економија
Голема врева за инфлацијата којашто малку се крева
Голема врева за инфлацијата којашто малку се крева

Веќе има консензус дека цените годинава ќе пораснат малку повеќе одошто првично се очекуваше. Наместо 2,2%, сега инфлацијата се проценува дека може да достигне до 3,1% на годишно ниво. Но тоа е далеку од галопирачка инфлација за каква што сосема ноншалантно шпекулираат некои бизнисмени и политичари, во ек на кампања за локални избори обидувајќи се на тој начин да ги критикуваат актуелните економски политики и да ги придобијат гласовите на граѓаните. сите домашни и меѓународни финансиски институции потврдуваат дека ситуацијата со инфлацијата е стабилна и воопшто нема простор за паника. Растот на цените на енергенсите на светските берзи ќе предизвика и корекција нагоре на стапката на инфлација кај нас, велат од Народната банка. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска уверува дека растот би бил умерен и дека нема простор за загриженост.

Сите зборуваат за инфлација. Веќе има консензус дека цените годинава ќе пораснат малку повеќе одошто првично се очекуваше. Наместо 2,2%, сега инфлацијата се проценува дека може да достигне до 3,1% на годишно ниво.
Но тоа е далеку од галопирачка инфлација за каква што сосема ноншалантно шпекулираат некои бизнисмени и политичари, во ек на кампања за локални избори обидувајќи се на тој начин да ги критикуваат актуелните економски политики и да ги придобијат гласовите на граѓаните.
Од друга страна, самото претерано зборување за инфлација веќе создава поголеми инфлаторни притисоци од реалните. Одговорот на граѓаните кои постојано слушаат дека куповната моќ ќе се намалува ќе биде тие да купуваат сега наместо подоцна бидејќи парите ќе имаат помала вредност.
За потрошувачите, тоа значи полнење на резервоари за гас, бензини, полнење на замрзнувачот, купување поголеми чевли за децата за следната сезона и слично. За бизнисите, тоа значи правење капитални инвестиции кои, под различни околности, може да се одложат за подоцна. За жал, поривот за трошење и инвестирање во услови на инфлација има тенденција да ја поттикне инфлацијата за возврат, создавајќи потенцијално уште полоша инфлаторна спирала.
Како што луѓето и бизнисите трошат побрзо, економијата се наоѓа преплавена во готовина. Со други зборови, понудата на пари ја надминува побарувачката, а цената на парите – куповната моќ на валутата – паѓа со сè побрза стапка.
Меѓутоа, сите домашни и меѓународни финансиски институции потврдуваат дека ситуацијата со инфлацијата е стабилна и воопшто нема простор за паника.
Растот на цените на енергенсите на светските берзи ќе предизвика и корекција нагоре на стапката на инфлација кај нас, велат од Народната банка. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска уверува дека растот би бил умерен и дека нема простор за загриженост.
„Со априлскиот циклус на проекции проектиравме стапка на инфлација од 2,2%, но судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот циклус на макроекономски проекции кој е во фаза на финализација“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска.
Според последните објавени податоци од Државниот завод за статистика, трошоците за живот во септември се зголемиле за 3,7% споредено со истиот месец лани.
Народната банка прави и анкета на инфлациските очекувања и прашува експерти од областа, а според најновата, очекувањата за 2021 година упатуваат на просечна стапка од 2,8%, наспроти 2,3% во претходната анкета, меѓутоа, сепак далеку од драстично зголемување на цените.
Експертите смируваат

