и процесите што следуваат во месеците што престојат главно треба да се сведат на европската битка сама со себе околу заштитата на сопствените столбови што налагаат апсолутна почит за правото на самоопределување на еден народ и немешање на билатерални несогласувања во процесот на преговори, што треба да е збир на реформски чекори, а не на ретроградни меѓудржавни и меѓусоседски сопки. 

Акција 21 – 10 европски реформи

Во меѓувреме, личи дека Владата преминува на План Б за чекори што ќе течат без разлика на почетокот на официјалните преговори. Тој план, наречен Акција 21 содржи клучни потези и реформи што се најавуваат за годината што следува во главните општествени области. Премиерот Зоран Заев во понеделникот на прес-конференција промовираше 10 приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“. Тој рече дека се работи за големи и важни македонски, домашни проекти, чија цел е постигнување на европските стандарди дома „Сите заедно продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите за членство“, вели премиерот. 

Ова се десетте приоритети:

1. Прочистување на правосудството

Премиерот Заев најави дека моделот за прочистување или филтрација е во завршна фаза и ќе опфати  ревизија на цели досиеја, секој судија ќе биде оценуван,според листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. 

Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност. Исто така, Владата ќе иницира законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес, како што се криминал и корупција. 

Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ. 

Ресорниот министер Бојан Маричиќ во интервју за „Капитал“ убедува дека „прочистувањето“ нема да значи политички реваншизам и пресметка со судии што се политички „неподобни“:

„Не е работа на извршната власт да се меша во решавање на конкретни судски случаи, но одговорноста на извршната власт е да ја зајакне довербата на граѓаните во правосудниот систем и да се зголеми транспарентноста, одговорноста, ефикасноста и етиката во правосудството. Впечатокот на јавноста за голем број на случаи пред судовите е дека правдата не е задоволена, додека случаите застаруваат. Прочистување или ослободување на правосудството од политички и било какви други влијанија стои како потреба и во меѓународни извештаи. Замислата или моделот како ќе се одвива ова прочистување мора да произлезе од Министерството за правда, со оглед на тоа дека самото од себе, судството или обвинителството можеби никогаш нема да се ослободи од влијанија – бидејќи со години оваа можност им стои на располагање и ништо не се случува. Секако, ова мора да биде апсолутно кредибилен процес во кој покрај домашната јавност и самите судии и обвинител, мора да имаат доверба и меѓународните партнери. Процесот не смее да добие призвук на реваншизам или политички прогон. Наша цел е да изградиме систем на владеење на правото којшто ќе ги наградува добрите судии и обвинители, а ќе ги санкционира или отстрани оние кои не се професионални во работењето“ вели тој.

Маричиќ исто додава дека очекува поддршка од сите општествени чинители:

„Еднаквоста пред законот не треба и не смее да биде предмет на политичка волја или политички договори. Спроведувањето на законот не треба да биде предмет на влијанија од разни центри на моќ. Затоа и со сизифовски напори се менуваат нештата во правосудството, а отпорот кон промената е огромен. Јавноста е силен сојузник, но сепак, алармот за притисоците треба да се огласи во судството и обвинителство. Водилка во моето постапување секогаш ќе биде интересот на граѓаните. Затоа не се плашам од притисоци  и верувам дека тие може да се совладаат со соработка од институциите и со поддршка од граѓаните и медиумите. Секако, ја сметам и бизнис заедницата за сојузник во овој процес.“ вели тој.

2. Борба против корупција (зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалната власт)

 Ова опфаќа воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.“Врз основа на прекршените одредби на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и именуваните функционери, беа разрешени неколку директори на владини агенции и на јавни претпријатија и цел состав на една комисија“ рече премиерот при објаснувањето на оваа мерка.

Тој исто така најави дека од општините ќе се бара да ја зголемат транспарентноста, односно финансиските трансакции за програмите преку кои Владата исплаќа средства на општините, капиталните инвестиции, инвестициите со поддршка на Светска Банка, проектите од средствата од ТАВ, ќе бидат условени со видливо зголемена отчетност на општините.

 3. Заштита на природата

За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето Заев најави 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.  Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси. Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја. Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел, Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја.

