свет
Годините на опасно живеење на Пригожин
Шефот на Вагнер најнов на листата „мистериозно“ загинати клучни луѓе на Путин

Релациите помеѓу Евгениј Пригожин и Владимир Путин изникнаа од мрачниот свет на постсоветска Русија кога државните безбедносни служби се испреплетоа со криминалното подземје. Прво „омилениот готвач на Путин“, потоа шеф на воени платеници врз коишто Кремљ баеги се потпираше, Пригожин заврши на шокантен и неславен начин, откако повеќе пати ја оспори способноста на руското раководство да ја води војната во Украина.
Од моментот кога пропадна бунтот на Евгениј Пригожин во Русија пред два месеци, секогаш постоеше чувство дека човек кој живеел толку блиску до работ толку долго, веќе ја преиграл својата рака.
Откако и официјална Москва потврди шефот на воената платеничка групација Вагнер бил во својот приватен авион кога паднал на пат од Москва до Санкт Петербург, може да се каже дека ова беше шокантен и насилен крај на еден многу турбулентен живот.
Многу долго време Владимир Путин можеше да ги побара услугите на Пригожин. Но, неуспешниот бунт во кој беа вклучени илјадници платеници на Вагнер групата отиде предалеку. Претседателот Путин го осуди бунтот како „предавство“ и наскоро беше многу јасно дека корисната улога на Пригожин во Русија е завршена.
Ова беше човек чиишто први години од полнолетството ги помина во затвор во Санкт Петербург, но тој постигна успех во 1990-тите со угостителски бизниси кои му донесоа богатство и покровителство од самиот Путин.
Платеничките потфати на Пригожин во Африка, Сирија и Украина го направија воена фигура, но динамиката се промени кога Русија започна војна во Украина, а некогашниот готвач на претседателот покрај богатство, стекна и голема моќ.
Непотврдени извештаи сугерираат дека неговиот авион Embraer Legacy бил погоден од два рафали од воената воздушна одбрана.
Ако намерно бил соборен, малкумина ќе бидат изненадени бидејќи на Пригожин не му недостасуваа непријатели. На списокот на патници во паднатиот авион се најде и Дмитриј Уткин, кој беше првиот командант на Вагнер на Пригожин.
Основачот на фабрика за пропаганда
Пригожин (62) се чинеше дека ја избегна казната за неговиот краткотраен бунт против Кремљ.

Според договорот за ставање крај на бунтот, на многу од неговите бунтовнички платеници им беше дозволено да одат во камп во Белорусија, додека самиот шеф на Вагнер можеше да патува во Русија, појавувајќи се во Санкт Петербург во секојдневна облека за време на рускиот самит на африканските лидери кон крајот на јули.
Неговите луцидни, но отровни видео пораки против неуспесите на рускиот одбранбен естаблишмент завршија и државната телевизија емитуваше снимки од рации во неговиот луксузен дом во околината на Санкт Петербург.
Но, Пригожин никогаш немаше намера туку така безгласно да се притаи во некоја дупка во Белорусија и пред извесно време се појави првото видео со него, откако пропадна бунтот во јуни.
Пустинската позадина наведува дека снимката била направена во Африка и, облечен во борбена опрема, Пригожин изјавува дека температурата е 50 степени и дека неговата група Вагнер регрутира борци за да ја направи Русија „уште поголема на сите континенти, а Африка уште послободна“.
Изгледаше дека Пригожин се враќа на платеничките корени што ги стави на стенд-бај пред неколку години кога ја основа приватната воена компанија „Вагнер“, која им помогна на руските сојузници во Централноафриканската Република и Сирија и го загрози француското влијание во Мали.
Иако со години го негираше тоа, Пригожин основаше и таканаречена фабрика за тролови на про-Кремљ блогери во една канцеларија во Санкт Петербург на непозната локација. Неговата Агенција за интернет истражување беше обвинета од САД за користење информациска војна за мешање во американските претседателски избори во 2016 година.
Пригожин дури оваа година призна дека ја смислил целата идеја: „Таа е создадена за да го заштити рускиот информативен простор од бурната и агресивна антируска пропаганда на Западот“.
Готвачот на Путин
Тој помина речиси една деценија во последните години од советската ера во затвор поради грабеж и измама. И, додека новата Русија се обидуваше да го симне од себе своето советско минато, Пригожин почна да се занимава со угостителство, прво со сендвичари, а потоа премина на пософистицирани локали, отворајќи неколку поексклузивни ресторани во Санкт Петербург.
На Путин, тогашен заменик-градоначалник на градот, овој подем не му помина незабележано. „Владимир Путин виде како изградив сериозен бизнис почнувајќи од киоск“, рече Пригожин години подоцна.
Откако стана претседател, Путин знаеше да ги забавува светските лидери како Французинот Жак Ширак, на пример, во рестораните на Пригожин. Угостителот во подем го заслужи прекарот „Готвачот на Путин“.
Ако подоцна платеничкиот бизнис на Пригожин му даде воена моќ и пари, неговиот угостителски бизнис му обезбедуваше постојан прилив исто така.
Претседателот Путин набргу по неуспешниот бунт на Вагнер откри дека приватната армија на Пригожин била целосно финансирана со една милијарда долари од државата во текот на 12 месеци, додека дополнителни една милијарда долари биле наменети за угостителската фирма на Пригожин, Конкорд, за хранење на војската.
Но, тоа беше само за период од една година, а извештаите сугерираат дека тој добил повеќе од 18 милијарди долари преку договори со државата од 2014 година наваму.
Пропагандистот на Кремљ, Дмитриј Кисељов, рече дека големите пари му удриле во глава и направиле Пригожин да „излезе од колосек“, но подвизите на неговите борци на бојното поле секако му создале некакво чувство на недопирливост.
Пригожин мислеше дека може да го предизвикува Министерството за одбрана, самата држава и лично претседателот.

Почеток на крајот
Но неговата реална моќ почна да опаѓа како што руската воена кампања во Украина почна да губи сила минатата година и борците на Вагнер на Пригожин ја предводеа крвавата кампања за заземање на источниот град Бахмут.
Минатиот септември Пригожин ги обиколуваше затворите низ Русија, нудејќи им на затворениците можност да ја ублажат казната во замена за служба во Вагнер.
Илјадници загинаа во борбата за Бахмут, многу од нив неискусни, лошо вооружени поранешни затвореници.
Како што битката достигна кулминација, Пригожин се појави во видеата на социјалните мрежи барајќи муниција, стоејќи меѓу телата на загинатите платеници.
Тој го задржа својот анимозитет кон лојалниот министер за одбрана на претседателот Путин, Сергеј Шојгу, како и кон началникот на вооружените сили Валериј Герасимов.
„Шојгу! Герасимов! Каде е… муницијата?… Дојдоа овде како доброволци и гинат за вие да се дебелеете во вашите фотелји од махагони“.
Пригожин се воздржа од директно критикување на претседателот, наместо тоа секогаш обвинувајќи ги неговите команданти.
Но, кога воените началници ги објавија плановите да ги доведат силите на Вагнер и другите „доброволни одреди“ под главната командна структура, Пригожин се чинеше дека ќе експлодира.
Додека се подготвуваше да го започне својот „марш за правда“, тој ја доведе во прашање целосната инвазија на Украина и го обвини министерот за одбрана за одговорност за смртта на илјадници руски војници.
Кремљ ги осуди како „хистерични“ сугестиите дека револтот на Пригожин го нарушил и самото владеење на Владимир Путин.
Во најмала рака, тоа беше почеток на крајот на извонредното и долгогодишно влијание на Пригожин врз лидерството на Путин.