Малку повисоки се и очекувањата за 2022 и 2023 година, односно испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,5% во 2022 година наместо 2,1% во претходната анкета и 2,3% во 2023 година за која во претходната анкета сметале дека ќе има инфлација од 2%.
„Слично како и во претходната анкета, испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања пред сѐ со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 којашто би довела до зголемена домашна побарувачка, како и повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата. Исто така, испитаниците сметаат дека монетарните и фискалните мерки, и растот на платите би придонесле кон повисок раст на инфлацијата. Од друга страна, пролонгирањето на кризата и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вирусот, а со тоа и зголемување на неизвесноста и забавување на закрепнувањето на домашната економија, како и евентуално пониските увозни цени би можеле да доведат до пониска стапка на инфлација“, пишува во анкетата спроведена од Народната банка пред еден месец.
Малку повисоки се очекувањата за инфлациските движења на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), според кој инфлацијата годинава ќе достигне 3,1%. Светска банка, пак, очекува до почетокот на следната година стабилизација на инфлацијата, а за годинава проценува дека ќе биде 2,4%.
„На краток рок ќе имаме зголемена инфлација. На среден рок, почнувајќи уште од почетокот на наредната година, ќе имаме стабилизирање на инфлацијата. На долг рок се очекува нејзино зголемување како резултат на зелената енергетска транзиција. За употребата на јаглен во термоцентралите ќе треба да се плаќа данок. А и потоа, самата енергија од обновливи извори е поскапа. Цената на енергијата ќе влезе во сите други цени. Но, ние мора да го направиме тоа за да ја зачуваме нашата животна средина“, изјави Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист на Светска банка за земјите од Западен Балкан.
Благица Петрески од Институтот за економија Finance Think вели дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата на натамошни поскапувања.
„Во моментот не треба да генерираме било какви други мерки, затоа што во еден дел овие инфлаторни притисоци ќе бидат привремени, а што ќе се случува понатаму со електричната енергија чија цена расте тука треба да се следи будно ситуацијата и соодветно да преземеме мерки. Не треба да преземаме никакви други мерки затоа што на тој начин повторно ги креираме тие инфлаторни очекувања, а од друга страна секогаш зборуваме дека порастот на платите треба да ја следи продуктивноста така што во моментот сметам дека треба да ги следиме факторите кој влијаат и соодветно на нив да преземаме мерки,“ вели Петрески.
Поскапувањата на производите се резултат на зголемените цени на енергенсите, особено на цената на струјата и затоа според неа на краток рок државата треба да интервенира само во однос на домашното производство на електрична енергија.
„Ние веќе долго време каскаме со таа зелена агенда и досега не сме направиле никакви чекори за инстантно да го зголемиме производството на струјата од обновливи извори. Значи ние треба на среден рок такви структурни прашања да решаваме и да го зголемиме и производството и од таков тип на електрична енергија, но на краток рок е да се обидеме оние потенцијали кои постојат во земјата како РЕК Битола на пример да ги искористиме максимално за да ги зголемиме понудата на електрична енергија и домашното производство“, вели Петрески.
И премиерот Зоран Заев коментираше дека инфлацијата се движи во рамките на проекцијата до 3% откако некои производители од прехранбената индустрија предупредуваа на можни поскапувања и до 50%.
„Инфлацијата кај нас е контролирана и е до 2,7%. Чувствително е кога инфлацијата ќе надмине 10%. Ние не можеме да бидеме изолирани од светот, затоа што сме отворен пазар, поврзани сме и зависни од европските пазари. Цената на струјата е главен индикатор за покачување на цените на производите, но таа учествува на просечно ниво не повеќе од 3%. Берзанските цени на струјата ќе имаат одредено влијание на цените на продуктите, но 2,7% инфлација е контролирачка. За сѐ што ќе ги надмине очекувањата, Владата е тука“, истакна Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека стапката на инфлација е во рамки на проектираното и стабилна со можни мали поместувања.
„Владата во соработка со приватниот сектор будно ќе ги следи состојбите и ќе интервенира онаму каде што е најнеопходно за да нема драстични поскапувања на прехранбените производи“, рече Битиќи.
Енергетска криза