 4. Мерки против Ковид-19

Во однос на борбата со ковид-19, Заев ја најави набавката на вкцината, чија дистрибуција преку Ковакс системот се очекува на почетокот на следната година. Започнати се и преговори за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините, , како и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Заев најави дека ќе продолжи државната економска помош за сите кои се соочуваат со штети како резултат на пандемијата и апелираше граѓаните најдисциплинирано да се придржуваат до активните мерки, особено за време на празниците

 5.  Измени и дополнувања на Законот за опојни дроги

Светските и европски стандарди Владата ќе ги носи и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка. Премиерот информираше дека досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.„Тоа отвора огромни потенцијали и пазари и верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен да ги усвои предложените измени и дополнувања на Законот за опојни дроги што ќе овозможат извоз на цвет од канабис за медицински цели што ќе поттикнат и нови инвестиции и работни места“.

6. Нови инвестиции во енергетика

Заев најави голем број инвестиции во енергетиката, следејќи ги трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика. Тука ги најави проектот со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана, АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино, грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола, како и реализацијата на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца. Од идната година и официјално започнува изградбата на гасоводот помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето, во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово, а ќе започне и втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини.

7. Инфраструктура

 Премиерот Заев истакна дека најголем дел од проектираните средства или 83 проценти од буџетот на Министерството за транспорт се наменети за капитални проекти во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови. Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.

8. (Конечно) Попис 

Премиерот Зоран Заев најави дека пописот на население, кој ќе се спроведува следната година, ќе чини за 5 милиони евра помалку отколку пропаднатиот попис во 2011 година. Земјава нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција, но Заев најави дека ова дефинитивно ќе се смени во првата половина на 2021 година. Тој најави дека со предлог-законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина повеќе нема да се третира како политичко прашање.

„Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Наместо хартија, ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години. Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис“, рече тој и додаде дека на граѓаните, институциите, организациите, бизнисот, науката и на академијата им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население.

9. Борба против дезинформациите 

Владата ќе спроведе широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор во уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата, најави Заев. Во однос на одбраната од сајбер нападите, рече дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.Во однос на реформата во образованието, Заев најави дека медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.

10. Нови економски потенцијали 

Како приоритет за 2021 година, Заев ги спомена постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и  погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка. Заев на крајот ја спомена и реформата во образованието, за која рече дека новите содржини не одат на сметка на постоечките, дека ќе продолжат да се учат сите досегашни предмети, како историја, географија, биологија, хемија, сѐ што е неопходно за нивните знаења. Најави дебата за предложените реформи и ќе се избере најдобриот модел, кој ќе може да се имплементира во нашата земја.„Остануваме посветени на истиот стратешки колосек, нема отстапување од стратешките цели кои се поставени едногласно – негување на добрососедските односи, активно учество во НАТО и членство во ЕУ. Нема да има застој во внатрешните реформи. Ќе се посветиме на градењето европски стандарди“,рече Заев.

Опозицијата против планот за реформи

Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ ја дочекаа „на нож“ најавата за европеизација и реформските чекори. Велат дека станува збор за стари ветувања маскирани во нови лаги со цел да се манипулира јавноста. Портпаролот нна партијата Димче Арсовски особено се осврна на приоритетот број еден  – најавите за професионализација на судството:

“ Најпрвин, ова е груба лага од страна на Владата на Заев дека ќе ги решат проблемите во судството и обвинителството. Имаа 3 години да направат прочистување на судството и обвинителството, велеа дека ќе ги разрешат сите судии, ќе прават ветинг, ќе реформираат, напротив, ништо од тоа не направија. Наместо тоа ниту еден судија не е разрешен, оние кои што го штитеа криминалот се унапредуваат како примерот со Кацарска, а реформите кои ги почна и самиот Заев како прв човек на телото за реформи во правосудството не направи ама баш ништо“, вели тој.

„Денешната изјава на Заев е само заплашување и уцена до судиите и обвинителите да бидат уште посервилни кон Владата и да го штитат криминалот на Заев и на тие околу него. Ниту некој од Владата има намера да ги реши проблемите, ниту пак ќе ги реши. Единствено ги интересира заштитата на нивниот криминал“ додава Арсовски.

Венко Филипче, министер за здравство

Вакцините ќе ги добиеме навреме!

Македонија има сериозна и разработена стратегија за имунизација на населението, вели ресорниот министер Венко Филипче, во интервју за Капитал за практично клучната тема од којашто ќе зависи развојот на сите други ветувања и очекувања во 2021 – битката со пандемијата.  Тој убедува дека вакцините ќе стигнат навреме и дека македонските граѓани ќе почнат да се вакцинираат заедно со граѓаните на земјите членки.

Топ тема и кај нас и во светот е процесот на набавка на вакцини за коронавирусот. Каква е македонската стратегија? Кога ќе ги имаме првите вакцини?

Имаме три механизми по кои се обидуваме да стигнеме до вакцината. Првиот е Ковакс што беше развиен пред неколку месеци, што е механизам на глобалната алијанса за имунизација, УНИЦЕФ, СЗО со цел за секоја од земјите што аплицира навремено добие соодветна количина согласно бројот на население. Таму се пријавени над 150 држави и во тој план се повеќе од 7 – 8 производители. Тука се најголемите производители, Астра Зенека, Фајзер, дел од кинеските производители и согласно динамиката како ќе ги добијат административните овластувања преку Европската агенција за лекови и согласно динамиката на доставување ќе бидат поделени. Вториот механизам е механизмот што го понуди ЕУ. Минатата недела имаше состанок еврокомесарот Вархеи со министрите за европски прашања од регионот и ние имавме координативен состанок со претставници од Мисијата на ЕУ кај нас. Понуден ни е механизам за да ги добиеме вакцините истовремено со земјите членки од ЕУ што имаат привилегија да направат директни договори со дел од производителите (на пример договор со Астра Зенека). Од нивните количини што се намерно предимензионирани со цел да се препродадат на европски земји што не се членки. Третиот механизам се директните преговори што ги водиме со самите производители и тоа планираме да биде трет контингент на вакцини што треба да пристигне во нашата земја. Согласно најавите од Ковакс системот, најавите од земјите членки што ни понудија дел од сопствените вакцини (тоа се Грција, Бугарија и Полска) најавите се дека вакцините ќе стигнат во првиот квартал од 2021.

Не е ли тоа доцна? Србија следната недела почнува да вакцинира. Кога вака објаснувате впечатокот е дека ние немаме конкретна стратегија кон која сме насочени туку дека се обидуваме со сите овие три механизми. Јасно ми е дека притисокот врз пазарот е голем, а дека ние сме мал пазар, директните комуникации со производителите одат тешко. Значи ли ова дека кон овие други две опции сме главно насочени?

Напротив. Имаме многу јасна и прецизна стратегија и тоа беше целта да не зависиме само од еден механизам. Воопшто не доцниме и ние ќе почнеме вакцинирање заедно со земјите членки на ЕУ и тоа е доказ дека нашата стратегија вака димензионирана и вака предвидена е навистина добра.

Но, Србија успеала да набави 5000 вакцини преку директни контакти со производителите. Нели требало директните разговори и ние да ги почнеме многу порано? 

Не би се споредувал со ниедна останата земја. Сметам дека ова се солидни механизми и дека се темелат и на договорите што ги имаме врз добрососедски односи со останатите земји. Сепак треба да се има еден јасен и концизен план и точен увид во бројот на количини што треба да стигне. Ние имаме само 23 илјади здравствени работници. Нам ни е целокупната стратегија добро разработена. Таа опфаќа број на здравствени работници, поделба по ризични групи, понатаму постари граѓани над 65 години, хронични заболувања, повторно со пресметка на ризик – фактор, тип на дијагноза и сл. Ова нам не прави една од најподготвените земји во регионот. Веднаш после добивањето на вакцините ние имаме еден така организиран систем на веќе точни информации, каде ќе се чуваат, како ќе се складираат, како ќе се дистрибуираат, како ќе стигнат до крајните корисници… Оваа стратегија што беше разработена од Комитетот за имунизација и нашата мала оперативна работна група што го подготви целиот процес и добрата волја и отворените врати од економските оператори што работат со дистрибуција и складирање на другите вакцини (систем што кај нас одлично функционира), сето ова не прави една од најподготвените земји од регионот.

Ова значи дека домашната задача веќе ја имаме завршено? Чекаме само да се направат овие договори и да видиме од каде прво ќе пристигнат вакцините?

Апсолутно. И на договорите се работи чисто како формалност. Инаку ние точно ја знаеме структурата на соработка и со Ковакс системот, за што е веќе обезбедена финансиската структура, а и преговорите со соседите членки се веќе направени. Кога вакцините ќе бидат на располагање, ние точно знаеме каде ќе стигнат, како ќе се чуваат, како ќе се дистрибуираат од складиштата до здравствените домови, имајќи ја предвид временската рамка, согласно типот на вакцината, не секоја вакцина исто време смее да седи на вообичаена температура (за што исто имаме готова стратегија) и секако пристап до фокус групите. Здравствените работници во организациите каде работат и граѓаните во здравствените домови. 

Многумина експерти предупредуваат дека треба да се внимава на можни злоупотреби на пазарот. Внимаваме ли на тоа? Од аспект на квалитет, од каде се набавуваат… Гледаме дека ЕУ е прилично внимателна и побавна во одобрувањето. 