Основата за зголемувањето на инфлацијата е во недостигот на енергија на пазарот. Ситуацијата со снабдување со струја во светот, а пред се во Европа, е многу сериозна и поради тоа цените почнаа рапидно да растат.
Експертите предвидуваат извесно поскапување на електричната енергија и во земјава во следниот период иако властите се обидуваат да го амортизираат овој ценовен удар со зголемено домашно производство.
„Сериозна е ситуацијата во светот, односно во Европа. Македонија ниту може да влијае негативно, ниту позитивно, туку едноставно ќе ја дели судбината на цела Европа, и тоа се последиците кои ќе ги дели и Македонија. А последиците се знае кои се, ќе се зголеми цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија сега се држи заради тоа што ЕСМ дава евтина енергија во системот, ама тоа не може да биде неограничено. Значи, со тек на време, а кога не знам, струјата ќе мора да поскапи. Следно е дека индустријата ќе мора да плаќа поскапа енергија бидејќи е на слободниот пазар. Таа цена ќе се вкалкулира во секој производ, зависи со колкав процент во кој производ учествува струјата, некаде е 40%, некаде е 5%. Тоа нормално ќе влијае врз цените на крајните производи“, коментира за порталот Фактор, Кочо Анѓушев, сопственик на компанијата Фероинвест и поранешен вицепремиер за економски прашања.
Според него, добро е што државата се обидува да купи јаглен, за да се зголеми производството во РЕК Битола, со што преку оваа централа која е најголем снабдувач во земјава, ќе се зголеми понудата на струја.
Меѓутоа, ЕСМ не успеа да набави јаглен за активирање на третиот блок на РЕК Битола. Пропадна тендерот со кој се бараше итно да се купат 900.000 тони јаглен. Понуди имало но количините кои се нуделе биле мали. Сега јаглен ќе се бара на нов тендер. За ТЕЦ Осломеј се бараа 300.000 тони јаглен. Понудите се прифатени, но дополнително ќе се избира компанијата од која ќе се купи.
На тендерот за купување на вкупно 1, 2 милиони тони јаглен се пријавиле девет фирми од Косово, Албанија, Турција, Русија и БИХ.
Преку зголемување на домашното производство на струја владата планираше да го амортизира ударот од енергетската криза. Цената на струјата на светските берзи се зголеми за 4 пати и достигна и до 200 евра за мегават час. Откако снабдувачите почнаа да ги раскинуваат договорите со компаниите, Владата најави дека со интервентната набавка на јаглен ќе се обиде да им помогне и на компаниите и да понуди струја по пониска цена од берзанската.
Цената за домаќинствата е гарантирана до Нова година, а дали догодина ќе има корекции ќе се знае откако ќе се пресметаат загубите на компаниите.
Економски залет

Во меѓувреме, и економијата покажува знаци на подобро закрепнување отколку што првично се очекуваше. Економската активност годинава ќе биде околу 4,6% поголема отколку лани со што се очекува да дојде до изедначување со преткризните нивоа. Ова е најновата прогноза на Светската банка, која сега има пооптимистична проценка за разлика од пролетоска кога прогнозираше раст на македонската економија од 3,6% во 2021 година.
„Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Македонија во 2021 година благодарејќи на растот од 5,2% во првото полугодие а по зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје“, пишува во најновиот Извештај за економиите на Европа и Централна Азија објавен неделава. Светската банка дава прогноза за брз развој и зголемена конкуренција по повлекувањето на Ковид-19 пандемијата.
За економијата на Македонија се вели дека иако опаднала поради ударот од Ковид-19 во 2020 година, при што стапката на сиромаштија пораснала од 1 до 4%, владините мерки за борба со неа помогнале и економијата го обновила развојот во 2021 година.
„Ова е помогнато од силната побарувачка однадвор и отворањето на приватната потрошувачка“, се вели во извештајот.
Се додава дека се зголемиле извозот и увозот, со поголем увоз на штета на трговскиот баланс. Од Светска банка потенцираат дека е забележан раст на производството во сите сектори, со оглед на минатогодишната ниска стартна позиција. Најбрза обнова е забележана во трговијата, транспортот и туризмот, како и во индустриското производството и информатичко-комуникациските технологии.
„Економскиот развој на земјата во 2021 година се очекува да скокне до 4,6%, до стапка на развој забележана пред ширењето на пандемијата. Почетниот показател е заснован на претпоставката дека стапката на вакцинација ќе продолжи, нема да има понатамошни карантини, довербата на потрошувачите и инвеститорите останува висока, а надворешната побарувачка продолжува“, велат од Светска банка.
Оваа меѓународна финансиска институција прогнозира развој и постепена стабилизација на нашата економија и во 2022 година со раст на БДП од 3,7%, додека сиромаштијата да продолжи да се намалува во 2021 и годината потоа.
Се очекува и постепено намалување на фискалниот дефицит по најновите планови на Владата за зголемени капиталните инвестиции. На среднорочен план јавниот и државно гарантираниот долг е прогнозиран до 2023 година да се зголемува до 65% од БДП.
„Со продолжителната обнова на економијата властите ќе треба да го засилат исполнувањето на даночните обврски, да го реструктурираат и приоретизираат трошењето, да ги решат долгорочните пречки во развојот и да го подобрат менаџирањето на јавните финансии. За да се интензивира развојот земјата треба да го насочи вниманието на изведба на структурни и институционални реформи“, се вели во извештајот на Светска банка.