Токму затоа сметам дека избрзани најави како дел од соседите дека ќе се започне вакцинација многу рано со мала количина на дози треба да се земат со одредена доза на резерва. И во овој момент во процес се административните процедури за добивање на лиценци на поголем број на вакцини што се дел од Ковакс од страна на повеќе производители, а во ЕМА (Европската агенција за лекови). Затоа најавите дека вакцинацијата ќе започне во првиот квартал догодина се коректни и потврдени се од сите европски авторитети. Тие го имаат предвид целокупниот процес, колку време одзема, како се евалуираат документите, што се треба да се има предвид, за што треба итна авторизација, а што редовна административна процедура. Сите овие најави имаат многу логика, имајќи ги предвид вообичаените процеси за добивање на дозволи.

Кога ќе ги добиеме вакцините ќе се соочиме со друг проблем. Ги гледате анкетите, особено за земјите од Западен Балкан. Има силна недоверба од граѓаните во процесот на вакцинација. Како ќе ги убедите дека вакцините се добри и дека треба да се вакцинираат? 

Видов неколку анкети во изминатите денови. Морам да кажам дека веднаш се потсетивме на минатогодишното искуство со пандемијата со морбили, кога ваквите  антивакцинални кампањи беа силно изразени. И останатите земји, не само во регионот, во светот, се исправени пред овој еден голем предизвик. Ќе го повторам она што го кажуваме често. Вакцинацијата е еден од најсилните инструменти што ги имаме на располагање. Тоа се покажа и минатата година со морбилите. Благодарение на вакцините, за кратко време се сузби епидемијата. Ми се чини дека тоа што сега се соочуваме со болест за која нема вакцина  и гледаме како сите земји мака мачат да обезбедат и капацитети и здравствена заштита е еден од најсилните аргументи зошто е вакцината потребна и корисна. Еве гледаме сега што значи да се соочиме со болест за која нема вакцина. Планираме да започнеме кампања, а и многу јавни личности се нудат да се дел од неа и мислам дека ќе ја подигнеме свеста и ќе успееме да пратиме порака до граѓаните дека ова е безбедна вакцина и дека сите вакцини што се во механизмот на Ковакс се развиени во сигурни и до сега вообичаени практики на развивање на вакцини. Станува збор само за промена во делот на типот на предизвикувачот. Самото тоа што се завршени клиничките студии и еве при крај се практично и административните процедури во еден сериозен и обемен процес на одобрување особено во делот на ЕМА е еден од најсигурните и најдобрите знаци дека ова е продукт што е безбеден. Болниците се полни, гледаме што значи да нема инструмент како вакцина, тоа се случувало и претходно кога сме се бореле со болести за кои нема вакцина, постарите генерации граѓани се сеќаваат од лично искуство или од своите родители. Верувам дека ќе се избориме и со ова.

Кога? Какви се проценките? Кога ќе стивне пандемијата откако ќе започне процесот на имунизација? Слушаме информации за тоа дека вирусот мутира…

Ова што сега излезе од Велика Британија како информација за мутација не е нешто што менува во третман на заболените или во делот на мерките. Можеби нешто околу трансмисијата, но се уште со резерва ги земаме овие информации, оти не се целосно потврдени. Во смисла на тоа колкав дел од населението треба да биде имунизирано, за да се стекне колективен имунитет, таа бројка е 60 – 70 % и тогаш се очекува пандемијата да спласне.  

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

македонија8 часа ago

Анѓушев: Нема никаква основа за ограничување на мојот влез во САД, одлуката ќе ја обжалам

македонија10 часа ago

Кочо Анѓушев се најде на „црната листа“ на САД

македонија2 дена ago

Една година стратешко партнерство на Алкалоид и СОС Детско село

банки4 дена ago

Комерцијална банка прогласена за „Банка на годината во 2023“ од магазинот The Banker

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

економија5 дена ago

Анѓушев: Потребно е обединување на бизнисите, силни партнерства и градење кадри!

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Кристина Камчева – Стојческа: Женското лидерство во подем – тие умеат како да создадат тим од доверба

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Јелена Спасова: Се бориме занаетчиите да го добијат заслужениот статус во македонската економија

интервју5 дена ago

Родовата еднаквост, инклузивностa и еднаквите можности се темели на нашата корпоративна култура

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

економија5 дена ago

Повеќе жени во тимот, повеќе профит

македонија1 недела ago

Реализирани повеќе заеднички хуманитарни активности на „Алкалоид“ и на Црвен крст на Град Скопје